Достапни линкови

Спортски терени без спорт


Премиерот Груевски поставува камен темелник на спортска сала во Василево.
Премиерот Груевски поставува камен темелник на спортска сала во Василево.

Чуму инвестиции во спортски објекти без стратегија за спорт? Политички поени или вистинска посветеност за врвни спортски резултати?

Не е само до стадионот, и до фудбалот и до посетителите е. Не е само до тениските игралишта, сепак тенисот е скап спорт, треба да се вложува. Не е само до салите, потребна е стратегија. Во спротивно, на спортските терени ќе има само луѓе на отвoрањето, ќе служат за полиитички поени, и понатаму ќе недостасуваат резултати. А дотогаш ќе навиваме за нашите соседи кога постигнуваат спортски резултати, наместо на трибини да ги следиме домашните натпревари, ќе седиме пред телевизор и ќе ги следиме странските, ќе се гордееме на туѓи успеси, а се покажа дека можеме и на наши.
Многу повеќе работа на сите нивоа и тоа не само за еден период од месец-два туку на подолг период па после да дојдат резултати.
Зоран Бошковски, поранешен фудбалер.

Спортски сали, фудбалски игралишта, тениски терени... Важно е да се гради?

500 стипендии за млади спортисти, 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 тениски игралишта, вештачка карпа за спортско качување, стотина маалски игралишта, изградба на неколку нови базени, спортски пензии, еднократното парично наградување за сите кои се враќаат со постигнат висок успех од меѓународни натпреварувања, се само дел од владините проекти наведени во Манифестот за реформи и развој.

Но, за тоа како функционира нашиот спорт најдобро говорат резултатите. Затоа што во спортот не е најважно да се учествува, тука и да се победи. Бадијала ако вложуваме, а немаме резултати, велат познавачите на спортските прилики во земјата.

Македонскиот фудбал годинава го достигнува дното. Во услови кога главниот град доби модерен, голем стадион, македонската фудбалска репрезентација го бележи најголемиот пад во својата историја.

Кој е рецептот за спортски успех, го запрашавме стрелецот на првиот репрезентативен гол, Зоран Бошковски:

„Подобра инфраструктура, повеќе работа, се предуслови за подобри резултати. Значи многу повеќе работа на сите нивоа и тоа не само за еден период од месец-два туку на подолг период па после да дојдат резултати“, вели Бошковски.

Борење - Од светскиот врв до златна средина
Светското борење е отидено многу далеку во методологијата на тренирање, условите, во исхраната, додека нашиот спорт воопшто, како и борењето во тој дел не ги следи светските трендови.
Страшо Глигоров, селектор на македонската репрезентација во борење.

Борењето, што е еден од најтрофејните спортови кај нас, во моментот е далеку и од златната средина во светски рамки.

„Светското борење е отидено многу далеку во методологијата на тренирање, условите, во исхраната, додека нашиот спорт воопшто, како и борењето во тој дел не ги следи светските трендови и немаме доволно услови за подготовки, немаме спортска база... Ова не е алиби, лично мое, меѓутоа факт е дека мораме да ги следиме светските трендови доколку сакаме да имаме врвни резултати“, вели селекторот Страшо Глигоров.

Тенис и бокс на дното

Во услови кога се отвораат безброј тениски игралишта, во време кога во чекор ги следиме успесите на Новак Ѓоковиќ, тенисерот од соседството, македонскиот тенис не може да се пофали со успеси. Селекторот на репрезентацијата вели дека покрај стандардните недостатоци кои го мачат спортот, како немање финасии, услови за работа, организацијата, проблем е и малиот број на активни клубови, од кои тешко може да произлезат квалитетни спортисти.

„Во Македонија во летниот период функционираат десетина клубови, а во зимскиот период само четири-пет клуба и тоа во Скопје. И да бидам искрен само со четири-пет клубови е тешко остварливо да исфрлувате секоја година квалитетни натпреварувачи“, вели селекторот Дејан Маринковиќ.

Деталите за состојбата во македонскиот бокс ги има колегата Борче Лозановски.

На светското првенство во борење во Баку, македонската репрезентација не забележа ниту една победа
На светското првенство во борење во Баку, македонската репрезентација не забележа ниту една победа
Неодамна завршеното светско првенство во Баку, уште еднаш ја покажа ни малку пријатната реалност на македонскиот бокс. Имено во главниот град на Азербејџан заминавме со четири натпреварувачи од кои потајно очекувавме да освојат барем една виза за олимписките игри во Лондон. Но, наместо тоа, Вели Мумин, Примислав Димовски и Димитар Ташков не издвојуваа ниту една победа, а Фатум Жута ја мина само квалификациската рунда. Ваквиот епилог никого не изненади, а најмалку самите боксери кои поради лошата финансиска состојба и на овој собир заминаа без соодветни подготовки.
Ние се потпираме на некои екстра таленти, на тоа искуство со помалку тренинг, со помалку искуство од другите, стигнуваме до некаде и до сега донесовме резултати меѓутоа кога станува збор на олимписка норма едноставно репрезентациите ги покренуваат сите свои ресурси, машинерии и тука во тој дел губиме.
Примислав Димовски, боксер.

„Спортот е таков, ние не губиме надеж до последниот момент меѓутоа реалноста е ваква, ние се потпираме на некои екстра таленти, на тоа искуство со помалку тренинг, со помалку искуство од другите, стигнуваме до некаде и до сега донесовме резултати меѓутоа кога станува збор на олимписка норма едноставно репрезентациите ги покренуваат сите свои ресурси, машинерии и тука во тој дел губиме, токму за малку“, изјави Примислав Димовски.

Тој не го одбрани петото место на светското првенство во Баку и поради здобиената скршеница на клучната коска. Поради претходно кажаното, според него, сите во и околу мак-боксот уште долго само ќе се сеќаваат на старите добри времиња, односно на медалите кои Аце Русевски, Реџеп Реџеповски и Вели Мумин ги освојуваа на Олимпијади, на европски и на светски првенства. Таквите успеси ќе останат сон се додека во работата се импровизира, а повремената финансиска помош се добива најчесто по завршените тренинзи и натпревари, порачува селекторот Руждија Калач:

„Во боксот ако сакате да освоите медал мора и Агенцијата и Олимпискиот комитет да изнајдат многу повеќе средства, мора да има база и мора да се следат тие деца уште од јуниорски прилики, додека вака од време на време спортот не трпи.“

Калач е убеден дека доколку институциите ги исполнат своите обврски боксот бргу ќе се врати на старите патеки за што адут му е заинтересираноста на младите за племенитата вештина.

Кошаркарите и каратистите позитивни примери

Кој немал пари, кој немал услови, кој се жали на лоша организација, немање соодветен кадар, како и да резултати изостануваат. Се разбира има и позитивни примери, ако што беше случајот со успехот на кошаркарската репрезенатација и успехот на каратитстите.

Македонските кошаркари четврти во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:29 0:00
Директен линк

Благоја Георгиевски – Буштур, македонскиот олимпиец кој освоил сребрен медал на Олимпијадата во Монтреал во 1976-та година како член на кошаркарската репрезентација на СФРЈ, вели дека во спортисите кои одат на шампионати треба да се инвестира пред да отидат да ја преставуваат земјата.
Државата и институциите коишто се задолжени за спортот мислам дека во првата фаза од подготовките за учество на таквите шампионати не инвестира и не е заинтересирана, така што таа прво ги чека резултатите, па потоа да го покаже своето лице.
Благоја Георгиевски-Буштур, поранешен кошаркар.

„Меѓутоа многу државата и институциите коишто се задолжени за спортот мислам дека во првата фаза од подготовките за учество на таквите шампионати не инвестира и не е заинтересирана, така што таа прво ги чека резултатите, па потоа да го покаже своето лице.“

Потребна е стратегија за развој на спортот

Претседателот на Федерацијата на спортските педагози, Александар Наумоски, вели дека развојот на спортот треба долгорочно да се планира.

Тој вели дека има истражувања за тоа за кој спорт народски кажано „го бива“ нашиот народ, но тие истражувања не се доволно имплементирани.

„Во одреден момент ние се воодушевуваме на одредени достигнувања, инцидентни кога се остваруваат одредени спортски успеси, но тие не се секогаш контролирани и долгорочно системски поставени. Ние сакаме, можеби и нашиот менталитет е таков, многу бргу да оствариме резултати, тие се остваруваат, меѓутоа сепак тоа се ад хок резултати и инцидентни, за разлика од некои други земји во светот кои долгорочно го планираат развојот на спортот.“

Потребно е да се донесе стратегијата за развој на спорт и поинаква институционала поставеност за да се очекуваат спортски успеси, вели Наумовски.
Пречекот на македонската кошаркарска репрезентација. Ретки моменти на радост
Пречекот на македонската кошаркарска репрезентација. Ретки моменти на радост


„На Балканот сепак сме едни од последните, затоа што постои само единствена организација, а тоа е Агенцијата за млади и спорт која се трансформира од Министерство за спорт во Агенција за млади и спорт. Имаше такви случаи и во другите земји, но тие Агенции потоа повторно се трансформираат во министерства за спорт кои имаат поголемо влијание во сите фактори. Ние се уште веќе неколку години, подолго време разговараме за донесување на Стратегија за развој на спортот која и во претходните неколку влади постојано беше актуелна, но до ден денешен никако да дочекаме таа стратегија да биде донесена.“

Груевски: Спортски објекти за спортски дух
Веќе неколку години, подолго време разговараме за донесување на Стратегија за развој на спортот која и во претходните неколку влади постојано беше актуелна, но до ден денешен никако да дочекаме таа стратегија да биде донесена.
Александар Наумоски, Претседател на Федерацијата на спортските педагози.

Отворање на спортска сала или удирање на камен темелник на тениско игралиште не може да се замсили без присуство на премиерот Никола Груевски.

„Само со изградба на што е можно повеќе спортски објекти за различни видови спортови ќе придонесеме за подигање на спортскиот дух и напредок на македонскиот спорт со цел македонските спортисти постојано да нижат спортски успеси како во кошарката така и во сите други спортови во Македонија. Успеси со кои сите заедно ќе се гордееме и славиме, успеси кои се најголем промотор на нашата земја“, изјави премиерот Никола Груевски на пуштањето во употреба вештачката карпа за качување и двојно тениско игралиште во општина Карпош.

СДСМ: Наместо грижа за спортот ВМРО-ДПМНЕ прави хокеј репрезентација

Од СДСМ пак велат дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го разнебитува македонскиот спорт.


„Веќе подолго време сме сведоци на разнебитување на македонскиот спорт и спортските клубови. Наместо да се грижат за македонскиот спорт и клубови кои во минатото претставуваа гордост за Македонија, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ градат тениски игралишта во руралните средини и си прават хокеј репрезентација“, вели претседателот на социјалдемократскта младина, Дарко Давитковски.

Македонија имала врвни спортисти

Трикратниот олимписки шампион во алпско скијање Жан Клод Кили рекол дека најдобриот и најбрзиот начин да ја научиш спортската вештина е да одиш по стапките на најдобрите. Македонија може да се пофали дека имала „најдобри“ спортисти.

До пред дваесетина година речиси беше незамисливо да помине Олимпијада, Европско или Светско првенство, а некој македонски спортист да не се искачи на победничкиот пиедестал.
Само со изградба на што е можно повеќе спортски објекти за различни видови спортови ќе придонесеме за подигање на спортскиот дух и напредок на македонскиот спорт.
Никола Греувски, премиер.

Првиот Македонец што се закитил со олимписки медал е скопскиот голман Благоја Видиниќ. Со фудбалската репрезентација на Југославија, тој освојува златен медал на Олимпијадата во Рим во 1960 година и сребро на претходната Олимпијада во Мелбурн во 1956 година. Тој освојува сребрен медал и на Европското првенство во Франција во 1960. Како тренер ги предводеше репрезентациите на Мароко на Светското првенство во Мексико во 1970 и репрезентацијата на Заир на Светското првенство во 1974 во Западна Германија.

Шабан Трстена го освојува златниот медал во борење-слободен стил во категорија до 52 килограми на Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година. На наредната Олимпијада во Сеул во 1988 година, Трстена се закитува со сребрениот медал во истата категорија. Освојува бронза на Светското првенство во Катовице во 1982 година во категоријата до 48 килограми. Трстена е освојува златен медал на три последователни Медитерански игри – во 1983 во Казабланка, во 1987 во Латакија и во 1991 година во Атина. Во 1984 година е прогласен за најдобар спортист на Југославија.

Благоја Георгиевски-Буштур, со кошаркарската репрезентација на Југославија, освојува сребрен медал на Олимпијадата во 1976 во Монтреал и на Европското првенство во Западна Германија во 1971 година. Во тој тим, Георгиевски настапува покрај популарните Зоран Славниќ, Драган Киќановиќ, Мирза Делибашиќ, Дражен Далипагиќ и Крешимир Ќосиќ.

Кумановскиот боксер Реџеп Реџеповски освојува сребрен медал во мува категорија (до 51 килограм) на Олимпјадата во Лос Анџелес во 1984 година.

Неговиот сограѓанин, исто така боксер, Аце Русевски, пак, освојува бронзен медал во лесна категорија(до 60 килограми) на Олимпијадата во Монтреал во 1976 година. На Европското првенство во Хале во Германија во 1977 година, Русевски станува европски боксерски шампион во лесна категорија.
Наместо да се грижат за македонскиот спорт и клубови кои во минатото претставуваа гордост за Македонија, Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ градат тениски игралишта во руралните средини и си прават хокеј репрезентација.
Дарко Давитковски, претседател на социјалдемократската младина.

Стојна Вангеловска, со женската кошаркарска репрезентација на Југославија, го освојува сребрениот медал на Олимпјадата во Сеул во 1988 година. Сребро освојува и на Европското првенство во Кадиз во 1987 година.

Борачот Шабан Сеиди освојува бронза во борење слободен стил во категоријата до 68 килограми на Олимпијадата во Москва во 1980 година. Третото место го освојува и на наредната Олимпијада во Лос Анџелес во 1984 година, само овојпат во категоријата до 74 килограми.

Милко Ѓуроски, со фудбалската репрезентација на Југославија, го освојува бронзениот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година. Во тој тим, Ѓуроски настапува заедно со поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација Среќко Катанец и со Драган Стојковиќ-Пикси.

Единствениот спортист што освоил Олимписки медал под македонско знаме е борачот Могамед Ибрагимов. Натурализираниот Македонец по потекло од Азербејџан освои бронза во борење – слободен стил, во категорија до 85 килограми на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година.

Во 1991 година, кога белградска Црвена Ѕвезда станува европски и светски клупски шампион, во првите единаесетмина има двајца Македонци – Дарко Панчев и Илија Најдоски. Истата година, Панчев ја освојува Златната копачка за најдобар стрелец во Европа.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG