Достапни линкови

Власта не е транспарентна и заплашува новинари


Постои атмосфера на заплашување против каква било форма на критички печат кој има конкретни прашања на истражување или критика против актуелните функционери во власта, изјави специјалиот известувач за слобода на мислење и изразување на ОН Франк Ла Ру по неколкудневната посета на земјата.

Има заплашување кон критичките новинари и оние кои се занимаваат со истражувачко новинарство. Македонија општо земено нема проблем со законите, туку со нивното спроведување, заклучи специјалиот известувач за слобода на мислење и изразување на ОН Франк Ла Ру по неколкудневната посета на земјата.
Постои атмосфера на заплашување против било каква форма на критички печат кој има конкретни прашања на истражување или критика против актуелните функционери во власта.
Франк Ла Ру, специјалeн известувач за слобода на мислење и изразување на ОН.

„Постои атмосфера на заплашување против каква било форма на критички печат кој има конкретни прашања на истражување или критика против актуелните функционери во власта“, рече тој.

Ла Ру потенцира четири случи со кои бил запознаен во кои тој препознал заплашување на новинарите кои се критички ориентирани. Го наведе затворањето на А1 и трите весници во 2011, потоа неделникот Фокус и неспроведувањето истрага за смртта на неговиот уредник Никола Младенов, како и случајот со тужба против новинари на Фокус од страна на директорот на ДБК Сашо Мијалков за пренесена изјава.
Ова прашање го покренав пред Врховниот суд, пред Министерствата за внатрешни работи и за правда и пред Државниот обвинител, сите ми го кажаа истото дека оваа несреќа (на Никола Младенов) не се истражува кривично затоа што се чини дека е сообраќајна несреќа. Се чини дека постои страв околу истражување на овој случај и страв да се открие.
Франк Ла Ру, специјалeн известувач за слобода на мислење и изразување на ОН.

„Ова прашање го покренав пред Врховниот суд, пред Министерствата за внатрешни работи и за правда и пред Државниот обвинител, сите ми го кажаа истото дека оваа несреќа не се истражува кривично затоа што се чини дека е сообраќајна несреќа. Се чини дека постои страв околу истражување на овој случај и страв да се открие“, рече Ла Ру за случајот Никола Младенов.

Тој го го наведе и последниот случај со притворањето на новинарот Томислав Кежаровски.

„Побарав дозвола да го посетам што ми се чини природно за еден известувач за слобода на печатот и изразувањето, да го посетам во затвор, меѓутоа ми беше одбиено од страна на кривичниот суд, што јас мислам дека е погрешно толкување на законот, затоа што генерира чувство на неказнивост на државните постапки и чувство на тоа дека државата не е транспарентна и дека се обидува да одржи одреден степен на тајност и заговор.“

Ла Ру вели дека имало обид со законот за медиуми да се ограничи новинарството. Според него, добро е што новата верзија на законот е отворена за коментари, но треба да има и процес на консултација пред овој закон да отиде во Парламентот, оти законот е од пресудна важност за заштитата на новинарите во иднина.

„Новинарството треба да може да се практицира без чувство на заплашување и со асолутна независност.“

Целосниот извештај за неговите наоди ќе биде презентиран следната година пред Советот за човекови права.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG