Достапни линкови

Градоначалниците на помалите општини сметаат дека тие се финансиски слаби и бараат помош од државата


Околу 30 проценти од општините во земјава се уште не влегле во втората фаза од фискалната децентрализација. Повеќето од нив се помали општини кои или се соочуваат со недостиг на административни капацитети за финансиско работење и собирање даноци или пак поради финансиските долгови имаат блокирани жиро сметки, објаснуваат од ресорното министертво.

Една од нив е Лозово. Нејзиниот градоначалник Јордан Павлов вели дека без финансиска помош од централната власт, Лозово нема да може да се приклучи во втората фаза од овој процес

„Малите општини се финансиски слаби. Сега зависи која е генералната политика на државата, дали сака да се вклучи во решавање на проблемите и помош или ќе не држи да не можеме да напредуваме.“

Иако општината Жупа ги исполнила потребните услови за влез во втората фаза од фискалната децентрализација, таа се уште е надвор од неа, вели градоначалникот на оваа локална единица, Нузи Шахин. Сепак тој се сомнева дека фискалната децентрализација нема да ја подобри состојбата во која се наоѓа оваа општина.

„Нема никаква добивка за општината ако влезе во втората фаза од фискалната децентрализација. Тоа се туѓи средства, правиш тријаголник на средствата, и ќе има само повеќе контрола во трошење на парите, друго ништо.“

Но, искуствата пак на општина Росоман, која од јули влезе во втората фаза на овој процес се позитивни.

„Проблем беше исплатата на платите во образованието, но ние немавме таков проблем бидејќи навремено извршивме ребаланс на буџетот со кој се предвидоа средства потребни за исплата на плати и искустввата говорат дека сме немале проблеми токму во делот на образованието,“

изјави градоначалникот на Росоман Гоце Величковски.

Во обид да им се помогне на општините кои не можат да влезат во втората фаза од фискалната децентрализација, од министерството за локална самоуправа велат дека одржуваат редовни консултации со општините. Еден од начините да се надминат административните проблеми е преку договори за меѓуопштинска соработка или пак преку спогодбени договори со фирмите на кои општините им должат, велат од Министерството. По завршувањето на овој процес, од следната година се планира да почне третата фаза од децентрализацијата, која предвидува целосна финансиска независнот на општините. Според најавите новиот систем на финансирање на општините, ќе функционира без грантови од централната власт, а на локалната единица ќе и биде овозможено да остварува поголеми изворни приходи.
XS
SM
MD
LG