Вести
Барелот нафта достигна 70 долари
види ги сите денешни вести
Голем скок на бројот на убиени новинари во 2023 година

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) соопшти дека 94 новинари и медиумски работници, вклучително и девет жени, биле убиени во 2023 година, што е скок од 67 отсто во однос на истиот период претходната година.
ИФЈ во извештајот од 8 декември изјави дека речиси 400 членови на медиумите биле затворени во 2023 година, што ја покажува потребата од подобра заштита на новинарите ширум светот.
„ИФЈ инсистира на тоа дека е потребна многу поголема акција од меѓународната заедница за да се заштитат животите на новинарите и да има одговорност за нивните напаѓачи“, се наведува во извештајот.
Во извештајот, исто така, се наведува дека војната во Појасот Газа, која започна во октомври, е причина за драматичното зголемување на смртните случаи, со 68 убиени новинари - повеќе од еден дневно - откако избувнаа непријателствата меѓу Израел и Хамас, кој е прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската унија.
„Војната во Газа беше посмртоносна за новинарите од кој било конфликт откако ИФЈ почна да ги следи случаите со убиени новинари за време на должност, во 1990 година“, се вели во извештајот, додавајќи дека смртните случаи достигнале „ без преседан невиден размер и брзина на загуба на животите на медиумските работници".
„Меѓународната заедница, а особено Меѓународниот кривичен суд, мора да се соочи со своите одговорности и темелно да ги истражи, и каде што е соодветно, да ги гони оние кои наредиле и извршиле напади врз новинари“, се потенцира во извештајот.
Во Европа, ИФЈ наведе дека Украина е сè уште „опасна земја за новинарите“, со украински, руски и француски претставници на медиумите кои беа убиени оваа година во војната на Русија против Украина.
Сојуз на средношколци: Учениците чувствуваат дека безбедност им е загрозена

Учениците од сите возрасти чувствуваат дека нивната безбедност е загрозена, а воедно и нивниот комфор како млади, велат од Сојузот на средношколци по последниот случај со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше ученичка во Основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во скопската Општина Центар.
„Апелираме во овој период интензивно да се внимава на менталното здравје, особено во училиштата како исклучително важна средина погодена од овој настан“, велат од Сојузот на средношколци додавајќи дека немаат достојни зборови за да ја опишат тагата и потресеноста за овој случај.
Оваа трагедија, нагласуваат, ќе ни служи како сурова лекција за попретпазливост, емпатија и сплотеност.
Покрај чувството на небезбедност, од Сојузот ги потенцираат дополнителниот страв и паника предизвикани од информациониот хаос во медиумите и социјалните мрежи.
„Нашата медиумска неписменост, иако е детска и невина, има сериозни последици кои го влошуваат и пролонгираат ефектот на ваквите немили настани откако ќе се случат. Покрај информационата криза, согледавме дека не само младите, туку мнозинството граѓани се во бунило како да го искажат својот гнев и ефикасно да дејствуваат во пракса. Евидентно е дека има силен револт и дека тој е широко присутен, но сè уште на видик нема позитивна промена во реалноста како одговор. Веруваме дека ова се должи на ниското ниво на запознатост со демократскиот систем, процеси и движења“, велат од Сојузот на средношколци.
Затоа, тие апелираат надлежните да ги разгледаат нивните предлози за изучување на медиумската писменост во училиштата.
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември кога била грабната утрото кога тргнала на училиште.
Нејзиното тело, во близина на Скопје беше пронајдено на 3 декември. Осомничените за убиството на Вања се осомничени и за убиството на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, кој беше пријавен за исчезнат на 22 ноември. Неговото тело беше пронајдено во близина на Велес.
Првоосомничен за грабнувањата и свирепите убиства е Љупчо Палевски – Палчо, кој беше фатен во Турција и во моментов во тек е постапка за негова екстрадиција. Како соизвршители се гонат уште три лица, а на листата осомничени е и таткото на Вања кој според првичните сознанија, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.
Нови руски напади врз повеќе украински региони

Русија утрово на 8 декември започна нов бран ракетни и напади со беспилотни летала врз неколку украински региони при што загинало најмалку едно лице, неколку се ранети, а предизвикана е и значителна штета на цивилна и енергетска инфраструктура, објавија украинските сили и регионалните гувернери.
Предупредувања за воздушен напад беа испратени рано наутро во Киев и повеќе други региони, како: Черкаси, Кировохрад, Херсон, Миколајев, Чернихивм Полтава, Днепропетровск, Запорожје, Доњецк, Харков и Суми.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека утрото собориле 14 од вкупно 19 крстосувачки ракети лансирани од Русија на територијата на Украина.
„Дел од непријателските проектили гаѓаа инфраструктурни објекти во (југоисточниот) регион Днепропетровск“, соопштија воздухопловните сили.
Втората група проектили, според наведеното во соопштението, кога стигнале до Днепро го смениле правецот на движење кон Киев.
Регионалниот гувернер на Днепропетровск, Сергеј Лисак, на Телеграм објави дека руски проектил го погодил градот Павлорад во оваа област при што загинало едно лице, а четворица се ранети.
Над Павлорад и Синелик, тврди тој, биле соборени пет дронови.
Противвоздушната одбрана во одделно соопштение извести дека седум беспилотни летала од Иран го гаѓале регионот Днепорпетровск.
Кон Харков, пак, биле лансирани шест ракети. Регионалниот гувернер Олег Синјехубов на Телегам наведе дека во ракетниот напад биле ранети две лица, а била причинета штета на станбената инфраструктура, како и на едно училиште.
Во областа Купјанск, исто така во регионот Харков, уште три лица биле ранети, а една станбена зграда е оштетена, вели гувернерот.
Украина се подготвува за втора долга зимна од војната со Русија во услови на интензивни борби на истокот од земјата, особено околу индустрискиот град Авдијивка во регионот Доњецк.
Кај овој град, според извештајот на украинската војска од утрово, украинските сили одвратиле 30 руски напади во последните 24 часа.
Руските сили веќе неколку недели се обидуваат да го опколат Авдијевка, кој стана најновиот симбол на украинскиот отпор.
Овој град остана во рацете на Украина дури и откако Русија во 2014 година зазеде големи делови од регионот Доњецк, вклучувајќи го и истоимениот град, кој се наоѓа на оддалеченост од само 10 километри јужно.
Како што надоаѓа студената зима, украинските власти побараа од луѓето да штедат енергија откако електрана во близина на линијата на фронтот беше погодена од гранатирањата предизвикувајќи сериозна штета и онеспособувајќи две енергетски единици во неа.
Министерството за енергетика соопшти дека поради стопирањето на двата блока и зголемената побарувачка има привремен недостиг на електрична енергија. Оттаму апелираа до потрошувачите да им помогнат на енергетските работници така што ќе ја користат електричната енергија „мудро и економично“.
Синот на Бајден се соочува со второ обвинение – сега за даночно затајување

Федералното обвинителството поднесе даночна пријава против Хантер Бајден, што е втора кривична постапка против синот на американскиот претседател.
Во обвинението со девет точни се наведува дека тој планирал да избегне федерални даноци од најмалку 1,4 милиони долари во периодот од 2016 до 2019 година.
Трите кривични дела и шесте прекршоци вклучуваат непријавување и плаќање даноци, лажна даночна пријава и затајување.
Хантер Бајден во септември беше обвинет за нелегално поседување оружје, за што тој се изјасни за невин.
Белата куќа немаше коментар за новите наводи во четвртокот вечерта.
Ова доаѓа кога републиканците во Конгресот ги ставаат бизнисите на Хантер Бајден во центарот на истрагата за импичмент против претседателот Бајден, кој бара реизбор следната година.
Доколку биде осуден во случајот со даночното затајување, Хантер Бајден може да се соочи со затворска казна до 17 години.
Во обвинението од 56 страници поднесено во Калифорнија, обвинителите тврдат дека тој ги потрошил парите на „дрога, придружба и девојки, луксузни хотели и имоти за изнајмување, егзотични автомобили, облека и други лични предмети, накратко, сè освен даноци“.
Тие велат дека синот на претседателот „поединечно добил повеќе од 7 милиони долари вкупен бруто приход“ помеѓу 2016 и 2020 година, но „намерно не ги платил даноците за 2016, 2017, 2018 и 2019 година навреме, и покрај тоа што имал пристап до средства за плаќање“.
За продолжениот викенд променливо облачно со сончеви периоди

Променливо облачно со сончеви период и умерен до засилен северен ветер, ќе преовладува денеска (8 декември).
Според најавите од УХМР, минималната температура ќе биде од минус четири до четири степени Целзиусови, а максималната во текот на денот ќе се движи од три до девет степени.
Утре, исто така, се очекува сончево со мала до умерена облачност и слаб променлив ветер.
На крајот од продолжениот викенд, односно во попладневните часови во недела се очекуваат локални врежени од дожд, а на планините од снег.
Следната недела, пак, ќе започне со стабилно време со ниски утрински температури. Во понеделникот дневните температури ќе бидат во пораст, но ќе има и магла во котлините.
Навални- Путин ако победи ќе ја уништи Русија

Руските претседателски избори ќе се оддржат на 17 март догодина, одлучи денеска рускиот парлементарен Горен дом. На овие избори се очекува актуелниот руски претседател Владимир Путин да се кандидира за уште еден мандат, што ќе му го отвори патот да остане на власт најмалку до 2030 година.
„Во суштина, оваа одлука го означува почетокот на изборната кампања“, изјави претседателката на Горниот дом, Валентина Матвиенко.
71 годишниот Путин се уште не ја објавил својата намера да учествува на изборите за уште еден шестгодишен мандат, иако се очекува тој да учествува во гласањето и да добие нов шестгодишен мандат и да го продолжи својот мандат, со што би станал најдолг од кој било руски лидер уште од Јозеф Сталин.
Иако Путин официјално не објави дека ќе се кандидира, владата минатата година протурка голем куп уставни амандмани, од кои најважниот му дозволува на Путин да бара уште два шестгодишни мандати и веројатно да остане на функцијата до 2036 година.
Двајцата од најпознатите опозициски лидери во земјата, Алексеј Навални и Владимир Кара-Мурза, отслужуваат долги затворски казни за кои тие и нивните поддржувачи велат дека се политички мотивирани.
Навални веднаш одговори на одредувањето на датумот за избори, повикувајќи ги 110-те милиони граѓани со право на глас да гласаат за „кој било друг кандидат“ освен Путин, иако „конечните резултати ќе бидат наместени“.
„Путин ќе ја уништи Русија. Тој мора да замине. За Путин, овие избори се референдум за одобрување на неговите постапки. Референдум за одобрување војна. Да ги попречиме неговите планови и да се погрижиме на 17 март никој да не се грижи за фалсификуваниот резултат, туку цела Русија да има виде и разбра: волјата на мнозинството е Путин да замине“, напиша Навални во објавата на неговиот блог.
Поддржувачите на Навални ги повикаа Русите да не гласаат за Путин на големите билборди со новогодишни честитки во Москва, Санкт Петербург и неколку други руски градови.
Билбордите носеа QR-кодови кои кога луѓето ги скенираа со своите мобилни телефони доведоа до веб-страница со наслов „Русија без Путин“.
Минатиот месец, Путин потпиша закон за измени на законот за претседателски избори со кој се ограничува покривањето на анкетите, а исто така и дава право на Централната изборна комисија да ја промени изборната процедура на териториите каде што е воведена воена состојба. Оваа одлука се однесува и на она што Русија го нарекува своја нова територија односно на четири региони на Украина кои Москва ги анектираше минатата година, откако ја започна својата целосна инвазија на таа земја во февруари 2022 година.
Додека Русија тврди дека регионите - Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје , само делумно ги контролира, а Киев вети дека ќе ги врати припоените територии.
Кремљ соопшти дека амандманите се неопходни поради „специјалната ситуација“ на „новите територии“ на Русија.
Азербејџан и Ерменија започнаа со ослободување на затвореници

Азербејџан ослободи 32 ерменски војници на 7 декември, додека Ерменија ослободи двајца Азербејџанци, се вели во заедничката изјава на двете земји во која се наведени други „опипливи чекори“ кон градење доверба.
Во соопштението објавено од кабинетот на ерменскиот премиер и администрацијата на претседателот на Азербејџан се вели дека двете страни гледаат на ослободувањето на затворениците како „водено од хуманитарните вредности и како манифестација на добра волја“.
Во него е посочено дека постои историска можност да се постигне долгоочекуваниот мир.
„Двете држави ја потврдуваат својата намера да ги регулираат односите и да постигнат мировен договор заснован на почитување на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Во друг гест на добра волја, Ерменија ја изрази својата поддршка за кандидатурата на Азербејџан да биде домаќин на Сесијата на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP29) следната година и ја повлече сопствената кандидатура.
Ерменија и Азербејџан ќе продолжат со дискусиите за спроведување на повеќе мерки за градење доверба, се вели во соопштението.
Тие, исто така, ја повикуваат меѓународната заедница да ги поддржи нивните напори, кои според нив ќе придонесат за градење на меѓусебната доверба меѓу двете држави и ќе имаат позитивно влијание врз целиот Јужен Кавказ.
Азербејџан и Ерменија преземаа прелиминарни чекори кон формален мировен договор откако Баку ја врати контролата врз отцепениот регион Нагорно-Карабах во септември, што резултираше со егзодус на етничките Ерменци од регионот.
Преговарачите од двете земји минатата недела водеа состанок на комисиите за разграничување на границите на нивните нации и се согласија да ги интензивираат идните разговори за ова прашање, што беше уште еден фокус на прелиминарните дискусии.
Путин ги пофали руско-иранските односи по средбата со Раиси

Рускиот претседател Владимир Путин на 7 декември ги пофали односите на неговата земја со Иран на средбата со неговиот ирански колега Ебрахим Раиси, додека двајцата разговараа за војната меѓу Израел и Хамас.
Од започнувањето на нападот врз Украина во февруари 2022 година, Москва се обидува да ги продлабочи своите економски и политички врски со Техеран, кои и двете беа санкционирани од Западот.
Путин изјави дека руско-иранските односи се развиваат многу добро.
„Благодарение на неговата поддршка, добивме добар моментум во текот на изминатата година“, изјави Путин по средбата со Раиси.
Западните земји го обвинија Техеран дека ја поддржува руската офанзива во Украина обезбедувајќи му големи количини беспилотни летала и друго оружје.
Двајцата разговараа и за двомесечната војна Израел-Хамас, која драстично ги зголеми тензиите меѓу Израел и арапските држави на Блискиот Исток.
„За нас е многу важно да размениме мислења за ситуацијата во регионот, особено во однос на ситуацијата во Палестина“, рече Путин.
Путин разговараше со израелските и арапските лидери веднаш по почетокот на војната и се обиде да се позиционира како потенцијален мировен посредник меѓу завојуваните страни.
Британија санкционира двајца Руси за онлајн шпионирање

Велика Британија воведе санкции две лица од Русија и го повикало рускиот амбасадор во Лондон, поради обиди за влијањето во британскиот политички живот и демократски процес. Според соопштенитое на британското министерство за надворешни работи санкциите се воведено откако се откриени дејствијата на група сајбер-криминалци поврзани со руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).
Во нивното соопштение објавено на 7 декември е посочено дека сајбер-шпионирањето било спроведено од група хакери зад кои стои единица на сајбер шпионски операции од ФСБ насочени кон Британија.
По спроведената истрага санкциите се спроведени кон Русите Руслан Александрович Перетјатко и Андреј Станиславович Коринец „за нивната вмешаност во подготовката на кампањи за интернет -фишинг.
„Нивната активност резултираше со неовластен пристап и ексфилтрација на чувствителни податоци, кои беа наменети за ги поткопуваат организациите во Обединетото Кралство“, се вели во соопштението на британското министерство за надворешни работи.
Во соопштението е посочено дека меѓу акциите спроведени од хакерската група именувана како „Стар Близард“ е и таргетирање на британски пратеници од различни политички партии, како и таргетирање на новинари, универзитети, јавниот сектор, невладини организации и групи на граѓанското општество кои имаат клучна улога во британската демократија. Дополнително меѓу акцииите е наведено и хакирањето на британско-американското трговските документи.
Рускиот амбасадор во Британија Андреј Келин беше повикан на 7 декември во Министерството за надворешни работи, каде што беше информиран за „длабоката загриженост на Обединетото Кралство за постојаните обиди на Русија да користи сајбер за да се меша во политичките и демократските процеси во ОК и пошироко“, се вели во соопштението.
Агелер: Лицата на „црната листа“ може да изразат незадоволство, но сакцијата останува

Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на американската „црна листа“ можат да пријават незадоволство, но во секој случај САД има најавено санкција, одговори на новинарско прашање американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер за најавената жалба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт Департментот.
Во вторникот Стејт Департментот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.
Таа при посета на Криволак повтори дека листата ќе се проширува со нови лица.
„Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство, но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават“, изјави Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси,“ беше наведено во соопштението објавено од Стејт департментот.
Агелер се огласи истиот ден преку социјалната платформа X,порано позната како Твитер, нагласувајќи дека именувањето на Кочо Анѓушев е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.
Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени, напиша Агелер тогаш на платформата Х.
Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Тој, исто така, посочува дека има фирми и во САД, и како што вели, е американски даночен обврзник.
Во меѓувреме малтешкото Министерство за надворешни работи му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, поради неговото поместување на „црната листа“ на САД, објави „Тајмс оф Малта“.
Портпаролот на малтешкото МНР во изјава за „Тајмс од Малта“ истакнал дека Министерството никогаш не добило никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување, што веднаш стапува во сила и внимателно ги следи најновите случувања“, изјавил тој.
Анѓушев, пак, денеска преку соопштение и се заблагодари на, како што вели пријателска Малта за честа да биде почесен конзул, но наведува дека со оглед на одлуката на Стејт департментот, со која не се согласува, но ја цени и прифаќа, смета дека не е во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете