Достапни линкови

Вести

Претседателот Иванов во неколкудневна посета на Кина

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од денеска ќе престојува во четиридневна работна посета на Народна Република Кина. Предвидено е Иванов да оствари средба со неговиот кинески колега Н.Е. Џинпинг Си. По повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Кина, во Пекинг, македонскиот претседател ќе има свое обраќање на свечениот прием, кој ќе се одржи во Салата на мирот во Кинеската асоцијација за пријателство со странски земји.Исто така, Иванов ќе оствари средба со гувернерот на провинцијата Сичуан Веи Хонг и ќе ги посети Универзитетот за традиционална кинеска медицина и Универзитетот за финансии и економија. Заедно со македонскиот претседател, во Кина патуваат и министерот за здравство на Република Македонија Никола Тодоров и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.

види ги сите денешни вести

Нови 1861 заразени со ковид, вкупно 27 починати

Ковид амбуланта во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 5.446 тестови, а регистриран е 1.861 нов случај на ковид-19. Од нив најмногу во Скопје – 908, а потоа следуваат Битола – 115, Кавадарци – 100, Куманово – 88, Тетово – 75, Прилеп – 69, Велес – 54, Струмица – 50, Гостивар – 45, Охрид – 41, Штип – 37, Гевгелија – 34, Неготино – 32, Свети Николе – 23, Кичево – 22, Струга и Ресен – по 20, Радовиш – 18, Кочани и Крива Паланка – по 16, Валандово – 15, Делчево – 11. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Од вкупниот број на позитивни регистрирани се 242 реинфекции, од кои една е втора реинфекција. Во текот на изминатите 24 часа, регистрирани се 22 починати лица на возраст од 22 до 88 години. Од нив 21 се починати во болнички услови, а едно лице во домашни услови.

Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавени се пет починати лица на возраст од 39 до 90 години, а се починати во период од 17.01.2022 до 25.01.2022г. Од пријавените лица три се починати во болнички услови, а две лица во домашни услови.

„Од 27-те починати лица шест се целосно вакцинирани, а кај 24 се регистрирани коморбидитети“, информираат од министерството за здравство.

Во последните 24 часа регистрирани сe 7.273 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 263.206, бројот на оздравени пациенти е 238.452, на починати е 8.312, а бројот на активни случаи изнесува 16.442.


Пукање на границата меѓу Таџикистан и Киргистан

Киргистанско-таџикистанската граница

Граничарите на Киргистан и Таџикистан разменија оган долж спорниот дел од границата во последните избивања на насилства меѓу двата соседа, а кои следуваат по сличен судир лани во кој загинаа десетици луѓе. Официјални лица во северен Таџикистан денеска соопштија дека тројца таџикистански граничари биле однесени во болница со повреди.

Двете земји од Централна Азија меѓусебно се обвинуваат за блокирање на пат што ја поминува низ границата. Нема информации за жртви од киргистанската страна. Началникот на граничната служба во јужниот регион Баткен во Киргистан, Кијал Толонбаев, за РСЕ денеска изјави дека се слушнале истрели од двете страни неколку часа откако таџикистанската страна „еднострано“ го блокирала патот што го минува спорниот дел од границата.

Во меѓувреме, Зубаидуло Шамодов, портпарол на регионот Исфара во Таџикистан, кој се граничи со Баткен рече дека патот бил блокиран од киргистанската страна.

Скоро половина од 970-километарската киргистанско-таџичка граница допрва треба да биде демаркирана, што доведе до повторени тензии откако двете земји стекнаа независност по распадот на Советскиот Сојуз пред три децении.

Бугарија предлага да го чува македонското небо

Министерската за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска

Бугарија го обнови својот предлог за заштита на воздушниот простор на Северна Македонија, изјави министерката за надворешни работи на соседната земја Теодора Генчовска, а пренесува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Веста доаѓа во време на тензии поради трупањето руски војници во близина на границата со Украина и испраќањето на авиони на НАТО во Бугарија. Според најавите, кај источниот сосед се очекуваат да стигнат борбени авиони од Шпанија за да учествуваат во заеднички задачи за заштита на бугарскиот воздушен простор. Холандските воздухопловни сили, исто така, планираат да испратат два борбени авиони Ф-35 во Бугарија во април и мај како поддршка на мисијата за надгледување и контрола на воздушниот простор на НАТО во регионот на Црното Море.

Генчовска, исто така, рече дека Бугарија ги ажурирала своите планови за евакуација на бугарските граѓани од Украина, доколку е потребно.

„Ние и понудивме на Северна Македонија, во случај на потреба и на нивно барање, да го евакуира тимот и на нивната амбасада во Украина“, рече министерката Генчовска.

Идејата Бугарија да го чува воздушниот простор на Северна Македонија не е нова. Во 2019 година, претседателот Румен Радев рече дека „Бугарија не треба да ја пропушти историската можност да го заштити воздушниот простор на Република Северна Македонија“.

Земјава веќе има договор со Грција за чување на воздушниот простор. Во септември 2019 година министерствата за одбрана на двете земји го потпишаа техничкиот аранжман за надзор на воздушниот простор, а кој пороизле од договор за соработка во одбраната кој во април истата година го потпишаа тогашните министри за одбрана Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис.

Европската агенција за лекови го одобри лекот на Фајзер против ковид

Лекот на Фајзер против ковид

Европската агенција за лекови (ЕМА) условно ги одобри за употреба апчињата од американската компанија Фајзер за лекување на возрасни лица заразени со Ковид, а против развивање на тешка форма на болеста.
Аналитичарите велат дека одобрението на ЕМА им овозможува на членките на ЕУ да го пуштат лекот откако регулаторната агенција издаде упатства за итна употреба минатата година.

Американската компанија објави дека резултатите од студијата спроведена врз околу 2 250 луѓе покажуваат дека лекот ја намалил хоспитализацијата и смртта за околу 89 отсто доколку се земе веднаш по првите симптоми на Ковид19.

Италија, Германија и Белгија се меѓу неколкуте членки на ЕУ кои веќе го купија лекот. Лековите се сметаат за ветувачки нови опции за третман кој се прима во почетокот на симптомите на ковид, а со кој би се спречила хоспитализацијата и смртен исход.

Според Ројтерс, неодамнешните податоци сугерираат дека лекот е ефикасен и против омикронските варијанти на коронавирус.
Сепак во студијата тој беше тестиран само на невакцинирани луѓе, што отвори прашања за неговата потенцијална употреба кај пациенти со висок ризик кои се вакцинирани.

Русија- САД ги игнорира нашите безбедносни грижи, но дијалогот е можен

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков

Кремљ вели дека загриженоста на Русија за безбедносните гаранции не била земена предвид од страна на Соединетите Американски Држави во писмениот одговор кој го доставиле на неодамнешните барања на Москва, иако постои простор за продолжување на дијалогот со Вашингтон за ова прашање. Во своите одговори, Соединетите Држави го отфрлија барањето на Москва да им се забрани на Украина и Грузија да се приклучат на воениот сојуз на НАТО во одреден момент, нудејќи наместо тоа „сериозен дипломатски пат“ за излегување од кризата што се појави поради руското трупање на десетици илјади војници во близина на нејзината граница со Украина, а што се смета и за можен вовед во упад во поранешната советска република.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека одговорот на Вашингтон пратен на 26 јануари ја повторил посветеноста на Западот за одржување на политиката на „отворени врати“ на НАТО.

Блинкен рече дека писмото е целосно координирано со Украина и европските сојузници на Вашингтон и „поставува сериозен дипломатски пат напред, доколку Русија го избере тоа“, бидејќи САД се обидуваат да спречат воена ескалација против Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска рече дека американскиот одговор не покажал „подготвеност“ да се приспособи на руските грижи.

Преговорите за изборната реформа во БиХ од Сараево се селат во Неум

Илустрација- избори во Босна и Херцеговина

Американските и европските посредници во разговорите за измените на изборниот закон на Босна и Херцеговина денеска ги завршија поединечните средби со претставниците на политичките партии во таа земја, а разговорите од утре треба да продолжат во Неум и да траат до крајот на неделата, иако нема никакви индиции за можен договор.

Учество во продолжението на преговорите потврдија и лидерите на ХДЗ во БиХ, Драган Човиќ и Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ, од чии позиции зависи дали ќе има компромис и договор.
Претставниците на најмалку две опозициски партии од Федерацијата БиХ ја одбија поканата за Неум по различни основи. Претставниците на Социјалдемократската партија на БиХ (СДП БиХ) побараа деблокирање на работата на државните власти од страна на претставниците на Република Српска пред изборната реформа, додека претставниците на Наша партија (НС) соопштија дека не сакаат да учествуваат во разговорите што ги игнорираат нивните предлози за промени во изборните правила на трагата на граѓанска држава.

„Јасно е дека граѓанската опција на БиХ нема шанси во Неум, така што нема смисла да одиме таму, им кажа на новинарите членот на претседателството на НС“, Предраг Којовиќ, по денешната средба со американскиот специјален пратеник Метју Палмер и директорот за надворешни работи на ЕУ, Анџелина Ајхорст.

Елмедин Конаковиќ, лидерот на партијата Народ и правда (НиП), која е во сојуз со СДП и НС, меѓутоа ќе оди во Неум бидејќи сака да види што точно се нуди и кој е ставот на меѓународната заедница.

По вчерашните разговори Изетбеговиќ потврди дека позициите на преговарачките страни не се променети, но очекува дека во Неум може да дојде до напредок „со доза на одговорност“, објаснувајќи дека очекува ХДЗ БиХ да се согласи на преиспитување на блокадите за носење одлуки во темелите на власта, што сега и се на располагање, особено оние во Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ.

„Доколку нема договор, изборите ќе бидат според сегашниот закон“, рече Изетбеговиќ.

Хрватската влада се огради од ставот на Милановиќ за Украина

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска рече дека претседателот Зоран Милановиќ го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска, додавајќи дека Владата се оградува од неговите ставови за ситуацијата во Украина.

„Изјавите на Милановиќ се штетни за угледот на Хрватска и срамни. Тие водат до големо разочарување, би рекол срам на нашите партнери, од САД до членките на НАТО, членките на Европската унија, нашите соседни земји“, истакна Пленковиќ на владината седница.

Тој додаде дека веројатно секој посериозен амбасадор ќе биде повикан на разговор поради изјавите на Милановиќ.

„Тоа е лошо, тоа е скандалозно, го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска. Тоа е целосно спротивно на надворешната политика, принципиелните позиции на хрватската влада. Не само кога станува збор за Украина, туку и многу други земји“, изјави Пленковиќ.

Украинското Министерство за надворешни работи вчера ја повика хрватската амбасадорка во Киев Аница Џамиќ да протестира поради изјавите на шефот на државата, додека, пак, неговите зборови позитивно одекнаа во Русија.

Милановиќ рече дека Хрватска на никаков начин нема да се вклучи во кризата доколку таа ескалира, а исто така нема да има ниту свои војници. Тој посочи дека за Украина нема место во НАТО и дека ЕУ поттикнала „државен удар“ во Украина, со што во 2014 година беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович.

Пленковиќ повтори дека ставот на хрватската Влада е „почитување на територијалниот интегритет на Украина, почитување на принципите на меѓународното право, застапување за мир, за деескалација на конфликти, намалување на тензиите и придонес во напорите на меѓународната заедница, било да е тоа преку различни формати кои постојат, преку нашите активности во НАТО, во Европската унија или во други организации“.

Тој демантираше дека се размислува за испраќање војници во Украина, велејќи дека тоа не е на агендата на ниту една меѓународна организација, тврдејќи дека тоа е „непостоечка тема“ и се огради од изјавите на претседателот.

Трета доза на вакцина против ковид-19 може да ја намали хоспитализацијата

Илустрација

Дополнителната трета вакцина против ковид - 19 може да ја намали стапката на хоспитализација за најмалку половина милион, иако многу заразната варијанта на омикрон продолжува да се шири низ светот со неверојатно темпо, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести на 27 јануари. Во нивната проценка покрај 27те земји членки на Унијата се вклучени и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн.

„Проширувањето на засилената програма со трета доза на сите претходно вакцинирани лица со две дози може да го намали приемот во болниците за уште 300.000-500.000“, се вели во нивното соопштение.

Фајзер започна клиничко испитување на вакцината против омикрон

Во моментов 70 отсто од 450-милионското население на ЕУ е целосно вакцинирано, додека половина од тие луѓе исто така примиле и трета доза.

„Како одговор на високата инциденца на омикрон, заштитата од ризикот од висок товар на хоспитализација може да се постигне со зголемување на вакцинација, вклучително и брзо администрирање на дози на засилување, особено кај постарата и ризичната популација, ќе заштити од ризикот од високи товарот на хоспитализација“, се вели во соопштението.

Ивановска- Само три инцијативи на ДКСК стигнале до суд во последниве две децении

Во историјата на Државната комисија за спречување на корупција за 20 години до Јавното обвинителството се доставени 165 иницијативи за кривично гонење, од кои само три дошле до суд, информира претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

Таа посочува деа тоа е мала бројка ако се има предвид дека не се само наодите на ДКСК. Според неа треба да се зајакнат капациетите во Јавното обвинителство за да можат предметите побрзо да се проследуваат до судовите. Само во изминатите три години, Антикорупциска комисија поднела 18 иницијативи до Јавното обвинителство. Од нив за шест добиле одговори од кои две се отфрлени, за две е промена на фактичка состојба, а за две иницијативи Јавното ообвинителство постапува.

„Сметам дека треба да се зајакнат капациетите во обвинителството воопшто за да можат предметите побрзо да се проследуваат до судовите. Сметам дека најмногу од се треба првиот филтер – Јавното обвинителство да ги зајакне своите капацитети и да работи поекспедитивно“, рече Ивановска.

На прес конференцијата Ивановска посочи дека ДКСК во текот на минатата година донесе одлуки по вкупно 707 предмети. Од нив 404 одлуки се од областа на корупцијата, 171 од областа на судирот на интереси, 40 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 92 на проверка на имотот на функционерите. ДКСК започна со следење на спроведувањето на активностите превдвидени со Националната стратегија, информира Ивановска.

Напредок од 24 места на Индексот за перцепција на корупцијата

„Тука би ги издвоила и укажувачите како важна алка во зајакнување на принципите за владеење на правото. За да го унапредиме овој систем и да создадеме услови за тој да заживее, развиваме и софтверско решение за поддршка на укажувачите. Со ова решение се олеснува процесот на пријава на неправилности, а притоа се охрабруваат поединците полесно и на анонимен начин да ги пријавуваат своите сомнежи и сознанија за постоење корупција. За да придонесеме повеќе за создавање позитивна клима за заштита на укажувачите и воопшто за олеснување на овој процес, оваа алатка им ја понудивме и на повеќе други институции кои инаку се законски обврзани да ги следат укажувачите, а голем дел од нив и веќе ја прифатија оваа можност да ја користат – меѓу нив Народниот правобранител, Инспекцискиот совет и повеќе инспекторати, појасни Ивановска, додавајќи дека во тек е инсталација на ова софтверско решение во МВР.

Таа најави дека за кратко време ќе се доврши и регистарот за избрани и именувани лица со кој ќе имаат електронско доставување на изјавите за имотна состојба и интереси, систем на прибирање податоци од други институции, нивна обработка итн. Во тек е и донесувањето на квантитативно истражување за перцепциите и ставовите на граѓаните за укажувачите.

СОНК бара онлајн настава во второто полугодие

Macedonia - Students from a primary school in Skopje teaching in conditions of pandemic with covid-19

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара преиспитување на одлуката наставата во второто полугодие да почне со физичко присуство. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.

Ќе го одложи ли ширењето на омикронот одложувањето на второто полугодие?

Тој во изјава за новинската агенција МИА, предлага наставата да почне онлајн, а потоа доколку епидемиолошката состојба се подобрува, тогаш да се направи проценка дали постојат услови за физичко присуство на наставата.

„Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство,“ вели Неделков.

Владата вчера по препорака на Комисијата за заразни болести донесе одлука учениците на 1 февруари да го почнат второто полугодие со физичко присуство. Претходно, зимскиот распуст беше продолжен до 1 февруари.

Вработените во Железници на бојкот, за директорот штрајкот е незаконски

Macedonia - The first of the six passenger trains manufactured by the Chinese company CRRC Corporation will be delivered in Macedonia in August

Втор ден не сообраќаат патничките и товарните возови во државава откако машинскиот и извршниот персонал во Железници Транспорт вчера почна бојкот поради неисплатениот втор дел од платата за декември лани. Синдикалецот Душко Чакаровски, претставник на машинскиот персонал, вели дека бојкотот ќе трае се до исполнување на поставеното барање.

Машинскиот и извршниот персонал најави дека нема да ги извршува работите ако платата за претходниот месец не биде во целост исплатена до 25-ти во тековниот месец.Одлуката беше донесена по прекинот на работата во ноември, исто така поради доцнење со исплатата на платата. Поради истата причина бојкот имаше и во лани во август .

Од Железници Транспорт во соопштение штрајкот го оквалификуваа како незаконски прекинот на работата во Железницата. Во соопштението од кабинетот на генералниот директор на ЖРСМ Транспорт се наведува дека „прекинот на работата односно штрајкот не е организиран согласно Законот за работни односи и Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје и оти не е предизвикан поради социјален момент или други услови со извршување на работните задачи, туку од лична корист на машинскиот персонал“.

„ЖРС Транспорт ја известува јавноста дека во услови на пандемија како и енергетска криза редовно ги исплаќаат платите и надоместоците на вработените, иако друштвото се соочува со намалени приходи, а во исто време и зголемени трошоци по однос на користење на електричната енергија, кој инпут енормно ги зголемува вкупните трошоци во редовното работење“, наведуваат од ЖРСМ Транспорт и напоменуваат дека Железници на РСМ на вработените им го има исплатено првиот дел на плата за декември 2021 година.

Македонија и земјите од регионот потпишаа документ за развој на железниците

Во соопштението е посочено дека со целосниот прекин на железничкиот сообраќај им се нанесуваат огромни материјални и нематеријални штети на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје, ЈП за железничка инфраструктура на Република Северна Македонија и на целокупното стопанство во државата.

Македонски иселеници во САД донираа опрема за болницата во Дебар

Донирана медицинска опрема за болницата во Дебар

Здружение на македонски иселеници кои живеат во САД доставиле медицинска опрема во вредност од 55 илјади долари за Општата болница во Дебар. Дебарската дијаспора од САД , преку татковинското здружение ,,Дибра “, со седиште во Њујорк годинава донираше медицинска опрема вели за Радио Слободна Европа директорот на болницата Баки Алили.

Според него на здружението на иселниците во Америка во рамките на проектот,, Подршка на Дебар за заштита од Ковид 19“, за потребите на болницата достави доплонителен систем за кислород, монитори за следење на повеке болести, кревети за породување и друга медицинска опрема .

,, Доставената донација е од големо значење за нашата болница а имаме најави и за нова опрема од страна на ислеениците и во текот на оваа година“, изјави директорот Алили .

Претседателот на здружението ,, Дибра“ Даши Мифтари за Радио Слободна Европа изјави дека и годинава иселниците од Дебар во САД, ке продолжат да доставуваат донации во опрема за потребите на болницата во родниот крај.

,, Голем е интересот на дебарските иселниците кои ја подржаа иницијативата да се поногне во Дебар за заштита од Ковид 19. Ке птродолжеме да помагаме со медицинска опрема и оваа година,, рече Мифтари .

Во САД според здружението на иселниците живеат околу 15 илјади дебарчани од кои во најголем број живеат и работат во Њујорк, Њу Џерси, Флорида, Аризона и Алјаска .

В понеделник средба на Економско-социјалниот совет за минималната плата

Macedonia - Macedonian denars

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска најави дека минималната плата до 18 илјади денари ќе се покачи во најбрз можен рок, додека до 20 илјади денариќе се покачи до крајот на нејзиниот мандат, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Ни со две минимални плати не може да се прехрани четиричлено семејство

Но, таа не прецизира кој би бил најкусиот рок за покачувањето на минималната плата до 18 илјади денари, туку истакна дека прво треба да се постигне договор со социјалните партнери за да се дојде до решение кое ќе биде во интерес на сите засегнати страни. Таа најави дека в понеделник на Економско-социјалниот совет со социјалните партнери, со синдикатите и со работодавачите ќе биде отворено ова прашање. На тој состанок ќе присуствуваат и вицепремиерот Фатмир Битиќи и со министерот за економија Крешник Бектеши.

„За тоа се води дијалог со социјалните партнери со коишто ќе отвориме дебата, да видиме и за двете страни кој е тој рок што одговара. Се надевам дека во текот на февруари ќе се свика и Еконономско-социјалниот совет на којшто ќе зборуваме за покачувањето на минималната плата, изјави Тренчевска.

Битиќи: Ќе има раст на минималната плата

Сојузот на синдикатите со месеци наназад бара минималната плата да се покачи на 18.000 денари. Минималната плата во моментов изнесува 15.194 денари, и според податоците на Сојузот на синдикати околу 110 илјади вработени во земјава ја примаат најниската плата.

Гир- Немам магична топка за да знам што ќе се случува годинава

Архивска фотографија, евроамбасадорот Дејвид Гир

Стартот на преговорите за членство и со Северна Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир.

Тој на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори, посочи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година.

Пендаровски најави посета на бугарскиот колега Радев

Тој во својот говор го поздрави новиот интензивен контакт меѓу Бугарија и Северна Македонија, за кој посочи дека дава „свеж поттик за билатералните врски“ и дека ЕУ ги поддржува и Софија и Скопје да го искористат моментумот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за постојните билатерални прашања, со што ќе се отвори патот за што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција.

„Отворањето на преговорите ќе биде пресвртница за евроинтеграциите на државата. Ќе означи интензивирање на практичните напори на Северна Македонија за усогласување со европското законодавство и стандарди. Многу од одговорностите ќе ги понесе Владата, но ќе бара и структурно и експертско вклучување во процесот на преговори, додека истовремено ќе се продолжи со реформите. Партиите од опозицијата ќе треба да продолжат со конструктивен придонес, особено преку работата во Парламентот, додека Собранието ќе треба да ја зајакне својата улога, како форум за конструктивна политичка дебата, особено за ЕУ реформската агенда“, изјави Гир.

Тој додаде дека предизвикот за Северна Македонија е да го задржи, но и зголеми нивото на реформи, особено во клучните области.

Руски научник уапсен во Германија поради шпионажа

Илустрација

Германското обвинителство соопшти дека е уапсен руски научник кој шпионирал за Москва. Во соопштението е посочено дека приведениот научник предавал доверливи информации за европската вселенска ракетна програма додека работел на германски универзитет.

Обвинителството соопшти дека осомничениот бил научен истражувач на неименуван универзитет во покраината Баварија и одржувал „редовни состаноци“ со висок руски разузнавач стациониран во Германија. Тој беше уапсен во јуни 2021 година, додаваат тие.

Во соопштението е посочено дека осомничениот „пренесол информации за истражувачки проекти во областа на воздушната технологија, особено различните развојни фази на европскиот фрлач Аријан“. Станува збор за програмата Ариане, во која се изработуваат серија транспортни ракети дизајнирани да префрлаат и сателити, во вселената.

Информацијата за приведувањето на рускиот научник доаѓа во време на засилени тензии меѓу Москва и Западот поради трупањето војници на руската граница со Украина.

Франција и Германија со предупредување до Русија за Украина

Ова е последниот во серијата наводни случаи на руска шпионска активност во Германија, која се смета за главен центар за руските разузнавачки операции.
Во декември, судот во Берлин осуди Русин за убиство на поранешен чеченски милитант во Берлин по наредба на Кремљ во 2019 година.

Русите доаѓаат - Западот алармира, Украина смирува

Судот пресуди дека убиството е чин на „одмазда“ против 40-годишната жртва, бидејќи била противник на Кремљ. Пресудата предизвика дипломатско протерување на дипломати од двете земји.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG