Вести
Над милијарда луѓе во светот гладуваат
види ги сите денешни вести
Од денеска се воведува евтина струја и преку ден

Два часа во денот дополнително, домаќинствата ќе имаат евтина тарифа почнувајќи од денеска. Во терминот од 13 до 15 часот струјата ќе биде тарифирана по пониска цена, со што со претходниот режим од 22 до 7 часот наутро вкупно во едно деноноќие 11 часа ќе бидат на располагање со евтина електрична енергија. Ваквото тарифирање ќе важи од понеделник до сабота и 24 часа во недела.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во декември 2021 година одлучи да ја укине евтината дневна тарифа за домаќинствата заради цената на електричната енергија на берзите која се движеше од 300 до 400 евра за мегават час, а во текот на денот достигнуваше и до 500 и 600 евра па и повеќе. Сега, како што вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, евтината дневна тарифа не се враќа заради политиката, туку заради фактот што цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта.
„Од денеска стартува дневната евтина тарифа за домаќинствата. Ќе важи од 13 до 15 часот. Оваа одлука е пазарен механизам затоа што преку ден цената за струја на берзите е до три пати поевтина отколку навечер и е практичен резултат на Елдорадото на фотоволтаици,“ изјави Бислимоски.
РКЕ неодамна донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.
„РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, појасни Бислимоски.
Според него, денеска евтина дневна тарифа ќе добијат сите потрошувачи кои имаат броила што се читаат од далечина, а до крајот на месецов околу 90 проценти од домаќинствата. Проблем ќе бидат домаќинствата кај кои се недостапни броилата.
Извештај за тероризам 2022: Пад на терористичките напади, ИСИС одговорна за најголемиот дел од нив

Во 2022 година имало 7 342 терористички инциденти или 12 проценти намалување в однос на 2021 година, се наведува во годишниот извештај на Стејт департментот за тероризам во земјите.
Инцидентите во 2022 година резултирале со 21943 жртви, 12470 повредени и 4508 киднапирани. Oва е 7 отсто помалку жртви, 27 отсто помалку ранети и 20 отсто помалку киднапирања отколку во 2021 година, се наведува во извештајот.
Во 2022 година се случиле терористички инциденти во 73 земји и територии. Од нив, 84,9 проценти биле концентрирани во три географски региони: Западна Азија, Суб-Сахарска Африка и Јужна Азија.
Демократска Република Конго (Киншаса), Сирија, Нигерија, Пакистан, Индија, Ирак, Јемен, Бурма, Буркина Фасо и Сомалија беа земјите кои доживеале најголем број терористички инциденти во 2022 година.
Буркина Фасо има најголем пораст, со 157 отсто повеќе отколку во 2021 година. Инцидентите во овие 10 земји учествувале со 74 отсто од сите глобални терористички инциденти во 2022 година. Меѓу сите глобални извршители на тероризам, вклучително и групи назначени од Стејт департментот и други, ИСИС (со нивните елементи во Ирак и Сирија, вклучувајќи ги и врските во околината) ги предизвикале најголемиот дел од инцидентите во 2022 година, по што следи Организацијата за развој на Конго (CODECO), ИСИС-Демократска Република Конго Ал-Шабаб (ИСИС-ДРК)и ИСИС во Западна Африка (ИСИС-ЗА).
Во текот на 2022 година, терористичката организација ИСИС била одговорна за 535 инциденти и 1329 жртви, што е намалување од 17 проценти во бројот на инциденти и 7 проценти зголемување на бројот на жртви од 2021 година. Организацијата за развој на Конго предизвикала 418 терористички инциденти, што е зголемување од 14 проценти од 2021 година. ИСИС-Демократска република Конго беше третата најактивна група на сторители, одговорна за 299 инциденти и 1603 жртви што е пад од 8 проценти од 2021 година. Конечно, одговорноста на Ал Шабаб за 248 инциденти беше намалување на 7 проценти од 2021 година, а нејзината одговорност за 1342 смртни случаи е зголемување за 29 проценти од 2021 година. ИСИС-ДРК, исто така, предизвика најмногу смртни случаи во 2022 година.
Секоја година, извештајот обезбедува увид за важни прашања во борбата против тероризмот и им помага на Соединетите Држави да донесуваат информирани одлуки за политиките, програмите и распределбата на ресурсите за борба против тероризмот и отпорност низ целиот свет.
По истекот на примирјето, продолжуваат борбите меѓу Израел и Хамас

Тешките борби продолжија во петокот во Појасот Газа, додека израелската војска ги обнови борбените операции против Хамас, откако ја обвини палестинската екстремистичка група за прекршување на привремениот прекин на огнот со пукање на израелска територија.
Седумдневната пауза, која започна на 24 ноември и беше двапати продолжена, овозможи размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници и го олесни влезот на хуманитарна помош во опустошениот крајбрежен појас.
Еден час пред примирјето да заврши во 7:00 часот по локално време(6:00 часот по средноевропско време), Израел објави дека пресретнал ракета истрелана од Газа.
Немаше коментар од Хамас или преземање одговорност за лансирањето.
Палестинските медиуми објавија израелски воздушни и артилериски напади низ енклавата по истекот на примирјето, вклучително и во градот Рафа, во близина на границата со Египет.
Во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, очевидец за Ројтерс изјави дека може да слушне силно гранатирање и чад што се издига на истокот на градот.
Едно лице го загуби животот по вчерашното пукање во Ерусалим, според извештаи на израелските медиуми. Жртвата е „вооружен цивил“ кој се обиде да ги фати двајцата напаѓачи, но израелските сили по грешка го сметале за непријател и тешко го раниле. Тој доцна синоќа починал од здобиените повреди. Двајца од напаѓачите, Мурад Мухамед Нимр и Ибрахим Мухамед Нимр, исто така беа убиени кога израелските сили одговорија на нападот.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху нареди уривање на нивните куќи во источен Ерусалим како казна и одвраќање од идни такви акции.
Продолжува Министерскиот совет на ОБСЕ

Денеска (1 декември) е вториот и последен ден од Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) кој се одржува во главниот град на Северна Македонија, Скопје.
Според најавите на последниот ден од состанокот треба да се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето - влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Се очекува прес-конференција да одржи и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, со претствник на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ Шмид.
Инаку бојкотот на дел од делегациите на говорот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неговите обвинувања кон Западот дека го уништува ОБСЕ, како и пораките кои западните дипломати му ги пренесоа поради руската инвазија врз Украина го засенија фокусот на вчерашниот ден од состанокот.
Западните дипломати јасно и со делумен бојкот испратија порака до Москва дека се спротивставуваат на војната во Украина. Тие го вперија прстот во Русија дека го кочи функционирањето на ОБСЕ. Од друга страна и Лавров кој во живо ги слушаше нивните пораки и реакции, возврати обвинувајќи го Западот дека со години го уништува ОБСЕ. Во својот 15 минутен говор, Лавров ги напаѓаше западните земји, Европската унија и НАТО.
Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О'Брајан, пак, изрази очекувања дека Малта како следен претседавач ќе заврши одлична работа во 2024 година и испрати порака до Русија која по почетокот на инвазијата во Украина ја блокира работата на организацијата.
Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок порача дека „нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка“.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски оцени дека „ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, туку е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ“.
На маргините на 30-ти Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи ги повикал на средба министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.
„Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“, соопшти во четврток вечер МНР.
Во петок(1 декември)ќе се формализира кандидатурата на Малта за преземање на претседавањето со ОБСЕ следната година. Османи во своето обраќање посочи дека фокусот на конференцијата треба да биде на луѓето во регионот на ОБСЕ и на тоа што е најдобро за нив.
На Министерскиот совет учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
МНР: Средбата со Лавров и со Борг беше со цел да се обезбеди функционирањето на ОБСЕ

Министерството за надворешни работи(МНР) на Северна Македонија потврди дека денеска (30 ноември) на маргините на 30-ти Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи ги повикал министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.
„Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“, соопшти МНР.
Малта е земјата за која се очекува да го преземе претседавањето со ОБСЕ за 2024 година.
Претходно денеска, Амбасадата на Руската Федерација во Скопје објави фотографија од средбата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Во објавата немаше други информации за средбата.
По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки. Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. Еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.
На 27 ноември, неколку дена пред почетокот на Министерскиот состанок, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека на подготвителен состанок бил постигнат консензус Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ, одлука што треба да биде потврдена на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.
Средба на Лавров со актуелниот и со идниот претседавач на ОБСЕ, објави руската амбасада

Амбасадата на Руската Федерација во Скопје објави фотографија од средба на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров со министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи како сегашен претседавач со ОБСЕ и министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, како иден претседавач со Организацијата.
Амбасадата ја објави фотографијата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Освен фотографијата, во објавата нема друга информација.
По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки.
Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. На пример, еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.
Единствениот формален кандидат – Естонија, неколку пати беше блокиран од Русија. На 27 ноември, неколку дена пред почетокот на Министерскиот состанок, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека на подготвителен состанок бил постигнат консензус Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ, одлука што треба да биде потврдена на настанот во Скопје.
Борг: Да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат

Мултилатеризмот е во основата на надворешната политика на Малта. Мора да се обидеме колективно да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, препознавајќи ги нашите споделени одговорности како потписници на Хелсиншкиот финален акт, порача Иан Борг, министер за надворешни работи на Малта, во своето обраќање денеска, на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје.
Малта е следната земја претседавач со ОБСЕ.
„Да се вратиме на споделените принципи и заложби. Дозволете предизвиците да ги претвориме во можности, во духот на Хелсиншкиот финален акт и да обезбедиме наследство за идните генерации. Заедно, да внесеме нов дух во Организацијата“, рече Борг.
Очигледно е, нагласи тој, дека мултилатерализмот се соочува со предизвици, но останува клучен за справување со глобалните проблеми - од спречување конфликти до справување со климатските промени.
„Како Организација се наоѓаме во комплексна и критична ситуација. Насилството како средство за остварување на целите не е во духот на Хелсиншкиот акт и мора да се вратиме на деескалација и мирно решавање на споротвите со почит кон дијалогот. Во духот на Хелсиншкиот акт не е ниту користењето на вето за спречување на ОБСЕ во остварување на своите основни цели. Мора да се вратиме на барањето компромис, дури и кога ни е тешко да се согласиме“, рече министерот за надворешни работи на Малта.
Во духот на Хелсиншкиот финален акт, порача тој, е соработката со добра волја за градење доверба.
„Заедно го создадовме ОБСЕ како инструмент за безбедност, соработка и разбирање. За добросостојбата на сите луѓе на кои им служиме, мора да опстанеме и го зачуваме. Ова е тешка, но витална задача пред нас. Дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат“, рече Борг.
Малта, нагласи Борг, „останува посветена на обезбедување на хуманитарна помош и поддршка за Украина и Русија мора целосно да се повлече од целата нејзина територија“.
Украинскиот амбасадор во ОБСЕ: Не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ со земја која ја киднапира нашата иднина

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето денеска на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.
Цимбаљук, симболично во своето обраќање, пред делегатите покажа и пет зрна, како што рече, изгорени од Русија со ирански дрон, објаснувајќи дека Русија досега има уништено стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.
„На светот му треба вакцина против обидите за користење на храната како оружје“, рече Цимбаљук.
ОБСЕ во изминатите две години, според Цимбаљук, покажа дека е најкорисно кога ги игнорира уцените од Русија, и кога со неа се зборува од позиција на обединетост и морално право.
„Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца“, порача Цимбаљук.
Во десетата година од анексијата на Крим, во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство од одбрана на принципите на Организацијата, со „дополнителна изолација на Русија и нејзините малигни акции во рамките на истата“.
Новинарката на РСЕ е политички затвореник, објави руската група за човекови права

Руската група за човекови права „Меморијал“ ја призна како политичка затвореничка Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), која е во руски притвор од 18 октомври.
Курмашева, новинарка на татарско-башкирската служба на РСЕ од Прага, Чешка, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради итен семеен случај во мај годинава.
Таа беше привремено задржана на 2 јуни додека го чекаше повратниот лет на аеродромот во Казан, каде ѝ беа одземени двата пасоши.
На 11 октомври, властите ја казнија Курмашева со 10.000 рубли (103 долари) затоа што не го регистрирала нејзиниот американски пасош кај руските власти, според извештаите на локалните медиуми врз основа на судските документи.
Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена поради сомнение дека не се пријавила како странски агент, што е кривично дело за кое максималната казна е пет години затвор.
Истражниот комитет објави дека Курмашева е осомничена дека „не ја исполнила обврската утврдена со законодавството на Руската Федерација да ги достави до надлежниот орган документите потребни за регистрација во регистарот на странски агенти“. Курмашева и РСЕ ги негираат обвинувањата.
Притворот на Курмашева предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои предупредуваат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Сергеј Давидис, претставник на групата „Меморијал“ и водач на проектот „Поддршка на политичките затвореници“, за РСЕ изјави дека Курмашева е признаен како политички затвореник бидејќи го смета за незаконски членот од рускиот Кривичен законик за странски агенти и неговата поврзаност со таканареченото „намерно собирање информации во во подрачје на воените ивоено-технички активности на Русија“.
„Податоците за кои станува збор не се класифицирани и не е нелегално да се собираат такви податоци“, рече Давидис, истакнувајќи дека руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) дала нејасно објаснување за тоа што може да се смета за забрането собирање податоци.
Давидис додаде дека „Меморијал“ смета дека кривичното гонење и евентуалното осудување на лица за неисполнување на „таканаречената обврска доброволно да се декларираат како странски агенти“ е нелегално.
„Покрај тоа, во случајот (Курмашева) гледаме конкретни политички цели кои беа очигледни од начинот на кој беше извршен прогонот. Таа најпрвин беше приведена и осудена затоа што не го пријавила своето второ државјанство, а дури потоа, по очигледно размислување, тие отворија уште еден случај“, рече Давидис.
Како што рече, ова е прва кривична постапка и апсење од ваков вид.
„Ова јасно укажува на вештачката основа на целата конструкција. За ова незаконско обвинение се размислувало долго време пред да биде употребено. Барале нешто да ѝ ја одземе слободата“, додаде тој.
Руското приведување на Курмашева, која е втор американски новинар приведен од Москва оваа година, предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои велат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Русија е обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД. Репортерот на „Вол Стрит Журнал“, Еван Гершкович, беше уапсен во март под обвинение за шпионирање, обвиненија кои тој и весникот жестоко ги негираат.
Од 2012 година, Русија го користи својот таканаречен закон за странски агенти за да ги етикетира и казнува критичарите на владините политики. Исто така, се повеќе се користи за затворање на граѓанското општество и медиумските групи во Русија откако Кремљ ја почна својата инвазија на Украина.
Амнести интернешенел, канцеларијата за човекови права на ОН, Комитетот за заштита на новинарите и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД повикаа на итно ослободување на Курмашева.
Законот за странски агенти им дозволува на властите да ги означат непрофитните организации како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и учествуваат во политички активности.
Од РСЕ нагласуваат дека овој закон претставува политичка цензура со цел да се оневозможи новинарите да ги извршуваат своите професионални должности.
Повеќе од 30 вработени во Радио Слободна Европа се наведени како „странски агенти“ од Министерството за правда на Русија.
Заедно со Курмашева, во затвор во моментов се и новинарите на РСЕ, Андреј Кузнечик, Ихар Лосик и Владислав Јесипенко, поради обвиненија поврзани со нивната работа. Групите за човекови права и РСЕ постојано повикуваа на нивно ослободување.
Министрите од регионот потпишаа изјава за борба против корупцијата

Министрите од регионот потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку конфискација на имот и дигитализација, за време на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржува во Скопје денеска (30 Ноември) и утре (1 Декември).
Министрите порачаа дека сузбивањето на корупцијата е приоритет за државите, а специјалната претставничка на ОБСЕ за борба против корупцијата Анита Рамасастри порача дека тоа е заеднички предизвик и оти тоа е клучно за да има функционални пазари.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија во обраќањето на настанот порача дека корупцијата ја загрозува безбедноста и економската благосостојба, а потпишувањето на денешниот документ значи дека на оваа борба ќе се посветат на највисоко ниво.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, пак, зборуваше дека борбата против корупцијата не е можна без меѓународна и координирана соработка, а ОБСЕ треба да помогне земјите да ги зајакнат капацитетите. Тој, исто така, порача дека корупцијата е и таму каде што се парите, алудирајќи на Западот.
„Ние сами се нарекуваме шампиони во корупција, ама не сме. Корупција има таму каде што има пари. Земање провизија на Западот е легално, а кај нас е корупција. Жал ми што тие не го потпишуваат ова, тие треба први да потпишат. Се сомневам дека ние сме повеќе корумпирани од нив. Само сакам да не ни делат лекции од страна. Ако земјите на ЕУ треба да поминат низ процесот низ кој ние треба да поминеме за влез во ЕУ, три четвртини нема да поминат“, рече Дачиќ.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, пак, во обраќањето се пошегува на сметка на Балканот велејќи дека во светски натпревар за корупција „ние завршивме на второ место на таа листа затоа што оние кои беа први нè поткупија за да завршиме втори“.
Корупцијата, според него, е политичка реалност на Балканот и поради тоа луѓето се иселуваат.
Шефот на црногорската дипломатија, Филип Ивановиќ, испрати порака дека ОБСЕ треба да ја зајакне улогата во борбата против корупцијата и криминалот, а неговиот колега од Албанија, Игли Хасани, рече дека оваа борба треба да биде приоритет и останува да има политичка волја за да се направи нешто повеќе на ова поле.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете