Достапни линкови

Вести

Над Струмица повторно пожар

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.
Нов пожар избувна попладнево во Струмица, во близина на местото каде што пред два дена во огнена стихија беа повредени 14 лица, од кои две починаа.

Дирекцијата за заштита и спасување информира дека веднаш се активирани екипи на Територијалната противпожарна единица, ЈП Македонски шуми и од општинското ЈП „Комуналец“, кои веќе два дена дежураат на овој терен.

Новиот пожар е на многу непристапен терен, гори борова шума, и постои опасност од негово нагло проширување и спуштање кон градот. Поради опасност пожарот да се пришири во населени места, од Дирекцијата за заштита и спасување е побарано и веќе се активирани противпожарните авиони.

види ги сите денешни вести

Молдавската претседателка предупредува на руско мешање во изборите во недела

Молдавската претседателка Маја Санду
Молдавската претседателка Маја Санду

Молдавската претседателка Маја Санду во вторникот издаде предупредување за руското мешање во изборите во нејзината поделена земја овој викенд.

„Кремљ троши стотици милиони долари за да купи стотици илјади гласови од двете страни на Днестар и во странство“, рече Санду во видео обраќање.

Реката Днестар, која тече приближно север-југ низ источноевропската земја, ја означува границата на отцепениот источен регион Транснистрија.

„Парите се делеа на стотици агитатори „за да предизвикаат хаос, да сеат насилство и да го заплашат општеството“, рече прозападната претседателка од Кишињев.

Таа ги поврза овие загрижености со полициските рации на национално ниво во понеделникот, во кои беа приведени 74 лица под обвинение за подготовка на масовни немири во земјата.

Според истражителите, некои од приведените имале обука за оружје во Србија.

Санду предупреди дека ако Русија ја добие контролата врз Молдавија, нејзината интеграција во Европската унија ќе биде загрозена, а исто така изрази и стравувања за Украина, соседот на Молдавија на исток.

„Нашата земја ќе стане место-помошник за продирање во регионот Одеса“, рече таа во врска со украинскиот регион на Црното Море.

Молдавската проруска опозиција ги опиша полициските рации како обид за заплашување. Лидерот на Партијата на социјалистите на Молдавија, Игор Додон кој беше претседател помеѓу 2016 и 2020 година, рече дека Санду и нејзините поддржувачи имале за цел да ја воведат земјата во војна со Русија, јавува руската новинска агенција ТАСС.

Во меѓувреме, Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) тврди дека ЕУ сака да ја окупира Молдавија и да распореди сили на НАТО во украинскиот регион Одеса, јавува германската новинска агенција ДПА.

НАТО ја предупреди Русија: „Ќе одговориме на сите провокации“

илустрација
илустрација

НАТО ја предупреди Русија дека ќе ги употреби „сите неопходни воени и невоени средства“ за да ги одбие заканите, откако во последните неколку недели имаше повеќе инциденти кога руски авиони или дронови влегоа во воздушниот простор на земји-членки на НАТО.

Членките на НАТО се состанаа на консултации во Брисел откако три руски борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор минатата недела, а голем број руски дронови навлегоа во полскиот воздушен простор порано овој месец.

Романија, исто така, забележа руски дрон како влегува во нејзиниот воздушен простор овој месец, а полетувањата и слетувањата на аеродромот во Копенхаген во Данска привремено беа запрени откако доцна синоќа беа забележани два до три дрона во близина на аеродромот.

„Русија не треба да има сомнеж: НАТО и сојузниците, во согласност со меѓународното право, ќе ги употребат сите неопходни воени и невоени средства за да се одбраниме и да ги одвратиме сите закани од сите насоки. Ќе продолжиме да одговараме на начин, во време и во домен што ќе го избереме. Нашата посветеност на Член 5 е непоколеблива“, се наведува во заедничкото соопштение издадено по состанокот.

Членките на НАТО кои се предмет на вооружен напад можат да побараат воена помош според Член 5 од договорот на алијансата.

Тошковски: Факт е дека во изминатите неколку месеци имаме хибриден напад

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на РСМ
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на РСМ

Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни и на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Не кажа повеќе детали, но истакна дека МВР постапува по случаите.

„Факт е дека во Македонија имаме хибриден напад во изминатите неколку месеци, од повеќе страни, на повеќе полиња имаме загрозување на одредени витални точки во државата. Тоа сите го гледаме. Тоа го гледа македонскиот народ, тоа го гледате Вие новинарите, тоа го гледаат и институциите. Дали постапуваме? Постапуваме. Дали можам дополнително да изнесам информации во јавност во овој момент? Не“, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по 16-та меѓународна научна конференција „Системска корупција - најголемата безбедносна закана: Безбедносно-стратешки пристапи за решавање на сложените предизвици“, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје.

Прашан дали има некоја нова трага или осомничени за „центрите на моќ“, за кои премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се одговорни за пожарите, Тошковски, само кратко одговори „да, имаме“, без да даде повеќе детали.

Во последниот период, за кратко време се случија неколку пожари во скопскиот регион. Гореа депонии, сервиси за возила и фабрики со опасен отпад. Претставници на власта изјавија дека земјава е цел на хидридни напади и подметнувања пожари од центри на моќ во земјава и од надвор.

По тврдењата за хибридни напади, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопштија дека ја следат состојбата, но дека Министерството за внатрешни работи е тоа што треба да открие вакви кривични дела.

По пожарите во поранешната градска депонија Вардариште и во актуелната Дрисла, беше запалена фабрика за електронски и електричен отпад во Трубарево, а гореше и сервис за возила во близина на Пинтија.

Шведска повикува на „воена готовност“ во Европа

Шведскиот министер за одбрана, Пал Јонсон
Шведскиот министер за одбрана, Пал Јонсон

Шведскиот министер за одбрана, Пал Јонсон, денеска (23 септември) ја повика Европа да ги зголеми подготовките за можен вооружен конфликт, поради заканата што ја претставува Русија.

„Мораме да усвоиме нов европски начин на размислување - да преминеме од менталитет на мир кон подготвеност за војна“, рече Џонсон во Берлин, пред средбата со својот германски колега Борис Писториус, пренесува ДПА.

Џонсон предупреди дека Русија масовно се вооружува и гради армија што е „сè посмртоносна“ и дека постигнува голем напредок во оружјето со долг дострел и електронското војување.

Тој ги даде овие изјави за време на настан во Фондацијата Конрад Аденауер, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на европската безбедносна политика.

Џонсон предупреди дека земјите-членки на НАТО мора потесно да соработуваат во областа на одбраната.

„Постои разновидност во рамките на алијансата кога станува збор за инвестиции во одбраната. Тоа не е добро. Не сакам да видам фрагментација во инвестициите во одбраната“, рече Џонсон.

Откако беше неутрална за време на Студената војна, Шведска се приклучи на НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина.

„Ја гледаме Украина како штит - или меч, ако сакате - против руската воена експанзија. Но, сега гледаме дека товарот на финансиската поддршка за Украина сè повеќе паѓа врз помал број сојузници во рамките на НАТО“, рече Џонсон.

Џонсон, исто така, повика на посилна билатерална одбранбена соработка со Германија, нагласувајќи дека двете влади треба да промовираат стандардизација и долгорочни договори.

Според него, Берлин и Стокхолм следат сличен пат кога станува збор за одбранбената стратегија.

Двете земји инвестираат рекордни суми во одбраната по долг период на недоволно инвестирање, додека се соочуваат со истите предизвици што ги претставува војната во Украина и руската закана во регионот на Балтичкото Море.

Утре и задутре скрининг за населението во Трубарево и околината

Жителка на село Трубарево, Скопје
Жителка на село Трубарево, Скопје

Министерството за здравство, во соработка со Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, организира дводневен скрининг на населението во Трубарево, што ќе се одржи утре и задутре, 24 и 25 септември, потврдија за МИА, министерот Азир Алиу и директорот на Клиниката, Оливер Зафировски.

„Скринингот ќе го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат потешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта, рече министерот Алиу.

Жители на Трубарево се плашат од последиците од пожарот
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 3:39 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Предвидено е скринингот да опфати комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.

„Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на лице место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија“, додава министерот Алиу.

Со оваа акција, како што посочи министерот, се овозможува навремено детектирање евентуални симптоми кај населението, со цел обезбедување на потребната здравствена заштита.

По неодамнешниот пожар во Трубарево каде што гореше складиште за електронски отпад, жителите се исплашени за последиците за нивното здравје.

Од Министерствот за животна средина информираа дека концентрациите на PM10 честички во зоната на Трубарево се безбедни и не ја надминуваат законската граница, додека испитувањата и на воздухот и на почвата продолжуваат и натаму.

И според резултатите од Индикативните мерења на суспендирани цврсти честички, во зоната на Трубарево, во периодот 14-18 септември 2025 година, што ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, воздухот во Трубарево не е загаден со ПМ 10 честички.

Министерството за здравство на 16 септември соопшти дека во примероците од вода и почва земени по пожарот не биле откриени радиоактивност ниту опасни концентрации на тешки метали. Анализите на Институтот за јавно здравје опфатиле 16 тешки метали и покажале дека резултатите се во рамки на референтните вредности.

Калас: Признавањето на Палестина нема да ја подобри хуманитарната состојба во Газа

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас

Подобрувањето на хуманитарната ситуација на Газа на што постојано работиме, не зависи од признавањето на Државата Палестина, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Кала,с по средбата на шефовите на дипломатиите на Унијата со нивните колеги од Бразил, Индија и Мексико, што се одржа синоќа (22 септември) во Њујорк.

„Сите европски земји го поддржуваат решението за две држави. Значи, за да имаме две рамноправни држави, преземени се чекори од некои земји членки во врска со признавањето, со цел да се испрати јасен сигнал дека европските земји ги поддржуваат и Палестинците во овој конфликт. Тоа значи безбеден и сигурен Израел и одржлива палестинска држава“, рече Калас.

Според неа, министрите биле јасни во своите ставови дека решението за две држави е најдобрата шанса за траен мир на Блискиот Исток, бидејќи поддршката на овој модел значи дека всушност постојат и Израел и Палестина.

Таа истакна дека актуелната ситуација во Газа претставува „катастрофален неуспех на човештвото“ и ја повика израелската Влада веднаш да ги отстрани сите хуманитарни ограничувања.

„Јасно е дека Хамас (САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) мора да го положи оружјето и да ги ослободи сите заложници, но и проширувањето на доселеничките населбите и анексијата на територии се некомпатибилни со мирот. Во Европската Унија се обидуваме да го насочиме фокусот кон помагање на луѓето на терен и вистинско подобрување на хуманитарната ситуација. Ние сме најголемиот донатор на хуманитарна помош и силен поддржувач на Палестинската самоуправа“, рече Калас.

Високата претставничка на ЕУ додаде дека на состанокот станало збор и за војната во Украина, нагласувајќи дека со секој руски воздушен напад се намалуваат перспективите за мир.

„Русија покажува апсолутен презир кон секој обид за дипломатија. Постојаните нарушувања на воздушниот простор на Европската Унија од страна на Москва се неодговорни, опасни и ризични ситуации што можат да излезат од контрола, а ние треба да бидеме цврсти“, рече Калас, додавајќи дека во тој правец е и новиот пакет санкции кон Русија, што Европската комисија го предложи во петокот.

Калас истакна дека влијанието на војната на Русија се чувствува и надвор од Европа.

„Секој ден Русија ги крши основните принципи на Повелбата на ОН. Заедно со нашите колеги, денес разговаравме и за тоа дека мултилатералниот поредок е навистина нешто што сите треба да го браниме, а Повелбата на ОН е во неговата суштина“, додаде Калас.

Данска се соочува со „висока закана од саботажа“ откако беспилотни летала го затворија аеродромот

Аеродромот во Копенхаген, Данска
Аеродромот во Копенхаген, Данска

Данската разузнавачка служба на 23 септември соопшти дека Данска се соочува со „висока закана од саботажа“, откако големи беспилотни летала летале над аеродромот во Копенхаген со часови, предизвикувајќи негово затворање.

„Се соочуваме со висок ризик од саботажа во Данска. Некој можеби не сака нужно да нè нападне, туку да ни предизвика стрес и да види како ќе реагираме“, изјави на прес-конференција Флеминг Дрејер, директор за операции во данската разузнавачка служба ПЕТ.

Данската полиција претходно изјави дека не знае кој стои зад беспилотните летала, но дека доказите сугерираат дека станува збор за „способен актер“.

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека дроновите кои ја попречија работата на аеродромот во Копенхаген претставуваат „најсериозен напад врз критичната инфраструктура на Данска досега“, пренесе денеска новинската агенција Рицау.

„Ова кажува нешто за времето во кое живееме и за тоа на што како општество треба да бидеме подготвени. Секако, не исклучуваме ниту една можност за тоа кој стои зад тоа“, додаде таа.

Фредериксен нагласи дека инцидентот е во согласност со неодамнешните појави на дронови, нарушувања на воздушниот простор и кибер напади врз европските аеродроми.

Полетувањата и слетувањата на аеродромот привремено беа запрени откако доцна синоќа беа забележани два до три дрона во близина на аеродромот. Неколку летови беа пренасочени.

Истражителот на Копенхагенската полиција, Јенс Јесперсен, изјави дека врз основа на бројот и големината на дроновите, како и времето на инцидентот, властите веруваат дека зад нападот веројатно стои „способен оператор“. Тој додаде дека таков оператор би поседувал вештини, намера и алатки за извршување на операцијата.

Трамп ќе разговара за Газа со претставници од земјите со муслиманско мнозинство

Појас Газа
Појас Газа

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, денеска (23 септември) ќе се сретне со лидери и претставници од неколку земји со муслиманско мнозинство за да разговараат за ситуацијата во Газа, која се соочува со зголемена офанзива од сојузникот на Вашингтон, Израел.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека Трамп ќе одржи мултилатерален состанок со Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Египет, Јордан, Турција, Индонезија и Пакистан.

Лице запознаено со разговорите изјави дека темата ќе биде Газа, објави Ројтерс.

Според информативниот портал Аксиос, Трамп ќе ѝ презентира на групата предлог за мир и управување со Газа по војната.

Покрај ослободувањето на заложниците и завршувањето на војната, се очекува Трамп да разговара за американските планови за израелско повлекување и управување со Газа по војната, без вклучување на Хамас, кој Вашингтон и Европската Унија го сметаат за терористичка организација.

САД сакаат арапските и муслиманските земји да се согласат да испратат воени сили во Газа за да го олеснат повлекувањето на Израел и да обезбедат средства за програми за транзиција и реконструкција, пишува Аксиос.

Трамп ќе се обрати пред Генералното собрание на Обединетите Нации, еден ден откако десетици светски лидери се собраа во Њујорк за да го поддржат создавањето палестинска држава, што е голем дипломатски пресврт, речиси две години по војната во Газа, кој се соочува со жесток отпор од Израел и САД.

Некои земји рекоа дека решението за две држави е единствениот начин за постигнување мир, но Израел рече дека признавањето на палестинска држава би било награда за екстремизмот.

Израелската офанзива врз Газа, од октомври 2023 година, уби десетици илјади луѓе, го расели целото население на Газа во рамките на територијата и предизвика криза со глад. Многу експерти за човекови права, академици и истрагата на Обединетите Нации ја окарактеризираа оваа ситуација како геноцид.

Израел ги нарекува своите постапки самоодбрана, по нападот на Хамас во октомври 2023 година, во кој загинаа 1200 луѓе и беа земени повеќе од 250 заложници.

За време на војната во Газа, Израел, исто така, ги бомбардираше Иран, Либан, Јемен, Сирија и Катар. Трамп вети брз крај на војната во Газа, но решение сè уште не е постигнато, осум месеци по неговиот мандат.

Мандатот на Трамп започна со двомесечно примирје меѓу Израел и Хамас, кое заврши кога израелските воздушни напади убија 400 Палестинци на 18 март. Неодамна, сликите од гладни Палестинци, вклучувајќи и деца, предизвикаа глобален бес поради израелската офанзива.

Во февруари, Трамп предложи САД да ја преземат контролата врз Газа и трајно да ги отстранат Палестинците од областа.

Овој план е окарактеризиран од експерти за човекови права и Обединетите Нации како „етничко чистење“. Присилното преселување е нелегално според меѓународното право. Трамп го претстави планот како идеја за реконструкција на областа.

Молдавската полиција спроведе голема акција поради наводно мешање на Русија во изборите

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека Русија вложува стотици милиони евра за да купи гласови пред изборите.
Фото: 21 септември 2025 година.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека Русија вложува стотици милиони евра за да купи гласови пред изборите. Фото: 21 септември 2025 година.

Молдавската полиција изврши повеќе од 200 претреси поради наводни напори поддржани од Русија за дестабилизација на земјата пред парламентарните избори во недела, додека претседателката Маја Санду предупреди дека Москва троши стотици милиони евра за да влијае врз гласањето.

Изборите со висок влог би можеле да бидат клучни за кандидатурата на Молдавија за влез во Европската унија, што, според наводите, Москва се обидува да го попречи преку тактики како дезинформации, организирање масовни нереди и купување гласови.

Молдавската полиција соопшти дека истражителите и безбедносните сили извршиле 250 претреси кај повеќе од 100 лица, но не ја прецизираше политичката припадност на метите на акцијата.

„Претресите се поврзани со кривична постапка за подготвување масовни нереди и дестабилизација, кои биле координирани од Руската Федерација преку криминални елементи“, се наведува во соопштението.

Русија ги негира обвинувањата за мешање во внатрешните работи на Молдавија и тврди дека владата на Санду поттикнува антируско расположение за да добие повеќе гласови.

На брифинг во главниот град Кишињев, безбедносни функционери изјавија дека руски разузнавачки оперативци обучуваат молдавски граѓани во Србија за тактики на протест. Властите уапсиле 74 лица како резултат на претресите, додадоа тие.

Еден од лидерите на проруската партија „Патриотски блок“, за кој се очекува да биде силен противник на владејачката проевропска Партија на акција и солидарност (ПАС), претходно изјави дека некои членови на блокот биле мета на рациите.

„Криминалниот режим на ПАС се обидува да нѐ заплаши, да го исплаши народот и да нè замолчи“, напиша поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, на Телеграм.

Санду, која неделното гласање го опиша како „најзначајните избори“ во историјата на Молдавија, ја обвини Москва дека води субверзивна кампања со цел да влијае на резултатите од изборите и да го задржи Кишињев во нејзината сфера на влијание.

Минатиот месец, бегалецот тајкун Илан Шор, против кого САД и ЕУ имаат воведено санкции како наводен руски агент, јавно им нудеше на Молдавците месечни исплати од 3.000 долари за да се приклучат на антивладините протести.

Во видео-обраќање во понеделникот, Санду предупреди дека суверенитетот на Молдавија е „во опасност“ и дека руското мешање ќе има далекусежни последици за Европа.

„Кремљ инвестира стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двете страни од реката Дњестар и во дијаспората“, рече таа.

„Луѓето секојдневно се трујат со лаги. Стотици поединци се платени за да предизвикуваат нереди, насилство и да шират страв“, изјави претседателката на Молдавија.

ДИК: Потврдени 303 листи за градоначалник на општините и на Град Скопје

Локални избори 2025/Илустрација
Локални избори 2025/Илустрација

Според статистиката добиена во Државната изборна комисија, вкупно потврдени листи за градоначалници на општините и Градот Скопје се 303, а за членови на советите во општините и Советот на Град Скопје се потврдени вкупно 558 листи, соопшти вечерва прес-службата на ДИК.

За општините Куманово, Аеродром, Карпош и за Град Скопје, ДИК информира дека сѐ уште има листи кои се во фаза на отстранување на неправилности по доставено известување од општинските изборни комисии. Од нив вкупно осум листи за градоначалник се во процес на отстранување на неправилностите, а 20 листи за членови на советите на општините и советот на Град Скопје.

Од доставените листи, отфрлени се вкупно пет листи за градоначалник на општина и тоа по една листа за општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.

-По завршување на процесот на потврдување на кандидатските листи, следува ждрепката за утврдување на редоследот на единствената листа на кандидати која ќе се одржи на 25 септември 2025 година, најавува Државната изборна комисија.

Рокот за поднесување кандидатури за локалните избори истече на 13 септември.

Локалните избори се закажани за 19 октомври. Ќе се бираат градоначалници и совети во 80 општини и Градот Скопје.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG