Достапни линкови

Вести

Швајцарија одбива да го екстрадира Полански

Швајцарскoтo Министерство за правда денеска го отфрли барање на САД за екстрадиција на полскиот режисер Роман Полански, со образложение дека имале недоволно докази за случајот. Соединетите држави го обвинуваат Полански за незаконски секс со 13 годишно девојче во 1979-та. Тие го бараат режисерот да се врати во земјата и да си ја отслужи казната.

види ги сите денешни вести

За САД е „висок приоритет“ да присуствуваат на судењето на новинарот Гершкович во Русија

Американскиот претседател Џо Бајден пред сликата на затворениот новинар на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, на настан во Вашингтон
Американскиот претседател Џо Бајден пред сликата на затворениот новинар на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, на настан во Вашингтон

Соединетите Американски Држави(САД) изразија загриженост поради одлуката на Русија да му се суди на Еван Гершкович, новинар на „Волстрит журнал“ за наводна шпионажа на затворено судење, но рекоа дека претставниците на американската амбасада сепак ќе се обидат да присуствуваат на судското сослушување закажано за крајот на овој месец.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, на 17 јуни рече дека присуството е „висок приоритет за нас“, но дека „на крајот ќе се обидеме да го донесеме (Гершкович) дома и ќе се обидеме да го донесеме (притворениот Американец) Пол Вилан дома, а тоа сè уште е нашата главна цел“.

Вашингтон ги класифицираше притворите на Гершкович и на Вилан, поранешен маринец кој беше осуден за шпионажа во 2020 година и осуден на 16 години затвор, како „погрешни притвори“ од Русија.

„Ќе се обидеме да присуствуваме на судењето (на Гершкович). Не знам дали тоа ќе биде можно“, изјави Милер.

Руските истражители тврдат дека Гершкович дејствувал „по инструкции на ЦИА“. Доколку биде прогласен за виновен, може добие казна затвор до 20 години.

Милер ги нарече обвинувањата против Гершкович „целосно лажни“ и „многу сериозно кршење на меѓународните норми“.

Гершкович беше уапсен кон крајот на март 2023 година во градот Екатеринбург, додека патувал за да извршува работни задачи.

Мицкоски денеска во Собранието ќе го достави предлог составот за новата влада

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада на Република Северна Македонија
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада на Република Северна Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска ќе го достави предлог составот за новата влада до Собранието на Република Северна Македонија, информираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа Мицкоски ќе одржи прес-конференција.

Гласањето за новата влада се очекува да се случи овој викенд. Собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.

Потребни се 61 пратеник за да се изгласа влада.

Мицкоски, кој е и мандатар, во неделата по седниците на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕги кажа предлозите за министри во новата влада.

Предлог за заменик претседател на владата и министер за транспорт ќе биде Александар Николоски. За министер за одбрана ќе биде предложен Владо Мисајловски. Предлог за функцијата министер за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоск, за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде Тимчо Муцунски, а предлог министер за локална самоуправа ќе биде Златко Перински.

Стефан Андоновски е предложен да го води Министерството за информатичко општество и дигитална трансформација, Борко Ристовски е предложен за Министерството за спорт, а предлог министер за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Сања Божиновска.

Предлог за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Цветан Трипуновски, за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а предлог за министер за внатрешни работи останува Панче Тошковски кој во изминатите речиси четири месеци ја извршуваше функцијата технички министер во ова министерство. Предлог за министер за образование и наука ќе биде професорката Весна Јаневска.

Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ се предложени Љупчо Димовски од Социјалистичката партија за заменик претседател на владата и министер одговорен за политички систем. Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија ќе биде предлог за заменик претседател на владата и министер кој ќе биде раководи со ресорот задолжен за односите меѓу заедниците. Шабан Салиу кој ќе биде предлог за министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Новата владина коалиција во парламентарниот состав формиран по изборите на 8 мај, ќе има мнозинство од 78 пратеници од кои 58 се од ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Ова ќе биде прв мандат на Мицкоски како премиер на Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција од 2017 година, кога по изборите во 2016 падна владата на Никола Груевски кој доби политички азил во Будимпешта откако во земјава се најде како осомничен и обвинет во повеќе предмети од Специјалното јавно обвинителство.

Запалено руско складиште за нафта по наводен напад со дрон во Ростов

Русија - Пожар во магацин за нафта во Азов, 18 јуни 2024 година
Русија - Пожар во магацин за нафта во Азов, 18 јуни 2024 година

Складиште за нафта во јужниот руски град Азов во областа Ростов беше запален по, како што го нарече регионалниот гувернер, напад со беспилотни летала во текот на ноќта меѓу 17 и 18 јуни.

Гувернерот на Ростов, Василиј Голубев, изјави дека во инцидентот нема жртви.

Тој рече и дека „нема опасност пожарот да се прошири на други згради, ниту е закана за жителите“.

Руското Министерство за вонредни ситуации објави видео од пожарот и соопшти дека се запалил резервоар за гориво од 5.000 кубни метри, по што повеќе од 70 пожарникари со опрема, вклучително и противпожарно возило, се обидуваат да го изгаснат пожарот.

Руските власти ги обвинија украинските беспилотни летала за повеќекратните напади врз нафтените постројки во последните недели во близина на границата со Украина, во Белгород и Новошахтинск.

Киев генерално избегнува да коментира за инцидентите. Но, Украина се повеќе прибегнува кон таргетирање на руската енергетска инфраструктура, главно нафтени постројки, со свои напади со беспилотни летала за да ги деградира резервите на гориво на руската војска.

Украина е предмет на речиси постојани руски напади со беспилотни летала и ракетни напади врз нејзината цивилна и енергетска инфраструктура откако започна целосната инвазија на Русија пред две години.

Руските воздушни напади предизвикаа бројни цивилни жртви и огромна материјална штета низ целата земја, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Столтенберг - Запад мора да реагира за кинеската подршка на Русија

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Вашингтон на 17 јуни по средбата со американскиот претседател Џо Бајден
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Вашингтон на 17 јуни по средбата со американскиот претседател Џо Бајден

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг вчера (17 јуни) рече дека Кина и обезбедува технологија на Русија која ја продолжува нејзината целосна инвазија на Украина и го повика Пекинг да се соочи со последиците од таа поддршка.

„Пекинг не може да седи на две столчиња. Во одреден момент - и ако Кина не го промени курсот - сојузниците мора да наметнат цена. Треба да има последици“, изјави Столтенберг во Центарот Вилсон во Вашингтон.

Столтенберг рече дека во изминатите две години 90 отсто од руската микроелектроника потекнува од Кина и дека Кина работи на подобрување на руските сателитски капацитети.

„Заканите не се регионални“, рече Столтенберг. „Кина го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна, а во исто време сака да одржува добри односи со Западот.

Столтенберг зборуваше и за нуклеарното оружје и трошоците за одбрана. Запрашан што би можеле да направат членките на НАТО во врска со поддршката на Кина за Русија, Столтенберг рече дека има „тековна дискусија“ за можните санкции.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, исто така, рече дека Кина продолжува да и снабдува на Русија компоненти за воена опрема и системи за оружје.

Пред самитот со Ким во Северна Кореја, Путин ветува дека заедно ќе ги поразат санкциите

Владимир Путин - Претседател на Русија
Владимир Путин - Претседател на Русија

Владимир Путин и се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на војната во Украина во пресрет на првата посета на Пјонгјанг од 2000 година. Се очекува рускиот претседател денеска да пристигне девет месеци по посетата на Ким Џонг Ун на Русија.

Во писмото објавено во севернокорејските медиуми, Путин вети дека ќе изгради трговски и безбедносни системи со Северна Кореја кои нема да бидат контролирани од западот и дека ќе ги поддржува нејзините напори да ги брани своите интереси од американските воени закани, уцени и притисоци. Тој вели дека двете земји ќе продолжат одлучно да се спротивставуваат на западните амбиции да се спречи воспоставување мултиполарен светски поредок заснован врз заемно почитување на правдата.

САД соопштија дека се загрижени за продлабочувањето на односите помеѓу Русија и Северна Кореја.

Кремљ го опиша доаѓањето на Путин како пријателска државна посета, а руските медиуми објавија дека двајцата лидери би можеле да потпишат партнерски договор, кој се однесува и на безбедносни прашања.

Последен пат кога Путин беше во Северна Кореја нејзиниот лидер беше таткото на Ким Џонг Ун, Ким Џонг Ил.

УЕФА покрена дисциплинска постапка против Србија

Еуро 2024 -Србија вс Англија
Еуро 2024 -Србија вс Англија

Европската фудбалска унија (УЕФА) на 17 јуни објави дека покренала дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија поради наводно недолично однесување на неговите навивачи, на маргините на натпреварот што Србија го загуби од Англија (1:0) на Европското Првенство в недела во Гелзенкирхен.

Седум навивачи на српската репрезентација се приведени на 16 јуни по конфликт во германскиот град Гелзенкирхен пред натпреварот на ЕП против Англија, соопшти полицијата на денот на конфликтот. Полицијата во Гелзенкирхен потврди за Би-Би-Си дека дошло до тепачка меѓу навивачи на Србија и Англија.

Истрагата на УЕФА по овој инцидент конкретно се однесува на „фрлање предмети и провокативни пораки на кои не им е место во контекст на спортски настан“, се вели во соопштението на УЕФА.

Се додава дека „контролното, етичкото и дисциплинското тело на УЕФА (ЦЕДБ) ќе донесе одлука за ова во догледно време.

На кои стадиони се игра ЕП во фудбал 2024
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:24 0:00

Во меѓувреме, Фудбалскиот Сојуз на Србија и Фудбалскиот сојуз на Косово (ФФК) поднесоа меѓусебна жалба до УЕФА за истото прашање.

ФФК ги обвини српските навивачи дека истакнуваат „знамиња“ и скандираат „слогани и песни со шовинистички и расистички политички пораки против Косово“.

„Ширењето вакви расистички пораки за време на настан како што е Европското фудбалско првенство е бесмислено и апсурдно“, соопшти ФФК, барајќи „строги дисциплински мерки против ФСС“.

Од своја страна, ФСС обвини неименуван косовски новинар дека направил албански националистички знак.

Мицкоски - Главна цел ќе биде обнова на довербата во институциите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека ќе се бори за остварување на стратешките цели за државата да стане членка во Европската Унија, да има добри релации со стратешките партнери, но дека нивната носечка цел ќе биде да ја обноват довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираат корупцијата и да обезбедат владеење на правото.

Мицкоски е мандатар за формирање нова влада, во која во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат и албанската коалиција Вреди и партијата ЗНАМ. Тој во неделата на 16 јуни ги соопшти имињата на министрите што ќе ги предложи.

Инаку, собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ. Како што најави мандатарот Христијан Мицкоски, се очекува тој утре до Собранието да го достави составот на владата и програмата за нејзина работа.

Тој им порача на новите функционери да ги „засукаат ракавите“ и кажа дека нема тајни формули, лажни верувања или суеверија, а дека рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност.

„Никој од вас овде во салата не смее да застрани. Не ја прифаќам тезата нормално барем еден да застрани или скршни. Одговорот е дека и тој еден веднаш ќе биде сменет. И при таква ситуација не само што силно ќе ме разочарате, ќе го разочарате народот кој ни даде историски најголема поддршка. Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден“, рече Мицоски.

Тој денеска присуствуваше на свеченост „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме“ што се одржа во театарoт „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес.

Мицкоски рече дека владата која ќе ја создадат ќе биде посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија.

„Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата. Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот“, рече Мицкоски.

Еден војник загина, осум се повредени во експлозија на полигон на чешката армија

Илустративна фотографија - припадници на чешката армија.
Илустративна фотографија - припадници на чешката армија.

Еден војник загина, а осум лица се повредени во експлозија на муниција на полигонот на чешката армија, соопшти армијата на Чешка.

Експлозијата се случила на полигонот Либав на истокот на земјата.

„Еден војник загина за време на експлозија на полигонот Либава. Уште седум војници и еден цивил беа пренесени во воената и универзитетската болница во Оломоуц“, соопшти Армијата на социјалната мрежа Х.

Оттаму додаваат дека се информирани семејствата на повредениот и загинатиот војник.

Од Министерството велат дека ќе ја информираат јавноста за натамошниот развој на настанот, без да соопштуваат повеќе детали.

Бислимоски - Нема да дозволиме сериозна промена на цената на струјата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски денеска изјави дека конкретни инфомации за новата цена на струјата што треба да важи од 1 јули годинава ќе објават во текот на наредната недела по завршувањето на тендерот на ЕВН хоум за набавка на електрична енергија.

„Досега сме имале многу потешки периоди и никогаш не сме дозволиле да има сериозна промена на цената на струјата и секогаш сме воделе сметка да го сочуваме стандардот на граѓаните и сега ќе се водиме исклучиво од нивните потреби“, рече Бислимовски.

Изјавата на Бислимовски доаѓа откао Владата донесе одлука со која цената на електричната енергија што државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе му ја понуди на универзалниот снабдувач ЕВН по 1 јули ќе биде 60 евра за мегават час, наместо досегашните 57 евра.

Исто така, ЕСМ нема да понуди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар, туку само 85 проценти.

Бислимовски вели дека наредната недела РКЕ ќе ги има на располагање сите потребни параметри и посочи дека за цената ќе влијае и профитната маржа која од 1 јули ќе биде 9,9 наместо досегашните 11,5 проценти.

„Нова цена на струјата се носи сега, а не во декември заради тоа што на стариот универзален снабдувач му истекува лиценцата на 30 јуни. Во текот на следната година не би требало да носиме одлука за цена во јуни, туку само во декември која ќе важи за цела 2026 година“, рече Бислимовски.

Тој додаде дека треба да се почека да заврши тендерот за набавка на електрична енергија на 21 јуни и ЕВН хоум да ги достави пресметките за цената на електричната енергија на контрола во РКЕ за да видат колкава ќе биде цената.

„Правиме напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот. Нема да ја воведеме од 1 јули, туку некаде во ноември, декември или јануари идната година. Тоа ќе зависи од анализите“, изјави Бислимоски.

„Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин е изненадување и за мене, бидејќи во услови на криза нудеа пониска, но на некој начин може да ја изменаџираме. Мене ме загрижуваат 15-те проценти кои треба да ги набавува ЕВН хоум на слободниот пазар. На фјучерсите што ги гледаме во текот на денот цената се движи од 90 до 100 евра и е повисоко од тоа што го дава ЕСМ. Како и досега, и сега ќе ги искористиме сите механизми за да не предизвикаме ценовни шокови за граѓаните“, истакна Бислимоски.

Украина - Русија ги засилува нападите пред дополнителната воена помош од Западот

Главниот командант на украинските вооружени сили, генерал полковник Александар Сирскиј.
Главниот командант на украинските вооружени сили, генерал полковник Александар Сирскиј.

Руската војска ги интензивира своите напади во Украина, обидувајќи се да освои што е можно повеќе територии пред Украина да добие дополнителна воена помош од Западот, вклучително и авиони Ф-16, изјави главниот украински воен командант Олександар Сирскиј.

„Непријателот добро знае дека како резултат на постепеното примање на значителна количина оружје и воена опрема од нашите партнери и доаѓањето на првите Ф-16 кои ќе ја зајакнат нашата противвоздушна одбрана, времето ќе игра во наша корист и дека неговите шанси за успех ќе се намалат“, наведе Сирскиј на Телеграм.

Сирски додаде дека затоа командата на руските трупи во моментов прави максимални напори да го зголеми интензитетот на нападите, со цел да се исцрпат украинските војници, да се наруши обуката на украинските трупи и да се спречи преминот кон активна офанзива.

Како што додаде, руските сили се фокусирани на фронтот во Покровск, во источниот украински регион Доњецк.

Сирскиј вели дека московските сили таму се затвораат на клучната транзитна точка и рутата за снабдување што ги поврзува цивилните центри на индустрискиот север на територијата со градовите појужно.

Оценката на Сирскиј дојде откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека сегашното ниво на западна воена помош не е доволно за да се гарантира победата на Украина над руските сили.

Зеленски, како и другите украински официјални лица, постојано ги повика западните сојузници на Украина да ја забрзаат испораката на оружје, особено ветените борбени авиони и системи за противвоздушна одбрана.

На дводневниот собир во швајцарското одморалиште изминатиот викенд, 80 земји повикаа „територијалниот интегритет“ на Украина да биде основа на секој мировен договор за ставање крај на војната во Русија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG