Достапни линкови

Вести

ОБСЕ возменирени од падот на слободата на медиумите во Македонија

Претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ
Претставникот на ОБСЕ за Слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, во писмо испратено до новоименуваниот министер за надворешни работи Никола Попоски, наведува дека е вознемирена од големиот пад на слободата на медиумите и континуираната репресија врз медиумите и критичката мисла во земјата.

„Ова, за жал, е по четврти пат во последните два месеци како покренувам различни прашања поврзани со влошувањето на слободата на медиумите. И покрај честите апели до Владата да одговори на ситуацијата и да покаже почит кон заложбите за слобода на медиуми на ОБСЕ, се чини дека ситуацијата се влошува“, наведува Мијатовиќ.

Во писмото Мијатовиќ изразува загриженост за тоа што Советот на МРТ им го прекина мандатот на сите седум членови на Управниот одбор на МРТ на 31 јули, иако процесот за назначување на нови членови се уште не е започнат. Мијатовиќ изразува и загриженост за отказот на новинарот Тамара Чаусидис, од телевизија Алсат. Чаусидис е претседателката на синдиктот на новинари и медиумски работници. Мијатовиќ реагираше и на одземањето на фрекфенцијата на А1ТВ од страна на АЕК, што го оквалификува како контроверзно. Таа реагира и на затварањето на трите весници(Шпиц, Време и **** е ре).

Мијатовиќ, во писмото испратено до надлежните органи на 19 јули, ја нуди својата помош, земјата да стави крај на вознемирувачкиот тренд и да ги исполни заложбите на ОБСЕ и меѓународните стандарди за слободата на медиумите.

види ги сите денешни вести

Се очекува став на СПЦ за разговорите со МПЦ-ОА

46-тиот патријарх на Српската православна црква Порфирије, 16 октомври 2021 година.

Денеска во Белград треба да се одржи седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) по што се очекува да биде соопштено до каде е дојдено во разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). Годишната седница на Соборот на СПЦ редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици од Србија и странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога тој однос е изедначен, но добива на тежина со неговиот личен авторитет. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени и соопштенија во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања.


Дали МПЦ-ОА и СПЦ сега се блиску до решение на повеќе-деценискиот спор

Како што пренесуваат српските медиуми, јавност во Србија деновиве од македонските медиуми дознала за „тајни разговори меѓу СПЦ и МПЦ-ОА“, но и дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна македонската црква за канонска „под името Охридска архиепископија“. Сепак, како што посочуваат белградските медиуми, конечниот статус на МПЦ-ОА „допрва треба да се утврди“, а разговорите на црковната релација Белград – Скопје продолжуваат. Според српските медиуми, со својата одлука „за канонско признавање на Охридската Архиепископија“, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“.

Состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ за Западен Балкан и Украина

Министрите за надворешни работи на Европската унија на денешниот состанок, како што е најавено, ќе ги разгледаат најновите случувања со руската агресија врз Украина и ќе одржат неформална размена на оваа тема со министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба. Министрите треба да направат и преглед на санкциите преземени од Европската унија против Русија како одговор на војната во Украин.

Идејата на Макрон за Западен Балкан надвор од ЕУ

Тие попрецизно ќе се осврнат врз индивидуалните и економските санкции, како и ограничувањата на медиумите и неопходните дипломатски мерки. Министрите ќе имаат размена на мислења за Западен Балкан, а за време на ручекот неформално ќе разменат мислења со министрите за надворешни работи на Западен Балкан.

Времето денеска: сончево со мала локална облачност

Сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе биде од 20 до 31 степен. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 30 степени.

Прв конгрес на Алтернатива, Гаши доби нов мандат

Африм Гаши

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши доби нов четиригодишен мандат, на конгрес на партијата којшто беше одржан денеска.

Тој по изборот им се заблагодари на сите членови на партијата и рече дека тоа е за него „голема чест и одговорност.“

„Мислам дека Алтернатива станува еден од најсериозните политички субјекти со намера да придонесе во севкупните политички процеси во државата“, изјави Гаши по одржувањето на конгресот.

Алтернатива стана дел од владината коалиција составена од СДСМ, ДУИ и ДПА за која Собранието гласаше во јануари, а кога со нејзиното приклучување владиното мнозинство беше зголемено на 64 пратеници, откако претходно Беса ја напушти претходната влада.

Ова беше прв конгрес на Алтернатива, на кој присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, претставници на политички партии од земјава, од Албанија и Косово и претставници од дипломатскиот кор.

Гаши - Не се потребни предвремени избори во економска и здравствена криза

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

Сметаме дека во ваква економска и здравствена криза и заради стабилноста на државата не треба да бидат одржани предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на Алтернатива Африм Гаши по одржувањето на првиот дел од првиот конгрес на партијата во Скопје.

Тој додаде дека сепак Собранието може да одлучи за одржувањето на избори доколку за тоа гласаат 61 пратеник.

„Но, ние сме против тоа“, изјави Гаши.

Нормално е секоја опозиција да се труди што поскоро да има избори и тоа е легитимно. Ние мислиме дека предвремени избори не се потребни, вели тој.

Гаши вели дека Алтернатива и се приклучила на владината коалиција за да помогне околу добивањето датум за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

„Ако во некој момент цениме дека со нашето излегување би се помогнало, тоа би го направиле, но ние мислиме дека треба да има Влада која активно ќе работи на постигнување на договор со Бугарија и преговорите да започнат што побрзо, рече Гаши.

Коментарите за одржувањето на предвремените избори доаѓаат во услови кога тоа го бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, партија кога започна со „активна блокада“ на Собранието бидејќи власта се противи на ваквото барање.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе го блокираат Собранието освен доенсувањето на закони кои се важни за граѓаните.

Владата на премиерот Димитар Ковачевски не го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на предвремени парламентарни избори, велејќи дека тие треба да се одржат по завршувањето на мандатот на Владата во 2024 година.

Шангај најави повторно отворање на продавниците во фази

Здравствени рљаботници во Кина.

Градот Шангај најави „постепено“ отворање на продавниците на 16 мај, во време кога жителите покажуваат зголемена нервоза по вториот месец на заклучување.

Кина, која овие недели се соочува со бран епидемии на коронавирусот, на почетокот на април ја затвори метрополата од 25 милиони луѓе, која е епицентарот на инфекцијата.

Некои жители на Шангај беа во карантин и пред тој датум.

Незадоволни од проблемот со снабдување со свежи производи, невозможниот пристап до медицинска нега освен за Ковид и испраќањето на лицата со позитивен ковид тест во карантинските центри, многу граѓани својот гнев го изразија преку интернет.

Заменик-градоначалникот на Шангај Чен Тонг денеска најави повторно отворање продавници во фази, почнувајќи од понеделник.

Во Кина секое укинување на рестрикциите најчесто се условува со тоа во општеството да има „нула инфекција“, односно да нема нов позитивен случај во текот на три дена, освен во карантинските центри.

Падот на нови случаи е голем. Денеска се пријавени 1.369 нови случаи на заразени во Шангај, наспроти бројките од 25.000 случаи дневно на крајот на минатиот месец.

Сепак, во некои делови од градот, се чини дека ограничувањата станаа уште построги во последните денови.

Пекинг, кој се наоѓа на 1.200 километри северно, живее во страв од заклучувањата од крајот на април, кога беа пријавени повеќе од илјада нови случаи на инфекција.

Пекинг неколкупати ги тестираше жителите. Позитивните луѓе беа ставани во карантин, а затворени се метро станиците и продавниците во некои населби кои не се неопходни.

Кабинетот на Петков: Седницата во Скопје е одложена бидејќи нема договорен документ

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија во Скопје е одложена затоа што нема договорен документ што би покажал напредок во преговорите меѓу двете земји, изјави шефицата на Кабинетот на претседателот на бугарската Влада, Лена Бориславова.

На заедничката владина седница требаше да учествува бугарска владина делегација предводена од премиерот Кирил Петков.

Вчера и мекедонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека седницата со Бугарија предвидена за 22 мај нема да се одржи бидејќи, како што рече, тоа не го дозволувале агендите.

Тој додаде дека во моментов министерствата за надворешни работи на двете земји разменувале идеи, но дека немаат усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор.

Ковачевски рече дека решение со Бугарија е можно „единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите и граѓаните“.

Бугарија од 2019 година го блокира почетокот на преговорите со ЕУ на Северна Македонија и покрај тоа што двете држави во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство.

Ковачевски рече дека разговорите со Бугарија продолжуваат, а во однос на чествувањата по повод 24 мај, посочи дека тој ќе ја предводи македонската делегација во Рим.

„На 24-ти, ние ќе имаме наша делегација во Рим, којашто ќе биде составена од министри, а во неа ќе биде и ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Јас ќе ја предводам таа делегација и таа ќе биде македонска делегација во Рим“, рече Ковачевски.

Османи - Даваме силна поддршка за членството во НАТО на Финска и Шведска

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи денска изјави дека силно ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и аспирацијата на Шведска и Финска за членство во Алијансата.

Османи зборуваше пред почетокот на неформалниот министерски состанок на земјите членки на Северноатлантскиот пакт во Берлин.

Финска денеска објави дека ќе поднесе барање за членство во НАТО, отворајќи го патот за проширување на 30-члената воена алијанса поради руската инвазија на Украина.

Политичкото и јавното мислење во земјата драматично се свртеа во корист на членството во НАТО, откако Русија ја нападна Украина во февруари.

Русија соопшти дека би било грешка Хелсинки да се приклучи на трансатлантската алијанса и дека тоа ќе им наштети на билатералните врски.

Финскиот парламент се очекува да ја одобри одлуката во наредните денови, но тоа се смета дека ќе биде формалност.

Вучиќ - Србија ќе се бори што подолго да не воведува санкции кон Русија

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија ќе се бори што подолго да истрае во политиката за да не воведе санкции кон Русија, но нагласи дека штетата што земјата ја трпи како резултат на тоа е огромна.

Вучиќ за ТВ Прва денеска изјави дека би се живеело „десет пати подобро“ доколку Белград воведе санкции кон Русија, но рече дека земјата тоа нема да го стори бидејќи води независна политика.

„Сите ќе кажат дека Вучиќ најавува воведување санкции. Не, ќе се бориме се додека можеме да ја задржиме нашата политика“, рече Вучиќ.

Тој повтори дека Србија знае „колку се неправедни санкциите“ и дека тоа го прави од почитување на правата, но додаде дека „народот треба да знае дека државата губи многу поради тоа што не воведува санкции кон Русија“.

Вучиќ изјави дека Србија во моментов нема пристап до пазарот на капитал, дека кредитите се поскапи и дека се нуди заем со каматна стапка од седум отсто, а рефинансирањето на кредитите е тешко, што на крајот ќе влијае на платите и пензиите.

Србија во Обединетите нации се приклучи кон осудата на руската агресија врз Украина и гласаше за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН, но не се приклучи кон санкциите на Европската унија против Русија.

Претставниците на западните земји постојано ја повикаат Србија да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Унијата и да воведе санкции кон Москва.

Српските власти повеќепати порачаа дека Белград нема да го поддржи воведувањето санкции кон Русија поради, како што наведоа, заштитата на виталните интереси на земјата.

Србија смета на поддршката на Русија како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за прашањето за нејзината поранешна покраина Косово, која прогласи независност во 2008 година и која официјален Белград одбива да ја признае.

Србија, исто така, доминантно зависи од Русија во енергетската сфера, така што руските компании имаат монопол на пазарот на нафта и гас во земјата.

Израелскиот претседател во посета на ОАЕ по смртта на лидерот

Израелскиот претседател Исак Херцог

Израелскиот претседател Исак Херцог денеска ќе отпатува во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за да изрази сочувство на неговата земја, по смртта на долгогодишниот претседател на ОАЕ Калифа бин Зајед Ал Нахајан.

За време на кратката посета, која ќе трае само неколку часа, Херцог треба да се сретне со новиот претседател на ОАЕ, Мухамед бин Зајед Ал Нахјан, заедно со други шефови на држави, соопшти кабинетот на Херцог.

Претседателот Калифа почина на 13 мај на 73-годишна возраст. Тој ја водеше земјата од 2004 година и беше емир на Абу Даби, најголемиот од седумте емирати во земјата.

Во 2020 година ОАЕ потпиша договор со Израел за воспоставување дипломатски односи и нормализирање на односите меѓу двете земји.

Претходно, само две арапски држави, Египет и Јордан, одржуваа дипломатски односи со Израел.

Средба Блинкен - Кулеба: „Повеќе оружје и помош е на пат“ за Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека денеска се сретнал со американскиот државен секретар Антони Блинкен во Берлин, велејќи дека „повеќе оружје и друга помош е на пат за Украина“.

Кулеба требаше да ги информира министрите за надворешни работи на НАТО на состанокот во Берлин за ситуацијата на теренот во Украина и за тоа како Алијансата може дополнително да ѝ помогне на земјата додека веќе 12 недела се бори против руските сили.

„Се договоривме тесно да соработуваме за да обезбедиме извозот на украинската храна да стигне до потрошувачите во Африка и Азија. Благодарни сме им на секретарот Блинкен и на САД за нивното лидерство и непоколебливата поддршка“, напиша Кулеба на Твитер.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс рече дека Блинкен и Кулеба разговарале за влијанието на руската инвазија на Украина, вклучително и за глобалната безбедност на храната.

„Секретарот пренесе детали во врска со последната транша од американската безбедносна помош за зајакнување на одбраната на Украина“, рече Прајс.

Финска ќе аплицира за членство во НАТО

Илустративна фотографија

Претседателот и премиерката на Финска објавија дека нордиската земја има намера да поднесе барање за членство во НАТО, отворајќи го патот за проширување на 30-члената воена алијанса поради руската инвазија на Украина.

Претседателот Саули Ниинисто и премиерката Сана Марин денеска ја соопштија одлуката на заедничката прес-конференција во Претседателската палата во Хелсинки.

Минатата недела, претседателот и премиерката изјавија дека и двајцата се за членство во НАТО, во голема промена на политиката поттикната од војната во Украина.

Финска, која дели 1.300 километри граница со Русија, 75 години беше воено неутрална.

Но, откако Русија ја нападна Украина во февруари, политичкото и јавното мислење драматично се свртеа во корист на членството.

Русија рече дека би било грешка Хелсинки да се приклучи на трансатлантската алијанса и дека тоа ќе им наштети на билатералните врски.

Претходно оваа недела Ниинисто пред новинарите рече дека „приклучувањето во НАТО нема да биде против никого“.

Тој рече дека неговиот одговор кон Русија ќе биде: „Вие го предизвикавте ова. Погледнете во огледало“.

Финскиот парламент се очекува да ја одобри одлуката во наредните денови, но тоа се смета дека ќе биде формалност.

Укрански власти - Руски ракети погодија воена инфраструктура во западна Украина

Руската војна во Украина.

Руските сили ја гранатираа воената инфраструктура во регионот Лавов во западна Украина, соопштија денеска властите. Нема извештаи за загинати или жртви по ракетниот напад, изјави преку Телеграм гувернерот на Лавов Максим Козицкиј.

Гувернерот рече дека се истражува обемот на уништувањето. Според гувернерот, една локација во близина на Јаворив - веројатно околу воената обука таму - била „целосно уништена“.

Претходно, регионалната воздушна команда на Украина соопшти дека денеска во раните утрински часови неколку проектили биле истрелани врз регионот Лавов од Црното Море.

Ова беше прв руски воздушен напад за околу една недела во регионот во близина на полската граница. Руската војска сè уште нема дадено никакви информации за нападот во своето ажурирање.

Шестмина загинати во самоубиствен напад во Пакистан

Пакистански трупи во Северен Вазиристан, на границата со Авганистан, 27 јануари 2019 година.

Пакистанските власти соопштија дека најмалку шест лица се убиени во самоубиствен напад, во проблематичниот северозападен регион на границата со Авганистан.

„Тројца војници и три деца загинаа во самоубиствен напад“, се вели во денешното соопштение на воениот оддел за односи со јавноста.

Бомбаш самоубиец се разнел во мал пазар во областа Северен Вазиристан, додека војниците патролирале во областа доцна на 14 мај, објавија локалните медиуми.

Ниту една група сѐ уште не ја презела одговорноста за нападот.

Премиерот Шехбаз Шариф го осуди нападот и рече дека Пакистан „ќе се оддолжи со искоренување на тероризмот од земјата“.

Пакистанските талибанци имаат долга историја на напади во областа.

Милитантната група е одговорна за некои од најкрвавите поглавја во поновата пакистанска историја.

Сепак, експлозијата во Северен Вазиристан дојде во време на прекин на огнот за да се олеснат мировните преговори.

Велика Британија - Руската офанзива во Донбас „ја загуби динамиката“

Човек поминува покрај уништена зграда во Мариупол

Офанзивата на руските сили во регионот Донбас на истокот на Украина „го загуби моментумот и значително заостанува зад распоредот“, соопшти денеска британското воено разузнавање.

Русија сега веројатно претрпе загуби од една третина од копнените борбени во однос на февруари, соопшти британското Министерство за одбрана во редовниот билтен.

Откако не успеа да го освои Киев по инвазијата на 24 февруари, Русија го префрли својот фокус на Донбас, област која ги опфаќа регионите Луганск и Доњецк.

Велика Британија соопшти дека и покрај малиот првичен напредок, Русија не успеала да постигне значителни територијални придобивки во Донбас во текот на изминатиот месец, додека имала постојано високи нивоа на трошење.

Руските сили се сè повеќе ограничени поради деградираните можности за овозможување, континуираниот низок морал и намалената борбена ефикасност, соопшти Министерството.

„Многу од овие способности не можат брзо да се заменат или реконструираат и веројатно ќе продолжат да ги попречуваат руските операции во Украина“, се додава во билтенот.

Министерството предвидува дека во сегашните услови, Русија веројатно нема драматично да ја забрза својата стапка на напредок во следните 30 дена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG