Вести
Околу 300 настрадани во поплавите на Филипини
види ги сите денешни вести
Навални- Путин ако победи ќе ја уништи Русија

Руските претседателски избори ќе се оддржат на 17 март догодина, одлучи денеска рускиот парлементарен Горен дом. На овие избори се очекува актуелниот руски претседател Владимир Путин да се кандидира за уште еден мандат, што ќе му го отвори патот да остане на власт најмалку до 2030 година.
„Во суштина, оваа одлука го означува почетокот на изборната кампања“, изјави претседателката на Горниот дом, Валентина Матвиенко.
71 годишниот Путин се уште не ја објавил својата намера да учествува на изборите за уште еден шестгодишен мандат, иако се очекува тој да учествува во гласањето и да добие нов шестгодишен мандат и да го продолжи својот мандат, со што би станал најдолг од кој било руски лидер уште од Јозеф Сталин.
Иако Путин официјално не објави дека ќе се кандидира, владата минатата година протурка голем куп уставни амандмани, од кои најважниот му дозволува на Путин да бара уште два шестгодишни мандати и веројатно да остане на функцијата до 2036 година.
Двајцата од најпознатите опозициски лидери во земјата, Алексеј Навални и Владимир Кара-Мурза, отслужуваат долги затворски казни за кои тие и нивните поддржувачи велат дека се политички мотивирани.
Навални веднаш одговори на одредувањето на датумот за избори, повикувајќи ги 110-те милиони граѓани со право на глас да гласаат за „кој било друг кандидат“ освен Путин, иако „конечните резултати ќе бидат наместени“.
„Путин ќе ја уништи Русија. Тој мора да замине. За Путин, овие избори се референдум за одобрување на неговите постапки. Референдум за одобрување војна. Да ги попречиме неговите планови и да се погрижиме на 17 март никој да не се грижи за фалсификуваниот резултат, туку цела Русија да има виде и разбра: волјата на мнозинството е Путин да замине“, напиша Навални во објавата на неговиот блог.
Поддржувачите на Навални ги повикаа Русите да не гласаат за Путин на големите билборди со новогодишни честитки во Москва, Санкт Петербург и неколку други руски градови.
Билбордите носеа QR-кодови кои кога луѓето ги скенираа со своите мобилни телефони доведоа до веб-страница со наслов „Русија без Путин“.
Минатиот месец, Путин потпиша закон за измени на законот за претседателски избори со кој се ограничува покривањето на анкетите, а исто така и дава право на Централната изборна комисија да ја промени изборната процедура на териториите каде што е воведена воена состојба. Оваа одлука се однесува и на она што Русија го нарекува своја нова територија односно на четири региони на Украина кои Москва ги анектираше минатата година, откако ја започна својата целосна инвазија на таа земја во февруари 2022 година.
Додека Русија тврди дека регионите - Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје , само делумно ги контролира, а Киев вети дека ќе ги врати припоените територии.
Кремљ соопшти дека амандманите се неопходни поради „специјалната ситуација“ на „новите територии“ на Русија.
Азербејџан и Ерменија започнаа со ослободување на затвореници

Азербејџан ослободи 32 ерменски војници на 7 декември, додека Ерменија ослободи двајца Азербејџанци, се вели во заедничката изјава на двете земји во која се наведени други „опипливи чекори“ кон градење доверба.
Во соопштението објавено од кабинетот на ерменскиот премиер и администрацијата на претседателот на Азербејџан се вели дека двете страни гледаат на ослободувањето на затворениците како „водено од хуманитарните вредности и како манифестација на добра волја“.
Во него е посочено дека постои историска можност да се постигне долгоочекуваниот мир.
„Двете држави ја потврдуваат својата намера да ги регулираат односите и да постигнат мировен договор заснован на почитување на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Во друг гест на добра волја, Ерменија ја изрази својата поддршка за кандидатурата на Азербејџан да биде домаќин на Сесијата на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP29) следната година и ја повлече сопствената кандидатура.
Ерменија и Азербејџан ќе продолжат со дискусиите за спроведување на повеќе мерки за градење доверба, се вели во соопштението.
Тие, исто така, ја повикуваат меѓународната заедница да ги поддржи нивните напори, кои според нив ќе придонесат за градење на меѓусебната доверба меѓу двете држави и ќе имаат позитивно влијание врз целиот Јужен Кавказ.
Азербејџан и Ерменија преземаа прелиминарни чекори кон формален мировен договор откако Баку ја врати контролата врз отцепениот регион Нагорно-Карабах во септември, што резултираше со егзодус на етничките Ерменци од регионот.
Преговарачите од двете земји минатата недела водеа состанок на комисиите за разграничување на границите на нивните нации и се согласија да ги интензивираат идните разговори за ова прашање, што беше уште еден фокус на прелиминарните дискусии.
Путин ги пофали руско-иранските односи по средбата со Раиси

Рускиот претседател Владимир Путин на 7 декември ги пофали односите на неговата земја со Иран на средбата со неговиот ирански колега Ебрахим Раиси, додека двајцата разговараа за војната меѓу Израел и Хамас.
Од започнувањето на нападот врз Украина во февруари 2022 година, Москва се обидува да ги продлабочи своите економски и политички врски со Техеран, кои и двете беа санкционирани од Западот.
Путин изјави дека руско-иранските односи се развиваат многу добро.
„Благодарение на неговата поддршка, добивме добар моментум во текот на изминатата година“, изјави Путин по средбата со Раиси.
Западните земји го обвинија Техеран дека ја поддржува руската офанзива во Украина обезбедувајќи му големи количини беспилотни летала и друго оружје.
Двајцата разговараа и за двомесечната војна Израел-Хамас, која драстично ги зголеми тензиите меѓу Израел и арапските држави на Блискиот Исток.
„За нас е многу важно да размениме мислења за ситуацијата во регионот, особено во однос на ситуацијата во Палестина“, рече Путин.
Путин разговараше со израелските и арапските лидери веднаш по почетокот на војната и се обиде да се позиционира како потенцијален мировен посредник меѓу завојуваните страни.
Британија санкционира двајца Руси за онлајн шпионирање

Велика Британија воведе санкции две лица од Русија и го повикало рускиот амбасадор во Лондон, поради обиди за влијањето во британскиот политички живот и демократски процес. Според соопштенитое на британското министерство за надворешни работи санкциите се воведено откако се откриени дејствијата на група сајбер-криминалци поврзани со руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).
Во нивното соопштение објавено на 7 декември е посочено дека сајбер-шпионирањето било спроведено од група хакери зад кои стои единица на сајбер шпионски операции од ФСБ насочени кон Британија.
По спроведената истрага санкциите се спроведени кон Русите Руслан Александрович Перетјатко и Андреј Станиславович Коринец „за нивната вмешаност во подготовката на кампањи за интернет -фишинг.
„Нивната активност резултираше со неовластен пристап и ексфилтрација на чувствителни податоци, кои беа наменети за ги поткопуваат организациите во Обединетото Кралство“, се вели во соопштението на британското министерство за надворешни работи.
Во соопштението е посочено дека меѓу акциите спроведени од хакерската група именувана како „Стар Близард“ е и таргетирање на британски пратеници од различни политички партии, како и таргетирање на новинари, универзитети, јавниот сектор, невладини организации и групи на граѓанското општество кои имаат клучна улога во британската демократија. Дополнително меѓу акцииите е наведено и хакирањето на британско-американското трговските документи.
Рускиот амбасадор во Британија Андреј Келин беше повикан на 7 декември во Министерството за надворешни работи, каде што беше информиран за „длабоката загриженост на Обединетото Кралство за постојаните обиди на Русија да користи сајбер за да се меша во политичките и демократските процеси во ОК и пошироко“, се вели во соопштението.
Агелер: Лицата на „црната листа“ може да изразат незадоволство, но сакцијата останува

Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на американската „црна листа“ можат да пријават незадоволство, но во секој случај САД има најавено санкција, одговори на новинарско прашање американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер за најавената жалба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт Департментот.
Во вторникот Стејт Департментот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
Таа при посета на Криволак повтори дека листата ќе се проширува со нови лица.
„Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство, но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават“, изјави Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси,“ беше наведено во соопштението објавено од Стејт департментот.
Агелер се огласи истиот ден преку социјалната платформа X,порано позната како Твитер, нагласувајќи дека именувањето на Кочо Анѓушев е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.
Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени, напиша Агелер тогаш на платформата Х.
Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Тој, исто така, посочува дека има фирми и во САД, и како што вели, е американски даночен обврзник.
Во меѓувреме малтешкото Министерство за надворешни работи му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, поради неговото поместување на „црната листа“ на САД, објави „Тајмс оф Малта“.
Портпаролот на малтешкото МНР во изјава за „Тајмс од Малта“ истакнал дека Министерството никогаш не добило никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување, што веднаш стапува во сила и внимателно ги следи најновите случувања“, изјавил тој.
Анѓушев, пак, денеска преку соопштение и се заблагодари на, како што вели пријателска Малта за честа да биде почесен конзул, но наведува дека со оглед на одлуката на Стејт департментот, со која не се согласува, но ја цени и прифаќа, смета дека не е во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име.
Русија прогласи за „непожелна“ руско-американска невладина организација

Руско- американската невладина организација за демократија во Русија со седиште во САД е прогласена за „непожелна организација, соопшти рускиот пратеник Андреј Луговој на социјалната платформа Телеграм.
Тој посочи дека руското обвинителство минатиот месец одговорил на неговото барање и ја прогласил невладината организација за „непожелна организација“.
Руските власти засега не објавија соопштение за оваа инфорамција.
Според руските закони секоја форма на соработка со непожелни организации е кривично дело.
Во последниве години, руската Влада презеде остри мерки против поединци и организации кои го критикуваат Кремљ, означувајќи многумина како „странски агенти“ и прогласувајќи некои од нив за „непожелни“, согласно законот од 2015 година со кој се криминализира членството во „непожелни организации“.
Луговој е поранешен офицер на Федералната служба за безбедност, кој беше вмешан во убиството на поранешниот руски разузнавач Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година. Литвиненко почина во Лондон во 2006 година од акутно труење со радијација.
Обвинителство отвори истрага против возачот на Палевски

Истрага е отворена против човекот кој го превезувал првоосомничениот за двојното убиство Љупчо Палески - Палчо од Србија до Турција, соопшти Основното јавно обвинителство. Во нивното соопштение е наведено дека возачот приведен и осомничен дека сторил кривично дело „ помагање на сторител по извршено кривично дело“.
Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски на 5 декември беше уапсен во градот Балибекир во Турција.
Осомничениот Палевски излегол од државата со возило „шкода“ заедно со неговиот адвокат Васко Стојков кој во изјава за медиумите тврдеше дека осомничениот му рекол оти треба да оди на лекар во Белград. Таму, според траекторијата што ја соопшти МВР, бил оставен во хотел, а наредниот ден со лице од Скопје со џип „ренџ ровер“ преку граничниот премин „Градина“ влегол во Бугарија.
Со истото возило и сопатник ја поминал бугарската територија и преку преминот „Капитан Андреево“ влегол во Турција, каде се стационирал во градот Баликесир. Според оперативните сознанија на полицијата, Палчо сакал да замине во Истанбул.
Во соопштението на Обвинителството е наведено дека возачот е приведен на граничниот премин Стар Дојран откако преку Грција се обидел да влезе во земјава. Надлежниот обвинител доставил предлот за мерка притвор за осомничениот возач на Палески.
Во соопштението е наведено дека адвокатот кој од Скопје го превезувал Палески до Белград бил задржан во полициска станица 24 часа.
„ Јавен обвинител оцени дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат,“се вели во соопштението.
Во притвор за киднапирањето и убиството на Ѓорчевска се четворица осомничени, меѓу кои е и нејзиниот татко.
Вања Ѓорчевска беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа министерот Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на 4 декември. Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.
Истиот ден (3 декември) беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.
Министерство за правда го испрати барањето за екстрадиција на Палчо

Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски - Палчо. Во соопштението на Министерството е наведнео дека барањето за екстрадиција преку министерството за надворешни работи ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти.
Дополнително верзија е испратена и до Интерпол.
„Очекуваме соработка со правосудните органи на Република Турција, навремено процесуирање и постапување од нивна страна во најкус можен рок“, се вели во соопштението.
Како првоосомничен за грабнувањата и убиствата на малолетничката Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Женовски, Палевски на 5 декември беше уапсен во градот Балибекир во Турција.
Откако Турција ќе одлучи, преземањето на Палчо ќе треба да се реализира преку канцелариите на Интерпол во рамки на министерствата за внатрешни работи. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.
Доколку биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во Шутка. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства. По првичниот 48-часовен притвор, тие од вчера и официјално се под истрага со што добија нови притвори од по 30 дена. Осомничен за помагање во грабнувањето, заедно со нив е и таткото на Вања, кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.
Украина: Убиениот поранешен пратеник бил обезбедуван од руските власти

Поранешен украински пратеник, кој беше убиен во близина на Москва, презел безбедносни мерки на претпазливост кои веројатно биле потпомогнати од руските власти бидејќи „зел активно учество во туркањето на руската пропаганда“, изјави претставник на военото разузнавање на Украина.
Рускиот истражен комитет ја потврди смртта на Кива и најави кривична истрага за случајот.
Телото на Илја Кива беше пронајдено со два истрели од пиштол во селото Супонево, југозападно од Москва, на 6 декември.
Андриј Јусов, портпарол на украинското воено разузнавање, изјави за украинската служба на РСЕ на 7 декември дека луѓето „кои се во активниот круг на руските специјални служби, а Кива беше токму тоа, и кои активно учествуваат во работата на руската пропаганда“ преземаат мерки на претпазливост за да се обидат да помогнат да се осигура нивната безбедност.
„Всушност, [Русија] се обидува да им помогне на таквите луѓе на еден или друг начин, а таму каде што тој неодамна живееше, ова е особено знак за неговите обиди да избега и да се заштити“, рече Јусов.
Откако Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година, Кива се пресели во Русија, каде што учествуваше во телевизиски ток-шоуа и дискусии за тркалезна маса говорејќи про-Кремљ.
Тој тврдеше дека Украина е „поробена и ставена на колена од Западот, проникната од нацизмот и нема иднина“ и ја нарече целосната инвазија на Русија, започната во февруари 2022 година, „неопходно ослободување“.
Судот во западниот украински град Лавив минатиот месец го осуди во отсуство на 14 години затвор, откако го прогласи за виновен за велепредавство.
Неговата смрт и смртта на друг Украинец кој соработувал со Русија, Олех Попов, поранешен де факто пратеник во дел од украинскиот регион Луганск окупиран од Русија, исто така беше објавена на 6 декември.
Попов, кој го предводеше владиниот комитет за државна безбедност и одбрана, инсталиран од Русија, агенциите за спроведување на законот, правосудниот систем и заштитата на човековите и граѓанските права, беше убиен од експлозивна направа што се активираше во неговиот автомобил во градот Луганск.
Неколку украински државјани обвинети за соработка со окупаторските руски власти беа цел во последните години, а некои од нив беа убиени.
Неодамна беше убиен и пратеникот на регионалното собрание во Луганск, инсталирано од Русија, Михајло Филипоненко. Тој загина минатиот месец во бомбашки напад со автомобил. Одговорноста за убиството ја презеде главната управа за разузнавање на Украина.
Русија ги обвини украинските специјални служби за организирање на атентатите. Киев ретко ја презема одговорноста за нападите.
Неколку дена пред Русија да ја започне својата тековна инвазија, сепаратистичките лидери поддржани од Кремљ на делови од украинските региони Луганск и Доњецк побараа од рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на двата региони од Украина.
Руските пратеници во средината на февруари 2022 година, исто така, го повикаа Путин да ги признае деловите на Луганск и Доњецк контролирани од сепаратистите како независни држави и ги ратификуваа соодветните документи откако Путин ги потпиша. Москва ги искористи документите за да ја оправда својата инвазија.
Канада забрани директен увоз на руски дијаманти

Канада воведува забрана за директен увоз на руски дијаманти и сродни производи во земјата. Ова го објави министерката за надворешни работи Мелани Џоли на 6 декември откако Групата седум на напредни економии, која ја вклучува Канада, вети дека колективно ќе го намали приходот на Кремљ од извозот на необработени дијаманти.
„Канада ќе продолжи да работи со Г7 и другите меѓународни партнери за спроведување на сеопфатни контроли и мерки за верификација за забрана на руските дијаманти“, изјави Џоли во соопштението.
„Затоа, денешното соопштение наметнува дополнителни трошоци за Кремљ за неговата незаконска и неоправдана агресивна војна против Украина“, се вели во соопштението.
Од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, земјите од ЕУ веќе применија 11 пакети санкции против Москва за да ја намалат способноста на Кремљ да ја финансира војната. Мерките опфаќаат различни сектори и вклучуваат околу 1.800 поединци и субјекти.
Но, досега ЕУ не ја санкционираше руската државна компанија за ископ на дијаманти Алрос, иако големите западни златари веќе ги бојкотираат скапоцените камења што доаѓаат од Русија.
ЕУ купила руски дијаманти во вредност од 1,4 милијарди евра минатата година, според Евростат, бидејќи ниту го забранила увозот на скапоцени камења, ниту Алроса ја ставила на црната листа.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете