Достапни линкови

Притисоците врз новинарите - загрижувачки


Медиумските организации имаат сериозни забелешки и за новиот нацрт-закон за медиуми. Речиси истовремено со дебатата за законот, новинарот Томислав Кежаровски е притворен поради објавен текст.

Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер изрази загриженост за состојбата со слободата на медиумите и изразување во Македонија. Во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено во целост в недела, таа вели дека позитивно гледа на дијалогот за новиот закон за медиуми и на ветувањето на министерот за информатичко општество Иво Ивановски дека ќе ги земе предвид и забелешките на Советот на Европа и ОБСЕ кои се многу слични.
Да бидам баш искрена, по ова прашање малку сум загрижена, ние видовме одреден развој на настаните во сопственичката структура на медиумите коишто не се во насока на поддршка на слободата на медиумите. Исто така тоа што јас го видов во разговор со многу новинари е дека има присуство на некаков вид на страв, можеби тоа е пресилен збор, но можеби воздржување, затоа што новинарите повторно и повторно известуваат за разни видови на притисок и тоа не е добар знак. И мислам дека, а сигурна сум дека владата е свесна за тоа, дека со ова треба да се справи многу сериозно. Кога ќе почнат преговорите за влез во Унијата ова прашање ќе биде еден од приоритетите
Гудрун Штајнакер, амбасадорка на Германија во Македонија.

„Да бидам баш искрена, по ова прашање малку сум загрижена, ние видовме одреден развој на настаните во сопственичката структура на медиумите коишто не се во насока на поддршка на слободата на медиумите. Исто така тоа што јас го видов во разговор со многу новинари е дека има присуство на некаков вид на страв, можеби тоа е пресилен збор, но можеби воздржување, затоа што новинарите повторно и повторно известуваат за разни видови на притисок и тоа не е добар знак. И мислам дека, а сигурна сум дека владата е свесна за тоа, дека со ова треба да се справи многу сериозно. Кога ќе почнат преговорите за влез во Унијата ова прашање ќе биде еден од приоритетите.“

Што се однесува до новиот предлог-закон за медиуми, Штајнакер вели дека сега останува да се види колку Владата ќе ги вметне забелешките.

„Мислам дека фактот дека од меѓународниот фактор како и од медиумските институции стигнаа силни забелешки ѝ покажаа на владата дека ова е сериозно прашање и навистина се надевам дека владата тоа ќе го сфати сериозно и мојот впечаток од средбата со министерот е дека токму тоа се случува.“

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани неодамна изјави дека она што него го загрижува е тоа што Владата не се ни труди да ја подобри ситуацијата и имиџот на Македонија во светот по тоа прашање. Потсетувајќи на последните извештаи на меѓународните организации каде што Македонија бележи пад по слободата на медиумите, Селмани истакнува дека е крајно време Владата да се отрезни и сериозно да ги сфати предупредувањата кои што доаѓаат од надвор.
Ако владата сериозно сака да не интегрира во ЕУ и НАТО, ако оваа влада има малку патриотизам во себе треба да почне да се грижи за лошиот имиџ на Македонија.
Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

„Ако владата сериозно сака да не интегрира во ЕУ и НАТО, ако оваа влада има малку патриотизам во себе треба да почне да се грижи за лошиот имиџ на Македонија.“

На последната дебата за законот за медиуми, ЗНМ, ССНМ, МИМ и Центарот за развој на медиуми изразија незадоволство од новиот предлог затоа што велат дека клучните забелешки остануваат и оти од неколкуте суштински проблеми решава само еден. Нема промени ниту по главните препораки на ОБСЕ и Советот на Европа во однос на составот и ингеренциите на регулаторот, односно Агенцијата за медиуми, препораки чија имплементација треба да ја гарантира политичката независност на органот.

Една од забелешките на независниот консултант од Советот на Европа кој ја правеше анализата за првиот објавен нацрт-текст Бернард Мовес е комплексноста и опфатноста на законот. Тој предложи законот да се подели на два дела, едниот да ги опфати печатените и он-лајн медиумите, а другиот да се однесува на аудиовизуелните медиуми.

Законот е само дел од причините за жолчните расправии меѓу новинарската фела и власта. Неодамна, голем број новинари протестираа пред Основниот суд 1 за одлуката да биде задржан во притвор новинарот Томислав Кежаровски. Тој е притворен повеќе од две недели поради објавен текст пред 5 години во кој наводно открил идентитет на заштитен сведок во случај за убиство.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG