Достапни линкови

Вести

Претседателот на Кина во посета на Хрватска

Кинескиот претседател Ху Џинтао денеска ја почнува дводневната посета на Хрватска. Со хрватските власти тој ќе разговара за засилување на економската соработка. Ху Џинтао доаѓа во Загреб, по посетите на Словачка и на Русија. Кина и Хрватска воспоставија дипломатски односи пред 17 години.

види ги сите денешни вести

Асанж се жали во Стразбур поради екстрадицијата во САД

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој се бори против екстрадиција од Велика Британија во Соединетите Држави, каде што се бара со кривична пријава, поднел жалба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, потврди судот во петокот, објави Ројтерс.

Американските власти го бараат Асанж (51) по 18 обвиненија, вклучително и шпионажа, во врска со објавувањето доверливи американски воени досиеја и дипломатски телеграми за кои Вашингтон рече дека ги загрозуваат животите на Американците.

Британија даде зелено светло за негова екстрадиција, но тој поднесе жалба до Високиот суд во Лондон, а првото рочиште се очекува на почетокот на следната година.

Неговиот правен тим, исто така, покрена постапка против Велика Британија пред судот во Стразбур што потенцијално би можела да ја блокира екстрадицијата.

„Потврдуваме дека барањето е пристигнато“, се вели во соопштението на судот.

Во јануари 2021 година, британски судија пресуди дека Асанж не треба да биде екстрадиран, велејќи дека неговото ментално здравје значи дека ќе биде изложен на ризик од самоубиство доколку биде осуден или биде задржан во затвор со максимална безбедност.

Но, таа одлука беше поништена по жалбата на американските власти кои понудија пакет гаранции, вклучително и ветување дека тој може да биде префрлен во Австралија за да ја отслужи казната.

Викиликс првпат стана познат во 2010 година кога објави стотици илјади строго доверливи досиеја и дипломатски телеграми, што е најголемото безбедносно нарушување од ваков вид во историјата на американската војска.

Асанж, кој е роден во Австралија, американските обвинители и западните безбедносни службеници го сметаат за несовесен непријател на државата чии постапки ги загрозиле животите на агентите именувани во објавениот материјал.

Украина ги забранува верските организации поврзани со Русија

илустрација

Украина ги забрани активностите на верските организации „поврзани со центри на влијание“ во Русија и најави дека ќе ги истражи врските меѓу украинската и руската православна црква, пренесе АП.

Претседателот Володимир Зеленски потпиша указ со кој се одлучува воведување санкции против претставниците на верските организации поврзани со Русија, која ја започна инвазијата на Украина пред повеќе од девет месеци.

Уредбата дополнително предвидува испитување на работата на Украинската православна црква на Московската патријаршија, едно од двете православни тела во Украина, по расколот што резултираше со формирање на украинска црква независна од руската црква во 2019 година.

Украинските власти се сомневаат дека украинската православна црква промовира проруски ставови и дека некои свештеници можеби активно соработуваат со Русија.

Московскиот патријарх Кирил, поглавар на Руската православна црква, ја оправда војната на Русија во Украина како дел од „метафизичката борба за спречување на либералното идеолошко навлегување од Западот“.

Во своето видео обраќање во четвртокот, Зеленски рече дека користењето на манастирскиот комплекс во Киев Печерск Лавра - светско наследство на УНЕСКО вреднувано како колевка на православното монаштво во регионот - исто така ќе биде под натамошно испитување.

Припадниците на Службата за безбедност на Украина, Националната гарда и полицијата го претресоа манастирот минатата недела, откако свештеникот за време на службата позитивно зборуваше за Русија.

Безбедносната служба соопшти дека нејзините агенти претресле вкупно повеќе од 350 црковни згради, вклучително и друг манастир и епархија во регионот Ривне, 240 километри западно од Киев.

Безбедносната агенција, која е позната по нејзиниот украински акроним СБУ, соопшти дека при пребарувањето е пронајдена „проруска литература, која се користи за време на студиите во семинариите и црковните училишта, вклучително и за пропаганда на „рускиот свет“.

Повеќе од 50 луѓе биле подложени на детални „контраразузнавачки интервјуа, вклучително и употреба на полиграфи“, како дел од истрагата, соопшти агенцијата. Православните се најголемата религиозна група во Украина.

Холандија го блокираше приемот на Бугарија во Шенген зоната

илустрација

Следната недела, Холандија ќе се согласи Романија и Хрватска да се приклучат на шенген зоната, но ќе го блокира приемот на Бугарија, објави холандската радиодифузна корпорација.

Холандската влада на денешната седница одлучи дека Бугарија се уште не ги исполнува условите за влез во шенген, посочува овој медиум.

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра по состанокот изјави дека се уште е „прерано“ да се постигне согласност за пристапување на Бугарија. Според него, Холандија може да го преиспита прашањето само кога ќе стане јасно дека Бугарија има ефективно владеење на правото и држава способна да се справи со корупцијата и организираниот криминал.

Проширувањето на шенген зоната со трите земји е вклучено во агендата на состанокот на министрите за внатрешни работи и за правда од Европската Унија на 8 декември. Повеќето земји веќе ја донесоа својата одлука. На состанокот министрите мора да постигнат едногласен договор за прием на нови земји.

Така, дури и Холандија да е единствената што ќе гласа против, Бугарија нема да добие дозвола за приклучување, забележуваат медиумот. Холандскиот премиер Марк Руте на денешната прес-конференција изјави дека одлуката да не се поддржи влезот на Бугарија во Шенген не е политичка, туку се заснова на факти. Според него, Холандија не е единствената земја која има сомнежи во врска со ова прашање.

Бугарската полиција потврди дека го уапсила поранешниот советник на Додик

илустрација

Бугарската полиција за Радио Слободна Европа потврди дека го уапсила Драган Вучетиќ, поранешен советник на Милорад Додик, актуелен претседател на Република Српска. Министерството за внатрешни работи на Република Српска претходно на 24 ноември изјави дека било информирано дека Драган Вучетиќ, поранешниот директор на компанијата „Никола Тесла“ е уапсен во Бугарија.

Вучетиќ е обвинет за злоупотреба на службената положба и по него е распишана меѓународна потерница.

Окружниот суд во Бања Лука ја препрати документацијата за екстрадиција со превод до Министерството за правда на Босна и Херцеговина (БиХ), која треба да биде доставена до надлежните органи на Бугарија со барање за екстрадиција на Вучетиќ, потврдија од тој суд за РСЕ.

Од Министерството за правда на Босна и Херцеговина изјавија за РСЕ дека сè уште не ја добиле документацијата.

Службениците на Одделот за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи на Република Српска во 2015 година поднеле пријава до Специјалното обвинителство против Драган Вучетиќ поради сомнение дека како вршител на должноста директор на Јавното претпријатие „Никола Тесла“ ја злоупотребувал неговата службена положба и извршил деловна измама.

Како што беше наведено тогаш, причинета е материјална штета од околу половина милион евра. Тогаш беше објавено дека Вучетиќ е обвинет дека овие кривични дела ги извршил од 9 октомври 2012 до 24 март 2014 година.

Деловната компанија „Никола Тесла“ со седиште во Бања Лука е основана со одлука на Владата на 4 октомври 2012 година и е 100 отсто во сопственост на Владата на РС. Потоа, името било сменето во Битекс со седиште во Билеќа, на југот на Херцеговина.

На таа компанија во 2016 година и беше одобрен заем од Инвестициска и развојна банка на Република Српска. Компанијата правела милионски загуби, што го утврдиле и ревизорите, а работниците во Билеќа со месеци штрајкуваа поради неисплатени плати.

Дојавата за бомба во училиште во Петровец е од вчера, директорката не го видела меилот

илустрација

Сите пријави за поставени бомби во училиштата се лажни, а денеска е известено и за закана во основното училиште во Петровец, иако пријавата е всушност од вчера, но вчера директорката на училиштето не го отворила службениот мејл, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Директорката вчера воопшто не го видела мејлот и не го пријавила, дури денеска го видела и пријавила. Бидејќи имаме повеќе училишта со име „Кочо Рацин“ моравме да извршиме проверка кај сите нив“, рече Спасовски.

Тој вели дека приоритет треба и се даде на истрагата, но дека ќе треба да се размисли овие објекти да имаат обезбедување, бидејќи само во едно од средните училишта во Скопје кое има свое обезбедување, досега немало дојава за бомба.

„Овде во Скопје, според информациите коишто ги имаме, само едно од средните училишта има свое обезбедување и таму не се појави никогаш пријава дека има лажна дојава за бомба. Нормално е дека приоритет и се дава на истрагата и веднаш после завршување на вештачењето ќе има реализација во овој дел. Прашањето е дали овие хибридни закани одат од еден центар или од повеќе центри. Веќе многу е распространето не само кај нас, туку и во соседството. Сега имаше дојави и во други држави на ЕУ и сето тоа се зголеми после руската инвазија на Украина“, изјави Спасовски, посочувајќи дека има осомничени.

Спасовски вели дека е извршена комуникација со партнерските организации и дека преку меѓународна правна помош ќе мора да се обезбедат потребните информации и податоци. Тој повтори дека дојавите доаѓаат најчесто од заштитени адреси од странство од каде е тешко да се дојде до факти и информации, поради што и не може да се покрене постапка.

Дојавите за поставени бомби биле испратени на електронските пошти на средните училиштата „Раде Јовчевски-Корчагин“, „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“, „Панче Арсовски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“ и „Цветан Димов“.

Курти: Ако има волја, ќе има и договор за Косово и Србија

Косовскиот премиер, Албин Курти

Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека конечен договор меѓу Косово и Србија, доколку постои сериозна желба за нормализација на односите, може да се постигне веќе за неколку месеци, односно до идната пролет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите по денешната посета на невладината организација Хендикос, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, Курти рече дека за конечен договор воопшто не се потребни години, под услов тоа навистина да се сака.

„Ако сериозно сакаме договор и ако навистина сакаме целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, воопшто нема сомнежи дека за тоа не се потребни неколку години, туку би рекол дека се доволни неколку месеци, секако пред напролет идната година“, рече Курти.

Тој изјави дека последните именувања на Срби за членови на неговата Влада, на кои се противат најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) и официјален Белград, ги извршил согласно одредбите на Уставот на Косово со кои се регулираат малцинските права.

По оставките на членовите на СЛ, на почетокот на ноември, од Владата и од Собранието на Косово, Курти завчера го именува претседателот на Демократската прогресивна партија, Ненад Рашиќ за нов министер за заедници и враќање, а потпретседателката на истата партија, Рада Трајковиќ за советничка на премиерот.

На одлуката на косовскиот премиер остро се спротивставија СЛ и властите во Белград, оценувајќи дека постапил спротивно на Уставот на Косово.

Ескобар: Владата на Северна Македонија е добар партнер во спроведувањето на ЕУ агендата

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на средба со заменик-помошникот на државниот секретар на САД Габриел Ескобар

Северна Македонија ги направи сите неопходни реформи за да ја отвори првата врата кон ЕУ, а Владата има капацитет да го направи тоа што треба за земјата да стане полноправна членка на Унијата, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан.

На настан посветен на евроатлантската иднина на регионот одржан синоќа во Атлантскиот совет во Вашингтон, тој изјави дека македонската Влада е добар партнер во спроведувањето на агендата за евроинтеграција на Северна Македонија.

„Тие се добар и посветен партнер и ќе обезбедат придобивки и за ЕУ“, рече тој.

Според него, процесот на пристапување треба да биде побрз, потенцирајќи ги внатрешните грижи во Унијата.

„Има гласачи кои навистина се грижат што би направило проширувањето за нив. И мислам дека тоа е работа за сите нас да ги убедиме дека Европската Унија ќе биде посилна и ќе биде попросперитетна со овие земји“, рече Ескобар, алудирајќи на Северна Македонија и Албанија.

Тој исто така потсети дека САД ќе воведат дополнителни чекори за да ги санкционираат корумпираните официјални лица од Балканот и да се тргнат од одговорните позиции.

„Апсолутно. Тоа е важна алатка. Ефективна е. Мислам, не само што беше ефективно да се санкционираат поединци, туку ако погледнете дел од наративот што Министерството за финансии (на САД) го објавува заедно со одлуката, ќе ја видите длабочината на корупцијата“, рече Ескобар.

Ескобар рече дека кризата во Украина само ја покажала зголемената итност за решавање на проблемите во регионот, како оние меѓу Србија и Косово, како и потребата да се забрзаат процесите што ќе го придвижат регионот во вистинската насока.

Уставниот суд на БиХ го укина законот со кој РС основа посебна Агенција за лекови

Илустрација-судии на Уставниот Суд на Босна и Херцеговина

Уставниот суд на Босна и Херцеговина (БиХ) го укина Законот за лекови и медицински помагала на Република Српска (РС).

Со оспорениот закон беше предвидено формирање на субјект Агенција за лекови, кој ќе ги узурпира државните овластувања. Уставниот суд на БиХ донесе одлука по барањето на Шефик Џаферовиќ, поранешен член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Според Уставот на Босна и Херцеговина, надлежностите од државно ниво не можат да се префрлаат на ниво на ентитет.

Државниот закон за лекови може да се менува само во Парламентот на БиХ.

„Во Уставот на Босна и Херцеговина нема одредби врз основа на кои би можело да се заклучи дека спорните закони, кои беа донесени од Народното собрание на Република Српска, се уставни. Според Уставот на Босна и Херцеговина , субјектите се должни да ги почитуваат одлуките на институциите на Босна и Херцеговина“, наведува тој во одлуката на 2 декември.

На 6 јули, Уставниот суд на Босна и Херцеговина привремено го суспендираше овој закон до донесување на главната одлука. Оваа судска институција во мај годинава укина и одредени одредби за „враќање на пренесените надлежности“ од Босна и Херцеговина на РС.

Државното обвинителство потоа побара да се обезбедат информации за случајот со Законот за лекови на РС со цел да се утврди дали постои основа за поведување кривична постапка во случај на повреда на Уставот на Босна и Херцеговина.

Според заклучоците на Собранието на РС од 10 декември минатата година, Владата на РС требаше во рок од шест месеци да достави до парламентот на разгледување уште некои закони со кои противуставно се преземаат надлежностите на државата.

Станува збор за закони за данок на додадена вредност, за акцизи, за Високиот судски и обвинителски совет на РС, како и закони од областа на одбраната и безбедноста. Сепак, Собранието на РС со заклучоците во јуни одлучи да ги одложи активностите за враќање на надлежноста за шест месеци.

Од 2009 година БиХ има Агенција за лекови на државно ниво.

Јовановски: Ако не се расчисти долгот со приватните превозници, протестите продолжуваат

Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје

Приватните превозници се спремни да почнат со вршење на превозот оној момент кога ќе им биде расчистен долгот, односно барем некој дел од долгот за да може да се надмине целата оваа ситуација, изјави денеска директорот на „Слобода првоз“, Ленин Јовановски.

Јовановски информираше дека на денешните средби со претставниците на приватните превозници разговарале за можните решенија.

„Предлагаме советот на Град Скопје да одобри средства за Јавното сообраќајно претпријатие кои ќе бидат во функција, да ЈСП се раздолжи со приватните превозници. Не мора да е тоа 100 процентно раздолжување, ќе го почекаме, за дваесетина дена можеби ќе се изгласа новиот буџет од кој што ќе се раздолжи целокупниот долг, меѓутоа, да се исплати поголем дел од долгот и до донесување на буџетот да се сервисираат трошоците на приватните превозници онака како што е превидено во самиот договор“, изјави Јовановски.

Директорот посочи дека доколку добијат некакви сигнали, одговор и решение, на нивниот предлог предлог, тогаш можеби ќе престанат и протестите.

„Во спротивно, оној протест кој што е најавен како помасовна блокада на Градот Скопје, кај Мавровка, Црвен Крст и Булеварот „Илинденска“ ќе се реализира во понеделник“, рече тој.

Од Град Скопје вчера соопштија дека го прекинуваат договорот со приватните превозници од „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврски што произлегуваат од договорот. Од Градот апелираа до превозниците да ја ревидираат одлуката за блокада на Скопје, бидејќи, како што велат, со тоа нема да постигнат решение за проблемот. Јовановски, од друга страна, соопшти дека не добиле никаков документ.

Од Градот, исто така, најавија дека од следна недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.

Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“

Шолц побарал од Путин да ги повлече војниците од Украина како услов за преговори

Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц побарал од рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече војниците од Украина со цел да се постигне „дипломатско решение“ за војната што започна со инвазијата на Москва на 24 февруари.

За време на едночасовниот телефонски разговор меѓу двајцата лидери, Шолц ги осудил руските воздушни напади врз цивилната инфраструктура во Украина и ја подвлекол решеноста на Германија да ја поддржи Украина за да ја обезбеди нејзината одбрана од руската агресија.

„Германија е решена да продолжи да ја поддржува Украина против руската агресија“, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт.

Шолц го повика Путин да ги повлече руските трупи што е можно поскоро, но рускиот претседател го искористи повикот за да ја осуди „деструктивната линија“ на Западот кон Украина, велејќи дека ударите врз енергетската инфраструктура на Украина се „неопходни и неизбежни“.

„Беше истакнато дека руските вооружени сили долго време избегнуваа ракетни напади со висока прецизност врз одредени цели во Украина, но таквите мерки станаа неопходни и неизбежни во услови на провокативни напади од Киев“, се вели во соопштението на Кремљ по првата телефонски разговор меѓу Шолц и Путин од средината на септември.

Москва ги засили нападите на електричната мрежа на Украина во последните неколку недели, оставајќи милиони луѓе на студ и во темнина како што се приближува зимата.

„Путин е отворен за преговори за можно решение на ситуацијата во Украина, но одбивањето на САД да ги признаат анектираните територии како руски ја попречува можноста за каков било потенцијален компромис“, се додава во соопштението од Кремљ.

Американскиот претседател Џо Бајден на 1 декември рече дека е подготвен да разговара со Путин доколку се изрази добрата волја на Кремљ да се најде начин да се стави крај на војната, но дека Путин се уште не го навестил тоа.

Таравари: Не преговараме за влез во Владата, но ќе поддржиме уставни измени и како опозиција

Арбен Таравари, в.д. претсдател на Алијанса за Албанците

В.Д. претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари денеска изјави дека во моментов нема преговори на неговата партија да стане дел од Владата. Сепак, АА, како што рече Таравати, ќе ги поддржи уставните измени и како опозиција со цел да бидат Бугарите дел од Уставот.

„Неколку пати сум кажал дека нема нешто дека сме се договориле или се договараме. Повеќе мислам дека се тоа шпекулации. Кажав и на почетокот – и ако има некаква понуда, партиските тела треба да одлучат за тоа. Јас не можам сам да кажувам прифаќаме, не прифаќаме, одбиваме,… Ако има некаква понуда за едногодишно владеење, зашто уште една година е останата од мандатот на оваа Влада, ќе видиме, ќе ја разгледаме и ќе одлучиме заедно во телата на партијата“, изјави Таравари.

Тој потврди дека дури и како опозиција ќе ги поддржат уставните измени, а на прашањето дали ќе инсистираат да се тргне одредницата 20 отсто за албанскиот јазик, Таравари одговори дека се надева на почит од останатите партии во врска со тоа прашање.

„Ние ќе ги поддржиме уставните промени за вметнување на Бугарите, бугарскиот етникум во Македонија во преамбулата, без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или ќе бидеме опозиција. Кога ќе има преговори ќе ве известиме и ќе бидеме максимално транспарентни“, изјави Таравари од партиското седиште каде денеска ја поднесе кандидатура за претседател на партијата.

В.Д. претседателот денеска поднесе кандидатура за претседател на партијата во канцеларии на партијата во Тетово. Претходно, претпладнево, на Вториот форурм за локалната самоуправа во Скопје, Таравари изјави дека е можно да има противкандидати со оглед дека утре е крајниот рок за доставување кандидатури, две недели пред одржување на партискиот конгрес.

На прашањето дали АА е во комуникација со други албански партии за формирање некаква сплотена опозиција која би ја тргнала ДУИ, тој одговори дека скоро и да нема друга опозициска албанска партија, освен БЕСА.

Спасовски: Нема службен материјал што укажува на напад врз полициски службеници во Арачиново

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Досега немаме пријава ниту од полициски службеници дека некој им се заканувал и ги избркал, ниту пријава од граѓани, иако има јавување во полициска станица за недолично однесување на полициските службеници кои биле на пунктот, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска информациите објавени во некои медиуми дека доцна синоќа „полициска патрола била протерана од Арачиново од вооружена група“.

Одделот за крим-полиција и внатрешната контрола, како што информира тој, денеска работат и со службен материјал ќе ги расчистат сите овие работи за да можат да информираат.

Тој повтори дека досега нема службен материјал којшто укажува на тоа дека имало таков напад, па дури и вербален, врз полициски службеници.

„Пренагласено е дека тоа било со оружје, но да видиме што ќе излезе на крај. Прво да видиме кој е случајот, нека заврши комплетно, ќе ги имаме деталите во овој случај, да видиме дали ќе се потврдат таквите информации или не. Факт е дека се појавуваат многу информации во јавноста и тоа во последниот период, меѓутоа ќе мораме да реагираме во однос на целиот овој настан“, рече Спасовски.

Како што објавија некои медиуми, во текот на вчерашниот ден, во скопско Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето, според овие наводи, упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.

Извештајот на МВР за случајот „Онишченко“ стигна во Собрание

Фотографија од сослушувањето на директорот на АНБ, Виктор Димовски пред собраниската комисија за надзор на работата на АНБ, 18 ноември 2022

Извештајот на Министерството за внатрешни работи во врска со преносот на затворената седница во Собранието на која директорот на АНБ Виктор Димовски даваше отчет за случајот „Онишченко“ е подготвен и доставен до Собранието, информира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање по посетата на СВР Скопје.

„Постапката за одземање на државјанството е од органот што го издава државјанството и тоа е во рамките на Владата. По однос на извештајот подготвен е извештајот и доставен до Собранието за тоа што се случило и се преземаат понатаму мерки во тој дел“, рече Спасовски.

Инаку, затворената седница на која Димовски презентираше доверливи документи, се емитуваше во живо на Јутјуб на Собранискиот канал, по што собранискиот спикер Талат Џафери побара да се испита случајот.

Директорот на АНБ Димовски по сослушувањето во Собрание, изјави дека е лоцирано лице кое не го испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење за државјанство за Онишченко.

Во меѓувреме Владата побара да се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Олександер Онишченко.

Украинскиот државјанин Онишченко кој се наоѓа на „црната листа“ на САД поради неговите врски со руските власти, доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко ја донесе Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Кина ги ублажува рестриктивните мерки под притисок на протестите

Протести против строгите мерки за ковид 19 во Пекинг, 27 ноември 2022 година

Градовите низ Кина дополнително ги укинаа ограничувањата на мерките за Ковид 19, олеснувајќи ги правилата за тестирање и карантин по протестите кои повикуваа на прекин на заклучувањата и поголеми политички слободи.

Гневот и фрустрацијата поради тешкиот одговор на Кина на пандемијата се прелеа на улиците минатиот викенд во масовни демонстрации што не се забележани со децении. Кинеските власти се обидоа да ги задушат протестите, распоредувајќи тешки полициски сили и ја зајакнаа цензурата на интернет и надзорот на населението.

Голем број градови, исто така, почнаа да ги олеснуваат ограничувањата за ковид, како што е напредок од секојдневните барања за масовно тестирање кои се главен столб на строгите политики за нулта ковид.

Здравствените власти во Пекинг ги повикаа болниците да не одбиваат третман на лица без негативен ПЦР тест во рок од 48 часа.

Кина забележа голем број смртни случаи откако лекувањето беше одложено поради ограничувањата поради ковид, вклучително и неодамнешната смрт на четиримесечно бебе кое беше задржано во карантин со неговиот татко.

Многу други градови со епидемии им дозволуваат на рестораните, трговските центри, па дури и училиштата повторно да се отворат, со јасно отстапување од претходните строги правила.

Во северозападниот град Урумчи, каде пожарот во кој загинаа десет лица предизвика протести против строгите карантини, властите објавија дека супермаркетите, хотелите, рестораните и скијачките центри постепено ќе се отвораат.

Вучиќ: подготвен сум да размислам за промена на одлуката да одам во Тирана

Претседателот на Србија Александар Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека е подготвен заедно со колегите од Владата да ја разгледаат можноста за промена на одлуката да не се патува во Тирана на самитот на земјите од Западен Балкан, поради одлуката на официјална Приштина да го именува Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќање на Косово и реакциите на Европската унија на таа одлука. По средбата со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, Вучиќ рече дека соговорникот недвосмислено му рекол дека луѓето од Европската унија сметаат дека е важно претставник на Србија да биде во Тирана.

Брнабиќ: Србија нема да учествува на самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана

„Реков дека лично не ја гледам поентата, но подготвена сум да ги слушам аргументите. Премиерката Ана Брнабиќ смета дека е важно да бидам во Тирана и подготвена сум да разговарам за тоа, бидејќи не е прашање на мојата суета и мојата изјава“, рече Вучиќ. „Ќе видиме во наредните денови... Но, не зажалив за ниту еден збор што го кажав. Мислам на сето тоа за Албин Курти, Ненад Рашиќ и Рада Трајковиќ. Се што кажав вчера, запишете го и денес. Не сум користел дипломатски речник? Можеби. Но, да настапував на поинаков начин, никој немаше да не чуе“, изјави Вучиќ.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG