Достапни линкови

Вести

Либан: Продолжуваат борбите меѓу либанските сили и исламистите

Во бегалскиот камп во севрен Либан, денеска продолжиле борбите меѓу либанските сили и исламистите. Тројца припадници на владините сили загинале во вчерашните жестоки престрелки, а либанските сили тврдат дека има и повеќемина загинати исламистички борци.

види ги сите денешни вести

Грција и Турција ги продолжуваат разговорите за демаркација на поморските граници

Граничната ограда меѓу Грција и Турција во близина на Александрополис
Граничната ограда меѓу Грција и Турција во близина на Александрополис

Грција и Турција се уште не се согласуваат за степенот на прашањата што треба да се решат во однос на одредувањето на нивните поморски граници, но разговорите ќе продолжат на оваа тема, изјави грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис по средбата со неговиот турски колега Хакан Фидан во Атина.

Герапетротис рече дека тоа е првичен пристап кон „тешкото и клучно прашање“ и додаде дека следната рунда преговори меѓу Грција и Турција ќе се одржи во Атина на 2-3. Декември, пренесува Ројтерс.

Соседните Грција и Турција, и двајцата сојузници на НАТО, долго време се судрија за низа прашања, вклучително каде почнуваат и завршуваат нивните континентални граници, енергетските ресурси, миграцијата, летовите преку Егејското Море и етнички поделениот остров Кипар.

Грција и Турција дојдоа на работ на војна три пати во изминатиот половина век во долготрајниот спор околу правата за територијално и енергетско истражување во Егејското Море и источниот Медитеран.

ЕУ го продолжи мандатот на Мисијата за воена помош во Украина

илустрација
илустрација

Советот на ЕУ објави дека го продолжува мандатот на Мисијата за воена помош во Украина за две години, до 15 ноември 2026 година, со доделен буџет од речиси 409 милиони евра. Мисијата се спроведува во земјите на ЕУ и е наменета за обука на украински војници.

Мисијата останува клучно средство за воената поддршка на ЕУ за Украина, а нејзината главна цел е да придонесе за зголемување на воените капацитети на украинската армија, се наведува во соопштението. Се очекува учесниците во европската мисија да работат во соработка со Мисијата за безбедносна помош и обука на НАТО.

Во октомври 2022 година, Советот на ЕУ донесе одлука за формирање на мисијата за Украина со првично времетраење од две години.

Стратешка цел на мисијата е да придонесе за ефективно извршување на операциите за одбрана на територијалниот интегритет на земјата според меѓународно признатите граници.

Досега во мисијата се обучени 63000 украински војници, или вкупно 10 бригади. Во наредните месеци се очекува да бидат обучени уште 15000 војници.

Шефот на израелската дипломатија итно патува за Амстердам

Холандската полиција соопшти дека по судирите кои почнале по завршувањето на фудбалскиот натпревар, уапсени се 62 лица, а пет се пренесени во болница
Холандската полиција соопшти дека по судирите кои почнале по завршувањето на фудбалскиот натпревар, уапсени се 62 лица, а пет се пренесени во болница

Новиот шеф на израелската дипломатија, Гидеон Сар, наскоро ќе замине во итна дипломатска посета на Амстердам, по конфликтот околу фудбалскиот натпревар меѓу Ајакс и Макаби од Тел Авив одигран синоќа(7 ноември)во рамките на Лига Европа.

„Во светло на тешките настани, министерот за надворешни работи Гидеон Сар наскоро ќе замине во итна дипломатска посета на Холандија“, соопшти неговото министерство.

Навивачите на Макаби Тел Авив синоќа се судрија со пропалестински демонстранти пред и по натпреварот од Лига Европа меѓу нивниот тим и Ајакс пред стадионот на Ајакс во Амстердам, јавија медиумите и официјални претставници.

Холандската полиција соопшти дека по судирите кои почнале по завршувањето на фудбалскиот натпревар, уапсени се 62 лица, додека пет се пренесени во болница.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави испраќање на два авиона за да ги врати израелските навивачи дома.

„Првиот авион кој треба да ги врати израелските навивачи од Амстердам по вчерашните судири денеска полета од аеродромот Бен Гурион“, изјави портпаролката на управата на израелскиот аеродром.

Авионот се очекува во Амстердам веќе во раните попладневни часови.

Полицијата соопшти дека покренала опсежна истрага за инцидентите.

Градските власти на Амстердам, обвинителството и полицијата претходно информираа дека ноќта по натпреварот од Лига Европа меѓу Ајакс и Макаби Тел Авив „била многу турбулентна, со неколку инциденти на насилство насочени против навивачите на Макаби.

Градските власти соопштија дека демонстрантите барале израелски навивачи за да ги нападнат по натпреварот.

Нетанјаху го осуди како однапред смислен антисемитски напад, синоќешното насилство врз израелските навивачи во Амстердам.

Холандскиот премиер Дик Шоф ги осуди антисемитските напади врз Израелците во Амстердам на Х, рече дека е ужаснат и оти тоа што се случи е неприфатливо.

„Во близок контакт сум со сите инволвирани. Нетанјаху инсистираше сторителите на тие дела да бидат пронајдени и кривично гонети“, напиша Шоф и рече дека во Амстердам сега е мирно.

Судири, според извештаите, избувнале иако градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, ги забранила демонстрациите, стравувајќи дека може да дојде до судири со навивачите на израелскиот фудбалски клуб, поради што на денот на натпреварот во Амстердам вчера биле распоредени голем број полицајци.

Полска тврди дека Русија стои зад пакетите со експлозив наменети за летовите за САД и Канада

Продолжува потрагата по саботерите кои поставија пакети со експлозив во депоа на аеродромите во Европа (илустрација)
Продолжува потрагата по саботерите кои поставија пакети со експлозив во депоа на аеродромите во Европа (илустрација)

Руските разузнавачки служби „веројатно“ стојат зад серијата пакети што експлодираа во курирските магацини низ Европа, изјавија полските обвинители во петок (8-ми ноември).

Експлозии на пакети се случија во јули во магацини за курирска служба во Британија, Германија и Полска. Станува збор за пакети кои би можеле да експлодираат во авионите во кои требало да бидат превезени.

Западните официјални лица претходно изразија сомневање дека Русија се обидела да изврши саботажа за да ги дестабилизира сојузниците на Украина, предизвикувајќи експлозии на товарните летови за САД и Канада.

„Доказите собрани во овој случај укажуваат на голема веројатност дека актите на саботажа биле инспирирани од руските специјални служби“, рече во изјавата Пшемислав Новак, портпарол на полското обвинителство.

Русија претходно негираше вмешаност.

Новак рече дека полските власти трагаат по двајца Руси, а во рамките на истрагата уапсиле четворица државјани на Украина.

Во октомври полските обвинители соопштија дека ја истражуваат улогата на „странските разузнавачки служби“, без конкретно да ја именуваат Русија.

„Во тек се интензивни активности за идентификување на преостанатите лица вклучени во меѓународната диверзантска група“, рече Новак во соопштението испратено во петокот.

„Овие акции се преземаат во соработка со агенциите за спроведување на законот од други земји од Европската Унија.

Тој рече дека пакетите кои експлодирале биле испратени од главниот град на Литванија, Вилнус.

И руското Министерство за надворешни работи во петокот објави дека го поканило заменик-шефот на канадската амбасада во Москва да му врачи протестна нота поради, како што рече, „лажните обвинувања“ дека Русија стои зад саботажата против земјите на НАТО.

Волстрит Џурнал на почетокот на ноември ги цитираше западните безбедносни претставници дека уредите што експлодираа во магацините на логистичката компанија DHL во Бирмингем, централна Англија и Лајпциг, Германија - биле дел од руската операција за предизвикување пожари на товарни или патнички летови за Северна Америка.

update

ДКСК поведе постапка против поранешната министерка за култура Стојчевска

Бисера Костадиновска Стојчевска
Бисера Костадиновска Стојчевска

Државната комисија за спречување на корупција денеска (8 ноември) донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

На денешната седница од Комисијата информираа дека ги потврдуваат наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели при службеното патување на поранешната министерка во Велика Британија и Ирска по повод 30 години дипломатски односи.

„Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи“, рече членот Зоран Богоевски.

Според извршениот увид во документацијата, од ДКСК велат дека министерката за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1 300 британски фунти аванс, од кои 229 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација. Дополнително, 528 фунти биле подмирени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци кои, како што дополнуваат од ДКСК, не може да се квалификуваат како направени за службени цели.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна излезе со обвинувања кон пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, како што соопштија од партијата, додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.

Поништување на одлуките за назначување на членови на УО на АСЈО од Судски Совет и Советот на јавни обвинители

На денешната седница меѓудругото, ДКСК бара поништување на одлуките за назначување на членови на УО на АСЈО од Судски совет и Совет на јавни обвинители.

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), порачаа антикорупционерите.

Според нив, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО.

Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.

Иницијатива за поведување дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

ДКСК меѓудругото, донесе одлука да поднесе иницијатива до Судскиот совет и Здружението на судии за поведување на дисциплинска постапка против член на Судскиот совет за „судир на интереси“ и „пристрасност при вршењето на функцијата“ јавувајќи се во улога на иницијатор за поведување на постапка за утврдување одговорност на судии во Врховен суд кои постапувале во предмет, каде учествувало негово блиско лице, сестра.

Членот на Судски совет постапил спротивно на членовите 73 и 75 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со што сторил прекршок, казнив по член 107 за што ДКСК ќе поведе постапка за издавање прекршочен налог.

По предметот реферираше членот на ДКСК Цвета Ристовска, која рече дека станува збор за претставка против член на Судски совет од познат подносител, во која се наведува дека пријавениот се наоѓа во состојба на судир на интереси и при вршењето на функцијата член на Судски совет покажува пристрасност раководејќи се од приватен интерес.

„Во претставката се наведува дека член на Судскиот совет поднел барање до Судскиот совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судии на Врховен суд, кои воедно биле и членови на Судечкиот совет кој одлучувал по вонреден правен лек, ревизија по предмет РЕФ1 бр. 158/2019. Во претставката се наведува дека во предметот заведен пред Врховниот суд кој е основ за поведување на оваа постапка и по која е оформен предметот за ревизија, тужителот поднел одговор на ревизијата преку полномошник, односно адвокатско друштво во кое сестра на член на Судски совет обавува адвокатска дејност, кој член на Судски совет воедно е и подносител на барањето“, рече Ристовска.

Судскиот совет и Здружението на судии се должни по поднесената иницијатива за покренување дисциплинска постапка на член на Судски совет да донесе одлука најдоцна во рок од 60 дена од денот на доставување на иницијативата, како и обврска во рок од 60 дена да ја извести ДКСК за своето постапување.

Италијански брод со осум мигранти пристигна во Албанија

илустрација
илустрација

Брод на италијанската морнарица пристигна во пристаништето Шенѓин во петок (8 септември) носејќи осум мигранти заглавени во меѓународните води во Албанија, кои ќе бидат задржани во прифатните центри додека не се разгледаат нивните барања за азил.

Ова е втор пат Италија да испраќа мигранти во Албанија откако во октомври беа отворени два прифатни центри, според договорот меѓу двете земји.

Италија првично испрати група од 16 мигранти од Бангладеш и Египет во Албанија минатиот месец. Четворицата се вратиле во Италија истиот ден бидејќи биле малолетни или имале здравствени проблеми.

Останатите 12 беа вратени три дена подоцна, откако судот во Рим нареди да не се држат во Албанија бидејќи нивните земји на потекло, Бангладеш и Египет, не се безбедни земји.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони одлучи да го ажурира правниот статус на списокот на безбедни земји и да го направи законски акт наместо министерски декрет, верувајќи дека тоа ќе им отежне на судовите да ја оспорат неговата валидност.

Среде критиките, Италија ги испраќа првите мигранти во Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Бродот на италијанската морнарица „Либра“ во петокот околу 8 часот се закотви на пристаништето Шенѓин, а мигрантите се сместени во прифатниот центар, каде што ќе им биде извршена верификација и лекарски преглед, пред да бидат испратени во кампот Ѓадра.

Бродот, кој може да превезе и до 200 луѓе покрај екипажот, исплови од островот Лампедуза во средата со само осум мигранти на него, јавуваат италијанските медиуми.

Портпаролот на италијанското Министерство за внатрешни работи Франческо Камел го потврди полетувањето на бродот за Албанија, но не даде повеќе детали. Тој не кажа кога ќе пристигне бродот и колку луѓе превезувал.

Италијанските медиуми јавуваат дека од 1200 мигранти кои пристигнале на островот Лампедуза во изминатите два дена, само осум возрасни лица кои патувале без своите семејства ги исполнуваат албанските критериуми, вклучително и оние од земји кои се сметаат за безбедни за репатријација.

Албанија и Италија во ноември минатата година постигнаа договор за сместување на мигрантите.

Договорот, кој беше критикуван од организациите за човекови права, предвидува Албанија да прифаќа до 36000 мигранти годишно, а барањата за азил на овие мигранти ќе се обработуваат во два центри во Албанија. Се проценува дека петгодишниот договор ќе ја чини Италија 160 милиони евра годишно.

Непроменета состојбата на тројцата повредени во несреќата во Нови Сад

Железничката станица во Нови Сад каде што се случи несреќата (илустрација)
Железничката станица во Нови Сад каде што се случи несреќата (илустрација)

Состојбата на тројцата тешко повредени во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември се уште е непроменета, изјави вршителката на должност директор на Клиничкиот центар на Војводина, Весна Туркулов.

„Седми ден од борбата за живот, состојбата се уште е непроменета. Тие се уште витално загрозени, секој ден контролираме, секој ден Советот се состанува неколку пати во текот на денот“, изјави Туркулов.

Таа додаде дека внимателно се следи нивната здравствена состојба, се прават дополнителни наоди, лабораториска дијагностика и се одлучуваат понатамошните чекори.

Во уривањето на бетонската настрешница пред влезот на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември загинаа 14 лица, а тројца беа тешко повредени.

Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница. Од самиот почеток, официјалните лица тврдат дека настрешницата што се урна не била вклучена ниту во реконструкцијата на зградата на станицата, која официјално беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.

Тројца загинати во израелски напад врз либанскиот град Сидон

Местото на израелски напад врз возило на влезот во Сидон, Либан, на 7 ноември 2024 година
Местото на израелски напад врз возило на влезот во Сидон, Либан, на 7 ноември 2024 година

Во израелски напад врз јужниот либански град Сидон загинаа тројца либански граѓани и беа ранети тројца војници, соопшти во четвртокот либанската армија, а малезиската влада соопшти дека шест членови на нејзините сили УНИФИЛ се повредени.

Во нападот бил удрен автомобил додека минувал на контролен пункт, а три лица кои биле во возилото загинале, се наведува во соопштението на армијата.

„Ранетите војници служеле на контролниот пункт, додека погодените припадници на УНИФИЛ биле во мировно возило на ОН кое во тој момент минувало низ контролниот пункт“, се наведува во соопштението на армијата.

Израелските сили и милитантната група Хезболах се судираат повеќе од една година, откако Хезболах почна да истрелува ракети преку границата кратко по смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел што ја предизвика тековната војна во Газа во октомври минатата година.

Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и ЕУ. Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.

Војната на либанскиот фронт значително ескалира од средината на септември, кога Израел започна масовно воздушно бомбардирање и копнена инвазија.

Најмалку 3000 луѓе загинаа, а околу 13500 се ранети во Либан, од кои околу четвртина се жени и деца, соопшти Министерството за здравство.

Во извештајот на либанската единица за одговор на кризи се наведува дека 361300 Сиријци и над 177800 Либанци преминале во Сирија меѓу 23 септември и 1 ноември за да избегаат од борбите.

Хезболах продолжува да испраќа десетици ракети и беспилотни летала кон Израел. Ракетите досега убиле 72 лица во Израел, од кои 30 војници, соопшти канцеларијата на Нетанјаху.

Мртви и ранети по новите руски напади на Харкив

илустрација
илустрација

Русија го продолжи притисокот врз градовите во Украина рано на 8 ноември, погодувајќи го јужниот регион Одеса и Харкив, вториот по големина град во земјата.

Најмалку едно лице загина, а најмалку 38 други, меѓу кои и едно бебе, се ранети, според регионалните власти.

„Во масовниот напад со беспилотни летала во текот на ноќта врз Одеса едно лице загина, а девет други се ранети“, соопшти Украинската служба за вонредни ситуации, додавајќи дека биле оштетени и станбени згради, деловни објекти, магацини и училиште.

„Харкив беше погоден втор ден по ред на 8 ноември“, објави градоначалникот Ихор Терехов.

Руски проектил погоди висококатница во градскиот кварт Салтив, при што беа повредени најмалку 25 лица, меѓу кои и едно 3-месечно бебе, рече Терехов.

Тој додаде дека биле оштетени и станбени згради и историски објекти.

Во регионот на Киев, при паѓање на остатоци од руска ракета повредени се четири лица, од кои две потешко, изјави регионалниот гувернер Руслан Кравченко.

update

Неколку израелски навивачи повредени во судирите во Амстердам

илустрација
илустрација

Пропалестински напаѓачи повредиле 10 израелски фудбалски навивачи во Амстердам, по што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди испраќање спасувачки авиони за израелските граѓани во Холандија, пишува „Тајмс оф Израел“.

Напаѓачи кои извикувале „Ослободете ја Палестина“ вчера ги нападнале навивачите на Макаби од Тел Авив во Амстердам, од кои двајца се исчезнати, а 10 се повредени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди да се испратат два спасувачки авиони за помош на израелските граѓани по нападот во Амстердам.

Министерството за национална безбедност на Израел ги повика Израелците во Амстердам да останат во хотелските соби по насилните инциденти, соопшти канцеларијата на Нетанјаху во посебна изјава.

Според израелскиот министер за безбедност Итамар Бен-Гвир, нападите биле мотивирани од антисемитизам, а жртвите, како што навел, биле нападнати „со голема суровост само поради нивната еврејска и израелска припадност“.

Реагираше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Револтирана сум од синоќешните гнасни напади насочени кон израелски граѓани во Амстердам. Најстрого ги осудувам овие неприфатливи дела. За антисемитизмот нема апсолутно никакво место во Европа. И ние сме решени да се бориме со сите форми на омраза“, напиша Лајен на платформата X.

Засега не е познато што точно го поттикнало нападот, а израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар побарал од холандските власти да им помогнат на израелските граѓани безбедно да стигнат до аеродромот.

ДПА претходно јави дека по фудбалскиот натпревар во Лига Европа меѓу холандскиот прволигаш Ајакс Амстердам и Макаби Тел Авив синоќа се случиле жестоки судири меѓу пропалестински демонстранти и израелски навивачи.

Локалната полиција соопшти дека привела 57 лица, но не е откриена нивната националност или дали се фудбалски навивачи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG