Достапни линкови

За социјална интеграција на странците поголема соработка со институциите


Ана Жежоска
Ана Жежоска

Какво е искуството на странците во Македонија, на оние со привремен престој, кои се школуваат, кои тука формирале семејство или работат..., пишува Ана Жежоска од Коалицијата на младински организации СЕГА

Дали сте се запрашале како се снаоѓаат странците кои дошле во Р. Македонија? Не оние кои се туристи или само се на поминување во нашата земја, нé оние кои имаат дипломатски пасош и тргнувајќи од својата татковина знаат каков статус имаат, туку оние обичните, млади луѓе, кои дошле тука, да студираат, волонтираат, да склучат брак или да отворат бизнис...?!
Дали сте се запрашале како нив ги прифаќа општеството? Како се интегрираат во општествената заедница во која живеат? Кој им помага? Има ли законска регулатива за регулирање на нивниот статус? Со кои тешкотии и проблеми се соочуваат оваа категорија граѓани?
Ја слушнав приказната на Христина од Србија, која се омажила пред 5 години за Македонец. Таа денес го има решено својот статус како странец. Но, голготата која ја претрпела за регулирањето на својот престој вечно ќе ја памети. Ми раскажа:
„Се омажив и се роди нашиот син. Немав пасош и не можев да одам до моите во Србија„ - ја започна својата приказна таа, кога почнавме да се интересираме за оваа категорија млади луѓе, до нас присутни. „Не смеев да го пренесам синот преку граница. Одев од институција до институција и чекав со месеци и месеци, да добијам документ дека јас сум граѓанин на Р. Македонија, а не само странец со привремен престој. Не можев да работам, а сум со високо образование. Требаше да работам на црно, зашто немав ниту лична карта, ниту право да се пријавам во Бирото за вработување. Не можевме да користиме ниту социјална помош, зашто јас имав статус на странец со привремен престој. И во еден момент при немање на работа на сопругот паднавме и во социјална беда. Не можев да се лекувам без здравствено осигурување. А, најтешко ми беше што не можев да го запишам синот во училиште, зашто го бараа само потписот од мојот сопруг, а јас бев само странец“
– раскажува Христина.
Џон е волонтер, неколку години во Македонија. „Прво се соочив со јазичната бариера“. Ми објасни вака: „Одам од шалтер до шалтер да го регулирам својот статус како странец и нема кој да ми објасни на кој шалтер треба да застанам. Изгубив неколку дена околу тоа.“ - објаснуваше тој. „И сега истото тоа ми се случува кога треба да извадам средства од банка“ .
И токму, работејќи со млади луѓе, како Коалиција на младински организации СЕГА, поттикнати од неколку вакви и слични стории, на имигранти (странци), почнавме да работиме на оваа проблематика, преку проектот “Креирање на поволни услови за престој на странците во Р. Македонија“ со цел проблемот, навидум минорен и неважен, но за многу млади луѓе значен и суштествен, да го помрднеме од „мртва точка“.
Јазична бариера, без законски одредби за образованието на странците, без здравствено осигурување, нерегулиран престој и работа на црно, вака живеат странците во Македонија во отсуство на примена на стратегијата за нивна интеграција.
Недоволна информираност за нивните права и обврски (немање на доволно информативни материјали, електронски информации, информации на граничните премини) некоординираност и неефикасност на институциите, недоволна информираност на службениците за сите законски регулативи кои се однесуваат на процедурите за пријавување на престој, недостигот на правилници за имплементација на законските регулативи кои се однесуваат на странците, се дел од проблемите со кои се соочуваат странците кога ќе дојдат во Р. Македонија.
Странците кога влегуваат на територијата на Република Македонија малку се запознаени со своите права, ниту пак, ги знаат своите обврски, не знаат каде да се обратат или пак долго чекаат пред институциите за да го регулираат својот престој. Едноставно, во Р. Македонија, нема сервисен имиграционен центар кој што ќе ги насочи и ќе ги едуцира странците каде треба да се обратат. На граничните премини нема едукативни флаери, ниту посебна интернет страна, а граѓаните се недоволно информирани, ниту заинтересирани да ги упатат странците или да им помогнат.
Какви се примерите од надвор, од искуствата на македонски студенти и волонтери кои учествуваа на нашите панел дискусии и работилници?
Потребни ми беа 10 дена за добивање на лична карта за привремен престој. Има посебен центар кој е одговорен за целата процедура, и кој се грижи за стипендирање. Напредна политика во Холандија, дури и странските државјани го остваруваат своето право на глас на Локални Избори во таа држава


Искуство од македонски државјанин – волонтер во Холандија – „Потребни ми беа 10 дена за добивање на лична карта за привремен престој. Има посебен центар кој е одговорен за целата процедура, и кој се грижи за стипендирање. Напредна политика во Холандија, дури и странските државјани го остваруваат своето право на глас на Локални Избори во таа држава“.

Искуство од македонски државјанин – волонтер во Латвија – „Пост – комунистичка земја со убаво средена и брза постапка за добивање на лична карта за привремен престој“.

Искуство од македонски државјанин – студент во Босна и Херцеговина – „Потребно е да се достави потврда каде живееш, потврда дека си студент, па потоа добиваш лична карта за привремен престој“.

Најголем број странци (имигранти) во Р. Македонија се лица на возраст од 25 до 30 години. Според заводот за статистика на Р. Македонија (податоците се од 2010 година) вкупно во Р. Македонија се доселиле 2715 странци. Најмногу доселени странци во Македонија се од Европа, над 1700 лица, а меѓу нив најмногу има Срби, доселеници од Турција, странци од Албанија..... Дел од нив доаѓаат заради школување, волонтерство, но дел живеат во Македонија поради семејни врски или работат.
Со цел да се подобрат условите за странци - имигранти во Македонија, како Коалиција на младински организации СЕГА организиравме повеќе панел дискусии во кои вклучивме: граѓани, претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, локалните самоуправи, волонтери и невладини организации. Нашите активности резултираа со забрзана постапка на издавање на дозвола за привремен престој на странските волонтери во Македонија, која споредбено во јуни 2011 година траеше околу 3 месеци. Сега оваа постапка трае скоро половина од тоа време. Заеднички заклучок од панел дискусиите е дека неопходна е поголема координираност на одговорните институции и информираност на странците.
Предлог е да се формираат и отворени канцеларии за странци на локално ниво, како и единствен имиграциониен центар за поголема информираност и поддршка на странците...


Предлог е да се формираат и отворени канцеларии за странци на локално ниво, како и единствен имиграциониен центар за поголема информираност и поддршка на странците; да им се дава еднократна помош ако им е потребна; потребно е де се направат промени за да се скрати процедурата за обезбедување на дозвола за престој на странците во нашата држава, се со цел да се обезбеди побрза социјална интеграција на странците во Р. Македонија.

Инаку, во афирмирањето на проектот меѓу странците и институциите, познат како „Давање на можности за активно учење„ покрај Коалиција СЕГА, како претставник од Македонија и општина Берово, вклучени се и повеќе организации од неколку европски држави: Франција, Бугарија, Грција, Романија, Италија и Албанија. На неколкуте средби со нив беше констатирано дека проблемите со кои се соочуваат оваа категорија граѓани, повеќе или помалку, се присутни во сите европски земји. Затоа основните принципи и политики на државите треба да бидат насочени кон подобрување на европската законска легислатива за странци, со цел подобра социјална интеграција на странците во државата каде престојуваат.

Ана Жежоска, Раководител на програма - Коалиција на младински организации СЕГА
XS
SM
MD
LG