Достапни линкови

Македонците и Албанците на паралелни колосеци


Архивска фотографија: Прослава на Денот на албанското знаме во Скопје на 25 ноември 2012 година во Скопје.
Архивска фотографија: Прослава на Денот на албанското знаме во Скопје на 25 ноември 2012 година во Скопје.

Поделбите не се завршени, сè повидливи се ефектите од долгогодишните предупредувања дека наместо едни со други, живееме едни покрај други, посочуваат експертите.

Ако продолжиме да живееме на две паралели, постои можност тие во еден момент да се судрат, вели лидерот на ДПА, Мендух Тачи во интервју за Радио Слободна Европа, појаснувајќи дека во неодамнешното интервју дадено за косовски медиум не говори за војна каква што се водеше во 2001-та, но дека денеска борбата меѓу Македонците и Албанците е преселена во сферата на реалниот живот, економските, индустриските, територијалните интереси.
Андерграунд се бориме за други позиции, натпревар за други позиции, економски интереси, индустриски, територијални итн., меѓутоа ако продолжиме вака како народи паралелно да се натпреваруваме андерграунд, бидете сигурни дека таа паралела некогаш ќе излезе на виделина и постои можност тие паралели да се судрат.
Мендух Тачи, претседател на ДПА.

„Андерграунд се бориме за други позиции, натпревар за други позиции, економски интереси, индустриски, територијални итн., меѓутоа ако продолжиме вака како народи паралелно да се натпреваруваме андерграунд, бидете сигурни дека таа паралела некогаш ќе излезе на виделина и постои можност тие паралели да се судрат“, изјави Тачи во интервјуто што во целост ќе го емитуваме в недела.

Општата состојба во државата ги прави пореволтирани, значи доцнењето со евроинтеграциите и НАТО-интеграциите, доцнењето со остварување на одредени нивни програми кои тие ги предвиделе во делот на инвестиции, во делот на трговија, во делот на надворешната политика итн. Тоа е тоа што тлее.
Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција.
Се чини дека треба да се внимава на тоа што се случува на терен, поделбите не се завршени, сè повидливи се ефектите од долгогодишните предупредувања дека наместо едни со други, живееме едни покрај други, посочуваат веќе подолг период експертите, како и оние кои ги набљудуваат и анализираат состојбите на терен. Еден од нив е Владо Димовски од невладиниот Центар за меѓуетничка толеранција. Анализите на центарот говорат дека меѓуетничкото незадоволство расте, вели Димовски.

„Општата состојба во државата ги прави пореволтирани, значи доцнењето со евроинтеграциите и НАТО-интеграциите, доцнењето со остварување на одредени нивни програми кои тие ги предвиделе во делот на инвестиции, во делот на трговија, во делот на надворешната политика итн. Тоа е тоа што тлее“, вели тој.

Ова се должи, како што додава Димовски, и на инволвираноста на политиката во сите сегменти на животот, но, според аналитичарот, Ибрахим Мехмети, и на слабата комуникација на политичките претставници на етничките заедници со населението поради што тоа нема одговори на прашањата кои стануваат се побројни.

„Да речеме инвестициите коишто ги прави владата, ако гледаме од етнички аспект, се гради некое супер луксузно училиште во некоја централна градска скопска општина, а од друга страна, ние имаме десетици, стотици училишта низ цела Македонија во многу лоша состојба, без да се објасни зошто тоа се прави. Тогаш нормално дека ние ќе имаме раѓање на некои предрасуди или мислења кои со тек на време се сведуваат на етничко рамниште“, вели Мехмети.

Властите не треба да бидат задоволни од тоа што луѓето се воздржани, туку треба да најдат начин да го елиминираат незадоволството кое никако не може да донесе нешто добро, посочува Мехмети, со потранспарентна политика и однесување.
XS
SM
MD
LG