Достапни линкови

Вести

Боливија: Почнува посетата на иранскиот претседател Ахмадинеџад

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад денеска ја започнува посетата на Боливија и на Венецуела. Целта на овие посети, како што јавуваат агенциите, е да ги зацврсти односите на неговата земја со тамошните левичарски влади предводени од претседателите Ево Моралес и Хуго Чавез.

види ги сите денешни вести

Одложено судењето за случајот „Плацеви на Водно“

Јордан Камчев пред Кривичниот Суд во Скопје.

Одложено е денешното судењето за случајот „Плацеви на Водно“, во кој се обвинети поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, поранешниот премиер Никола Груевски и бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева.

Денешното судење е одложено поради отсуство на четворица од повиканите сведоци и по барање на одбраната на обвинетиот Орце Камчев, кој од вчера бил позитивен на КОВИД-19.

Одбраната на Камчев, кој денеска присуствуваше во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје, наведе дека вчера бизнисменот направил брз антигенски тест на КОВИД-19 и кај него е детектиран вирусот, но дека чекал решение за самоизолација.

Случајот „Плацеви на Водно’ го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Според обвинението, поранешниот премиер Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот”, а неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Орце Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари”. Мијалков, кој е прв братудед на Груевски, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.

Токаев ја презема позицијата лидер на владејачката партија на Казахстан

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев.

Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев го смени својот претходник Нурсултан Назарбаев како лидер на владејачката партија Нур-Отан, што е последен во низата чекори за консолидирање на неговата моќ и за маргинализирање на неговиот претходник, по смртоносните антивладини протести на почетокот на јануари.

Прес-службата на претседателот соопшти дека одлуката е донесена на конгресот на партијата одржан на 28 јануари по налог на Назарбаев.

И покрај тоа што во март 2019 година објави дека се повлекува по речиси 30 години владеење со централноазиската земја богатата со нафта, Назарбаев продолжи да има силно влијание врз внатрешната и надворешната политика на Казахстан како доживотен претседавач на влијателниот Совет за безбедност и лидер на Собранието на народот на Казахстан и партијата Нур-Отан.

Конгресот се одржа во услови на протест на некои членови на партијата кои се откажаа од нејзините редови поради, како што сметаат, „неуспехот“ на партијата да спречи крвопролевање за време на антивладините протести.

Путин - Западот ја „игнорира“ безбедносната загриженост на Москва

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Западот ја „игнорира“ безбедносната загриженост на Москва во врска со проширувањето на НАТО, додека Соединетите држави повторно ја повикаа Русија да ги повлече своите сили од областите во близина на границата на Украина поради постојаните стравувања дека зголемувањето на трупите е увертира за инвазија на нејзиниот западен сосед.

Путин на својот француски колега Емануел Макрон во телефонски разговор на 28 јануари, му рекол дека руската страна оваа недела „внимателно“ ќе ги проучи писмените одговори поднесени од Соединетите држави и НАТО во врска со барањата на Москва за безбедносни гаранции, „по што ќе одлучи за понатамошните акции“.

Русија бара безбедносни гаранции од Западот во замена за деескалација на кризата околу Украина, но САД и НАТО на 26 јануари ги отфрлија барањата на Москва.

НАТО, исто така, соопшти дека не може да се преговара за распоредувањето на војници и воена опрема во Источна Европа од страна на сојузниците.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, говорејќи на форумот на Атлантскиот совет на 28 јануари, рече дека Алијансата е подготвена да го засили своето присуство во Источна Европа за да и ја докаже на Русија својата решителност во услови на украинската криза.

Столтенберг, сепак, истакна дека во овој момент „нема сигурност“ дека Русија планира да ја нападне Украина.

Претходно, на 28 јануари, американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан рече дека Вашингтон сега чека одговор од Русија на нејзините писмени предлози излезот од украинската криза да се бара по дипломатски пат.

Зеленски - Главниот ризик за Украина е дестабилизација одвнатре

Украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека тензиите со Русија не се зголемени, a дека главниот ризик за неговата земја е дестабилизација одвнатре.

Зборувајќи за новинарите на 28 јануари во Киев, Зеленски рече дека иако не може да ја исклучи натамошната ескалација на тензиите, не е јасно дали сигурно ќе започне војна со Русија, која има распоредено околу 100.000 војници во области блиску до Границата на Украина е сигурна.

„Не ја сметам сегашната ситуација за понапната од порано. Во странство има чувство дека овде има војна. Тоа не е така“, рече тој.

„Не велам дека ескалацијата не е можна, но не ни треба оваа паника“, вели Зеленски.

Украинскиот претседател рече дека на Украина не и е потребна само воена поддршка од Западот за време на актуелната криза, туку и политичка и економска поддршка, вклучително и 4-5 милијарди долари за стабилизирање на економијата.

Тој исто така предупреди дека Украина, како и источните членки на воената алијанса на НАТО, може да бидат изложени на сајбер напади и други тактики на Русија.

САД и ЕУ најавија соработка за енергетската безбедност на Европа

Илустративна фотографија.

Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ветија дека ќе соработуваат за гарантирањето на енергетската безбедност на Европа, како и на Украина во услови на тензии околу трупањето на руски војници во близина на украинската граница, пренесува Ројтерс.

„САД и ЕУ работат заедно за континуирано, доволно и навремено снабдување на ЕУ со природен гас од различни извори ширум светот, за да се избегнат шокови во снабдувањето, вклучително и оние што би можеле да произлезат од натамошната руска инвазија на Украина“, се вели во заедничката изјава.

Европа увезува речиси 40 отсто од гасот од Русија. Европската унија и САД почнаа да бараат дополнителни извори за снабдување на земјите од Европа, поради загриженоста дека Москва би можела да го користи гасот како оружје и да го наруши веќе намаленото снабдување.

Дополнителен спор предизвикува гасоводот Северен тек 2, кој треба да испорачува руски гас во Германија.

САД и се повеќе европски земји, вклучително и самата Германија, предупредуваат дека овој гасовод нема да почне да работи доколку Русија ја нападне Украина.

26 починати и 1.908 нови случаи на КОВИД-19

Илустративна фотографија - тестирање за КОВИД-19.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 1.908 нови случаи на коронавирус, а починале 22 лица сите во болнички услови, соопшти Министерството за здравство. Дополнително, пријавени се уште четири починати пријавени во Регистарот „Мој термин“ во периодот од 4 до 26 јануари оваа година.

Направени се 5.834 тестирања во изминатите 24 часа. Најмногу нови случаи има во Скопје – 972, Кавадарци 112, Куманово 111 Битола 105, Велес 62, Тетово 58, Прилеп 54...

Од вкупниот број на позитивни, регистрирани се 254 реинфекции.

Од друга страна, регистрирани сe 1.129 оздравени пациенти, со што бројот на активни случаи во моментов е 17.182.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 265.101, бројката на оздравени пациенти е 239.581, на починати е 8.338.

Бектеши - Предложено е продолжување на мерката за замрзнати цени на основните производи

Министерот за економија Крешник Бектеши.

Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека министерството со кое раководи доставило одлука до Владата со која се предлага мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени производи да се продолжи до крајот на февруари 2022 година.

Инаку, Владата на почетокот на декември водеде мерка за замрзнување на цените на основните прехранбени производи до 31 јануари поради растот на инфлацијата.

Беа замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомеснати производи и сирењето и урдата.

Дополнително беше донесена и одлука за замрзнување и на цените на оризот, тестенините и јајцата, а мерката важеше во трговијата на мало и на големо.

Од Владата тогаш беше најавено дека е можно да биде донесена одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи и дека таа може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 година, доколку тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.

Фон дер Лајен критикувана поради приватна комуникација со шефот на Фајзер

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Европскиот омбудсман го критикуваше начинот на кој Европската комисија (ЕК) одговорила на барањето за пристап до СМС пораките меѓу претседателката на институцијата Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на една фармацевтска компанија. Затоа, Европскиот омбудсман бара ЕК да спроведе поопширно пребарување на релевантните пораки.

До оваа истрага дојде откако бриселскиот новинар Александар Фанта од порталот www.netzpolitik.org побарал увид во документите поврзани со контактот на претседателката на ЕК и генералниот директор на фармацевтската компанија.

Причината за ова барање беше интервју на Урсула фон дер Лајен за Њујорк Тајмс во април 2021 година, каде меѓу другото, таа спомена дека се допишувала со шефот на фармацевтската компанија Фајзер, Алберт Бурла, во врска со набавката на вакцини против КОВИД-19.

По интервјуто, новинарот побара јавен пристап до СМС пораките и другите документи поврзани со наводната размена.

Според наодите на Европскиот омбудсман, Европската комисија идентификувала три документи кои спаѓаат во опсегот на барањето: електронска пошта, писмо и соопштение за печат и сите биле објавени.

Како одговор на новинарското барање за јавен пристап, Комисијата, меѓу другото, соопшти дека не се води евиденција за вакви пораки поврзани со набавката на вакцини против КОВИД-19.

Подносителот на претставката се обратил до Народниот правобранител, бидејќи Комисијата не идентификувала СМС пораки.

Европскиот омбудсман е институција која го надгледува функционирањето на европските институции. Во соопштението на Европскиот омбудсман се вели дека истрагата на ова тело покажала дека ЕК експлицитно не побарала од кабинетот на претседателката да бара СМС пораки.

„Наместо тоа, побарано е од нејзиниот кабинет да бара документи кои ги исполнуваат внатрешните критериуми на Комисијата за снимање. Се смета дека СМС пораките во моментов не ги исполнуваат овие критериуми“, се вели во соопштението.

Според Народниот правобранител, ова е „лоша администрација“.

Европскиот омбудсман Емили О’Рајли оцени дека со начинот на кој Европската комисија пристапила кон ова прашање, не било направено доволно за да се открие дали постојат било какви текстуални пораки.

„Ова е под разумните очекувања за транспарентност и административни стандарди во Комисијата. Не треба да се снимаат сите текстуални пораки, но тие очигледно спаѓаат во законот за транспарентност на ЕУ и затоа треба да се снимаат релевантните текстуални пораки. Не е веродостојно да се тврди поинаку“, рече О'Рајли.

Народниот правобранител побара од Европската комисија да побара од кабинетот на Урсула фон дер Лајен повторно да ги бара релевантните СМС пораки.

„Доколку се идентификуваат некои СМС пораки, Комисијата тогаш треба да процени дали тие ги исполнуваат критериумите за објавување според правото на ЕУ за пристап до документи“, се вели во соопштението на Европскиот омбудсман.

Столтенберг - НАТО е подготвена да го засили присуството во Источна Европа

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека воената алијанса е подготвена да го засили своето присуство во Источна Европа, за да спречи какво било недоразбирање од страна на Русија за нејзината решителност да го заштити регионот, во услови на трупање на војска од страна на Москва во областите во близина на границите и на Украина и на Белорусија.

Говорејќи на форумот на Атлантскиот совет на 28 јануари, шефот на НАТО рече дека Русија распоредува илјадници борбени трупи и воена опрема во Белорусија, која граничи со источното крило на НАТО, како и со Украина.

Западното разузнавање проценува дека повеќе од 100.000 руски војници се веќе преместени во пограничните региони со Украина, што според некои аналитичари може да биде увертира за руски упад во поранешната советска република.

Столтенберг истакна дека во овој момент „нема сигурност“ дека Русија планира да ја нападне Украина.

Сали- се е под контрола, нема потреба од дополнителни мерки

Беким Сали, министер за здравство

Нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки до следниот состанок на Комисијата за заразни болести бидејќи во последните два дена има намалување на бројот на новозаболени, смета министерот за здравство Беким Сали.

Во изјава за медиумите, Сали вели дека според податоците на Институтот за јавно здравје, што на дневна основа ги добиваат, пандемијата во земјава дава знаци на стивнување и секој ден има намалување на бројот на новоинфицирани и на хоспитализирани.

„Се е под контрола. Нема потреба од дополнителни мерки. Во Косово се преземени порестриктивни мерки бидејќи епиделошкоската состојба почнала да се влошува и тоа е локална политика. Ние такви рестриктивни мерки немаме и засега нема потреба, меѓутоа секоја одлука е неделна. До следниот состанок на Комисијата за заразни болести нема да има потреба од нова мерка, но се надевам дека и граѓаните ќе бидат претпазливи и вакцинацијата ќе расте“, изјави денеска Сали, одговарајќи на новинарски прашања.

Во моментот, како што истакна, нема потреба и од отворање на модуларните болници. Денеска е отворен ковид центарот на Клиниката за неврологија, а од вчера функционира и ковид центарот на Клиниката за кожни болести.

„На ниво на држава се трудиме пациентите да бидат згрижени на ниво на болниците. Од минатата недела се преземени мерки да се зголеми бројот на кревети што значи отворање на капацитетите кои претходно беа ковид центри. Од модуларните болници засега нема потреба“, рече Сали.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, во моментот во земјава во 90 проценти е присутен сојот „омикрон“, а во 10 проценти „делта“ сојот.

Боледувањето на оние пациенти кои ќе имаат симптоми и по седмиот ден ќе го регулираат матичните лекари, односно доколку имаат симтоматологија на вирусот, ќе им се продолжи боледувањето по автоматизам за уште три дена.

Во однос на тоа дали се размислува за намалување на трошоците за тестирање, министерот посочи дека е разговарано со сите чинители кои влијаат врз цената и оти очекува позитивен одговор од нив.

САД побараа од Русија да ги повлече своите војници од украинската граница

Американскиот амбасадор во Русија Џон Суливан на изглегување од руското министерство за надворешни работи

Соединетите Држави повторно побараа од Русија да ги повлече своите војници од границите на Украина поради постојаните стравувања дека Москва се подготвува да го нападне својот сосед и покрај новите уверувања дека нема да започне војна.

Амбасадорот на САД во Москва Џон Саливан на 28 јануари изјави дека Вашингтон сега го чека одговорот на Русија на писмените предлози за дипломатски пат за решавање на украинската криза, изразувајќи надеж дека потоа може да следи средба меѓу американските и руските дипломати.

Блинкен за РСЕ: Русија ќе се соочи со „масивни последици“ за напад врз Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:15 0:00

Саливан рече дека дипломатијата е единствениот пат напред, но предупреди дека тоа би можело да се случи само ако Русија почне да ги повлекува војниците кои ги испрати во близина на границата со Украина, а кои според проценките на западните разузнавачи се повеќе од 100.000.

„Ако ставам пиштол на маса, а доаѓам во мир, тоа е закана“, изјави Саливан на онлајн брифингот.

Тој, исто така, предупреди дека економските санкции ќе бидат само еден дел од одговорот на Западот ако Русија ја нападне Украина, велејќи дека другите мерки ќе вклучуваат контрола на извозот, поголема одбрана на сојузниците во Европа и спречување на гасоводот Северен поток 2.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека Русија не сака да започне војна против Украина, но оти нема да дозволат нивните интереси грубо да се газат и да се игнорираат.

Пендаровски се сретна со претставници на македонските здруженија од Бугарија

Скопје- претседателот Стево Пендаровски ги прими претставниците на здружението на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин,28.1.2022

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија. Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество, информираат од кабинетот на шефот на државата.

„Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека претседателот истакнал дека Република Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

Инаку Советот на Европа досега има донесено 14 пресуди поради одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците што живеат таму. Но, ниту една од нив не е применета, а источниот сосед продолжува со одбивањето да го стори тоа, рече лани за Радио Слободна Европа копретседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков. Тој вели дека пресудите ги добиваат од 2001 досега, но официјална Софија ги игнорира.

Бугарскиот премиер Петков, кој денеска во тамошното собрание реферираше за развојот на односите со Скопје, како што пренесе бугарската агенција БГНЕС, рече дека оваа влада не би ја отворила вратата за темата за македонското малцинство, а дека ОМО Илинден е провокација и за новиот македонски премиер Димитар Ковачевски.

Бугарскиот премиер и минатата недела пред доаѓањето во Скопје кажа дека нема македонско малцинство во Бугарија и за такво малцинство не може да се зборува. Таа изјава веднаш предизвика жестока реакција од ОМО Илинден Пирин.

„Срамен почеток на мандатот на премиерот, на кого се полага толку многу надеж“, оценија од ОМО Илинден Пирин од каде што повлекоа паралела со политиките на комунистичкиот бугарски лидер Тодор Живков кој се смета за основополжник на ваквата политика на Софија кон македонското прашање.

Сали- второто полугодие ќе биде со физичко присуство

Министерот за здравство Беким Сали

Второто полугодие во училиштата ќе започне со физичко присуство бидејќи, како што денеска изјави министерот за здравство Беким Сали, епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а Министерството за здравство ќе прави случаен скрининг меѓу учениците. Доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, министерот најавува дека ќе бидат преземени мерки.

„Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки“, изјави Сали по посетата на вакциналниот пункт на Економскиот факултет во Скопје каде ја прими третата доза на вакцина.

Вчера, Синдикатот за образование, наука и култура побара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство. Сметаат дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.

За иницијативите на групи родители кои најавуваат дека ќе ги пуштат децата без маски на училиште, министерот Сали вели дека тоа се неофицијални иницијативи. Од Министерството апелираат на почитување на мерките како носење маски, држење соодветно растојание и честа дезинфеција.







2022-01-28 13:50:12, од Билјана Анастасова-Костиќ

Касами бара предвремени избори што е можно поскоро

Билал Касами, претседател на БЕСА

Претседателот на Движењето Беса Биљал Касами и градоначалник на Тетово на денешната прес-конференција истакна дека по се што се случило по локалните избори, неопходни се предвремени парламентрани избори што побрзо.

„Ние сме разговарале и во рамките на органите на партијата дека после локалните избори и се што се случи потоа со чудниот трансфер на пратеници, приклучување на политички партии само да си бидат дел од власт и за користење на сите придобивки на власта и со резултатите на политичките партии на последните локални избори, произлегува дека избори се неопходни што побрзо за волјата на граѓаните да биде таму каде што се одлучува во нивно име“, рече Касами.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има лидерска средба за предвремени избори, Касами истакна дека доколку нема таква иницијатива од другите политички партии, Движењето Беса во соработка со другите политички партии ќе се договараат како ќе го спроведат тоа.

„Сигурно дека тоа треба да има консензус во делот на предвремените избори, но во тој дел е потребно да се дискутира за да се дојде до решение кое е во интерес на граѓаните. Ако не се иницира од другите политички партии, во соработка со опозициските партии ќе договориме како тоа ќе го спроведеме. Ние во март ќе го одржуваме вториот конгрес и другата опозициска политичка партија Алијанса за Албанците има исто така во март има конгрес. Во овој период ќе бидеме сконцентрирани на реорганизација и засилување на нашите редови и како резултат на тоа, од април ќе договориме средба со сите опозициски политички партии – заеднички фронт за делегитимација на оваа власт, потецира Касами.

Беса беше дел од владината коалиција до локалните избори, а на предвремените парламентарни избори настапи со заеднички листи со СДСМ.


Здружението на јавните обвинители ги осуди заканите кон Јовески

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески

Здружението на јавните обвинители во Република Северна Македонија најостро ги осудува последните закани упатени кон државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

„Заканите упатени кон него, како највисок во јавнообвинителската хиерархија, претставуваат закана кон целата институција и сите носители на јавно обвинителската функција. Ваквите закани од било каде и од било кого да доаѓаат, најблаго речено се нецивилизациски чин. Истите се во спротивност со сите меѓународни акти и востановени стандарди за функционирањето на Јавното обвинителство во секоја правна држава, се наведува во соопштението од Здружението на јавните обвинители.

Оттаму посочуваат дека Јавното обвинителство како институција има интегритет и сила, преку носителите на јавно обвинителската функција со правни средства да се бори против сите облици на криминалитет. Во изврешувањето на функцијата на кривично гонење на сторителите на кривични дела, никој и со никакви средства не може да го спречи Јавното обвинителство, а уште помалку да го поколеба во извршувањето на неговите уставни и законски надлежности.

Јовески: Двете писма со заканите по живот се предадени во МВР
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:48 0:00

Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вчера соопштија дека јавниот обвинител Љубомир Јовески добил закана по неговиот живот поради конкретен кривичен предмет по кој постапката е завршена во декември 2021 година. Заканата која била испратена преку препорачана пратка и напишана на македонски и на англиски јазик, како што велат од Обвинителството била од „терористичка организација која се бори и убива за неправда“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG