Достапни линкови

Молк за преговорите за името пред Чикаго


Премиерот Никола Груевски се сретна со неговиот грчки колега Лукас Пападимос на маргините на Самитот на ЕУ во Брисел на 1 март годинава.
Премиерот Никола Груевски се сретна со неговиот грчки колега Лукас Пападимос на маргините на Самитот на ЕУ во Брисел на 1 март годинава.

Еден месец по средбата Груевски-Пападемос нема никаков сигнал или најава за нова средба или интензивирање на разговорите меѓу Македонија и Грција.

Би почекал да го видам фидбекот од средбата. Би требало да оставиме некоја недела да видиме дали ќе има некој позитивен одговор од таа средба кој што ќе ги динамизира понатамошните наши контакти и ќе даде некој резултат кој ќе биде на задоволство на двете земји, изјави премиерот Груевски кога пред еден месец се сретна со неговиот грчки колега Лукас Пападимос.
Одлуката од Букурешт и Лисабон останува. Македонија има покана за да стане членка на НАТО, но штом се постигне заедничко прифатливо решение за билатералното прашање меѓу двете земји.
Мариет Шурман, амбасадорка на Холандија.

Еден месец по средбата нема никаков сигнал или најава за нова средба или интензивирање на разговорите меѓу двете страни. Не успеавме да добиеме информација од Владата за тоа до каде е процесот и го доби ли Груевски саканиот фидбек.

Во меѓувреме, пак, во јавноста се појавија информации дека кон крајот на месецот, министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе замине во Њујорк и во Вашингтон. Целта, според најавите, е да се заокружи дипломатската офанзива за да се издејствува Македонија да биде ставена на агендата на самитот на НАТО во Чикаго.
Одлуката на Меѓународниот суд за правда од Хаг е одлука за однесувањето на двете страни во однос на Времената спогодба, а не за одлуката на НАТО која се носи со консензус.
Мариет Шурман, амбасадорка на Холандија.

Според информациите во дел од медиумите, Попоски ќе се сретне со медијаторот Метју Нимиц и со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун. Информациите дека овие разговори се последна шанса за испитување на можностите за решение на спорот околу името пред самитот во мај, од Министерството за надворешни работи не ги потврдија. Оттаму кусо одговорија дека се уште нема потврда за таква посета на министерот Попоски.

Деновиве меѓународните претставници во земјава потсетија дека на Македонија не и треба самитот во Чикаго за да стане членка на Алијансата. Амбасадорката на Холандија во земјава, Мариет Шурман изјави дека земјава може да стане членка штом ќе го реши билатералниот спор со името.

„Одлуката од Букурешт и Лисабон останува. Македонија има покана за да стане членка на НАТО, но штом се постигне заедничко прифатливо решение за билатералното прашање меѓу двете земји“, изјави Шурман.

Шефот на државата, Ѓорге Иванов, пак, останува на ставот дека НАТО мора да ја преиспита својата одлука од Букурешт на претстојниот самит во Чикаго, пред се поради пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Но се чини дека очекувањата дека пресудата ќе ја промени одлуката на НАТО, се неоправдани.

„Одлуката на Меѓународниот суд за правда од Хаг е одлука за однесувањето на двете страни во однос на Времената спогодба, а не за одлуката на НАТО која се носи со консензус“, изјави амбасадорката на кралството Холандија, која ја претставува контакт амбасадата за НАТО.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG