Достапни линкови

Вести

Турција бара од Израел да дозволи меѓународна истрага

Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу денеска изјави дека нормализацијата на односите со Израел не доаѓа предвид доколу Израел не се согласи на меѓународна истрага за инцидентот со бродовите со хуманитарна помош за Газа. Ако не дозволуваат истрага, значи имаат што да кријат, оцени Давутоглу, кој зборуваше на прес конференција со шефовите на диломатиите на Авганистан и на Пакистан, на маргините на самитот во Истанбул за регионална безбедност.

види ги сите денешни вести

ВМРО-ДПМНЕ за пресудата за „27 април“-власта се изживува врз судбини

Изрекување на пресудите за организаторите за упадот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 година. Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот министер за труд и социјала Спиро Ристовски, поранешниот министер за транспорт и в

Додека е Зоран Заев на власт, дотогаш правдата нема да живее во Република Македонија, рече денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Реакцијата на опозициската партија следува по денешната пресуда за случајот „Организатори на 27 април“ во кој осудени се поранешните државни функционери од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на затворски казни од шест до шест и пол години.

„Денешната одлука на судот е темпирана и планирана прeсуда која има за цел да создава страв кај политичките непријатели на Зоран Заев и целосно ја руши демократијата во државата“, рече Арсовски.

Според него додека политичките непријатели се казнуваат со, како што рече, неосновани пресуди власта на Заев ја дефокусирала јавноста од сопствените криминали и корупција.

„Ваквата пресуда не е ништо друго туку продолжување на праксата на власта да се изживува со судбини, во случајот со лица кои во постапката покажаа дека се невини, а судот пресудителната одлука ја темели само на исказ на човек со дебело криминално досие кој што според вештачењето се докажа дека воопшто и не бил присутен на местото за кое што сведочи“, вели Арсовски кој тврди дека целата пресуда се темели на исказот на Александар Василевски – Нинџа, човек, со како што рече дебело криминално досие.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ им порача на судиите, кои како што рече, му слугуваат на Заев дека требало да знаат дека брзо ќе дошло време кога ќе требало да дадат одговор за сите вакви одлуки.

Инаку осудените до правосилноста на одлуката остануваат во домашен притвор. Тие се осудени за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Судијата Илија Трпков рече дека случувањата на 27 април 2017 година во Собранието се напад врз сржта на демократијата.

Десет нови случаи на ковид-19 и двајца починати

Вакцинација против ковид

Во последните 24 часа регистрирани се 10 нови случаи на ковид-19 од направени 2.473 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Во Скопје има 7 новозаразени и по еден во Прилеп , Тетово и Струга.
Регистрирани сe 16 оздравени пациенти. Пријавени се две починати лица од:Гостивар (67г) и Тетово (62г) починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 156.086 бројката на оздравени пациенти е 150.295, на починати е 5.491, а бројот на активни случаи изнесува 300.

Ослободени од затвор двајца дописници на РСЕ од Белорусија

Белорусија - Новинарите Алеш Дашчински, Ина Стуџинскаја и Алег Хружџилович

Двајца дописници на Белорускиот сервис на РСЕ се ослободени откако поминаа 10 дена во затвор. Тие беа уапсени како дел од казните врз медиумите и граѓанскиот сектор што ги спроведува авторитарниот лидер на Белорусија Александар Лукашенко.

Денеска беа ослободени Ина Стуџинскаја и Алег Хружзилович. На нив им било соопштено дека сепак остануваат осомничени за неодредено кривично дело.

Против нивното апсење Стуџинскаја штрајкуваше со глад девет дена, а Хружзилович три дена. Претходно од затвор беше ослободен уште еден дописник на РСЕ, Алеш Дашчински.

Тројцата новинари на РСЕ беа уапсени на 16 јули, кога беа уапсени и други новинари, откако полицијата и безбедносните сили извршија претрес во нивните станови и канцеларии, вклучувајќи ги и канцелариите на РСЕ во Минск.

Белоруските власти по масовните протести по спорните избори минатата години затворија неколку независните медиуми и повеќе од 50 невладини организации.

РСЕ ги осуди апсењата на новинарите.

Премиерот тврди дека нема корупција во највисокиот ешалон на власта

Корупција, илустрација.

Во највисокиот ешалон на власта, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција, вели премиерот Зоран Заев, како одговор на тоа дали ќе побара одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата, по објавениот Извештај на Стејт департментот за инвестициска клима за 2021. Во извештајот меѓудругото се нотира и дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија.

Заев вели дека кај министрите и кај директорите не е пронајдена корупција, туку таа е пронајдена во делот на административното функционирање на јавните институции.

Коментирајќи го извештајот на Стејт департментот, премиерот вели дека тоа треба да биде „ветар во грб“ за да се отстрани корупцијата, како девијантна појава што ја има насекаде во светот.

„Нам ни е јасно од страна на Владата по сите анализи заедно со Транспаренси интернешенл, со Стејт департментот, со Европската делегација овде и со многу други граѓански организации го утврдивме нивото на корупција што се случува на трето ниво. Таму каде што граѓаните шалтерски допираат, имотен лист, одобрение за градба, решенија, согласност или слично и ќе го промениме“, рече Заев.

Во извештајот на Стејт департментот се наведува дека големите странски компании кои работат во технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) имаат генерално позитивни искуства и добро соработуваат со властите. Но, сепак, целокупното регулаторно опкружување на земјата останува сложено и честите регулаторни и законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција, стои во извештајот. Во него се наведува дека Владата генерално ги спроведува закони, но има бројни извештаи дека некои службеници остануваат ангажирани во коруптивни активности.

Неделава нов топол бран

Скопје во лето.

Од денеска до крајот на оваа недела времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината, соопшти УХМР.

Под влијание на топла воздушна маса од југ, во следните денови на повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени. Најтопло ќе биде од среда до недела кога ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури, а вредноста на УВ-индексот ќе изнесува 9. Наместа долж Повардарието температурата ќе го надмине и 40-тиот степен, соопшти УХМР.

Кон крајот на јуни Македонија беше во портокалофа фаза, кога беа активирани препораките за заштита на здравјето, како што се: ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години.

Заев – Вметнување на Бугарите во Уставот пред пристапување во ЕУ

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Бугарите ќе бидат вметнати во македонскиот Устав, но пред самото пристапување во ЕУ. Тога се отвора Уставот со цел да се смени заедничкиот дел со земјите членки на ЕУ, и тогаш се вградуваат и помалку бројните етнички заедници кои се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања.

„Ние немаме никакви предрасуди. Ако некој бара утре тоа да го направиме и да сакаме не можеме. Две третини немаме, ниту треба, но јавно го кажуваме заради тоа што и Бугарите и Хрватите, и Црногорците и Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вградени во нашиот Устав во очи на пристапувањето“, истакна Заев.

На новинарско прашање дека доколку бидат внесени Бугарите во македонскиот Устав, дали ќе се бара реципроцитет односно вметнување на Македонците во бугарскиот Устав, со оглед на тоа дека има и Македонци во Бугарија, Заев рече дека тоа е право на Бугарија и оти мешање во внатрешни работи на соседна земја не е порака на пријателство.

Во петокот вршителот на должност шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев изјави дека Министерството за надворешни работи би сакало Бугарите во Северна Македонија да бидат впишани во Уставот на земјата заедно со останатите наброени народи во него.

Претседателот на парламентот на Тунис седи пред собраниската зграда блокирана од војската

Тунис - Поддржувачи на претседателот на државата Каис Сајед

Претседателот на Парламентот на Тунис Рашед Гануши денеска седна пред собраниската зграда откако војската му забрани влез во објектот по одлуката на претседателот на државата Каис Сајед за замрзнување на работата на парламентот.

Неколку стотици приврзаници на Сајед се собраа пред парламентот, извикувајќи непријателски слогани против Енахде, главната партија во парламентот предводена од Гануши.

Поддржувачите на претседателот ги спречија поддржувачите на Гануши да се приближат до Парламентот. Гануши и неколкумина пратеници тргнаа кон Парламентот утринава во 3 часот, но не можеа да влезат во зградата која е блокирана од војската. Гануши и пратениците потоа седнаа пред Парламентот.

Претседателот на Тунис синоќа ги замрзна активностите на Парламентот на 30 дена, а таа одлука би можела да биде продолжена на неколку месеци. Сајед го смени премиерот Ишем Мешиши и рече дека тој ќе ја преземе неговата функција до именувањето на нов премиер.

Организаторите на 27 април добија казни затвор од шест до шест ипол години

Судење за 27 април.

Виновни за организирање на настаните на 27 април 2017 година се поранешните функционери Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие го загрозиле уставниот поредок и безбедноста и ја повредиле сржта на демократијата, рече судијата Илија Трпков, изрекувајќи ги пресудите. Вељаноски доби казна затвор од шест ипол години затвор, Јанакиески и Ристовски добија шест години и три месеци затвор, а Атанасовски е осуден на шест години затвор.

Овој настан бил планиран за да се задржи власта, рече судијата. Тој е убеден дека со овие казни доволно ќе се влијае врз обвинетите во иднина да не прават вакви дела.

Вељаноски, како поранешниот претседател на Собранието, поранешните министри Јанакиески и Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се виновни зошто во 2017 изготвиле план да го загрозат уставниот предок, организирале протести, материјално ги помагале, го намалувале бројот на полицајци и презеле мерки за да може луѓе да влезат во Собранието и да извршат насилство.

„Настанот од 2017 е без преседан и се одвиваше пред очите на јавноста и на целиот свет. Тоа е голем удар врз демократијата“, рече судијата Трпков.

За овој случај недостапни за судот останаа некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој, како што рече судот ги повикал преку медиумите граѓаните да излезат на улица и поранешниот вработен во УБК Никола Бошковски. За нив постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.

Антикорупциска го оспори пред Уставен Законот за автопати без тендер

Антикорупциска комисија / ДКСК

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска ја достави до Уставниот суд Иницијатива за оценување на уставноста на законот за изградба на автопати без тендер од страна на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Воедно, антикорупциската побарала времено стопирање на примената на законот додека судот не се произнесе.

Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) веќе е објавен во Службен весник.

ДКСК смета дека законот е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно.

Тие сметаат дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

Антикорупциска смета дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализмот.

Пратениците овој Закон го донесоа во скратена постапка.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, по изгласувањето на законот во Собранието, го потпиша указот за негово прогласување, и покрај забелешките на Антикорупциската комисија.

Кон очекува ситуацијата со ковид-19 во Србија да се влошува

Вакцинација против ковид-19 во Србија.

Епидемиолошката состојба со ковид-19 во Србија е влошена и уште повеќе ќе се влошува, изјави денеска српскиот епидемиолог и член на Кризниот штаб, Предраг Кон.

Тој очекува оваа недела бројот на новозаболени да надмине 300 лица.

Кон вели дека во следниот период сигурно ќе има четирицифрен број на нови инфекции на дневна основа. Во Србија во моментов во болница има околу 300 лица, но не се очекува притисок врз здравствениот систем, како што беше кога имаше повеќе од 9.000 хоспитализирани, вели доктор Кон.

Тој очекува бројките да растат како луѓето ќе се враќаат од одмор и во септември, на почетокот на учебната година.

На Олимпијадата регистрирани 153 лица со ковид

Тестирање за ковид

Од почетокот на месецов се регистрирани 153 случаи на коронавирус кај луѓето акредитирани за Олимпијадата, а 16 нови случаи биле регистрирани само во изминатото деноноќие, соопштија организаторите на Олимписките игри во Токио.

Од вкупната бројка позитивни 19 се спортисти, а дел од нив се жители на Олимпиското село. Позитивните се сместени во карантин во хотели.

Олимпијадата која требаше да се одржи лани, се одложи поради пандемијата. Игрите започна на 23 јули и покрај вонредна состојба во Токио и во уште три соседни префектури.

На Олимпијадата нема публика ниту од Јапонија, ниту од странство.

Кина ги обвинува САД за „ќор-сокакот“ во меѓусебните односи

Венди Шерман

Кинескиот заменик министер за надворешни работи Кие Фенг ѝ кажал на соопштил на високата претставничка на американскиот Стејт департмент Венди Шерман дека главната причина за тензиите во односите меѓу САД и Кина е тоа што некои Американци ја третираат Кина како „замислен непријател“. Фенг исто така, ѝ рече на Шерман дека САД ја „демонизираат“ Кина и треба да го сменат својот пристап. „Ги повикуваме Соединетите држави да го променат својот многу погрешен начин на размислување и опасната политика“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Кина по разговорите меѓу Шерман и Кие. Министерството наведе дека односите се во „ќор-сокак“ и се соочуваат со „сериозни тешкотии“.

Кина обвинета за сајбер нападите на Мајкрософт

Претставници на американскиот Стејт департмент пред патувањето на Шерман изјавија дека таа има за цел да постави „заштитни огради“ и да бара еднакви услови за конкуренција за да се обезбеди врските да не влегуваат во конфликт. Предвидено е Шерман, дипломатот број 2 во Стејт департментот, да се сретне и со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за време на нејзината посета на Тијанџин, југоисточно од Пекинг. Таа е највисок американски функционер што ја посети Кина откако претседателот Џо Бајден ја презеде должноста во јануари.

Во Вашингтон разговори меѓу Бајден и Ал-Кадими

американскиот претседател Џо Бајден

Денеска во Белата куќа ќе се одржи состанок меѓу американскиот претседател Џо Бајден и ирачкиот премиер Мустафа ал-Кадими за американското воено присуство во Ирак. До ова доаѓа по неколкудневните разговори во Вашингтон меѓу ирачката делегација и претставници на американската администрација Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби изјави дека разговорите се посветени на „долгорочната воена соработка“ меѓу Ирак и Соединетите држави.

Напад со дрон врз американска воена база во Ирак

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин кој се приклучи на разговорите изјави дека целта е да се „потврди посветеноста“ за продолжување на борбата против екстремистите на Исламската држава. Стратешкиот дијалог меѓу Соединетите држави и Ирак треба да резултира и со временски распоред за повлекување на меѓународната коалиција која се бори против Исламска држава од 2014 година.

Состанок на српските парламентарни партии од РС по повод одлуката на Инцко

Парламентот на Република Српска

Претседателите на сите парламентарни партии од Република Српска денеска ќе одржат состанок, за, како што наведе претседателот на тоа собрание Недељко Чубриловиќ, да ги усогласат своите позиции во врска со одлуката на високиот претставник во БиХ Валентин Инцко да наметне закон за забрана за негирање и казнување на геноцид и воени злосторства“.

„Српски свет“ закана по безбедноста на Балканот?

Сите политички партии од РС оценија дека оваа одлука на Инцко е лоша и дека тоа дополнително ќе ја влоши политичката состојба и тензиите во БиХ, како и дека нема да придонесе за помирување на народот. Најостра беше реакцијата на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, повторувајќи дека не се случил геноцид во Сребреница и најавувајќи дека РС е „принуден да го започне процесот на распуштање“.

Русија и Кина предлагаат укинување на високиот претставник во БиХ


Канцеларијата на високиот претставник изјави дека наметнатиот закон ќе стапи на сила осум дена по објавувањето на одлуката, односно в сабота, на 31 јули, на привремена основа, сè додека не биде усвоен од Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина во истиот форма, без измени и дополнувања и без дополнителни услови. Наметнатиот закон се заканува до пет години затвор за негирање геноцид и величање на обвинетите за воени злосторства.

Бугарија ги затвора границите за патниците од Холандија, Малта, Андора и Грузија

Бугарија, сертификат за ковид-19

Бугарија од денеска се затвора за патниците-странци кои ќе пристигнуваат од Холандија, Малта, Андора и Грузија. Бугарските државјани кои пристигнуваат од овие земји, како и на лицата со постојано жителство во нив и членовите на нивните семејства, дозволен ќе им биде влез во земјата само со негативен тест за ковид-19, без разлика дали биле вакцинирани или не, се предвидува во новата наредба на бугарскиот министер за здравство. Во Црвената зона од минатата недела се и Велика Британија, Шпанија, Кипар и Кувајт. Влегувањето во црвената зона значи дека Бугарија не дозволува посети од овие земји, освен доколку не станува збор за бугарски државјани и лица со статус на постојан, долгорочен или продолжен престој во земјата и на членовите на нивните семејства.

Секој трет заразен во Бугарија е од делта сојот

Во овие случаи, не е важно дали некое лице е вакцинирано – мора да покаже негативен PCR за влез во Бугарија. Можно е тестот да се замени со 10-дневен карантин и да се откаже доколку се прикаже негативен тест за PCR во рок од 24 часа по собирањето. Бугарија им дозволува на туристите од Русија да влезат со негативен PCR тест, без разлика дали биле вакцинирани, иако, како што забележаа тамошните медиуми, приморскиот град Бургас пред неколку дена се врати во жолтата зона поради зголемувањето на новите случаи со зарази.

Францускиот парламент ја усвои проширената употреба на санитарната пропусница

протест против новите мерки за борба против епидемијата на коронавирус во Париз, Франција, 17 јули 2021 година.

Францускиот парламент ја усвои продолжената употреба на санитарната пропусница доцна синоќа по викендот за време на кој се одржаа протести против таа обврска низ целата земја. Долниот дом на парламентот со 156 гласа „за“, 60 „против“ и 14 воздржани го усвои текстот за задолжителна санитарна пропусница за влез во ресторани и во јавниот превоз, како и за задолжителна вакцинација на здравствените работници. Претходно, Горниот дом, Сенатот, веќе го усвои законот за кој многумина сметаат дека ја ограничува слободата. Според усвоениот текст, нема да има отпуштања на лица кои не се согласуваат на задолжителна вакцинација против коронавирусот. Но, на овие вработени им се заканува суспензија на плата.

СЗО ги повика богатите земји наместо да вакцинираат деца, да ги донираат вакцините

Вакцината е задолжителна за медицинските работници, пожарникарите и оние кои работат со стари лица, додека санитарната пропусница, односно доказот за вакцинација, прележан ковид-19 или негативен тест за коронавирус, ќе биде задолжителна за кафулиња, ресторани, саеми и патувања со авион и воз. За тој текст сè уште треба да расправа Уставниот совет на Франција. Во исто време, властите продолжуваат да промовираат вакцинација. Скоро 60 проценти од населението примило една доза на вакцината.

Од денеска пријавување за вакцинирање против ковид-19 и во домашни услови

Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Од денеска граѓаните кои поради здравствени причини не се во можност да дојдат и да примат вакцина против ковид-19 на одредените пункт, може да закажат вакцинирање во домашни услови, соопшти Министерството за здравство. Граѓаните треба да се јават во здравствените домови во нивните градови или општини и да закажат вакцинирање со домашна посета.

Во Врање вакцинирани 12 илјади Македонци, од кои околу 9 илјади целосно

Вакцинацијата во државата се врши во Здравствените домови каде има пунктови за вакцинација, ревакцинацијата се одвива во спортски сали во поголемите градови, а има и теренска вакцинација по руралните средини.

Тунискиот претседател го распушти парламентот

Тунис, протести

Претседателот на Тунис, Каис Саид, синоќа објави дека го распушти парламентот и го разреши премиерот по протестите против туниските лидери. Претседателот Саид ги повлече тие потези согласно член 80 од уставот затоа што Тунис се соочува со врвот на епидемијата на коронавирус и длабока политичка криза што ја парализира земјата со месеци. Вчера во Тунис се одржаа насилни протести поради влошената економска, социјална и здравствена состојба во таа северноафриканска земја. Илјадници луѓе, претежно млади луѓе, излегоа на улиците на главниот град и другите поголеми градови во земјата и покрај големата жештина и кршејќи ги санитарните мерки поради коронавирусот.

По долги немири и протести, ќе има смени во Владата на Тунис

Тие побараа распуштање на тунискиот парламент и предвремени избори. Организатор на протестот, кој се одржа на 64-годишнината од прогласувањето на независноста на Тунис, е групата „Движење 25 јули“. Безбедносните сили беа распоредени околу сите важни институции, полицијата фрлаше солзавец кон демонстрантите, а неколкумина беа уапсени.

Ден на жалост на Косово поради сообраќајна несреќа во Хрватска

превртениот автобус во близина на Славонски Брод, Хрватска, 25 јули 2021 година.

Денеска е ден на жалост на Косово, со цел да им оддаде почит на косовските граѓани кои вчера загинаа во сообраќајна несреќа во Хрватска. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, која објави дека го прогласила денешниот ден за ден на жалост реши да ја заврши посетата на оваа земја и денеска да се врати на Косово.
Десет лица загинаа, а 44 се повредени во несреќен случај кај Славонски Брод кога автобус слета надвор од патот.

Косовски автобус излета во Хрватска, најмалку 10 загинати

Станува збор за граѓани од дијаспората, кои патувале од Франкфурт до Приштина со автобус на компанијата од Дева Турс од Ѓаковица. Хрватската полиција и обвинителството кои отворија истрага, велат дека причините за слетувањето на автобусот од патот се испитуваат, но потврдијз дека возачот, кој признал дека „заспал за момент“ зад воланот, бил уапсен.

Продолжува собраниската расправа за ребалансот на буџетот

Собранието расправа за ребалансот на Буџетот

Собранието на Република Северна Македонија, во рамките на 47-та седница, денеска ќе ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот за 2021 година. Во досегашната расправа пратениците од опозицијата рекоа дека ребалансот на Буџетот не е развоен, дека се кратат капиталните расходи, а се зголемуваат материјалните трошоци. Тие забележаа дека Владата води погрешни економски политики, која ќе ги донесе граѓаните да бидат најзадолжени во историјата, а економијата да биде во најголема криза. Претходно, министерот за финансии Фатмир Бесими, посочи дека капиталните инвестиции главно се зголемуваат во буџетската структура и стигнуваат до 11,1 процент за разлика од претходните девет години кога биле 9,5 проценти.

Бесими за ребалансот - Здрави луѓе и здрава економија клучни цели

Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.

Времето денеска: сончево и топло со умерена облачност

Ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во северозападните планински подрачја ќе има услови за краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Дневната температура ќе биде од 28 до 37 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 37 степени.

Склопен првиот геј-брак во Црна Гора

Архивска фотографија: Парада на гордоста во Црна Гора во 2018

Две млади жени, со потекло од Балканот, а живеат и работат во странство, се венчаа денеска во Будва, соопшти Општината.

Тоа е првиот истополов брак склучен во Црна Гора откако почна примената на Законот за животно партнерство.

Собранието на Црна Гора во јули 2020 година го донесе Законот за животно партнерство, кој стапи во сила на 15 јули годинава.

Министерката за јавна управа, дигитална трансформација и медиуми, Тамара Срзентиќ на Твитер напиша дека им посакува среќа и многу љубов на партнерките ви заедничкиот живот.

Таа напиша дека е многу горда што во Црна Гора е склучено првото животно партнерство на лица од ист пол.

Иако Законот за животно партнерство на лица од ист пол беше усвоен пред една година, Срзентиќ истакна дека има уште многу работа за да се исполнат сите предуслови за негова целосна примена.

Германија најави можни ограничувања за невакцинираните

Илустрација: Луѓе го поминуваат мостот на Одра кој ги разделува Франкфурт на Одра во Германија и Слубице во Посла

Германија денеска најави дека можеби ќе биде неопходно ограничување за невакцинираните ако бројот на случаи на коронавирус во земјата повторно го достигне максимумот во наредните месеци.

Директорот на кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел, Хелге Браун, за весникот Билд ал Зонтаг, рече дека не очекува уште едно затворање во Германија поради коронавирусот.

Тој наведува дека на невакцинираните ќе им биде забранет влез на места како ресторани, кина и стадиони, зашто ризикот е преголем.

Браун додава дека „вакцинираните сигурно ќе имаат поголеми слободи од невакцинираните“.

Вакцинацијата во Германија е забавена во последните недели, што доведе до расправа за тоа како да се поттикнат оние кои не се вакцинирале да го направат тоа.

Повеќе од 60 отсто од германските граѓани примиле барем една доза, додека околу 48 отсто се целосно вакцинирани.

Браун рече дека се плаши дека бројот на нови случаи на коронавирус би може да се зголеми во наредните неколку недели и дека би можел да достигне до 100 илјади дневно до крајот на септември.

После повеќе од два месеци постојан пат, од почетокот на јули во Германија расте бројот на заразени, главно поради ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот.

Повеќе од 90 илјади луѓе починаа досега во Германија од ковид-19.

Нови 24 случаи на коронавирус во Македонија

Илустрација

Во последните 24 часа регистрирани се 24 нови случаи на заразени со ковид -19 од направени 4.133 тестирања, соопшти Министерството за здравство. Од новозаразените во Скопје има 6, Тетово – 5, Куманово – 3, Прилеп и Кичево – по 2, Битола, Охрид, Струмица, Кочани, Радовиш и Дебар – по 1.

Регистрирани сe шест оздравени, а нема починати пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 156.078 бројката на оздравени пациенти е 150.276, на починати е 5.489, а бројот на активни случаи изнесува 310.

Нуредини – Охрид добива можност да го задржи статусот на УНЕСКО

Охрид

Драго ми е што Охридското Езеро и регионот ќе имаат можност да го задржат својот статус и ќе имаме време за да ја комплетираме заштитата на ова неверојатно природно и културно светско наследство. Но ова значи дополнителна одговорност, истакна денеска министерот за животна средина Насер Нуредини во своето обраќање на сесијата на Комитетот на УНЕСКО.

Тој вели дека треба да се работи за во иднина повторно регионот да не се најде во иста ситуација како сега. Министерот за заблагодари што се одобрува дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки.

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

Комитетот за светско наследство одржуваше сесија во кинескиот град Фуџоу, на која се разговараше и за статусот на Охрид и Охридскиот регион.
Во нацрт верзијата беа наведени слабостите кои ги направиле државата и институциите на локално и на национално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно, односно културно наследство прогласени за светско богатство, како и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG