Достапни линкови

Потребно е зголемување на понудените услуги и анимирање на граѓаните, сметаат експертите


За да се подигне информатичката свест кај луѓето потребно е да ги мотивирате да сфатат дека интернетот не е само алатка за забава, туку извонредно силен медиум чии можности се неограничени, оценува стручната јавност. Преку заедничка акција на државата и невладиниот сектор за информирање на граѓаните тие ќе бидат поинформирани за предностите на информатичката техонологија, вели Александар Марјановиќ, сопственик на Академијата на информациони технологии, Александрија.

„Се се сведува на информирање, едуцирање и мотивирање. Мора да работиме на подигање на свеста и културата на користење Интернет, не само за забавни цели. Треба државата да работи на стандардите, а секој човек на себе.“

Нивото на информатичката култура кај граѓаните се мери според развојот на информатичкото општество во земјава, посочува претседателот на Македонската Асоцијација за информатичка технологија, Васко Кроневски.

„Треба агресивно воведување на е-сервиси. Затоа што тоа ќе ја зголеми потребата на граѓаните да одат на Итнернет. Ако ние немаме онлајн услуги граѓаните нема доволно да се анимираат со ниту една кампања.“

Од СЕМОС центарот за компјутерска едукација, велат дека интересот за посета на обуките расте кај помладата генерација, додека повозрасните покажуваат отпор кон комјутерите.

„Се што е повозрасно како да постои страв од компјутери, некоја скепса. Некој од 50 години ќе каже јас до сега не научив, отсега не ми ни треба, затоа што не ги знае можностите.“

Вели Розе Каранфилова од Семос-едукација

Некои од граѓаните признаваат дека компјутерите ги користат само на работното место и оти наместо да ги побараат потребните информации на веб-страните на институциите, истите ги дознаваат телефонски.

„Дел од населението сигурно бараат преку телефон.“
„Користиме по потреба.“


Според последните истражувања на Американската агенција за меѓународен развој, УСАИД, само 1/3 од граѓаните имаат Интернет пристап, а половина од нив компјутери.
XS
SM
MD
LG