Достапни линкови

Казни од 500 до 1000 евра за секој работник што нема да пријави нередовно плаќање придонеси


Казни во висина од 500 до 1000 евра во денарска противредност се предвидени за секој работник кој нема да го пријави нередовното исплаќање на придонесите кај надлежните. Глобите се предвидени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување кој од неодамна стапи во сила. Законот ги обврзува работниците да го пријават работодавачот во случај да немаат пресметано надомест за придонеси, додека работодавачите се обврзани да доставуваат писмени евиденции до работниците за нивниот стаж.
Лилјана Јанкуловска од Сојузот на синдикатите на Македонија вели дека со измените во Законот за придонеси се воведуваат нови обврски и за работниците и за работодавачите.

„За прв пат се воспоставува обврска од страна на работниците. Тие ќе бнидат должни да го пријават работодавачот доколку истиот не им достави во рок од 15 дена од исплата на платата заверена писмена исправа со која се утврдува дека примиле плата и дека се платени придонеси согласно овој закон.“

Според Јанкуловска, законот би требало да воведе ред во пресметувањето на придонесите, што не било случај во изминатите години. Проблем за Сојузот се казните од 500 до 1,000 евра кои според Јанкуловска, не се соодветни на стандардот на работниците кои не секогаш би го пријавиле својот газда кај надлежните.

„За да го зачува своето работно место работникот многу ќе размислува дали ќе го пријави својот работодавач пред управата за јавни приходи иако нема примено плата онака како што треба согласно новиот Закон.“

Инаку, просечната месечна плата во земјава за месец декември е одредена на 17.020 денари.
За висината на казните негодуваат и од Здружението на работодавачи. Миле Бошков вели дека за работодавачите има предвидено казни од 8,000 евра а на маса се и предлози за зголемување на казните до 15,000 евра за секој работодавач кој ги нема пријавено работниците. Бошков вели дека Законот им се заканува на опстанокот на дел од фирмите.

„Може да предизвика затворање на многу компании доколку навистина имаат непријавени еден - двајца. Зборувам за мали и средни компании кои можеби целиот годишен обрт им е од 15.000 до 30.000 евра.“

Бошков вели дека Здружението неколкупати се побунило до надлежните за намалување на предвидените казни.

„Бараме и еднаков третман на компаниите а не пред нашите фирми продавници и маркети да имаме диви препродавачи, сива економија и така натаму “

Од здружението информираат дека Владата и Министерството за финансии за сега немаат намера да ги намалат предвидените казни, тврдејки дека доколку работодавачите редовно ги пријавуваат вработените, нема од што да се плашат.
XS
SM
MD
LG