Вести
Багдад: Ирак ги поканил Иран и Сирија на состанок за политичката и безбедносна ситуација во Ирак
види ги сите денешни вести
Дамева поднесе оставка од фунцијата претседателка на Судскиот совет
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева на 2 декември си поднесе оставка. Во своето обраќање до јавноста таа рече дека оставката е неотповиклива и дека одлуката ја донела како последица на обидите да се наруши нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.
Дамева рече дека власта нема слух за подобрување на состојбите во судството, туку напротив го опструира, и дека политичарите од владејачката гарнитура постојано го критикувале Судскиот совет.
„Она што ми беше најтешко и кое беше клучно за мојата одлука се нарачани текстови кои се споделуваа по одредени портали, и тука беше јасна намерата, се бараше начин да бидам оцрнета, да бидам прикажана како влијаам врз судски постапки во кои е оштетена компанија со која управува на мојот сопруг, и тоа го игнорирав. Никогаш и на ниту на еден начин не сум влијаела, ниту сум се довела во таква ситуација“, вели Дамева.
Дамева додаде дека Мицкоски од собраниската говорница изнел наводи дека во Судскиот совет има неколку кланови, дека се правеле фалсификувани записници и дека дел од членовите на советот не ја извршувале функцијата професионално, па на нивно место требало да дојдат нивни луѓе. Тоа според неа, е поразително.
„Длабоко во себе верувам дека судиите се независни и професионални, но постојат исклучоци кои поради одредена лична корист биле ставени и се ставени во рака на политичарите. На тие таквите имам да им порачам само едно: Не си играјте со огaнот, за своја лична и еднократна корист нанесувате колективна и долгорочна штета за целото судство, ги омаловажувате вашите колеги судии и ја девалвирате судиската функција. Судиската функција не е занает, не е трговија“, рече Дамева.
Очекува мнозинството професионални судии во наредниот период да ја продолжат битката за правда и правување со, како што вели таа, канцерот во нивните редови.
„Кога совеста ти е чиста ништо не може да ти го наруши сонот“, уверува Дамева.
Дамева останува во Советот, како член, но повеќе нема да ја извршува фунцијата претседател.
Претходно на 29 номеври, премиерот Мицкоски, најави „робусна акција против судии и обвинители кои што ја спречуваат правдата“. Тој посочи дека власта има план и дека од понеделник почнува спроведувањето на планот.
Инаку, Дамева минатата недела во изјава за јавноста рече дека имала право да остане уште осум месеци на чело институцијата, затоа што имала прекин во мандатот, кога според одлуката на Управниот суд, била незаконски разрешена. Пратениците од владејачкото мнозинство тврдат дека таа има мандат до 5 декември, затоа што била избрана на тој датум во 2022 година.
Дамева на 26 април 2023 година беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш го презеде раководењето со седницата и повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена (вклучително и Адеми) гласаа „за“, а тој констатираше дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година.
Иран вели дека ќе ги задржи „воените советници“ во Сирија
Иран на 2 декември соопшти дека планира да ги задржи воените советници во Сирија, откако вториот по големина град на неговиот сојузник, Алепо, беше совладан од бунтовниците во ненадејна офанзива.
Исламската република, која го поддржува претседателот Башар ал Асад од избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, вели дека распоредува воени советници во земјата само на покана од Дамаск.
„Влеговме во Сирија пред многу години на официјална покана на сириската влада, кога сирискиот народ се соочи со заканата од тероризам“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Есмаил Бакаил и додаде:
„Нашите воени советници беа присутни во Сирија, и тие се уште се присутни и ќе останат во земјата „во согласност со желбите“ на нејзината влада“.
Бакаил не прецизираше дали Иран ќе ги зголеми своите сили во Сирија по офанзивата на бунтовниците.
Неговите изјави доаѓаат еден ден откако министерот за надворешни работи на Иран Абас Арагчи се сретна со Асад во Дамаск за да му даде поддршка на сирискиот претседател.
ЕК ја стопираше исплатата на втората транша од Планот за закрепнување за Бугарија
Европската комисија реши да ја стопира исплатата на втората транша за Бугарија во рамки на Планот на ЕУ за закрепнување и одржливост во износ од 653 милиони евра, поради неспроведувањето на предвидените реформи.
Во соопштението на Европската комисија се посочува дека исплатата на овие средства е суспендирана на шест месеци, бидејќи Бугарија не ги исполнила своите преземени обврски поврзани со реформи во енергетиката, борбата против корупцијата и јавните набавки.
Сега Бугарија има рок од еден месец да одговори на оценката на Комисијата за причините за блокирање на средствата.
Станува збор за втора рата од вкупните средства во рамки на Планот на ЕУ за закрепнување и одржливост, според кои Бугарија има право на грантови во износ од 5,69 милијарди евра.
Од оваа вкупна сума Софија доби само 1,37 милијарди евра во првата транша, а доколку работите се одвива според планираната динамика на реформи, ЕУ ќе требаше досега да и исплати 4,3 милијарди евра.
Доколку бугарските институции не ги спроведат планираните реформи во рок од шест месеци, ЕК би можела да одлучи да ги намали вкупните средства наменети за земјата во рамки на Планот.
Се проценува дека суспендирањето на исплатата на овие средства ќе предизвика нова „дупка“ во буџетот на Бугарија за 2024 година, во услови кога земјата прави напори за ограничување на буџетскиот дефицит на ниво од три отсто со цел да се приклучи на Еврозоната во 2025 година.
Меѓу забелешките од ЕК е онаа поврзана со одлуката на бугарското Собрание за блокирање на реформите за либерализација на енергетскиот пазар, поради стравувањата дека ваквиот потег би резултирал со наглото зголемување на цените на електричната енергија за домаќинствата во земјата. Со блокирање на овие реформи останува во сила целосната државна регулација на енергетскиот пазар во Бугарија, иако земјата се обврза за негова целосна либерализација до крајот на 2023 година.
Втората неспроведена обврска се однесува на поттикнување и промоција на производство на електрична енергија од обновливи извори, кампања која е цел на жестоки напади во социјалните медиуми во Бугарија, зад која се оценува дека стои проруската пропаганда.
Третата неисполнета реформа е поврзана со усвојувањето на патоказот за климатска неутралност, според чиј нацрт до 2038 година би требало да бидат затворени термоцентралите на јаглен во земјата. Усвојувањето на патоказот беше блокирано од страна на пратениците од проруската националистичка партија Преродба и на популистичката Има таков народ (ИТН) на последната седница на претходниот состав на Парламентот.
ЕК и забележува на Бугарија и поради неспроведувањето на реформите поврзани со борбата против корупцијата, вклучително и неизборот нов претседател и членови на антикорупциската комисија.
ОЈО ги истражува причините за опожарувањето на автомобили и објект во Куманово
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово извршил увиди на локациите кадешто беа опожарени два автомобили и една деловна просторија, информираат од ОЈО.
Од Обвинителството велат дека се преземени сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето.
„Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор“, информираат од ОЈО.
Оттаму потврдија дека еден од автомобилите е на јавен обвинител.
Како што јавуваат медиумите синоќа (1 декември)во Куманово се случиле неколку пожари. За еден од нив, прв на фејсбук информираше членот на Советот на Општина Куманово, Фитор Јакупи кој напиша дека му изгорела неговата приватна канцеларија. Од ДУИ реагираа дека пожарите се подметнати.
САД повикуваат на деескалација на ситуацијата во Сирија
Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан разговарале за ситуацијата во Сирија што „брзо се развива“.
Според портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер, двајцата дипломати разговарале за „потребата од деескалација и заштита на цивилното население и инфраструктурата во Алепо и на други места".
Разговорот доаѓа во време на зголемени тензии во Сирија, каде што според набљудувачите, сириската влада ја изгубила контролата над Алепо, вториот по големина град во земјата, бидејќи опозициските сили оствариле дополнителни територијални придобивки.
Инаку бунтовниците упаднаа во Алепо, во петокот вечерта (29 ноември), принудувајќи ја армијата да се прегрупира.
Руски и сириски авиони пак бомбардираа други градови во провинцијата Идлиб, која е целосно под контрола на бунтовниците.
Бунтовниците се сојуз на вооружени групи поддржани од Турција заедно со исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, најсилната воена сила на опозицијата. САД, Русија, Турција и некои други земји ја ставија оваа исламистичка група на листата на терористички групи.
КФОР го одби барањето за испраќање на косовски безбедносни сили на северот на Косово
Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека по експлозијата во каналот Ибар-Лепенци во општина Зубин Поток на север на 29 ноември, косовските институции побарале овластување од командантот на КФОР за можно распоредување на Косовските безбедносни сили (КБС) во погодената област.
„Командантот на КФОР не даде такво овластување, врз основа на неговата безбедносна проценка и активностите што КФОР веќе ги презеде“, се вели во писмената реакција на КФОР до РСЕ.
Косово ова барање го поднесе во согласност со договорот од 2013 година потпишан меѓу институциите на Косово и НАТО, според кој тогашниот премиер на Косово, Хашим Тачи, го уверил НАТО дека КБС нема да оди на север без претходна согласност на КФОР.
„Како што беше најавено во нашето вчерашно соопштение, КФОР распореди единици за обезбедување на оштетениот дел од водотекот во Зубина Поток. КФОР обезбеди и дополнителна помош за институциите во Косово, вклучително и логистичка поддршка за отстранување на експлозивните направи“, се вели во реакцијата на КФОР.
Мисијата додаде дека командантот на КФОР останува во контакт со сите негови главни партнери и ја следи ситуацијата.
Косово ја обвинува Србија дека стои зад експлозијата на северот, обвинение што Србија го негира.
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција во неделата вечерта не одговори на прашањето дали побарал дозвола од КФОР да испрати КБС на север, но рече:
„Ние сме ограничени на север, бидејќи нашата армија, врз основа на Договорот од 2013 година, не може да оди на север“.
Експлозијата на каналот во селото Вараге кај општина Зубин Поток не предизвика жртви, но создаде голема пукнатина на неговиот страничен ѕид, поради што водата се излеа од каналот, а некои делови од земјата се соочија со недостиг на вода.
Хидросистемот Ибар-Лепенец го снабдува со вода целиот север на Косово, регионите на Митровица, како и Приштина и неговата околина, вклучително и Косовската енергетска корпорација за ладење на нејзините термоелектрани.
Шолц во посета на Киев, вети ново оружје за Украина
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска (2 декември) пристигна во Киев на својата прва посета на Украина по две и пол години. За време на оваа ненајавена посета, тој ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесе ДПА.
Шолц најави дека до крајот на декември ќе се реализира испорака на оружје во вредност од 650 милиони евра за поддршка на украинската одбрана.
„Сакам да биде јасно дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа“, изјави Шолц, кој допатува до Киев со специјален воз.
Канцеларот истакна дека посетата е знак на солидарност со Украина, која „херојски се брани од безмилосната руска агресија повеќе од 1000 дена“.
„Украина може да смета на Германија. Ние го зборуваме она што го правиме и го правиме она што го зборуваме“, додаде тој.
Ова е трета посета на Шолц во Украина, но втора по почетокот на руската инвазија.
Тој првпат ја посети земјата во февруари 2022 година, непосредно пред почетокот на инвазијата, а потоа повторно во јуни истата година заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и тогашниот италијански премиер Марио Драги.
Исто така, вчера во Киев пристигнаа и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас и еврокомесарот за проширување Марта Кос, на својата прва посета од почетокот на нивниот мандат.
Западните поддржувачи предводени од Вашингтон минатиот месец и дадоа дозвола на Украина да го користи своето оружје за далечни напади уште подлабоко во Русија. Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп вети дека ќе преземе брза и драматична акција за ставање крај на војната во Украина, но не даде детали.
Бајден го помилува син му, за Русија чинот е „карикатура на демократијата“
Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека го помилувал својот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.
Бајден рече дека потпишал помилување за неговиот син Хантер вчера, иако откако ја презеде функцијата рече дека нема да се меша во одлуките донесени од судовите и Министерството за правда.
Тој изјави дека до сега останал на таа одлука, иако, како што навел, гледал како неговиот син „неправедно го гонат“.
Во меѓувреме портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја коментираше одлуката на Бајден да го помилува својот син Хантер во две судски постапки, како „карикатура на демократијата“.
„Тоа е карикатура на тема демократија“, изјави Захарова.
Во помилувањето се наведува дека Бајден му дал „целосно и безусловно“ помилување на Хантер Бајден за какви било прекршоци помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември оваа година.
Бајден оцени дека Хантер бил кривично гонет само затоа што е негов син.
Владејачката Социјалдемократска партија води на изборите во Романија
Романската владејачка Социјалдемократска партија на премиерот Марсело Чолаку води на парламентарните избори што се одржаа вчера со 23,9 отсто освоени гласови врз основа на околу 90 отсто од преброените гласачки ливчиња, соопшти Изборната комисија.
Екстремно десничарската опозициска Алијанса за обединување на Романците е на второ место со 17,9 отсто од гласовите.
Национал-либералната партија, која е партнер во владејачката коалиција, доби 14,6 отсто од гласовите, а опозициската Унија „Да ја спасиме Романија“ 11,1 отсто.
Конечните гласови се очекуваат подоцна на 2 декември, но распределбата на местата во двата дома на парламентот - Домот на пратеници и Сенатот - може да потрае подолго.
Партијата што ќе добие најмногу гласови најверојатно ќе го номинира премиерот.
Ако ниту една партија, како што се очекува, не постигне парламентарно мнозинство, ќе следат тешки преговори за формирање влада и би можеле да зависат од исходот од вториот круг од претседателските избори следната недела.
Аналитичарите сугерираат дека би можела да се формира слаба коалиција со левоориентираната ПСД и централнодесничарските сили на ПНЛ и УСР. Ваквиот развој на настаните ќе помогне да се осигураат романските прозападни политики против новите екстремно десничарски партии и честопати пријателски настроените кон Русија.
Кандидатите на екстремната десница, кои настапија изненадувачки добро во првиот круг на претседателските избори, се очекуваше да постигнат предност и на парламентарните избори.
Излезноста била 52,36 отсто, или околу 9,43 милиони гласачи, што, според официјалните лица, е највисока на парламентарните избори во последните 12 години.
Излезноста на гласачите на парламентарните избори во 2020 година беше околу 32 отсто. До раните вечерни часови не беа пријавени поголеми неправилности во изборниот процес.
По протестот против властите во Тбилиси, 44 лица завршија во болница
Четириесет и четири лица беа хоспитализирани по третата ноќ од протестите во Тбилиси, главниот град на Грузија, против одлуката на властите да ги прекинат преговорите за пристап во Европската унија, соопштија официјални лица во неделата на 1-ви декември.
Десетици илјади демонстранти се собраа пред парламентот во саботата навечер, фрлајќи камења и подметнувајќи петарди, додека полицијата употреби водени топови и солзавец.
Демонстрантите го запалија ликот на основачот на владејачката партија Грузиски сон, Биџина Иванишвили (Иванишвили), таинствен милијардер кој своето богатство го направи во Русија.
Грузиското Министерство за внатрешни работи соопшти дека 27 демонстранти, 16 полицајци и еден медиумски работник завршиле во болница.
Премиерот Иракли Кобахиџе предупреди дека „секое прекршување на законот ќе се соочи со целосна примена на законот“.
„Оние политичари кои се кријат во нивните канцеларии и ги изложуваат членовите на овие насилни групи на строга казна нема да ја избегнат одговорноста“, рече тој во неделата.
Грузискиот премиер инсистира дека европската интеграција на земјата не е запрена.
„Единствено што отфрливме е срамната и навредлива уцена, која всушност претставува значајна пречка за европската интеграција на нашата земја“, додаде тој.
Соопштението на Владата дојде неколку часа откако Европскиот парламент усвои резолуција во која се критикуваат општите избори одржани во Грузија минатиот месец, наведувајќи дека тие не биле ниту слободни ниту фер.
Кобахиџе, исто така, ја отфрли изјавата на американскиот Стејт департмент од саботата, во која тие велат дека го прекинуваат стратешкото партнерство со Грузија. Во соопштението се осудува одлуката на Грузија да стави крај на нејзините напори за пристапување во ЕУ.
„Можете да видите дека администрацијата во заминување се обидува да ѝ остави на новата администрација најтешкото можно наследство. Тоа го прават во Украина, а сега и во Грузија. Ова нема да биде од суштинско значење. ќе разговара за се со нив“, рече Кобахиџе.
Шефицата за надворешни работи на ЕУ, Каја Калас (Калас) и комесарката за проширување Марта Кос, се огласија во однос на одлуката на грузиските власти да ги прекинат преговорите.
„Напоменуваме дека оваа објава означува промена на политиките на сите претходни грузиски власти и европските аспирации на огромното мнозинство Грузијци, што е наведено и во Уставот на Грузија“, се наведува во соопштението.
Тие повторија дека ЕУ е „сериозно загрижена за континуираниот демократски пад на земјата“ и побараа од грузиските власти „да го почитуваат правото на слобода на собирање и слобода на изразување и да се воздржат од употреба на сила против мирните демонстранти. политичари и претставници на медиумите“.
Оспорената победа на владејачката партија Грузиски сон на парламентарните избори на 26 октомври, кои се гледаат како референдум за аспирациите на Грузија за пристапување во ЕУ, предизвика масовни демонстрации и доведе до бојкот на опозицијата на парламентот.
Опозицијата тврди дека изборите биле наместени со помош на Русија, а надежта на Москва била да го задржи Тбилиси во својата „орбита“.
Говорејќи за агенцијата Асошиетед Прес во саботата, грузиската прозападна претседателка Саломе Зурабичвили рече дека нејзината земја станува „квазируска“ држава и дека Грузискиот сон ги контролира најважните институции.
„Ние не бараме револуција. Бараме нови избори, но со услови кои ќе обезбедат дека волјата на народот нема повторно да биде погрешно претставена или украдена“, рече Зурабишвили.
ЕУ и додели на Грузија кандидатски статус во декември 2024 година, под услов да ги исполни препораките на блокот, но ги прекина разговорите за интеграција и ја прекина финансиската поддршка по одобрувањето на законот за „странско влијание“ кој се смета за удар врз демократските слободи.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете