Достапни линкови

Ние, граѓаните


Тамара Атанасоска, активист и блогер
Тамара Атанасоска, активист и блогер

Важно е на нашите политички избраници да им укажуваме на пропустите кои ги прават во својата работа, и да бараме промени, пишува Тамара Атанасоска, граѓански активист и блогер за РСЕ

За разлика од повеќето од другите нови млади колумнисти на Радио Слободна Европа, јас не сум член на никаква организација чии ставови морам да ги застапувам и нема никој позади мене кој би ги мерел моите зборови, освен секако читателите. Драго ми е што и покрај тоа ми е даден простор каде можам да ги изразам своето мислење и своите перцепции на општеството од кое сум дел како млад човек. Сепак, иако не сум дел од ниедна организација, јас сум граѓанин, жител на Република Македонија.

Важно ми беше да ви го кажам тоа пред се друго, од причината што денеска сакам да зборувам токму за тоа - граѓанството. Повеќето млади луѓе ја одбегнуваат политиката гледајќи ја како нешто кое се случува надвор од нив, односно сметаат дека не е нивна одговорност да се занимаваат со истата. Постарите пак, натежнати од своите обврски и проблеми кои ги спречуваат да се борат активно за своето подобро утре, го изразуваат своето незадоволство и критикуваат од своето меко столче; чекаат милост од своите политички избраници.
Долгите години на неучество и чекањето на граѓаните на готово сервираната политика, или подобро кажано недостигот на активно граѓанство, имаат огромен придонес кон политичката и општествената ситуација во која се наоѓаме.


Долгите години на неучество и чекањето на граѓаните на готово сервираната политика, или подобро кажано недостигот на активно граѓанство, имаат огромен придонес кон политичката и општествената ситуација во која се наоѓаме. Не ангажирањето на граѓаните во поглед на подобрувањето на својата состојба, придонело за дегенерирање на институциите во општеството, и не поминување низ задолжителниот процес на креирање на механизми и органи на власта со слух за граѓанскиот сектор, кој пак е клучен за развивањето на здрава политика.

Верувајте дека и владејачката и опозиционата партија се чувствуваат пријатно во ваквата ситуација. Креирањето на сите политики во земјата зависи ексклузивно од нив, додека оние постари граѓани кои ги спомнав порано се намамени низ безбројните обвинувања и препукувања на неизбежна сепарација и дефокусирање. Со практицирањето на активното граѓанство ќе им помогнеме и на власта и на опозицијата да се развиваат во вистинскиот правец, а со тоа и ќе се посвети повеќе внимание на нашите вистински потреби на кои треба да се работи.

Проблемите со кои се соочува обичниот граѓанин во своето секојдневие, најубаво ги знаат баш тие граѓани. Важно е да се напомене дека за она што и е можеби од огромна потреба „која живот значи“ на една група граѓани, ниедна друга група граѓани да не е свесна. На пример, моето секојдневие со секојдневието на граѓанин со инвалидитет, на граѓанин стечаец, или едоставно на некој што не живее во мојата населба е сосема различно. Затоа, важно е на нашите политички избраници да им укажуваме на пропустите кои ги прават во својата работа, и да бараме промени. Не знам зошто постои такво сфаќање во Македонија дека ако не се согласуваш со некој дел од работата на партијата за која си гласал, одма мора да си подбуцнат од другата. Мене пак, ми е баш логично да бараш замерки во работата на партијата за која си гласал, затоа што си и го доверил својот глас и својот живот во следните 4 години, и имаш право да бараш промени ако нешто не ти се допаѓа.

Во моментов се наоѓаме во една мртва точка во однос на ова прашање. Она што е важно е секој да ги знае своите права и да ги практикува и бара, со цел да се придвижиме кон подобро. Почнувајќи од тоа дека имате право вашиот труд да биде вреднуван и да живеете достоинствен живот, до тоа дека имате право да ве третираат со почит во канцелариите на администрацијата.

На промените се работи бавно и полека, а за фундаментални промени како граѓанската свест треба многу време. Нема зошто промените да ги бараме во врвот, промената секогаш доаѓа од доле, а почнува во секој од нас. Да престанеме да постоиме како реакција и да почнеме да постоиме како сила која одлучува*. Можеме да почнеме од тоа што ќе го промениме ставот - „Ќути и трпи“, со - „Барај, ти следува!“.

Тамара Атанасовска, граѓански активист и блогер.
XS
SM
MD
LG