Достапни линкови

Почна извлекувањето на рударите во Чиле


Првиот извлечен рудар Флоренсио Авалос се гушка со еден од спасувачите
Првиот извлечен рудар Флоренсио Авалос се гушка со еден од спасувачите

Рударите велат дека нивното премрежје треба да се сфати како порака за подобрување на условите во рудниците. Треба да се направат многу реформи на пазарот на трудот, порачуваат тие.

Почна извлекувањето на 33 рудари заробени во еден рудник за бакар и злато на северот на Чиле. Неколкумина рудари веќе се извлечени на површина. При излегувањето на површината рударите носат темни очила за да не им се оштети видот. Очилата ќе треба да ги носат непрекинато во наредните неколку денови додека не се адаптираат на дневната светлина.
Повеќе од два месеци, тие беа затрупани во топлата и влажна јама, на 700 метри под пустината Атакама.
Рударите се извлекуваат еден по еден во специјално дизајнирана капсула за таа намена. Властите велат дека извлекувањето на сите 33 рудари би можело да потрае два дена.

Спасувачката операција ја следат семејствата на рударите, бројни граѓани и претставници на политичкиот живот во Чиле. Околу 1300 новинари од целиот свет го следат извлекувањето. Операцијата за извлекување на лице место ја следи и чилеанскиот претседател Себастијан Пињера.

Рударот Флоренсио Авалос е првиот што беше извлечен, кратко по полноќ по локално време.



Вториот извлечен рудар Марио Сапулведа изјави дека долгиот престој во рудникот ја зацврстил неговата верба во Бога. Тој нагласи дека премрежјето на рударите треба да се гледа како можност за подобрување на безбедноста во рудниците во Чиле, но и во целиот свет.
Мислам дека ова ми се случи и поради тоа што верувам дека ова е моментот кога треба да се направат промени. Верувам дека оваа земја треба да го сфати ова како можност да се поттикнат промени. Треба да се направат многу реформи на пазарот на трудот.


„Верувам дека, штом се соочивме со ваква ситуација, можеме да се справиме и со многу други ситуации. Сепак, мислам дека ова ми се случи и поради тоа што верувам дека ова е моментот кога треба да се направат промени. Верувам дека оваа земја треба да го сфати ова како можност да се поттикнат промени. Треба да се направат многу реформи на пазарот на трудот.“

Чилеанските рудари се своевидни светски рекордери. Тие преживеаја 69 дена под земја, што е најмногу по една рударска несреќа. Медиумите го оценија тоа како чудо. Во една од коморите на рудникот беа заглавени од 5 август. Првите 17 дена се мислеше дека рударите загинале во несреќата. Откако беше воспоставен контакт, спасувачите прво ископаа мал тунел до комората за да може да им праќаат храна и вода и почнаа да го копаат спасувачкиот тунел.


Сопругата на рударот Хорхе Гаљегило, Георгина изјави дека радоста на нејзиното семејство не може да се опише со зборови.

„Неизмерна среќа. Срцето се стега, плачеме, но од огромна радост.“

Психолозите предупредуваат дека рударите ќе се соочат со тешкотии во прилагодувањето на нормалниот живот во наредните недели, па и месеци. Тие ќе бидат и под притисок од изненадната слава, која ја стекнаа по голготата што предизвика широк медиумски интерес.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG