Достапни линкови

Косовските власти велат дека веруваат во определеноста на САД за независност на Косово


Стручната јавност на Косово оценува дека не би било реално очекувањето дека на самитот Буш-Путин можеше да дојде до промена на ставовите по прашањето за косовскиот статус при што се потенцира дека тоа што ова прашање воопшто не беше споменато не претставува ништо лошо. Истовремено, косовските власти велат дека веруваат во определеноста на Соединетите држави за решавање на статусот на Косово во најкус можен рок, врз основа на предлогот на меѓународниот пратеник Марти Ахтисари за надгледувана независност.

Претседателот на Косово Фатмир Сејдиум изјави дека силно верува во определноста на Соединетите држави прашањето за косовскиот статус да се реши што побрзо. Тој најави дека во наредните денови ќе оствари повеќе контакти на различни нивоа со цел добивање на информации за натамошниот тек на агендата за решавање на статусот на Косово и потребата за што побрзо донесување на резолуција во Советот за безбедност на ОН:

„Ние многупати кажавме дека подршката што би се дала во Советот за безбедност, од страна на две земји членки на Советот, би била најпосакувана, но исто така истакнуваме дека Косово неможе да остане заложник на оние што го спречуваат процесот за косовскиот статус.“

рече Сејдиу. Премиерот на Косово пак Агим Чеку во интервју за агенцијата Ројтерс изјави дека Косово ќе биде ,,приморано да делува,, доколку во ОН не биде постигнат напредок за независноста, предизвикувајќи со тоа загриженост дека Приштина би можела унилатерално да прогласи независност. Тој предупредува дека западот ризикува да го изгуби кредибилитетот доколку не се спротивствати на руското противење. Лидерот на најголемата опозициона Демократска партија на Косово Хашим Тачи вели дека очекува оти независноста на Косово ќе се оствари брзо:

„Силно верувам дека прашањето за независност на Косово е заокружено прашање. Народот на Косово има целосна доверба во Соединетите Држави, Европската Унија и ангажираноста на Вашингтон и Брисел, да ја интегрира Русија во одлуките за идната независност на Косово.“

Тоа што прашањето за Косово не беше доминантна тема на самитот Буш-Путин, според лидерот на Српската листа за Косово и Метохија Оливер Ивановиќ било очекувано:

„Мислам дека сега двајцата претседатели размислуваат за својата предизборна кампања и во тој контекст се размислува за важни теми, како Иран, антиракетниот штит, меѓународниот тероризам, енергетската криза.“

посочува Ивановиќ. Истовремено политичкиот аналитичар Илир Дуголи вели дека не спомнувањето на Косово на состанокот меѓу американскиот и рускиот претседател не претставува ништо лошо:

„Тоа во суштина е во согласност со претходните најави, не беше реално да се очекуваат некакви суштински промени.“

забележува Дуголи.
XS
SM
MD
LG