Достапни линкови

Вести

Билатерална средба САД - Иран во Женева

Американскиот државен потсекретар Вилијам Барнс денеска во Женева имал билатерална средба со иранскиот преговарач за нуклеарната програма Саед Џалили. Соединетите Држави и Иран немаат дипломатски односи скоро 30 години и ваквите билатерални средби се многу ретки. Инаку, во Женева се одржуваат преговори меѓу Иран и 6-те светски сили за иранската нуклеарна програма.

види ги сите денешни вести

Шмит - Меѓународната заедница е подготвена да ги заштити граѓаните на БиХ

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, на 6 декември рече дека сецесионистичката реторика го труе процесот на помирување и духот на соработка во БиХ, нагласувајќи дека меѓународната заедница е подготвена да ги заштити БиХ и нејзините граѓани доколку е потребно.

„Јасно е дека секој што се обидува да ја загрози државата Босна и Херцеговина и нејзината стабилност, внатре или надвор од земјата, е опасност за оваа земја и нејзината европска иднина. Меѓутоа, во исто време, нагласувам дека Европската Унија (ЕУ) и меѓународната заедница се подготвени да ја заштитат оваа земја и нејзините граѓани доколку е потребно“, рече Шмит.

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик, кој беше санкциониран од Соединетите Американски Држави и Велика Британија поради прекршување на Дејтонскиот мировен договор, неколку пати во своите медиумски настапи ја најави можноста тој ентитетот БиХ да прогласи независност од Босна и Херцеговина.

Територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, како една држава со два ентитета и округот Брчко, се загарантирани со Дејтонскиот мировен договор, а овој договор и Уставот на Босна и Херцеговина не даваат право на отцепување на ниту еден субјект.

Говорејќи по седницата на Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот (ССМ), високиот претставник истакна дека граѓаните на БиХ никогаш не биле поблиску до интеграција во ЕУ и дека „има реални шанси во следниот месец да бидат поблиску до таа цел“.

Во декември 2022 година, Босна и Херцеговина доби статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ.

Европската комисија на 8 ноември годинава му препорача на Советот на ЕУ отворање на пристапните преговори со БиХ, откако ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство во ЕУ.

Вучиќ - Mожно e Охридскиот договор да биде услов за прием на Србија во ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека постои можност Охридскиот договор да стане дел од преговарачкото поглавје 35, со тоа и услов за прием на Србија во Европската унија (ЕУ).

Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.

Охридскиот договор предвидува Србија да ги признае државните симболи на Косово, да не се противи на членството на Косово во меѓународните организации и дека страните меѓусебно го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет.

Вучиќ додаде дека за Србија „приемот на Косово во Обединетите нации не доаѓа предвид“.

„За ова ги запознав Французите, Германците, Италијанците, сите Европејци, Американци. Сите знаат сè“, изјави Вучиќ за неделникот НИН.

Како што претходно напиша Радио Слободна Европа (РСЕ), ЕУ и формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел.

„Советот бара од Комисијата и од високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“, се вели во нацрт-заклучоците, до кои РСЕ имаше увид.

Овие заклучоци ќе ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември. Истите заклучоци потоа ќе ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.

ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.

Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите.

На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување затоа што српскиот претседател Александра Вучиќ одби тоа да го направи.

Косово прогласи независност во 2008 година, што Србија не ја признава.

САД обвинија четворица проруски војници во Украина за воени злосторства

Јавниот обвинител Мерик Гарланд .
Јавниот обвинител Мерик Гарланд .

Соединетите Држави обвинија четворица проруски војници за воени злосторства, за киднапирање и тортура на американски државјанин во Украина, јавува Си-Ен-Ен.

Јавниот обвинител Мерик Гарланд рече дека обвиненијата против четворицата - „воен персонал поврзан со Русија“, се првите што се покренати според американскиот статут за воени злосторства.

Според обвинението, руските војници насилно го киднапирале Американецот од неговиот дом во украинското село Милове. Војниците, наводно, го претепале и мачеле Американецот во руски воен комплекс, каде што бил задржан 10 дена во април 2022 година.

Откако го киднапирале, руските војници наводно го соблекле Американецот гол, му ги врзале рацете зад грб и го претепале со тупаници, стапала и со нивните пиштоли.

Додека незаконски го држеле руските војници, Американецот наводно бил измачуван од четворицата обвинети и други неименувани сообвинети за време на најмалку две сесии за испрашување.

Го соблекле гол, жестоко го претепале и го фотографирале, стои во обвинението.

Двајца од обвинетите обвинети за воени злосторства против Американец во Украина, биле команданти на руските вооружени сили, додека другите двајца биле припадници на руската армија од понизок ранг, се вели во обвинението, пренесува Си-Ен-Ен.

Главната обврска е на домашните институции, вели Грковска за забраната за влез на Анѓушев во САД

Славица Грковска - вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење.
Славица Грковска - вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење.

Вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење, Славица Грковска, во врска со ставањето на забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, рече дека главната обврска е на домашните институции, но додаде дека секоја помош од меѓународните институции, особено од пријателски држави акко САД, е добредојдена.

„Очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, изјави Грковска.

Стејт Департментот на 5 декември му забрани влез во САД на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анќушев, како што беше наведено „поради вмешаност во значителна корупција“.

Стејт Департментот им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на Стејт Департментот.

Во соопштението пишува дека и оваа ознака за Анѓушев „ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

По оваа информација, Анѓушев соопшти дека „нема никаква основа за ограничување на неговиот влез во САД“.

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, се вели во соопштението.

Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер.

Анѓушев e сопственик и извршен директор на групацијата „Феро Инвест“и фабриката „Брако“.

Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.

Путин се сретна со претставници на ОАЕ, а потоа ќе замине во Саудиска Арабија

Рускиот претседател Владимир Путин и шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во Абу Даби, 6 декември 2023 година.
Рускиот претседател Владимир Путин и шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во Абу Даби, 6 декември 2023 година.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигна во Обединетите Арапски Емирати, кои се домаќин на овогодинешната меѓународна климатска конференција COP28.

Ова е прво патување на Путин во регионот од почетокот на војната во Украина во 2022 година.

Министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан се сретна со Путин и во изјавата рече дека разговарале за „важноста од зајакнување на дијалогот и соработката со цел да се обезбеди стабилност и напредок“, пишува АП, пренесе Бета.

На почетокот на разговорите со претседателот на ОАЕ Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, Путин понуди да разговараат за енергетската соработка, конфликтот на Блискиот Исток и „кризата во Украина“.

Тој ја пофали состојбата на односите на Русија со ОАЕ и ѝ честиташе на земјата што е домаќин на климатските преговори COP28 на ОН.

Путин дојде во Емиратите иако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за негово апсење поврзано со неговите постапки за време на војната во Украина.

Ниту Саудиска Арабија ниту Емиратите не се потписници на основачкиот договор на Меѓународниот кривичен суд, што значи дека немаат обврска да го приведат Путин со налог за апсење во кој се обвинува дека е лично одговорен за киднапирање на украински деца за време на руската војна во таа земја.

ОАЕ и Саудиска Арабија, каде што Путин треба да се сретне со престолонаследникот Мохамед бин Салман, се клучни учесници во меѓународните преговори за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас.

Путин сака да ја зајакне позицијата на Русија како моќен посредник во конфликтот на Блискиот Исток и да го предизвика Вашингтон, нарекувајќи ја војната неуспех на американската дипломатија, наведува АП.

Тој посочи дека Москва може да дејствува како посредник благодарение на нејзините пријателски врски и со Израел и со Палестинците.

Путин ќе ја продолжи дипломатската офанзива во четврток кога ве Кремљ ќе се сретне со иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Во Србија почна печатењето на гласачките ливчиња

Илустративна фотографија - избори во Србија.
Илустративна фотографија - избори во Србија.

Печатницата на Јавното претпријатие „Службени гласник“ во Белград почна да печати гласачки ливчиња за вонредните парламентарни избори закажани за 17 декември, објави Бета.

Републичката изборна комисија (РИК) соопшти дека бројот на испечатени гласачки ливчиња ќе биде еднаков на бројот на избирачи, 6.500.165.

Гласачките ливчиња ќе бидат во боја на светла кајсија.

За учество на вонредните парламентарни избори пријавени се 18 листи со вкупно 2.817 кандидати предложени за 250 пратенички места.

Претседателот на РИК Владимир Димитријевиќ изјави дека ќе се гласа на вкупно 8.273 избирачки места, од кои 29 ќе бидат во институции за извршување на кривични санкции, а 81 во странство во 35 земји.

Вонредните избори на 17 декември беа распишани на барање на некои опозициски партии, по неколкумесечните протести на граѓаните и политичките активисти ширум Србија.

Тие беа незадоволни од одговорот на државата за двете масовни убиства на почетокот на мај во Белград и околината на Младеновац, во кои загинаа 19 лица, главно деца.

Јапонскиот премиер му порача на Нетанјаху дека цивилните жртви треба да се сведат на минимум

Јапонскиот премиер Фумио Кишида.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида на 6 декември телефонски му рекол на својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху дека е важно да се минимизираат цивилните жртви во конфликтот со Хамас, соопшти јапонската влада, пренесе Ројтерс.

„Премиерот Кишида изјави дека треба да се избегне натамошно зголемување на бројот на цивилни жртви и дека е важно брзо да се смири ситуацијата, да се минимизираат цивилните жртви и да се почитува меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право“, соопшти Министерството за надворешни работи во изјавата.

Како одговор, Нетанјаху ја изложи позицијата на Израел за воената операција во Газа, се вели во соопштението, без да се наведат детали.

Израел во вторникот на 5 декември соопшти дека неговите војници стигнале до „срцето на Кан Јунис“ - најголемиот град на југот - во „најинтензивниот“ ден на борби во неговата копнена операција.

Израел верува дека лидерите на Хамас можеби се кријат во градот - при што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека единствениот начин да се победи војната е со „уништувачка сила“.

Во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Оттогаш, Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, вели дека повеќе од 15.800 луѓе се убиени во кампањата на Израел за одмазда, вклучувајќи и околу 6.000 деца

Зеленски вети пораз на Русија и праведен мир

Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на видео обраќање по повод Денот на вооружените сили. Киев, декември, 2023 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на видео обраќање по повод Денот на вооружените сили. Киев, декември, 2023 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека Украина ќе ја порази Русија и ќе постигне фер мир додека властите од Киев се обидуваат да обезбедат витална воена помош од Вашингтон, која се чини дека виси на конец.

„Беше тешко, но издржавме... Не е лесно сега, но одиме. Колку и да е тешко, ќе стигнеме. До нашите граници, до нашиот народ. До нашиот мир. Чесно мир. Слободен мир“, рече тој во видеото што сам го сними рано на 6 декември.

Само неколку часа претходно, Зеленски го откажа обраќањето до американските сенатори, бидејќи дебатата се вжешти околу барањето на претседателот Џо Бајден речиси 106 милијарди долари за финансирање на војните во Украина и Израел.

Зеленски, кој направи видео за Денот на вооружените сили на Украина, се очекуваше да зборува за притисокот на Киев за продолжување на американската воена помош додека Украина се подготвува за тешка зима на бојното поле, а руските гранатирања и напади продолжуваат да убиваат цивили.

Додека Зеленски беше снимен како оди од неговата канцеларија по централната улица Хрушевскохо кон „Ѕидот на сеќавањето“ во центарот на Киев, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров се состана со водачите на комисијата на Претставничкиот дом на САД за да го разгледа случајот на Украина.

„Ја истакнав важноста да се продолжи со поддршката на Украина во 2024 година“, рече Умеров во објавата на X, поранешен Твитер.

„Воздушната супериорност, воздушната одбрана, беспилотните летала, електронското војување, артилерија и муниција се наши непосредни потреби на бојното поле. Ја забележав и важноста од зголемување на притисокот и контрола на санкциите“, рече тој.

„Агресорот го зголемува производството на оружје, пред се дронови. Тоа значи дека санкциите не се доволни“, додаде Умеров.

Во октомври, администрацијата на Бајден побара од Конгресот да го одобри пакетот помош, кој ќе вклучува не само помош за Украина и Израел, туку и за безбедноста на границите, но Претставничкиот дом, контролиран од републиканците, го отфрли барањето бидејќи тие сакаат тој да биде поврзан со обновување на имиграциските и граничните политики на САД.

Во отворено предупредување, буџетската директорка на Бајден, Шаланда Јанг, во писмо му кажа на претседателот на Претставничкиот дом на републиканците, Мајк Џонсон, дека недостатокот на американска воена помош ќе ги „попречи“ украинските воени напори, зголемувајќи ги изгледите на Русија на бојното поле.

„Веќе нашите пакети за безбедносна помош станаа помали, а испораките на помош се поограничени. Ако нашата помош престане, тоа ќе предизвика значителни проблеми за Украина. Додека нашите сојузници ширум светот ја зголемија поддршката да направат повеќе, поддршката на САД е клучна и други не можат да ја повторат“, напиша Јанг.

Овој развој на настаните доаѓа во време кога украинските сили се во тесна борба со руските војници околу индустрискиот град Авдијивка.

Израелската војска соопшти дека пронашла големо количество оружје во Газа

(Фото архива) - Палестинци бегаат во северна Газа додека израелските тенкови го блокираат патот Салах ал-Дин во централниот дел на Појасот Газа на 24 ноември 2023 година
(Фото архива) - Палестинци бегаат во северна Газа додека израелските тенкови го блокираат патот Салах ал-Дин во централниот дел на Појасот Газа на 24 ноември 2023 година

Израелската војска на 6 декември соопшти дека пронашла големо складиште за оружје „во срцето на цивилното население“ во Газа и запленила или уништила проектили, гранати, беспилотни летала и друго оружје.

„Едно од најголемите складишта на оружје во Појасот Газа е пронајдено во близина на клиника и училиште“ на северот, се вели во соопштението што го пренесе АФП.

„Магацинот содржеше стотици РПГ пректили (за рачни ракетни фрлачи) од различни типови, десетици противтенковски ракети, експлозивни направи, ракети со долг дострел насочени кон централен Израел, гранати и беспилотни летала. Некои беа уништени на лице место, а некои беа испратени на понатамошна истрага, “, се вели во соопштението.

Во соопштението во средата, војската го нарече откривањето на складиштето со оружје „дополнителен доказ за циничното користење на жителите на Газа од страна на Хамас како жив штит“.

Израел во вторникот на 5 декември соопшти дека неговите војници стигнале до „срцето на Кан Јунис“ - најголемиот град на југот - во „најинтензивниот“ ден на борби во неговата копнена операција.

Израел верува дека лидерите на Хамас можеби се кријат во градот - при што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека единствениот начин да се победи војната е со „уништувачка сила“.

Во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Оттогаш, Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, вели дека повеќе од 15.800 луѓе се убиени во кампањата на Израел за одмазда, вклучувајќи и околу 6.000 деца

Италија се повлече од кинескиот „Појас и пат“

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони.
Премиерката на Италија, Џорџа Мелони.

Италија се повлече од големата кинеска иницијатива за инфраструктура „Појас и пат“, четири години откако стана единствената земја на Г7 што се приклучи на иницијативата, изјави денеска владин извор.

Долгоочекуваната одлука му беше соопштена на Пекинг пред три дена, според италијанскиот весник „Кориере дела сера“, кој прв ја објави веста.

Ниту една од страните не објави официјална комуникација, но извор од италијанската влада потврди за новинската агенција Асошиејтед Франс прес дека Рим се повлекол.

Изворот не наведе други детали освен дека тоа е направено на начин што „каналите на политичкиот дијалог се отворени“.

Премиерката Џорџа Мелони долго време се противеше на учеството на Италија во иницијативата, која многумина ја гледаат како обид на Пекинг да купи политичко влијание и чии придобивки за Рим се ограничени.

Договорот требаше автоматски да биде обновен во март 2024 година, освен ако Италија не се откаже до крајот на оваа година.

Но, Мелони и нејзината десничарска влада исто така беа претпазливи да го испровоцираат Пекинг и да ризикуваат одмазда против италијанските компании.

Таа во септември им рече на новинарите на самитот на Г-20 во Делхи дека ако Рим се откаже од проектот, тоа „нема да ги загрози односите со Кина“.

Пекинг вели дека повеќе од 150 земји, кои се протегаат од Уругвај до Шри Ланка, ја потпишале иницијативата, централен столб на напорите на кинескиот претседател Кси Џинпинг да ја прошири моќта на Кина во странство.

Иницијативата „Појас и пат“ е поздравена од поборниците за носење на ресурси и економски раст, но иницијативата беше критикувана и за оптоварување на сиромашните земји со огромни долгови.

Постои загриженост, особено меѓу западните земји, дека Кина се обидува да го обликува глобалниот светски поредок во своја полза, додека гласовите на опозицијата во земјите на „Појас и пат“, исто така, го осудија она што тие го гледаат како зголемено кинеско влијание во локалната политика.

Во меѓувреме, Вашингтон предупреди дека Кина може да ја искористи иницијативата како изговор за изградба на воени бази ширум светот во име на заштита на инвестициите на „Појас и пат“.

Италија, членка на Европската унија, групата Г7 на напредни економии и НАТО, се приклучи на „Појас и пат“ во 2019 година под владата на тогашниот премиер Џузепе Конте.

Пред да ја преземе функцијата во октомври 2022 година, Мелони рече дека тоа е „грешка“.

Покрај тоа, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани во септември изјави дека членството „не ги произведе резултатите на кои се надевавме“.

Експертите забележаа дека другите големи европски економии, како Германија и Франција, не се приклучија на „Појас и пат“, но сепак обезбедија важни трговски и инвестициски договори со Кина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG