Достапни линкови

За барокно Скопје за пари не се прашува


Колку чини проектот Скопје 2014, прашање е сега, а богами и неколку години наназад. За одговорот од надлежните институции очигледно е дека ќе почекаме.

Ако ние не можеме во Европа, таа ќе дојде кај нас. Скопје ќе го направиме Европа во мало. Зошто да шетаме низ европските градови за да видиме неокласична архитектира, споменици на важните луѓе од историјата, модерни градби и реквизити кога сето тоа што низ Европа се правело со векови ние ќе може да го видиме во главниот град за само неколку години.
Па некаде околу 200 милиони евра, според некои неофицијални бројки, не верувам дека е 80 или 50 милиони како што викаа. Не е логично да е толку, со оглед на тоа дека се е скапо, криза е рецесија.
Анкетира граѓанин

Град Скопје, по Одлуката донесена од Советот, спроведе јавен повик за доделување на право и издавање на одобрение за поставување на урбана опрема за вршење на угостителска дејност на Кејот на реката Вардар.
Град Скопје, по Одлуката донесена од Советот, спроведе јавен повик за доделување на право и издавање на одобрение за поставување на урбана опрема за вршење на угостителска дејност на Кејот на реката Вардар.
​Во Вардар се градат две италијански фонтани, до нив ќе има брод кој што може да ве потсетува на Пиратите од Карибите, само што ќе го гради компанија што се вика „Фаланга ДИМ“. Малку погоре, пред Камениот мост ќе се засадат врби во реката Вардар за да и се „оддаде почит на вегетацијата“. А над нив, налик на Лондон, ќе надвисне и Панорамско тркало.

Потоа по примерот на Франција, веќе си поставивме наша Триумфална капија на македонски начин со историски мотиви. Недостасува само кривата кула во Пиза да се постави во центарот на Скопје, само што ние не би си дозволиле грешка, па кулата би ја направиле права.

Изгледот на Прага набрзо ќе светне и во Скопје, класичната архитектура за која тамошните власти се грижеле неколку стотини години, наскоро ќе ја донесеме и тука, за само две години ќе ја пренесеме на плоштадот.
Изгледа тоа е некоја поголема сума со која што би можело некои други работи да би се покрепиле како на пример во здравството, ова сега е само слика.
Анкетиран граѓанин.


Пола барок, пола Кока Кола

Старата зграда на „Пелистер“ на плоштадот во Скопје веќе стана пола барок, пола Кока Кола, дел од неа има нова фасада во неокласичен стил, додека последниот кат е недоправен, веројатно да потсетува како било досега.

Но, забавата продолжува. Додека чекаме некој политичар „машки“ да излезе и да ни каже колку пари досега се потрошени за овој проект и каква е неговата целисходност, во меѓувреме може и да се насмееме. Темата Скопје 2014 се најде и на репертоарот на стендап-
Скопје 2014, ноќе свети во разни бои
Скопје 2014, ноќе свети во разни бои
комичарот и глумец Сашко Коцев на последното доделување на „Златна бубамара на популарноста“. Во својата изведба пред публиката го опиша барокниот живот на граѓаните, иронично тврдејќи дека не станува збор за уназадување од 300 години на земјава, туку дека со барокниот изглед на Владата ќе се натера опозицијата да изгуби секаква желба да стапне во таа зграда во која и седниците ќе станат барокни.
Но да ви кажам сега колку ќе чини целиот објект, а целиот објект се уште не е завршен, не можам да ви ја кажам точната сума бидејќи не се завршени сите тендери кои што ќе го затворат целиот објект.
Елизабета Канческа Милевска, Министерка за кулура.

Но и примерот со Дизниленд на градските власти им се гледа интересен, па ќе се постави и една Вртелешка во самиот центар на Скопје, за која Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, по петти пат распиша тендер. Директорот на ова претпријатие не верува дека вртелешката би добила барокни елементи, затоа што, како што вели, сепак на неа требало да и се радуваат децата.

Додека децата си се вртат и радуваат, нивните родителите ќе можат да прошетаат низ времето односно низ плоштадот каде што ќе можат да се потсетат на часовите по историја.
Воин на коњ.
Воин на коњ.

Александар Македонски, во Скопје познат како Воин на коњ, рамо до рамо со Самоил го поздравуваат Јустилијан Први кој е во друштво на Гоце Делчев и Даме Груев. Нивниот грб го штитат Гемиџиите од една страна и Методија Андонов Ченто од друга. Сето тоа е закитено со скопските шмизли, оти веројатно немало позната македонска жена која заслужила да биде во нивно друштво.
Од податоците кои што се дадени во извештајот за јавни набавки, гледаме дека од буџетот за услуги на град Скопје му се дадени 15 милиони евра а на општина Центар 12 милиони евра. Тоа се што? Ниту во градот ниту во општина нема податоци за капитални инвестиции кои се тие капитални инвестиции, затоа што само такви можат да се финансираат од буџетот.
Слаѓана Тасева, Транспаренски интернешнл.


Нивните колеги, големите државници од поново време се поставени на повисоко, на покривот на новото Министерство за надворешни работи. Но, не се гледаат убаво, оздола гледано нивните статуи личат на шаховски фигури.

Нивното друштво од ден на ден се зголемува, па во нивна близина свое место добија и историски ликови од римско, па преку турско до борци од Втората светска војна и луѓе кои оставиле свој државнички печат во комунузмот и социјализмот. А за тие што повеќе нема место, ќе си добијат своја улица.

Идеја за нови споменици предложија и К-15 кои сметаат дека ни недостигаат споменици на министри.

На социјалните мрежи се појави група која побара парите наменети за Скопје 2014 да им ги дадат на охриѓани за Охридско Езеро да го направат море.

Ако мислите дека се шегуваме, се лажете, вака ќе изгледа новото Скопје за две години според планот на локалната и централната власт.

Но време е да ги погледеме работите малку посериозно. А што има посериозно од парите?

Колку чини Скопје 2014, прашање е сега

Колку чини проектот Скопје 2014, прашање е сега, а богами и неколку години наназад. За одговорот од надлежните институции очигледно е дека ќе почекаме. Невладините организации кои се занимаваат со следење на јавните набавки сметаат дека досега не се знае кој за што и колку плаќа, а целиот проект во себе содржи основани сомневања за корупција.

Власта молчи за целосната сума потрошена за проектот, тврдејќи дека се се одвива на транспарентен и законски начин, додека, пак, опозицијата од време на време излегува со свои пресметки и претпоставки дека се потрошени повеќе од 250 милиони евра.

Архитектите во јавноста и баш ги нема, дел од нив кои се обидовме да ги консултираме, одбиваат да коментираат и велат дека голем дел од проектот е во завршна фаза, па дебата и евентуални забелешки сега би биле непродуктивни.

Граѓаните, пак, изморени од политиката велат дека не ни очекуваат да ја дознаат вистинската цена на проектот Скопје 2014.

„Мислам дека никогаш нема ни да ја дознаме бројката. Не верувам дека реалната бројка ќе излезе во јавност.“

„Изгледа тоа е некоја поголема сума со која што би можело некои други работи да би се покрепиле како на пример во здравството, ова сега е само слика.“

„Па некаде околу 200 милиони евра, според некои неофицијални бројки, не верувам дека е 80 или 50 милиони како што викаа. Не е логично да е толку, со оглед на тоа дека се е скапо, криза е, рецесија.“

Пред повеќе од две години, премиерот Никола Груевски ги демантираше тврдењата на опозицијата дека проектот Скопје 2014 чини 200 милиони евра, истакнувајќи дека тој проект во 8 буџетски години ќе чини вкупно 80 милиони, односно кога ќе се подели значи дека годишно од буџетот ќе излегуваат само по 10 милиони евра. Од тогаш се сменија многу работи. Основниот проект којшто беше презентиран во јавноста со видео клип (кој општината Центар ја чинеше 153 илјади евра) се надгради и прошири за неколку споменици, бродови, објекти, и се разбира дополнувања во основните договори за градби како анекс договори со кои се предвидуваат дополнително пари.

Па ако политичарите останат на ветувањето дека овој проект ќе се гради 8 години со оглед што досега е речиси завршен, значи дека вредноста на проектот уште ќе расте.

Сега проектот брои над 50 скулптури во радиус од 1, 5 километри од централниот споменик Воин на коњ кој е висок 22 метри, дополнет е со реконтрукција на згради меѓу кои и Парлементот, со куполи и нови фасади, скулптури на историски личности во бронза, мермер, бетон и камен, потоа вештачки плажи, катни гаражи во барокен стил и слично.

Дали Скопје 2014 чини 80 милиони евра?

Ако се земат предвид само 4 грандиозни објекти кои се под капата на министерство за култура и податоците кои се достапни нив, односно за Порта Македонија, Стариот театар, Македонската филхармонија и Музејот на македонската борба кои чинат повеќе од 55 милиони евра, значи дека 80 милиони евра не е конечниот и точен одговор.

Доколку на ова се додадат и објектот на МНР, кој според основниот договор објавен на Бирото за јавни набавки, чини 16 милиони евра, зградата на Уставниот суд чија вредност е 25 милиони евра, реконструкцијата на Собранието е 12,8 милиони евра, мостот Око со скулптури 2 милиони евра и спомениците кои изнесуваат околу 30 милиони евра без при тоа да влезат во пресметката анекс договорите кои дополнително ја зголемуваат цената се добива основна цифра од 115 милиони евра испланирани во 2010-та година.

Тука не влегуваат објектите кои подоцна започнаа со изградба по 2010-та како што се агенцијата за електронски комуникации, зградата на Обвинителството и Финансиската полиција, Градската куќа, Колонада независна Македонија, бројни фасади, мостови, како и парите кои подоцна се вложени или треба да се вложат во внатрешноста на зградите.

Главни играчи во овој проект се општината Центар, Министертвото за култура и владиниот сектор за општи и заеднички работи и по некој објект од Град Скопје. Иако во јавноста постои мислење дека конечната цифра е непозната, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска не се согласува со таквата констатација затоа што според неа, сите договори кои што се склучени со изведувачите се јавни и достапни на интернет страна на Биро за јавни набавки. Таа во интервју за Радио Слободна Европа, пред година и половина изјави дека не може да каже точно колку чинат сите објекти.

„Јас можам да ви кажам дека за Стариот театар договорот за карабина е околу два милиони евра, потоа имаме договор за инсталации итн. Значи има фазно градење каде што имаме неколку договори во однос на целата изградба, на пример Музејскиот комплекс е „клуч на рака“ и самиот договор што е склучен со Бетон - Штип околу карабината и сите останати фази е околу четири и пол милиони евра, значи за целокупната градба. За другите објекти за она што е склучен договорот, сумата можам да ви ја кажам. Договор постои, тој го има на Бирото за јавни набавки и може точно да се види сумата, но да ви кажам сега колку ќе чини целиот објект, а целиот објект се уште не е завршен, не можам да ви ја кажам точната сума бидејќи не се завршени сите тендери кои што ќе го затворат целиот објект.“

Домашниот есап на пазар не излегува

Според она што е достапно на интернет страната на Бирото за јавните набавки може да се види дека речиси сите основни договори биле проширени и надградени со анекс договори за таканаречени непредвидени и дополнителни работи. Основниот договор за Стариот театар со изведувачот Бетон Штип, кој изнесува 4,5 милиони се претвори во 30 затоа што се потпишани 7 дополнителни анекси за непредвидени трошоци во вредност од 25 милиони евра. Во тие анекс договори спаѓаат и пари за набавки, инсталација, изработка и монтажа на инсталација, изработка на склуптури во гипс, опрема, мебел, браварски услуги и други работи. По некоја градежна логика кога на пример градите куќа, ваквите работи треба да ги испланирате порано затоа што сепак логично е кога се договарате со изведувачот да планирате пари и за електрична инсталација и за мебел кој ќе го ставите во куќата.

Слични анекс договори се направени и за Музејот на македонската борба. Шестте анекс договори за непредвидени и дополнителни трошоци се во вредност од 13 милиони евра. Чудно е што во музеј во кој главен елемент се восочните фигури, тие не се предвидени во основен договор туку за нив дополнително се потрошени 1,5 милиони евра, потоа како дополнителен трошок се предвидени и еден милион евра за масовно сцени, 100 илјади евра за рамки за слики, 200 илјади евра за проект за мебел а потоа и 800 илјади евра за мебел, како и 2,3 милиони евра за уредување на ентериерот.

Со последните промени кои беа направени минатата година зградата на Уставниот суд која се наоѓа на левата страна на Вардар го чини буџетот 32 милиони и 300 илјади евра. На основниот договор за градба на Уставниот суд од 25 милиони евра склучен со градежната компанија „Гранит“ во два наврати годинава се потпишани анекси од скоро 4,5 милиони евра. Цената се зголеми и со договорите за ентериерот од 2,4 милиони евра.

Токму анекс договорите за невладините организации кои ги следат јавните набавки се спорни затоа што со нив неколкукратно се зголемува сумата предвидена за некој објект и преку нив се излеваат милионски суми од буџетот. Ваквиот начин на објавување на тендери овозможува фирмата изведувач да понуди најниска цена на тендерот за потоа со анекс договор да извлече и до 30 проценти повеќе од основната договорена сума. Со ова се исполнува и законскиот критериум да не се распише нов тендер и фирмата да земе повеќе пари од првично предвиденото.

Првиот човек на „Транспаренси Интернешнл- Македонија“ Слаѓана Тасева вели дека во последниве неколку години постојано укажуваат на незаконистости на трошењето на јавните пари.

„Од податоците кои што се дадени во извештајот за јавни набавки, гледаме дека од буџетот за услуги на град Скопје му се дадени 15 милиони евра, а на општина Центар 12 милиони евра. Тоа се што? Ниту во градот ниту во општина нема податоци за капитални инвестиции кои се тие капитални инвестиции, затоа што само такви можат да се финансираат од буџетот.“

Вториот спорен момент е непочитувањето на одредбите на Законот за меморијални споменици и спомен одбележја затоа што законот е сосема јасен околу тоа што е спомен одбележје, а што се меморијални споменици кои се е во исклучива надлежност на Собранието на Република Македонија.

„Има трошења за спомен обележја, а тие не можат да се финасираат од буџет на државата, значи постојат многу сериозни индиции“, вели Тасева.

Во објаснувањата на огласите за дополнителни трошоци ретко се наведени причините и кои се непредвидените работи што некоја фирма треба да ги изврши. Очигледно народната „домашниот есап на пазар не излегува“ неколкукратно емпириски се докажува.

Претседателот на антикорупциската комисија Воислав Зафировски неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека законот за јавни набавки дозволува и овозможува да се правата анекс договори кои може да ја зголемат вредноста на еден објект за одреден процент.

„Во тие рамки ние досега немаме сознание од остварениот увид во документацијата која се однесува на проектот Скопје 2014 дека има прекршување на законски утврдените лимити, но тоа не значи дека Државната комисија за спречување на корупција секогаш кога ќе има вакви информации истите да ги стави под лупа.“

Државниот ревизор не се согласува со констатациите дека целиот проект се одвива според законот и прописите. Последниот ревизорски извештај крена многу прашина во јавноста, па и двете најголеми политички партии во земјава различно го протолкуваа, додека Јавното обвинителство кое би требало да постапи по него како и во досегашната пракса не се произнесе во јавноста.

За СДСМ, проектот Скопје 2014 е пералница за пари затоа што ревизорот утврдил дека не постои тендер или договор од тој проект за кој нема забелешка за незаконско работење и сомнително трошење на народни пари. Додека, пак, во писмената реакција на Министертвото за култура е наведено дека ревизорот изразува позитивно мислење за примената на законската регулатива, а не како што тврди опозицијата.

Но и пред тоа, државниот ревизор излезе и со забелешки за работата и на општината Центар односно дека општината била должна да ја поништи постапката со која бил склучен договор за монументалниот споменик на Александар Македонски поради битни недостатоци во тендерската документација.

„Бидејќи се направени суштински измени во проектната документација, договорниот орган требало да распише нова постапка за јавна набавка, а не да ја користи формата на непредвидени работи и дополнителни работи и анекс-договор“, се вели во ревизорскиот извештај.

Само за лиење на скулптури и релјефи во бронза се потрошени над 12 милиони евра кои се платени на италијанската леарница Фернандо Маринели, без при тоа да го вклучиме и Воинот кој чини 3 милиони, а фонтаната со придружната содржина 3,1 милион евра.

Тогаш дел од медиумите објавија цени за леење на спомениците на леарница до Верона – Арте Бронзо, што се за три пати пониски цените од победничката леарница во Фиренца. Според нивните цени, лавовите би чинеле 500 000 евра наместо еден милиони и 150 илјади евра, Никола Карев би чинел 90.000 евра наместо 750.000, додека Гоце Делчев и Даме Груев заедно би вределе 400.000 евра наместо 850.000 евра.

Вкупно за досега поставените споменици се потрошени околу 30 милиони евра.

Скопје 2014 се изгради, политичките препукувања не престанаа

Потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев на една од прес-конференциите за Скопје 2014 изјави дека скулптури од светски познати автори изработени во ист материјал чинат 10 пати помалку од оние што ги нарачува Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Скулптурата Менторс, прогласена за најдобро дело на јавна уметност во Калифорнија во 2000 година, изработена во бронза од светски реномираниот американски автор Аристидес Деметриос, висока 6 метри чини 230 илјади евра. Се разбира, со вклучен авторски хонорар. Само за потсетување, леењето на споменикот на воин, граѓаните ќе ги чини 3 милиони евра. Тука не е пресметан хонорарот од 1,5 милиони евра за доскорешниот тотален анонимус Валентина Стефановска.“

Уште еден голем пропуст при постапката на доделување и изработка на спомениците забележал државниот ревизор во општината, а тоа големата разлика меѓу пресметковната вредност според која биле распишани огласите и вредноста на склучените договори. Пресметковната вредност според која одборот за подигање спомен-обележја на општината Центар ги распишал огласите за идејни решенија изнесувала нешто повеќе од 800.000 евра, а потоа биле доделени договори во износ од над 2,2 милиони евра.

„Нереално утврдената пресметковна вредност во конкурсните услови создава ризик од неучество на одредени автори во конкурсната постапка и намалена конкурентност“, се вели во извештајот.

Разлика меѓу пресметковната вредност во распишаните огласи и склучените авторски договори за одделни споменици(во евра).
Споменик Пресметковна вредност Склучен договор
Воин на коњ 487.000 1.400.000
Гоце Делчев и Даме Груев 130.000 310.000
Никола Карев 81.000 168.000
Цар Самуил 65.000 105.000
Ченто 65.000 86.000

Прашањето за вистинската сума за целиот проект Скопје 2014 неколкупати досега се најде на дневниот ред на собраниските седници каде што политичарите во партиската пресметка ја покажуваа и нивната култура. Собраниската сала на тие седници личеше на колосеум каде се гледаат гладијаторски битки, пратениците со довикувања, аплаузи, скандирања и гласни негодувања ги проследуваа забелешките и контрарепликите на пратениците од говорницата.

Пратеникот на СДСМ Иван Ивановски од собраниската говорница порача дека проектот Скопје 2014 е пералница на пари.

„Во Скопје 2014 не е работата за естетика и архитетктите што ги набројувате, се работи само за една работа криминал, перална на пари и тоа портокалова.“

Одговор следуваше од пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Наташа Јаневска.

„Ние не треба да градиме споменици на Јане, на Ченто, на Питу туку треба да изградиме еден единствен споменик на октопотод и да го поставиме во центарот на градот Скопје. Е тогаш верувам дека ќе ви се смират страстите.“

Ивановски ги праша пратениците од владеачкото мнозинство зошто ги лажат граѓаните.

„Па сетете се дека вие и Груевски ја лажевте македонската јавност дека проектот ќе чини 80 милиони евра, па само до сега се потрошени 200, 300 милиони а кај и да е ќе стигне до 500 милиони евра. Па зашто мислите дека ако лажете некој ви верува?“

На тоа пратеникот Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ одговори :

„Не знаете колку пари чини проектот Скопје 2014, јас ќе ви кажам, чини толку пари колку што вие украдовте од ТАТ.“

И покрај целодневните навреди меѓу владеачкото мнозинство и опозицијата повторно остана непознато колку чини целиот проект Скопје 2014. Според опозицијата, досега се потрошени меѓу 150 и 300 милиони евра, а целиот проект може да достигне и над половина милијарда евра.

И додека градбите и спомениците од Скопје 2014 еден по еден се завршуваат, лондонски Економист се потсмеа со целиот проект. Авторот Тим Џуда го спореди со стрип од Астерик и Обеликс. Тој оцени дека проектот предизвикува делби во општеството и кавги со соседите Грци – кои ги обвинуваат Македонците за присвојување на Александар и на хеленистичката култура.

Покрај Економист, голем број на странски медиуми известуваа за проектот, во дел од нив имаше позитивни критики за новиот лик на главниот град додека во дел од нив се забележуваше доза на потсмев.

Приказната за Скопје 2014 не е единствена во светот. Многу градови во светот се одлучиле да напратат целосна промена ликот на главниот град, некои од нив во потрага по идентитет, истакнувајќи ја својата уникатност, други покажувајќи ја својата моќ а некои пак во обид да предизвикаат економски раст.

На пример во Тирана неодамна неколку меѓународни компании претставија проекти за проширување и продолжување на главниот булевар во градот за 1,7 километар, заедно со план за спасување на реката Лана и за уредување и развивање на просторот околу речното корито во должина од 6,7 километри. Најдобриот проект ќе го избере комисија составена од локални и од странски архитекти, предводена од актуелниот градоначалник на Тирана, Љуљзим Баша. Проектите кои беа презентирани а можат да се најдат на Youtube, изгледаат модерно, со прави форми и во чекор со времето. Голем дел од проектите се обележани со националните симболи но во модернизирана варијанта.

Младите држави кои во последниве дваесет години прогласиле независност се во потрага по својот идентитет и обид тој идентитет да го врежат во својот главен град покажувајќи му на светот кои се тие навистина. Пример за тоа може да се земе Казахстан каде што минатата година на прославувањето на 20- годишнината од независноста на земјата, претседателот Нурсултан Назарбајев при голема свеченост во Астана ја отвори нивната нова Триумфалната Порта „Манглик Ел“. Изградена е по негова иницијатива со цел да стане уште еден голем и траен симбол на казакстанската независност.

Од друга страна, пак, постојат многу примери во светот каде што се потрошени многу пари за да се промени инфраструктурата и изгледот на еден град за да може со тоа да се поттикне економски раст. Светски познатите архитекти сметаат дека со глобализацијата во 21 век темите како урбана регенерација, одржливост на животната средина и економскиот развој на градовите и создавање на практични инфраструктурни решенија заземаат големо место во новите урбанистички проекти.

Таков пример од деведесетите од минатиот век е францускиот град Лил кој од индустриски град во распаѓање со добар урбанистички проект наречен „ Еуролил“ доживеа голем економски раст. Признание за трансформацијата градот доби во 2004-тата година кога беше прогласен за Европски главен град на Културата. Проектот се состоел од трансформација на индустриските објекти во модерни згради, отворени биле многу паркови, подобрен сообраќајот, односно била изградена подземна мрежа преку која за еден час се стигнува до Париз.

Слични проекти за модернизација на градовите се направени во шпанските градови Билбао и Севилја, потоа во Сан Франциско Калифорнија, каде што покрај современиот и модерен изглед, архитектите одвоиле и уредиле јавни паркови и простор доволен за градот да дише слободно.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG