Достапни линкови

Вести

Ердоган го обвини Израел за етничко чистење

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го обвини Израел дека изведува етничко чистење, дека ги прекршува меѓународните закони и окупира палестинска територија, јавуваат турските медиуми. Тој во својот говор на заседанието на неговата Партија на правдата и развојот изјави дека никој не може да каже дека Израел го користи своето право на заштита затоа што, како што вели, во моментов сее терот на Блискиот Исток.

види ги сите денешни вести

Бугарското МНР- Однесувањето на македонските власти е понижувачко и неприфатливо за бугарскиот народ

Илустрација, бугарското МНР

Однесувањето на македонските власти спрема бугарските граѓани на 4 февруари, на одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев е недопустливо се вели во реакцијата на бугарското министерство за надворешни работи, јавуваат бугарските новински агенции.

„Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, е наведено во соопштението.

Во соопштениот испратено до медиумите е посочено дека Софија смета оти таквите дејствја заедно со одбивањето македонска и бугарска делегација заедно да положат венец е отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството.

„ Денес, дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес“, се наведува во соопштението.

Македонска и бугарска делегација му оддадоа почест на 151 годишница од раѓањето на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, но во одвоени термини. Сето тоа беше проследено со големо полициско обезбедување, со затворени улици околу местото на настанот и падот на системот на граничниот премин Деве Баир поради што поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.

Роденденот на Гоце - настан од полузатворен карактер
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:53 0:00

Во однос на проблемите со влезот на бугарските државјани на македонска територија поради застојот од „технички причини “ на граничните премини од бугарското МНР велат меѓу погодените со овие, како што ги нарекуваат рестриктивни мерки имало и новинари за кои „основата била закана за јавниот ред, национална безбедност, јавно здравје или меѓународни односи на Република Северна Македонија“.

Тензично на Деве Баир, тројца бугарски државјани приведени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

Бугарскиот министер за надворешни работи разговарал со амбасадорката на Северна Македонија во Софија Агнеса Руси со барање за враќање на слободата на движење.

„ Уште еднаш констатиравме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставниците на властите во Северна Македонија не одговараа на ситуацијата на терен. Овој пристап на никаков начин не придонесува за конструктивен и добронамерен дијалог“, посочуваат од бугарското МНР.

Во врска со информациите за уапсените бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обратила до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако ваквите информации, како што се посочува во соопштението, требало веднаш да бидат испратени од страна на властите.

Министерството за надворешни работи во Софија апелира до бугарски граѓани кои писмено биле одбиени да влезат на територијата на Северна Македонија да го информираат Министерството со цел да ги преземе потребните дејства преку дипломатски канали и да ги информираат меѓународни партнери.

Во соопштението е повторен ставот на бугарскиот министер за внатрешни работо Иван Демерџиев дека Бугарија е подготвена ако е потребно да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот контролен пункт.

САД го собори кинескиот балон, во тек е акција на собирање на остатоците

Фотографија од кинескиот балон кој прелета над САД

САД сооппшти дека е соборен кинескиот воздушен балон за кој постои сомнеж дека имал за цел шпионажа, со оглед на тоа дека летал над сензитивни воени локации во Северна Америја. Според соопштението тој е соборен во близина над сојузната држава Северна Каролина. Тоа е најновиот удар во тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг.

Во тек е операција во територијалните води на САД во Атлантскиот Океан за да се извлечат остатоците од балонот. Неговото соборување беше пренесувано во живо.

Претходно американскиот претседател Џо Бајден на новинарско прашање одговори дека „ние ќе се погрижиме за тоа“.

Кинескиот балон кој првично беше забележан во средата во Монтана, Пентагон го опиша како сомнителен објект за набљудување од висина. Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за метеоролошки цепелин кој што го изгубил курсот.

Федералната управа за авијација затвори три аеродроми во Северна и Јужна Каролина „за да го поддржи Министерството за одбрана во напорите за национална безбедност“.

Телевизиските снимки покажаа мала експлозија, по што балонот се спушта кон водата. Беа забележани американски воени авиони како летаат во близина, а бродови беа распоредени во водата за да ја спроведат операцијата за собирање на остатоците од балонот.

Официјалните лица имаа за цел да ја темпираат операцијата за да можат да соберат што е можно повеќе од остатоците пред да потонат во океанот. Пентагон претходно процени дека секое поле со отпад ќе биде значително.

Според информациите објавени во американските медиуми балонот бил со големина од два до три училишни автобуси и лебдел на надморска височина од 60 илјади стапки, односно 18 илјади метри. Тој прелетал над Канада и Алјаска пред да биде забележан во САД. Портпаролката на Белата Куќа Карин Жан-Пјер изјави дека САД го следеле балонот барем од вторникот.

Таа рече дека токму тогаш Бајден првпат бил информиран за ситуацијата. Прес секретарот на Пентагон Генералот Пет Рајдер изјави дека дека официјалните лица го набљудувале балонот со повеќе методи, вклучително и пилотирани авиони, неколку дена.

Во петокот, американскиот државен секретар Антони Блинкен ја откажа посетата на Пекинг за да се сретне со неговиот колега Ванг Ји, велејќи му во телефонски разговор дека испраќањето балон е „неодговорен чин и јасно кршење на суверенитетот на САД и меѓународната закон што ја поткопа целта на патувањето“.

Почина млад затвореник во Идризово, нема траги на насилство

Затвор Идризово, илустрација

Осуденик починал вчера во затворот Идризово. 27 годишниот затвореник немал видливи траги на насилство, а телото е дадено на обдукација, соопшти денеска МВР.

„ На 03.02.2023 во 15.15 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во затворот починал осуденикот Д.Х.(27) од Велес. Смрт без видливи траги на насилство констатирал лекар од Итна медицинска помош, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција, се наведува во соопштението од МВР.

И покрај критиките и главните забелешки на неколку домашни и меѓународни организации во делот на здравствената заштита на затворениците во казнено-поправните установи во земјава, затворениците продолжуваат да се жалат на непроменета слика во затворите. Недостиг на медицински лица, лекарска терапија, психијатриска помош се дел од работите на кои се жалат затворниците до Народниот правобранител Насер Зибери.

Зибери неколку пати досега апелираше дека властите треба да работат на подобрувањето на здравствените услови на затворениците, особено на луѓето зависници. Тој вели дека нивните извештаи покажуваат дека овие луѓе често не добиваат терапија или ја добиваат, но не на време, а лекарските екипи не се обучени да постапуваат со овие лица. Додава дека има проблем и во однос на бројноста на медицински персонал.

Британскиот премиер Сунак му вети на Зеленски дека ќе се фокусира на обезбедување воена опрема

Британскиот премиер Риши Сунак денеска разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски на 4 февруари. Во разговорот и двајцата се согласиле за важноста меѓународната заедница да ја забрза помошта за Украина, се вели во соопштението од кабинетот на Сунак.

„Премиерот рече дека е фокусиран на обезбедување на одбранбената воена опрема на Обединетото Кралство да стигне до линијата на фронтот што е можно побрзо“, се вели во соопштението од канцеларијата на Сунак.

„Двајцата лидери се согласија дека е од витално значење меѓународните партнери да ја забрзаат својата помош за Украина за да помогнат да се искористи можноста за туркање на руските сили назад“, се додава во британското соопштение.

Вчера највисокиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел објави двојно зголемување на бројот на украински војници што ќе бидат обучени од ЕУ на 30.000 оваа година и вети 25 милиони евра за деминирање области што повторно ги зазеде Украина.

ЕУ вели дека веќе одвоила речиси 60 милијарди евра помош за Украина, вклучително и речиси 12 милијарди евра воена поддршка и 18 милијарди евра за да помогне во управувањето на земјата оваа година, но одбива да понуди брза патека за членство.

Извештајот на СЗО за Украина ги скара Русија и САД

Илустрација, гранатирана зграда во Украина

Извештајот на Светската здравствена организација за хуманитарната криза во Украина ги скара Русија и САД кои седат на иста маса во одборот на организацијата. Москва го нарече политички мотивиран извештајот во кој се класифицира состојбата како една од акутните глобални здравствени случаи. Вашингтон, пак, смета дека извештајот е нецелосен и дека треба да биде брзо ажуриран.

Извештајот на генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, беше претставен пред извршниот одбор на организацијата, на кој седат и Русија и Соединетите држави.

Во него се опфатени настаните во првите девет месеци од 2022 година. Во извептајот него ситуацијата во Украина, која Русија ја нападна на 24 февруари, е опишана како една од осумте акутни глобални здравствени итни случаи.

Во извештајот се документирани повеќе од 14.000 цивилни жртви, со 17,7 милиони луѓе кои имаат потреба од хуманитарна помош и 7,5 милиони украински бегалци раселени низ Европа.

Според извештајот од вкупно 470 напади со тешко оружје врз здравствените установи на глобално ниво, 448 се случиле во Украина.

Рускиот претставник во одборот на СЗО ја нарече политизирана и еднострана и ги опиша нејзините референци за Украина како неосновани обвинувања.
Москва негираше дека во како што ја нарекува инвазијата – специјална воена операција дека цели биле цивили во Украина. Неиспровоцираната инвазија врз Украина ги опустоши градовите во Украина, уби илјадници борци и ја потресе глобалната економија.

Американскиот претставник во Обединетите нации повика на ажуриран извештај за документирање на инцидентите во Украина од септември.

„Руските напади предизвикаа неискажлива штета на цивилите и критичната инфраструктура во Украина“, е наведено во соопштението од кабинетот на американскиот претставник.

Тинејџерка загинала по напад од ајкула во Австралија

Илустација

Тинејџерка им подлегна на повредите откако беше нападната најверојатно од ајкула во близина на западно австралискиот град Перт, откако скокнала од своите џет ски, соопшти полицијата во саботата.

Шеснаесет годишното девојче беше извлечена од водата со тешки повреди.

„Медицинскиот персонал и пружил медицинска помош на местото на настанот, но таа починала“, изјави полицискиот вршител на должноста инспектор Пол Робинсон.


Тој рече дека жртвата била со нејзините пријатели на џет скии.

„Веројатно во близина се видело дека пливаат делфини и младата женка скокнала во водата за да плива во близина на делфините“, додаде тој.

„Семејството не беше таму кога се случи ова, сепак, беа нејзините пријатели и како што можете да замислите, ова е крајно трауматичен инцидент за кој било сведок, па очигледно ние нудиме советодавни услуги на секој што бил сведок на тоа или е погоден од инцидентот“, инспекторот Робинсон .

Тој рече дека разговарал со Одделот за рибарство, кој му посочил дека во тој дел од водата е невообичаено да се најде ајкула.

„Разговарав со риболовната и водната полиција и за жал немаме поим за каков тип на ајкула се работи“, рече Робинсон.

Градот Перт се наоѓа брегот на Индиски Океан, како и на реката Свон.

САД размислува за санкции кон кинеска фирма

САД размислуваат за нови санкции за кинеските компании за надзор поради продажбата на иранските безбедносни сили. Ова го објави американскиот Волстрит журнал на 4 февруари, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.

Американските власти се во напредни дискусии за санкциите и се однесуваат на компанијата Tiandy Technologies Co, која е производител на електрична опрема со седиште надвор од кинескиот град Тијанџин. Нејзините производи се продаваат на единици на иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда, се додава во извештајот.

Во меѓувреме односите меѓу САД и Кина се затегнаа откако Пентагон откри дека кинески воздушен балон за набљудување лета над сензитивни локации на американски балистички ракети.

Американското Министерство за одбрана соопшти дека ги следи движењата на кинескиот балон за надгледување кои го нарушуваат воздушниот простор на САД.

Кина претходно изјави дека балонот што лета над Соединетите држави е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.

По објавувањето на оваа информација американскиот државен секретар Антони Блинкен го одложи своето дипломатско патување во Кина, кое се сметаше за можност да помогне во стабилизирањето на односите меѓу Пекинг и Вашингтон. Блинкен во разговор со своите колеги дипломати од Кина посочил дека „ќе биде подготвен да го посети Пекинг штом ќе дозволат условите“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

Демерџиев: Ќе донираме генератори за струја за пак да не им „падне системот “ на граничните премини

Делегација на Бугарија на гробот на Гоце Делчев, Скопје, 4 февруари 2023

Бугарскиот технички министер за внатрешни работи Иван Демерџиев по положувањето цвеќе во Скопје на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев изјави дека биле „драконски“ мерките на македонската полиција. Демерџиев не ги дочека бугарските граѓани кои се најавени дека ќе дојдат на скопското Кале.

Системот за контрола на граничниот премин Деве Баир 4 часа беше во прекин, поради „ технички пад на системот“, со што се оневозможи брзо пристигнување на буграските државјани во Скопје.

Демерџиев за тоа најави дека веднаш ќе донираат три генератори на струја на македонската гранични пунктови за да немаат како денешните проблеми со „пад на системот“ кој предизвика стотици автомобили да чекаат со часови. Тој изјави дека таквото однесување е неприфатливо, особено што не „соодветствува со насоките во кои се движат нашите два народа“, каде што нема причина за негативно однесување.

Откако беше решен проблемот, граничарите рачно ги средуваа документите и бавно пропуштаа возила на македонска територија. Ова предизвика тензии и расправии на граничниот премин „Деве Баир“ каде што бугарски државјани, поради неможноста да ја преминат границата, упатуваа навреди и недолично се однесуваа кон македонската гранична полиција.

Демерџиев изјави дека ги замолил европатеникот Андреј Џамбаски и Костадин Костадинов да останат во Бугарија и да не предизвикуваат провокации. Денешниот настан за чествување на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев беше окарактеризиран како настан од висок безбедносен ризик.

Одбележувањето на годишнината до раѓањето на револуционерот доаѓа во време кога односите меѓу Бугарија и Македонија дополнително се затегнаа со низа настани, како претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, па кусото повлекување на бугарскиот амбасадор од Скопје и последното, тоа што бугарскиот Парламент, пред да се распушти во пресрет на изборите, изгласа декларација за осуда за насилството врз македонските Бугари.

Тројца бугарски државјани приведени на Деве Баир

Деве Баир

Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека на граничниот премин Деве Баир биле приведени тројца бугарски државјани Г.З (35),А.Х(50)и Р.Х(54) за нарушување на јавниот ред и мир.

Тие „најпрво вербално, дрско и недолично со најпогрдни зборови се однесувале а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициски службеници кои преземале службени дејства,при што се приведени и се работи на целосно расчистување на случајот“, наведоа од МВР.

Сите гранични премини неколку часа не дозволуваа премин на македонска територија бидејќи не беше во функција системот за контрола. Откако дефектот беше отстранет, од МВР информираа дека истиот е оспособен за функција и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава.

На граничниот премин „Деве Баир“ група на бугарски граѓани чекаа да влезат на македонска територија за да му оддадат почит на револуционерот Гоце Делчев на одбележувањето на 151 годишнината од неговото раѓање.

На Деве Баир некои од автомобилите поминаа, па се вратија во Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:02 0:00

Тие се организирани со автомобили од страна на бугарската фондација „Македонија“. На фејсбук профилот на претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов беше објавено видео на кое се гледа како бугарските државјани се расправаат со македонската полиција и бараат да ги пушти да ја преминат границата.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека се очекува околу 100-150 бугарски државјани да пристигнат во Скопје. Тој посочи и дека очекува да се исполнат ветувањата на македонските власти дека бугарските граѓани кои сакаат да дојдат во Скопје ќе бидат примени непречено. Под засилени безбедносни мерки денеска во Скопје се одбележува 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Папата во посета на Јужен Судан

Папата Франциск денеска ќе се сретне со жртвите од граѓанската војна во Јужен Судан, на само еден ден откако упати порака до лидерите во таа земја да се посветат на мир и безбедност.

Посетата на Папата на Јужен Судан ќе биде прва по неговата прогласена независност во 2011 година по што земјата влезе во брутален етнички конфликт што ја остави младата нација поделена и истрауматизирана.
Околу 380.000 луѓе загинаа во пет години крвопролевање пред формално да заврши граѓанската војна во 2018 година, со прекин на огнот меѓу завојуваните лидери кои се на власт денес.


Но, земјата останува кревка и насилна, а Папата во обид да посредува меѓу ривалските партии, го посетува Јужен Судан додека се движи од една криза во друга.

На својот прв настан во саботата, папата во инвалидска количка се сретна со верските водачи на Јужен Судан, кои работат со сиромашните и маргинализираните и се длабоко почитувани во побожната земја каде што 60 отсто од нејзините 12 милиони луѓе се христијани.

Тој рече дека мора да „стапат во мир поради страдањата и солзи на народот“, додавајќи дека Црквата има должност да биде „подготвена да ги извалка рацете за луѓето“.

Во сабота навечер Франциск ќе одржи заедничка молитва со надбискупот од Кентербери и модераторот на Генералното собрание на црквата на Шкотска, кои му се придружија во земјата.

Во петокот, Френсис одржа остар говор пред политичките лидери во земјата, предупредувајќи дека мора да направат „нов почеток“ кон помирувањето и да стават крај на алчноста и борбите за моќ што ја распарчуваат нацијата.
И покрај мировниот договор кој технички ја завршува војната, конфликтот сè уште ги брка луѓето од нивните домови, а има околу 2,2 милиони внатрешно раселени луѓе низ Јужен Судан, според податоците на ОН од декември.

Русија и Украина разменија затвореници

Ослободените украински војници

Русија и Украина на 4 февруари објавија дека размениле затвореници при што се ослободени 63 Руси и 116 Украинци како и враќање на телата на двајца странски доброволци кои биле вклучени во хуманитарна работа во источниот украински регион Доњецк.

Руското Министерство за одбрана објави дека на нивна територија се враќаат 63 руски војници . Во соопштението на социјалната платформа Телеграм наведуваат дека меѓу ослободените има и лица кои припаѓаат на „чувствителна категорија“, без да се посочат детали.

Во него се додава дека размената била олеснета „благодарение на посредништвото на раководството на Обединетите Арапски Емирати“.
Украинските власти во меѓувреме известија дека 116 затвореници се вратиле дома.

Шеф на претседателскиот кабинет на Украина,Андреј Јирмак на Телеграм напиша дека меѓу нив има „бранители на Мариупол, партизани од Керсон, снајперисти од областа Бахмут“.

Тој наведе и дека се вратени телата на странски доброволци и тоа Британецот Кристофер Метју Пари и Ендрју Тобијас Метју Багшо од Нов Зеланд и телото на починатиот украински волонтер Јевхен Кулик, кој служел во француската легија на странци во Украина.

Пари и Багшо, двајца доброволци кои помагаа во евакуацијата на цивилите и доставуваа хуманитарна помош, беа пријавени за исчезнати на 7 јануари во Доњецк. Последен пат беа видени претходниот ден на пат од Краматорск кон Соледар, каде што се водеа тешки борби меѓу украинските бранители и руските сили.

Набргу потоа, семејството на еден од двајцата доброволци изјави дека мажите биле убиени при обид да се изврши хуманитарна евакуација.

Јермак објави и кратко видео на кое наводно се прикажани ослободени украински затвореници кои патуваат со автобус и две фотографии од мажи кои држат украински знамиња пред автобус.

Сакаме лек -извикуваа на протест пациентите со цистична фиброза

„За живот не се калкулира“, „Задоцентите решенија некого може да чинат живот“, „Лек е приоритет не е привилегија“. Ова се дел од транспарентите со кои пред влада застанаа стотици граѓани во знак на подршка на пациентите со цистична фиброза. Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза денеска организираше протест со кој бара Владата да побрза и да им го набави лекот што им е потребен.

„Ова е Марко, тој е седумкратен државен победник во карате и е пациент со цистична фиброза, тој досега победи седум пати, а ние сите ќе победиме еднаш“ рече неговата мајка и побара лек да има за сите граѓани кои имаат потреба од него.

Тие посочија и дека онколошките пациенти се соочуваат со недостиг на лекови и дека заедно со Асоцијацијата за цистична фиброза бараат лекови за сите.
Министерот за здравство Беким Сали вчера изјави дека само осум пациенти со цистична фиброза кои се во критична состојба ќе го добијат лекот „Трикафта“, а планот е до крајот на годинава да биде обезбеден вкупно за 30 пациенти на кои им е влошена здравствената состојба поради болеста.

Сепак Сали не кажа ниту дали и колку пари се обезбедени, ниту пак кога лекот ќе стигне до пациентите. Дополнително, допрва најави дека ќе започнат директни преговори со производителот на лекот, за да може да се набави по пониска цена. За тоа пак ќе биде потребно да се направат измени во законите, што дополнително ќе бара време.

Според статистиките во земјава има околу 130 пациенти со цистична фиброза, од кои голем дел се млади и деца. Кај возрасните пациенти терапијата ги намалува симтомите и овозможува живот без инхалации и често одење по болници. Кај децата пак превенира идни оштетувања што значи дека ќе имаат долг и квалитетен живот, исто како и своите врсници.

Лекот е достапен во повеќето земји во региониот. Во Србија каде се дава од 2021 година ефектите се веќе видливи. Ова за РСЕ го изјави претседателката на здружението за поддршка и помош на пациентите со цистична фиброза. Лекот е веќе достапен за пациентите во Црна Гора и во дел од федерацијата БиХ. И пациентите од Македонија сe надеваат дека како и нивните соборци од другите земји ќе имаат право на лек.

Википедија забранета во Пакистан

илустрација

Светски познатата веб страница „Википедија“ денеска е блокирана во Пакистан Властите ја цензурираа веб-страницата за хостирање поради „богохулна содржина“. Ова е последниот удар во низа врз дигиталните права во длабоко конзервативната нација.

Богохулењето е чувствително прашање во Пакистан со мнозинско муслиманско население, а гигантите на социјалните мрежи Фејсбук и Јутјуб претходно беа забранети поради објавување содржина што се смета за светољубиво.

Онлајн енциклопедијата беше блокирана низ целата земја во петокот „откако не одговори на нашата повеќекратна кореспонденција за отстранување на богохулната содржина и не го испочитува крајниот рок“, изјави за новинската агецнија Франс прес Малахат Обаид, портпарол на пакистанската телекомуникациска управа.

Оваа организација и даде на Википедија ултиматум од 48 часа да го отстрани материјалот, без јавно да ги прецизира своите точни приговори.

„Тие отстранија дел од материјалот, но не сите. Ќе остане блокиран додека не го отстранат целиот непристоен материјал“, рече Обаид.

Фондацијата Викимедија, која е непрофитниот фонд што управува со Википедија соопшти дека пакистанските власти „им збранува приста на петтата најнаселена нација во светот до најголемото бесплатно складиште на знаење“.


Според активисти за човекови права, овој модел за зголемена владина цензура се практикува и врз печатени и електронски медиуми, а богохулењето е оружјето кое власта го користи во оваа битка за замолчување на различните.

Пакистан го блокираше Јутјуб од 2012 до 2016 година откако објави филм за пророкот Мухамед што доведе до насилни протести низ муслиманскиот свет.
Во последниве години, земјата, исто така, неколку пати ја блокираше популарната апликација за споделување видео TikTok поради „непристојна“ и „неморална“ содржина.

МВР: Граничните премини се во функција, се пропуштаат возила

Граничниот премин Деве Баир

Од МВР информираат дека е отстранет дефектот на системот на сите гранични премини и истиот е оспособен за функција и се пропуштаат возила за влез и излез од земјава. На граничниот премин „Деве Баир“ група на бугарски граѓани чекаа да влезат на македонско територија за да му оддадат почит на револуционерот Гоце Делчев на одбележувањето на 151 годишнината од неговото раѓање.

Тие се организирани со автомобили од страна на бугарската фондација „Македонија“. На фејсбук профилот на претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов беше објавено видео на кое се гледа како бугарските државјани се расправаат со македонската полиција и бараат да ги пушти да ја преминат границата.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев изјави дека се очекува околу 100-150 бугарски државјани да пристигнат во Скопје. Тој посочи и дека очекува да се исполнат ветувањата на македонските власти дека бугарските граѓани кои сакаат да дојдат во Скопје ќе бидат примени непречено.

„Има податоци за запрени бугарски државјани. На крајот на денот ќе имам информации и колку се оправдани причините за тоа“, рече министерот Демерџиев во одговор на прашање на БТА.

Според него, има и список со имиња на бугарски државјани кои нема да бидат примени, но, како што рече министерот, тој список не е голем. Демерџиев, како што најави, планира да ги почека оние Бугари кои ќе дојдат да положат цвеќе на гробот на Делчев, за да може заедно со нив да ја одбележи годишнината од неговото раѓање.

Во бугарската делегација, која ќе положи цвеќе на гробот на Делчев во црквата Свети Спас, се и министерот за здравство Асен Меџидиев и заменик министерот за внатрешни работи Венцислав Катинов.

Под засилени безбедносни мерки денеска во Скопје се одбележува 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Македонскиот државен врв веќе положи цвеќе на гробот на Делчев, кој се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје. Изјави за медиумите немаше од македонската делегација, а не се предвидени ни изјави од бугарската делегација.

Кинеските балони вредна и тешко соборлива алатка за набљудување

Првиот кинески воздушен балон за набљудување што го откри Пентагон лета над сензитивни локации на американски балистички ракети би можел да биде воден од напредна технологија за вештачка интелигенција, изјави американски експерт за новинската агенција Франс прес.

Вториот кинески балон за набљудување подоцна беше забележан над Латинска Америка пред да се упати кон исток над централниот дел на Соединетите држави, соопшти Пентагон.

Кина претходно изјави дека балонот што лета над Соединетите држави е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.

Американското Министерство за одбрана соопшти дека ги следи движењата на кинескиот балон за надгледување кои го нарушуваат воздушниот простор на САД.

По објавувањето на оваа информација американскиот државен секретар Антони Блинкен го одложи своето дипломатско патување во Кина, кое се сметаше за можност да помогне во стабилизирањето на односите меѓу Пекинг и Вашингтон. Блинкен во разговор со своите колеги дипломати од Кина посочил дека „ќе биде подготвен да го посети Пекинг штом ќе дозволат условите“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

Во соопштението се вели дека Блинкен разговарал со Ванг Ји, директор на Централната канцеларија за надворешни работи, за да го извести дека тој нема да патува во Кина во овој момент „со оглед на сегашното присуство на (кинески) балон за надзор на голема височина во воздушниот простор на САД“.

Во соопштението на Кина се изразува жалење што „цивилниот“ воздушен брод за истражување на временските услови залутал на територијата на САД.
„Кинеската страна жали за ненамерното влегување на воздушниот балон во воздушниот простор на САД поради виша сила“, се вели во кинеското соопштение, цитирајќи правен термин што се користи за да се однесува на настани надвор од нечија контрола.

Експертот за набљудувачки балони во истражниот центар во Вашингтон, Вилијам Ким, за новинската агенција Франс прес изјави дека ваквите балоните се вредна алатка за набљудување што е тешко да се собори. Ким рече дека првиот кинески балон изгледа како нормален метеоролошки балон, но со различни карактеристики.

„Има прилично голема, видлива „оптоварување“ - електроника за наведување и собирање информации, напојувана од големи соларни панели“ изјави тој.

Ким додаде дека како што сателитите стануваат поранливи на напади, балоните имаат јасни предности. Прво, тие не се лесно видливи на радарите.

„Тоа се материјали кои не рефлектираат радарски сигнали, не се метални. Така, иако овие балони се шират до доста големи димензии, откривањето на самиот балон е проблем“, рече тој.

„Вештачката интелигенција му овозможи на балонот, само со читање на промените во воздухот околу него, да ја прилагоди својата висина за да го води каде сака да оди. Порано или мораше да имаш тегови, или само го испраќаш и оди каде и да го однесе ветрот“, рече Ким.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG