Достапни линкови

Штајнакер - Без големи очекувања од јунскиот самиит


Интервју со Гудрун Штајнакер
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:58 0:00

Интервју со Гудрун Штајнакер

Не треба да се има премногу очекувања, затоа што така може да има и разочарување, но исто така никогаш не велете не. Земете го секој прогрес којшто ќе го постигнете. На минатиот самит заклучоците беа позитивни и охрабрувачки за Македонија и јас лично многу се надевам дека самитот на ЕУ најмалку што ќе даде е добра позитивна и охрабрувачка порака за Македонија, вели германската амбасадорка Гудрун Штајнакер во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадорке, како ги оценувате евроинтеграциските процеси и она што е постигнато досега во земјава во пресрет на Самитот на ЕУ?

Oва е тешко прашање да го поставите на германскиот амбасадор затоа што тука има Амбасада на ЕУ и амбасадор. Еврокомесарот за проширување Штефан Филе беше неколку пати во земјава, и тие се во подобра позиција да одговорат на тоа прашање. Мислам дека има прогрес и можеби поради некои политички настани, не толку голем прогрес како што очекувавме во изминативе неколку недели и месеци, но кога станува збор за дијалогот на високо ниво, веќе се одвива со комесарот на ЕУ и последната рунда беше во април веднаш по завршувањето на вториот круг на локалните избори и исто така беа наведени критичните точки. Исто така го имавте и пролетниот извештај со основите за тоа што ќе се одлучува во јуни. Пролетниот извештај е позитивен, но и со сериозни забелешки кои се однесуваат на добрососедските односи. Германија има став за ова, но јас ќе се осврнам на она што го кажа нашиот министер за надворешни работи при неговата последна посета во Македонија на 22 февруари при разговорите со вашиот министер за надворешни работи и на средбата со претседателот. Тој ги опиша нашите очекувања, ние очекуваме целосна посветеност од вашата земја за евроинтеграцискиот процес и европските принципи кои и се добро познати на вашата влада. Тоа е болен, долг и тежок процес, како што можеме да видиме во целиот регион. Тоа не е само македонски проблем кон ЕУ и ние Германците сме посветени да ви помогнеме да ги постигнете тие цели. Има голем број на германски фондации, организации, програми, проекти, сакам само да ја спомнам германската фондација за правна соработка, која соработува тесно со академијата за обвинители и судии или омбудсманот. Сакаме да го спомнеме ГИЗ(Германското друштво за меѓународна соработка) кое на пример работи во полето на децентрализацијата со различни општини во делот на економијата. Тоа е нашиот начин да покажеме дека ние мислиме дека Македонија може да ги постигне целите, но потребно е време и поддршка во тој пат.

Во однос на соработката со македонските институции, дали имате забелешки или, пак, сте наишле на некои проблеми?

Се разбира дека од време на време има проблеми на сите нивоа во соработката и ние се трудиме да ги решаваме тие проблеми со релевантните партнери што е можно побрзо. Понекогаш е потешко, но тоа е наша задача, на амбасадата од една страна, но и на сите останати германски партнерски организации тука, како на пример на полето на културата тука е Германскиот сервис за академска размена или Централната канцеларија за соработка со училиштата. Имавме проблеми како на пример со плаќање на германските учебници во оваа земја. Исто така се обидовме да придонесеме во имплементација на нови проекти како што е Компанијата Дрекслмајер која заедно со Машинскиот факултет воведува нова наставна програма за производствено инженерство што е голем предизвик, но пред сè би рекла дека се среќаваме и наидуваме на неопходната соработка за овие проекти. Сакам да спомнам и два важни германски партнери кои сакаат да принесат во процесот на реформи, станува збор за политичките фондации Конрад Аденауер и Фридрих Еберт.

Како го оценувате политичкиот дијалог и спроведувањето на мартовскиот договор?

Прво сакам да кажам дека ни беше драго за постигнувањето на договорот, стануваше збор за длабока политичка криза, тоа не е само мој став, верувам дека и моите колеги го делат тоа мислење. Ние жалиме што имплементацијата на договорот траеше толку време. Но во Германија имаме една изрека „Сè е добро кога добро ќе се заврши“. Штотуку ја добив пораката дека конечно двете страни во овој конфликт се договориле за Комисијата (што треба да ги истражи настаните од 24 декември) и јас сум оптимист дека анкетната комисија ќе почне со работа, а тоа е добар сигнал за јунскиот самит.

Имајќи на ум дека три месеци политичарите не може да се договорат за составот на комисијата, дали е ова само шминка пред самитот или, пак, е знак дека покрај сè може да се случи нешто?

Јас секогаш сум оптимист и мислам дека е добар знак, но се разбира дека за тоа треба да ги прашате тие коишто се договорија за тоа кој ќе биде претседател на Комисијата. За тоа дали се сериозни или не, јас не можам да судам, јас секогаш го земам предвид тоа што го гледам, а сега гледам дека се договориле. Тоа беше тешка одлука, кризата беше длабока, сè уште не е надмината, но потребни се напори од двете страни за да се надмине кризата. Јас можам само да се надевам, односно да ги охрабрам двете страни во конфликтот навистина да почнат напорно да работат за да изнајдат решение и да дојдат до заеднички заклучок за она што се случило и за тоа како да продолжат понатаму. Не секогаш е добро да се гледа само назад, секогаш треба да имате на ум што ќе постигнете и која е вашата вистинска цел, а вашата вистинска цел е Македонија да продолжи да се развива и да биде уште подобро економски, социјално и културна интегрирана.

Имајќи на ум дека Самитот на ЕУ се ближи, што вие очекувате од тој Самит? Македонскиот министер за надворешни работи по средбата со Санино изјави дека Македонија нема да добие поддршка од Грција за старт на преговори. Што мислите, што можеме да очекуваме од јунскиот самит?

Не знам, би рекла дека не треба да се има премногу очекувања, затоа што така може да има и разочарување, но исто така никогаш не велете не. Земете го секој прогрес којшто ќе го постигнете. На минатиот самит заклучоците беа позитивни и охрабрувачки за Македонија и јас лично многу се надевам дека самитот на ЕУ најмалку што ќе даде е добра позитивна и охрабрувачка порака за Македонија. Тоа е моја лична желба. Јас не сум инволвирана во преговорите зад сцената, па да почекаме и да видиме. Јас навистина не знам, не е дека се обидувам да излажирам нешто, навистина не знам што ќе биде исходот од самитот и само се надевам дека Македонија ќе добие позитивна порака.

Кој е ставот на Германија, дали Македонија треба да започне преговори па потоа да го решава спорот со името или, пак, е нешто друго?

Прво, јасно е дека Германија останува на ставот дека ова е билатерално прашање меѓу Грција и вашата земја, и дека двете страни треба да го решат проблемот. Но, ние би го сметале за добредојдено секое друго решение, решение измеѓу, како тоа што го спомнавте, старт на преговорите, а потоа да се решава спорот за името, но исто така е потребно двете страни да се договорат за тоа. Германија ја нема водечката улога во ова, за некои аспекти можеби имаме таква улога, но за ова прашање станува збор за билатерален проблем и мислам дека тоа што е важно е дека има позитивни знаци во изминативе недели, дека има дијалог, дека политичарите од двете страни се среќаваат и разговараат за проблемите и постепено можеби се доближуваат до решение. Мислам дека е добар знак дека новиот министер за надворешни работи на Бугарија дојде тука пред две недели на министерскиот состанок на земјите од Процесот за соработка на југоисточна Европа(ПСЈИЕ) и бидејќи и таму односите беа малку тешки во изминатиов месец, и тоа е вистинскиот начин за да се постапува, и Германија го поддржува секој чекор напред кон изнаоѓање на решение.

Спомнавте позитивни знаци за преговорите за спорот за името, нашата влада сè уште се нема изјаснето за последниот предлог на медијаторот на ОН Метју Нимиц. Слична е ситуацијата и од другата страна. Дали чувствувате дека навистина има позитивни ефекти и дека можеби сме блиску до некое решение?

Јас можам да ви кажам само што чувствувам, затоа што ни јас не знам, јас не сум информирана за ниту еден детаљ за овие преговори од страна на господинот Нимиц и можеби треба да ги прашате евро-политичарите. И на некое ниво јас разбирам дека има дилема дали да се зборува многу отворено во јавноста за тоа. Тоа е деликатна тема, долготраен проблем, и можеби е подобро да се биде многу потивок и да се зборува зад завесите и кога ќе биде има да се каже нешто конкретно тогаш да се излезе надвор со тоа. Ја разбирам колебливата позицијата на политичарите од двете страни да зборуваат отворено за содржината на овие разговори.

Слободата на медиумите и изразувањето е едно од најболните прашања во изминатиов период. Како вие ја оценувате ситуацијата по ова прашање?

Да бидам баш искрена, по ова прашање малку сум загрижена, ние видовме одреден развој на настаните во сопственичката структура на медиумите коишто не се во насока на поддршка на слободата на медиумите. Исто така, тоа што јас го видов во разговор со многу новинари е дека има присуство на некаков вид на страв, можеби тоа е пресилен збор, но повторно и повторно има новинарски текстови за различни видови притисок и тоа не е добар знак. И мислам дека, а сигурна сум дека владата е свесна за тоа, дека ова треба да се реши многу сериозно. Позитивно гледам на дијалогот којшто стартуваше за новиот закон за медиуми и дека министерот Ивановски потврди пред ЕУ-амбасадорите дека забелешките од Советот на Европа и ОБСЕ ќе бидат земени предвид и спротивно, она што можеше да се прочита во медиумите, двете забелешки не се различни, тоа не е точно. Тие не се различни, суштината на коментарите на Советот на Европа и ОБСЕ се многу слични и имам впечаток и се надевам дека тој впечаток е точен оти не само министерот Ивановски, туку и другите институции на владино ниво кои се инволвирани го сфатиле ова многу сериозно и гледаат дека намалувањето на медиумските слободи, било тоа да се реални или да се работи за чувство од претставниците на медиумите и новинарите, дека тоа е сериозно прашање. Кога ќе почнат преговорите за влез во Унијата ова прашање ќе биде еден од приоритетите. И повторно да кажам дека од германска страна, ние поддржавме два проекти, едниот е за Македонскиот институт за медиуми минатата години и ние сме волни да ја продолжиме соработката со новинари и медиумски институции во иднина.

Во новата драфт-верзија на законот за медиумите која што беше неодамна објавена, и покрај забелешките на меѓународната заедница, спорниот дел со составот на Агенцијата за медиуми е сè уште таму, не е сменет.

Колку што знам тие сега само што почнуваат да ги разгледуваат стотиците забелешки и предлози и желби за промени и нема нов готов закон на маса. Затоа ние мора да почекаме и да видиме колку владата ќе ги земе предвид сите тие забелешки и само тогаш ќе може да се каже дали е добро или лошо. Но мислам дека фактот дека од меѓународниот фактор, како и од медиумските институции стигнаа силни забелешки ѝ покажаа на владата дека ова е сериозно прашање и навистина се надевам дека владата тоа ќе го сфати сериозно и мојот впечаток од средбата со министерот е дека токму тоа се случува.

Економска соработка - има ли интерес кај германските бизнисмени за инвестирање во земјава?

Инвестициската клима во моментов не е баш силна, тоа значи дека германските инвеститори се колебаат да инвестираат во странство. Слична е ситуацијата во југоисточна Европа, ова не е ограничена ситуација само во Македонија. Но мислам дека беше успех што две поголеми компании како Кромберг и Шуберт во Битола и Дрекселмајер во Кавадарци стартуваа нови инвестиции, и можеби доколку нивното искуство биде позитивно тогаш можеби и други инвеститори ќе се охрабрат да дојдат тука. Тоа сè уште е моја цел и на германско- македонската асоцијација за економска соработка да организира некогаш, можеби на есен, една конференција за потенцијални германски инвеститори. Искуствата се различни, ние имаме и случаи каде што има проблеми и ние се обидуваме да решиме овие проблеми со релевантни институции и се надевам дека сите тие проблеми може да бидат решени за тоа да даде добар сигнал до германската економија и инвеститорите да видат дека понекогаш, да, има недоразбирања, погрешно толкување, но ние може да работиме заедно и можеме да ги решаваме тие проблеми. Во целост, инвестициската клима во Македонија не е лоша, но за жал ние имаме длабока економска криза во Европа и во овој регион особено и затоа не може да очекувате чуда.

Спомнавте проблеми, неодамна, македонско – германското стопанско здружение исто така истакна дека постојат определени проблеми во соработката со македонската јавна администрација, може да ни кажете кои се конкретно проблемите и што е неопходно да се направи за зголемување на германски инвестиции во Македонија?

Да, има индивидуални проблеми, морам да кажам дека не ги знам сите индивидуални случаи, понекогаш ме информираат, но не секогаш, затоа ја имаме асоцијацијата, македонско-германска економска асоцијација каде што има 170 компании, мнозинството од нив се македонски, но со германски партнери кои се членови и ја имаме стопанската комора која има свое претставништво тука, а главната канцеларија е во Белград. Тие имаат редовен дијалог со бизнисмените од една страна и владините институции од друга страна. Во голем дел од случаите е подобро да се решаваат проблемите со администрацијата и исто така преку владеење на правото, но секогаш е тешко да се каже што е индивидуалниот случај и што е позади него. Ако не добиете некои дозволи на време или некои одлуки кои требало да се донесат се пролонгираат, или одлуки кои не се транспарентни и слично, и во тие случаи навистина јас лично или моите соработници во амбасадата одат во министерствата и се трудат да ги решат. Ситуацијата секако дека може и понатаму да се развива. На ова поле морам да кажам дека тоа го покажа и последната анкета меѓу членките на македонско – германското стопанско здружение која беше објавена минатиот месец и која покажува дека искуството со македонскиот бизнис во соработка со германските бизнисмени воглавно е позитивно.

Во изминатава недела се одржуваат протести во скопската општина Центар. Во истата општина на изборите имаше одредени проблеми, а вие лично го набљудувавте гласањето. Како ја оценувате ситуацијата сега?

Морам да кажам дека на почетокот бев малку збунета, патував за време на викендот и се информирав на интернет. Една работа се изборите, а друга се протестите. Мислам дека протестите не се против самиот градоначалник, затоа што тој е избран. Јас учествував во набљудувањето во третиот круг на изборите, беа забележани нерегуларности и ова се прашања кои ќе ги покренат ОДИХР/ОБСЕ за следните избори, но прашањето за протестот не е против градоначалникот. Мислам дека протестот најверојатно беше против некои одлуки и тоа е нешто што јас не го разбирам во врска со овие демонстрации, бидејќи според моите информации и она што го гледам, морам да признаам се информирам претежно од интернет, и забележувам дека протестираат против нешто што воопшто не е ставено под знак прашалник, и тогаш се прашувам кој го организира тоа, кој е позади тие демонстрации. Јас би сакала да знам, јас не знам, јас не сум инспектор, но мислам, јас сум загрижена за тоа што се случува таму, зошто овие луѓе протестираат против нешто што не е ни под прашање. И тие не можат да ги одговорат овие прашања, барем тоа го видов на интернет. Јас сум малку загрижена бидејќи имам впечаток дека има манипулација во позадина на ова, но „што, како и кој“, јас не знам, но тоа оди веќе далеку, новинари се лично напаѓани, уништен е имот и мислам дека тогаш властите, надлежните власти, а тоа е Министерството за внатрешни работи и полицијата треба да реагираат адекватно и да истражат што точно се случува.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG