Достапни линкови

Економските експерти велат дека странскиот капитал значи поголема сигурност на банкарскиот сектор


Присуството на странски банкарски брендови во земјава значи поголема конкуренција, но и поголема сигурноство банкарскиот систем, анализираат економските експерти по последните најави дека Австриската Ерсте банк ќе биде новиот сопственик на Инвест банка. Според проф. Ванчо Узунов влезот на нов странски капитал во банкарскиот сектор ќе донесе позитивни промени и подобрување на квалитетот на работата на банките во Македонија.

„Во одреден степен се зголемува сигурноста на банкарскиот систем, бидејќи тој странски инвеститор во уште една банка ќе внесе нов начин на работење, нови квалилатитвни промени во работењето на таа банка, а тоа значи и на целиот банкарски сектор ќе се зголеми сигурноста и квалитетот на работењето.“

Со ваквиот став се согласува и Томе Неновски, проф. на Американскот колеџ во Скопје. Ваквиот потег на странската банка особено во период кога внатрешно политичката ситуација во земјава и во регионот не е најповолна, е за поздравување, вели Неновски.

„Влегувањето на ЕРСТЕ Банк би требало да значи натамошно зголемување на конкурентноста меѓу банкарските односи од една страна, а од друга страна да покаже во светот пред странските инвеститори дека има некој интерес за влез во Македонија во време кога се случуваат некои турбулентни настани на внатрешен, но и на надворешен план.“

Експертите велат дека податоците покажуваат оти е висок процентот на застапеност на странски капитал во банките, односно дека пазарот постепено се либерализира. Токму профитот што го остваруваат странските банкари во земјава е причината поради се поголемиот интерес на странски брендови да инвестираат во македонското банкарство.

„Стапките на поврат на банкарскиот капитал во Македонија во изминатите две- три години се многу високи, стапката на поврат на акционерскиот капитал во минатата година достигна некаде околу 20-30% на годишно ниво, нешто што неможат да го остварат западните банкарски системи.“

„Има странски капитал во банкарството во Македонија и тоа е една од битнити причини што банкарството во земјава во изминативе десетина години добро напредува.“


Изјавија Неновски и Узунов. Последните податоци на Народната банка покажуваат дека банкарскиот систем во земјава бележи брз развој, односно зацврстување на македонските банки, зголемување на кредитите и депозитите, но и на профитите на банките. Во почетокот на 90-те години во македонскиот банкарски систем имало само 20 % странски капитал. Сега дури 63% од македонските банки се наоѓа на сопственост на странски капитал.
XS
SM
MD
LG