Предложениот закон за високо образование ја продлабочи дилемата дали универзитетите допрва ќе добијат поголема автономија, или пак, таа постепено ќе почне да бледнее. Дебатата веќе почна и ги подели мислењата.
На повеќе од сто страници се срочени новите одредби кои ќе донесат промени во правилата за студирање и начините на функционирање на универзитетите во Сееверна Македонија. Сите тие се дел од новиот Закон за високо образование, а покрај него, ресорното министерство го објави и Предлог-законот за квалитет во високото образование и науката. Наскоро, таму ќе се најде и новата верзија на Законот за научно истражувачка дејност.
Каде има олеснувања, а каде ограничувања?
Универзитетите и високите стручни школи за својот статус ќе добиваат согласност од Собранието, но по претходно позитивно мислење од Владата, предвидува законот.
Тие ќе се финансираат на нов начин, а исполнувањето на одредени повисоки критериуми треба да значи и повеќе пари за нив.
Професорите кои се затекнати при избор во звања ќе добијат олеснувања во постапката – предвидува новиот Закон. Според измените исто така, еден професор ќе може доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор. Ректорите пак, ќе се бираат по нов модел и нивниот мандат ќе биде четири години, или една година плус од сегашното траење на мандатот.
Во подготовката на оваа верзија учествувале 60 лица, велат од Министерството за образование, но не откриваат кои се тие.
Од Министерството за образование и наука во писмен одговор до Радио Слободна Европа, велат дека најголем дел од нив се професори во државава, номинирани од страна на Интеруниверзитетската конференција, а во рамки на Националното координативно тело за реформи во високото образование кое го формираше Владата.
Покрај нив, во изработката учествувале и студенти, како и претставници на повеќе институции, но од МОН не одговорија на прашањето за кои институции станува збор.
Што предлагаат самите студенти?
Во Предлог-верзијата се вклучени дел од предлозите и забелешките на Универзитетското студентско собрание од најголемиот универзитет во земјава, УКИМ.
Александар Николовски, сега веќе поранешен претседател на ова Собрание, вели дека сѐ што предложиле се заснова на Студентскиот манифест кој беше напишан претходно. Меѓутоа и самиот критикува делови од законот.
Меѓу она што е прифатено, се зголемените плати кои ќе ги добиваат демонстраторите на факултетите.
„Се воведуваат построги критериуми за нови избирање на нови професори. Она што не е добро во овој дел е што за старите законот не важи ретроактивно туку важи само за новите професори“, објаснува Николовски за Радио Слободна Европа.
Во делот на интернационализација, по барање на младите, законот го олеснува запишувањето на странските студенти. Сепак, Николовски има забелешки за автономијата бидејќи од кадровски аспект таа нема да биде целосна.
„Сѐ уште универзитетите нема да имаат целосно право да вработуваат лица. Тоа оди преку Министерство за образование, Министерство за финансии и многу време се чека, но и целата процедура завршува најчесто со одбивање од страна на Министерството за финансии. А секако на одредени позиции фали голем број на кадар, но на одредени позиции има премногу натрупаност на вработени и тоа не е добро изрегулирано“, додава поранешниот лидер на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Студентското собрание побарало, но Министерството не прифатило, Националното студентско тело исто така да стане дел од законот. Реакциите за ова, студентите наскоро ќе ги објават на ЕНЕР.
Иако новото законско решение содржи дел од предлозите за студентско организирање, Николовски вели дека бараат посебен закон за тоа.
Тие предложиле и бесплатно високо образование за сите студенти на додипломски студии, но засега Предлог-законот ова ќе го овозможи само за младите со самохрани родители и од еднородителски семејства.
За ова право со години нананзад се бореше организацијата „Млади од семејна разновидност“, за што пишуваше Радио Слободна Европа.
Нови одредби за вонредно студирање
На барање на Универзитетското студентско собрание, со новиот закон ќе биде невозможно постоењето на одредени студиски програми на приватните универзитети. Меѓу нив, и програмите за наставници во основното и средно образование.
А студентите кои ќе ги одберат овие програми на државните универзитети нема да може да студираат вонредно.
Но токму ова, е погрешно според професорката Ивана Трајаноска од приватниот Универзитет Американ Колеџ во Скопје. Таа за РСЕ, вели дека новиот закон не нуди ниту образложение за параметри или истражувања на кои се темели ваквата забрана.
Според професорката Трајаноска, ова директно ќе ги исклучи луѓето кои веќе работат, а индиректно ќе ги дискриминира жените кои и според официјалната статистика во државата, во секторот образование учествуваат во поголем процент од мажите.
Паралелно, одредбата ќе го оневозможи доживотното учење на сите кои сакаат да се запишат на овие програми, што е спротивно на Болоњската конвенција. Професорката Трајаноска смета дека ова не е единствената одредба со која Нацрт-законот се коси со оваа Конвенција.
Трајаноска: Обемноста ја нарушува автономијата
Ваквиот договор, кој е потпишан од европските министри за образование, ги признава веќе стекнатите квалификации, но тоа не е случај во новиот македонски Закон за високо образование.
Па така, кандидатите кои стекнале квалификации во различни полиња ќе бидат „обесправени при изборот во сите наставно-научни звања“.
Професорката Трајаноска забележува и дека Законот е спротивен на Националната развојна стратегија 2024-2044 година. Како што додава таа, создавањето на нов наставно-научен кадар ќе стане екстремно тешко и практично невозможмно.
„На пример, за да еден универзитетски наставник избран во наставно-стручно звање лектор, биде избран во наставно-научно звање доцент, и покрај тоа што во практиката лекторите работат на универзитетите и по повеќе од десет години, доколку докторираат, и дури и да ги исполнуваат условите за избор во доцент, треба да имаат и „најмалку три години искуство во звањето асистент“, односно да чекаат уште три години, без никакво образложение зошто“, вели за РСЕ, Трајаноска, декан на Факултетот за странски јазици при Американ Колеџ.
Според неа, усвојувањето на овој Закон би донело далекусежни последици односно „ старомодни, неатрактивни и тесно специјални наставни програми кои не соодветствуваат со реалноста и потребите на пазарот на труд во земјата и светот“.
Самото тоа што оваа нацрт верзија е толку обемна, вели таа, е чин на нарушување на автономијата на универзитетите.
„Без автономија, универзитетите стануваат продолжена рака на политичката моќ и политички агенди, а не места каде се негува независната и научна мисла“, заклучува професорката Трајаноска.
Дуев: Автономијата не е формула во закон
Новиот закон формално ја признава автономијата, но ја зголемува административната регулација. Професорот Ратко Дуев кој во два мандата беше декан на Филозофскиот факултет на УКИМ вели дека така се создава систем во кој автономијата постои во декларативна форма, но во практиката се ограничува преку бројни процедури, согласности и централни одлуки.
„Европските искуства се прилично јасни: силни универзитети се градат врз реална институционална самоуправа, стабилно финансирање и доверба во академската заедница, а не врз централизирана контрола и административни механизми. Автономијата не е формула во закон, туку начин на функционирање на системот“, вели професорот Дуев за Радио Слободна Европа.
Затоа, предупредува тој, во новото законско решение треба да се намалат одредбите кои „водат кон прекумерна централизација и административна контрола врз универзитетите“.
Иако Нацрт-законот има бројни тела, процедури и административни решенија, за соговорникот на РСЕ, не е сосема јасно дали тие директно ќе доведат до повисок квалитет.
Коментирајќи ја забраната за вонредно студирање на одредени програми, тој посочува дека токму универзитетите најдобро ги познаваат сопствените научни области, профилот на студентите и реалните општествени потреби.
„Во една научна област вонредните студии можат да бидат клучни, а во друга не – тоа не може да се решава со апстрактна законска забрана. Дополнително, со ваквите ограничувања се исфрла цела категорија потенцијални студенти од финансискиот систем на универзитетите. Воедно, се спомнуваат microcredentials како нов инструмент, но тие не се замена за вонредните студии“, додава проф. Дуев.
Дали на домашното високо образование му е потребен нов закон?
Соговорникот на РСЕ, вели дека со повторно менување на телата и процедурите, без да се решат суштинските проблеми, ризикуваме да добиеме уште една нормативна реформа без реален ефект врз квалитетот“.
Според него, високото образование три децении е со нормативни турбуленции. При тоа, секоја генерација студира според различни закони и правилници кои различно ги концепираат универзитетите.
„Таквата состојба создава институционален замор, правна несигурност и, најважно, го оневозможува системот да созрее“, додава професорот.
Затоа, тој предупредува дека секоја законска измена повлекува долги и сложени процедури. Оттука, тоа значи и блокирање на системот на подолг период:
„Наместо стабилен академски развој, системот повторно се враќа во состојба на нормативна транзиција. Системот е за студентот, а не студентот за системот. Ако студентот не почувствува разлика, реформата не успеала“, порачува проф. Дуев.
МОН: Неопходна е реорганизација на студиските програми
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска меѓу новините во високото образование најави укинување на одредени студиски програми. Радио Слободна Европа праша на кои факултети ќе има вакво укинување, на што од МОН посочија дека оваа реорганизација ќе ја има на програмите каде има многу мал број на студенти.
Исклучок се студиските програми кои се од национален интерес, како оние за македонски јазик и литература, национална историја и слично. За да функционираат, студиските програми ќе мора да исполнуваат одредени критериуми – ни одговорија од МОН.
Оттаму информираат дека како новина се планираат и „модуларни програми преку кои студентите изучуваат идентични предмети во почетните, а во погорните години на студии или на постдипломски студии се насочуваат кон поконкретна област“.
Министерството за образование објаснува дека студиските програми дополнително ќе се уредат со подзаконски акти.