Вести
Берлин: Со финалниот меч меѓу Франција и Италија завршува Светското фудбалско првенство
види ги сите денешни вести
Земјотрес од 5,2 степени го погоди Халкидики
Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтер беше регистриран на 3 ноември во 18:03 часот по локално време во близина на Неа Мудања на првиот крак на Халкидики, според податоците од Институтот за геодинамика на Националната опсерваторија на Грција.
Тој и уште еден земјотрес биле почувствувани и во Северна Македонија.
Епицентарот бил во морскиот дел на околу 12 километри југозападно од Неа Мудања, а земјотресот бил почувствуван и во Солун.
Засега нема информации за материјална штета или повредени лица.
Нешто помлаку од четири минути по првиот, следеше и втор земјотрес со помала јачина, односно 4,3 степени.
По земјотресите во Грција, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека два од земјотресите биле почувствувани со послаб интензитет и во неколку градови во Северна Македонија: Гевгенија, Струмица, Велес, Битола и Кавадарци.
Вториот круг од изборите во Молдавија во услови на висока излезност и тврдења за руско мешање
Во вториот круг од претседателските избори, Молдавците гласаат во поголем број од вообичаеното избирајќи помеѓу проевропската актуелна претседателка и нејзиниот ривал, близок до Русија.
Нацијата со овие избори се наоѓа на политичка раскрсница – избира помеѓу Исток и Запад.
До 17 часот по локално време, Централната изборна комисија објави дека излезност е 47 отсто, што е повисока од првиот круг пред две недели, но и од вториот круг од претседателските избори во 2020 година.
Актуелната претседателка Маја Санду победи во првиот круг на 20 октомври со 42 отсто од гласовите наспроти 26 отсто кои ги доби поранешниот генерален обвинител Александр Стојаногло, кој доби поддршка од проруската Социјалистичка партија на Молдавија.
Избирачките места беа отворени во 7 часот и треба да се затворат во 21 часот по локално време. Прелиминарните резултати се очекува да излезат во 22 часот, а првите значајни резултати најверојатно околу полноќ.
Во изјава пред новинарите по гласањето во Кишињев, Санду рече дека гласала „со Молдавија“.
„Крадците сакаат да ни го купат гласот, сакаат да ја купат нашата земја, но моќта на народот е бескрајно поголема од секоја нивна злоба. Моќта на Молдавија е во секој од вас, излезете да гласате со вера и надеж. Главата горе, Молдавци!“, рече таа.
Изборите се одржуваат во атмосфера на обвинувања за руско мешање во претседателската трка и во референдумот за потенцијалната понатамошна интеграција на Молдавија во Европската унија, курс што го поддржуваат Санду и нејзините поддржувачи.
Референдумот за интеграција на Молдавија во ЕУ, одржан истовремено со првиот круг од претседателските избори, помина со мала разлика – 50,38 отсто беа за проевропската струја, и покрај тоа што таборот „не“ беше во водство на почетокот на броењето на гласовите.
Но, Санду набрзо излезе со тврдења дека „криминалните групи заедно со странските сили“ се обиделе да „купат 300.000 гласови“ што значително влијаеше на конечниот резултат за разлика од тоа што го покажуваа анкетите пред гласањето.
Анкетите, исто така, покажаа дека Санду лесно победи во првиот круг од претседателските избори, но социјалистичкиот предизвикувач Стојаногло изненади со подобар резултат од очекуваниот обезбедувајќи втор круг од гласањето.
Советникот за национална безбедност на Санду на социјалната мрежа Икс објави тврдење за „масовно мешање“ на Русија во вториот круг.
„Напор со висок потенцијал да се наруши исходот“, рече Станислав Секриеру во својата објава не давајќи повеќе детали.
Во раните часови од гласање на 3 ноември беа пријавени повеќе неправилности, вклучително и инциденти со наводно фотографирање на гласачки ливчиња, метод кој гласачите во минатото ги користеа за да го докажат својот избор во потенцијалните случаи на купување гласови.
Анџелика Караман, шеф на изборната комисија, рече дека до 16 часот, официјално се пријавени 18 случаи на наводна изборна корупција, додека полициските власти соопштија дека регистрирале најмалку 126 приговори за изборни прекршувања.
Молдавија има нешто повеќе од три милиони регистрирани гласачи, вклучувајќи ги и оние во дијаспората.
Во дијаспората, гласачките места за Молдавците во Јапонија и Кина беа меѓу првите кои се затворија.
Во Токио, официјалните лица објавија дека Санду победила со 58 наспроти 7, додека во Пекинг, таа освоила 59 од вкупно 73 гласови.
Противкандидатот на Санду, Стојаногло може да добие дополнителна поддршка од националистичките и проруските групи во вториот круг, што веројатно ќе ги загрози надежите за реизбор на Санду.
Педесет и двегодишната Санду дипломирала на Харвард и е поранешен вработен во Светска банка. Таа стана првата жена претседателка на Молдавија, со убедлива победа во 2020 година кога настапи со силна проевропска порака и ветување за борба против корупцијата.
Но, нејзината поддршка опадна поради пандемијата на коронавирус и уништената економија, како и зголемените тензии со Русија.
Како претседателка, Санду одигра клучна улога во обезбедувањето на кандидатурата на Молдавија за членство во ЕУ, што стана особено важно по руската инвазија на Украина започната неколку месеци претходно.
За време на нејзиниот претседателски мандат, Санда беше критикувана од про-Кремљ политичките партии кои ја обвинија дека го поттикнува конфликтот со Москва.
Стојаногло (57) беше главен обвинител на Молдавија помеѓу 2019 и 2021 година и неговата кампања беше посветена на законот и редот, иако беше критикуван за наводен неуспех да се справи со корупцијата на високо ниво.
Стојаногло остана на ставот дека не е политички определен и ги отфрли обвинувањата дека е „човек на Москва“. Неговата реакција на војната во Украина беше двосмислена, изјавувајќи дека има „негативен став“ за конфликтот, но директно не ја осуди Русија за инвазијата.
Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа со значително руско малцинство и со сепаратистичкиот регион Придњестровје на левиот брег на реката Днестар, кој е поддржан од Москва.
Затворени училишта и работа од дома во Лахор, градот со најзагаден воздух во светот
Невиденото ниво на загаденост на воздухот во Лахор, вториот по големина град во Пакистан, ги принуди властите да преземат итни мерки, вклучително и затворање на основните училишта и издавање наредби за работа од дома.
Индексот за квалитетот на воздухот на 3 ноември во овој град со повеќе од 14 милиони луѓе во близина на индиската граница, се искачи над 1.000 – далеку над нивото од 300 што се смета за „опасно“, според швајцарската фирма IQAir.
Регионалната влада на Пенџаб оцени дека загадувањето е „невидено“, а обвинувањата ги насоки кон загадувачите кои користат дизел гориво, палењето на земјоделските површини и процесите за загревање.
Според IQAir, нивото на честичките ПМ 2,5, кои предизвикуваат најголема штета по здравјето на луѓето, во моментов е 44,4 пати повеќе од препорачаната вредност според СЗО.
Загадувањето и здравствените ризици што тоа ги носи подолг период се проблем за Ларох и другите околни градови.
Најновите мерења го искачија градот на врвот на листата најзагадени во светот.
Властите одлучија да ги затворат основните училишта на една недела и ги повикаа родителите да се погрижат нивните деца да носат маски.
„Временските прогнози за следните шест дена покажуваат дека ветровите ќе останат исти. Затоа, ги затвораме сите државни и приватни основни училишта во Лахор на една недела“, изјави за агенцијата Франс прес Јахангир Анвар, висок претставник за заштита на животната средина во Лахор.
Властите ги повикаа жителите да останат во затворени простории и да не ги отвораат вратите и прозорците.
50 отсто од вработените во владините институции, како и во приватните фирми, од 4 ноември ќе може да работат од дома.
Властите ќе ги преиспитаат мерките на 10 ноември.
Вината официјални лица ја гледаат и во тоа што загаденоста на воздухот во соседна Индија која доаѓа до градот благодарение на ветровите, па порачуваат дека за проблемот мора да се разговара и со оваа држава.
Во извештајот за 2019 година, Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго наведе дека „жителите на градовите низ Азија плаќаат најскапа цена“ од загадувањето.
„Ако сегашните концентрации на загадувањето на воздухот се одржат, жител на поголемите азиски градови како Пекинг, Лахор и Делхи ќе живе најмалку пет години пократко отколку што би живеел ако воздухот ги исполнува стандардите утврдени од Светската здравствена организација“, беше констатирано во извештајот.
Гневни граѓани фрлаа кал кон шпанскиот крал во поплавената Валенсија
Гневни граѓани фрлаа кал и извикуваа навреди кон шпанскиот крал Фелипе Шести и владини претставници за време на нивната посета на подрачјата погодени со катастрофалните поплави во Валенсија.
„Заминувајте“ „Излегувајте“ и „Убијци“, извикуваа демонстрантите, инсистирајќи да им се одговори зошто надлежните не преземале ништо за да се избегне трагедијата.
Интервенираше и полицијата, а откако беше принуден да се заштити од калта со која го гаѓаа, кралот неколку пати се обиде да разговара со дел од жителите во периферијата на градот Валенсија.
Како што пишува Асошиејтед прес, тоа беше инцидент без преседан за кралската куќа, која се труди да изгради имиџ на монарх што и се допаѓа на нацијата.
Со кралот Фелипе Шести, беа и кралицата Летиција и регионалниот претседател на Валенсија, Карло Мазон.
Во катастрофалните поплави што ја погодија Шпанија во вторникот загинаа повеќе од 200 луѓе, а илјадници други останаа со уништени домови.
Министерството за енергетика најави доделување на ваучерите за инвертер клими
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на својата веб-страница го објави списокот на граѓани кои ќе добијат ваучери за инвертер клима-уреди и најави дека доделувањето треба да започне наредните денови.
Повиците за ваучери за ранливите категории граѓани и за поттикнување енергетска ефикасност беа објавени од Министерството за економија и граѓаните аплицираа уште во февруари. Треба да се доделат околу 6.000 ваучери.
Сега, обврската да ги подели ваучерите ја презеде новоформираното Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Оттаму велат дека почнале со дистрибуција на ваучерите до општините, а граѓаните ќе може да ги подигнат во специјални регионални канцеларии кои се отворени само за оваа намена. Точната локација и работното време на канцелариите ќе бидат дополнително објавени (најдоцна до 6 ноември) на веб-страницата на Министерството.
„Предвидени се ваучери од 27.000 денари за лица со ниски примања (приходи до 21.000 денари за самец, 30.000 денари за домаќинство со два члена, и 35.000 денари за домаќинство со три члена). За домаќинства со четири члена, предвиден е ваучер од 30.000 денари, а за домаќинства со пет или повеќе члена – 45.000 денари. Дополнително, за неранливи потрошувачи од Пелагонискиот и Југозападниот регион предвидени се ваучери од 25.000 денари, а за останатите региони – по 23.000 денари“, потсетуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Граѓаните ќе имаат краток период да ги искористат ваучерите бидејќи според условите тоа треба да го направат до 30 ноември бидејќи по овој датум неискористените ваучери ќе се сметаат за неважечки.
Ваучерите за кои граѓаните аплицираа уште пред девет месеци, предизвикаа голем интерес кај граѓаните. За предвидените околу 6.000 аплицираа два пати повеќе – имаше 18.805 барања.
Дел од граѓаните, како што пишуваше и Радио Слободна Европа, реагираа дека се доцни со доделувањето на ваучерите. Делумно, застојот се должеше и на реорганизацијата на министерствата со која надлежноста за ваучерите се префрли од секторот економија во Министерството за енергетика.
Во Северна Македонија изминатите неколку години се спроведуваа проекти и од централната власт, но и во дел од општините, во рамки на кои се доделуваа субвенции за поставување клими и печки на пелети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и да се мотивираат граѓаните да не се греат на дрва или на други материјали кои загадуваат.
Протест во Белград: Се бара одговорност од власта за несреќата во Нови Сад
Неколку стотици луѓе се собраа пред Министерството за градежништво во Белград во знак на протест поради несреќата во Нови Сад во која животот го загубија 14 лица, а три лица беа тешко повредени при уривање на бетонската настрешница на железничката станица.
Насобраните граѓани бараат оставка од ресорниот министер Горан Весиќ и ги повикуваат надлежните органи на одговорност за несреќата.
Собирот го обезбедува полицијата која ги спречува учесниците да се приближат до зградите на државните институции.
Дел од учесниците на протестот ги обоија рацете со црвена боја, сакајќи симболично да им порачаат на властите дека „рацете им се крвави“.
Граѓаните и активистите носат транспарент со пораки „Злосторство, а не трагедија“ , „Апсолутна власт, апсолутна одговорност“, „Корупцијата убива“...
Тие скандираа и пароли како „предавство“ и „оставка“.
Протестот започна на плоштадот Сава пред старата железничка станица во Белград со едноминутно молчење за жртвите во Нови Сад и читање на имињата на 14 лица кои загинаа при уривање на настрешницата.
Насобраните потоа се упатија кон зградата на Министерството за градежништво, а оттаму кон Владата на Србија во центарот на Белград.
Таму, откако беше ослободен од полицијата, се обрати активистот Никола Ристиќ.
Тој беше приведен на 3 ноември, непосредно пред протестот.
„Ми рекоа дека мојата објава на Инстаграм, во која повикав на протест, има елементи на повикување на уривање на уставниот поредок и го чекавме мислењето на обвинителството“, изјави Ристиќ пред новинарите по доаѓањето на протестот.
Тој рече и дека „фокусот не треба да биде на него, туку на причините за протестот“.
Сè уште не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека во саботата на 2 ноември сослушале 26 лица во врска со несреќата на железничката станица.
Меѓу сослушаните, според информациите од Обвинителството, е и министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
Орбан: Ако победи Трамп, Европа ќе мора да ја преиспита поддршката за Украина
Европа ќе мора да ја преиспита својата поддршка за Украина доколку Доналд Трамп биде избран за претседател на САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, нагласувајќи дека Европа „нема да може сама да го поднесе товарот на војната“.
Орбан се противи на воената помош за Украина и јасно стави до знаење дека мисли оти поранешниот американски претседател Трамп ги споделува истите ставови и би преговарал за мирно решение за Украина.
Тој го поддржува Трамп, републиканскиот кандидат кој на изборите на 5 ноември ќе се соочи со демократската кандидатка и актуелна потпретседателка на САД, Камала Харис.
„Ние (во Европа) мора да разбереме дека ако во Америка има претседател кој е за мир, тогаш и Европа не може да остане провоена“, рече Орбан на 3 ноември.
Тој изјави и дека Украина ќе биде високо на агендата на состанокот на европските лидери во Будимпешта следната недела, алудирајќи на состанокот на Европската политичка заедница и најавената неформална средба на лидерите на ЕУ.
„Европа не може сама да го носи товарот [на војната] и ако Американците се придвижат кон мир, тогаш треба и ние да се приспособиме. Ќе разговараме за ова во Будимпешта“, рече Орбан.
Европа го чека исходот од изборите во САД за да види како тоа ќе се одрази на војната во Украина.
Орбан го налути Брисел со неговите блиски врски со Русија и противењето на помошта за Украина, пишува Ројтерс.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули изјави дека унгарската влада го гледа Трамп како „шанса за мир“ во Украина.
Орбан во јули изјави дека неговиот тим им помага на соработниците на Трамп за политиките за семејствата и миграцијата.
Унгарскиот премиер во четвртокот му се јави на Трамп за да му посака среќа пред американските избори во вторник, 5 ноември.
Палестинците тврдат дека клиника во Газа била нападната за време на вакцинација на деца
Палестинските власти тврдат дека шест лица, меѓу кои четири деца, биле ранети во напад со израелско беспилотно летало врз клиника во северниот дел на Појасот Газа каде децата се вакцинираат против детска парализа. Израелската армија, пак, негира, пишува „Асошиејтед прес“.
Нападот, според палестинските власти, се случил во саботата во северниот дел на Појасот Газа, кој изминатата година е опколен од израелските сили и во голема мера е изолиран.
Во оваа област, последните недели Израел спроведува уште една офанзива во која загинаа стотици, а се раселија десетици илјади луѓе.
Израелските сили постојано ги напаѓаа болниците во Газа, тврдејќи дека тие се користат за милитантни цели од Хамас, кој од САД и ЕУ е прогласен за терористичка организација.
Палестинските здравствени власти, пак, ги негираат ваквите тврдења на Израел.
Мунир ал-Бурш, портпарол на Министерството за здравство во Газа, за „Асошејтед прес“ изјави дека израелскиот дрон ја погодил клиниката Шеик Радван во градот Газа во саботата попладне, само неколку минути откако делегација на Обединетите нации го напуштила објектот.
Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, кои заеднички ја водат кампањата за вакцинација против детска парализа, рекоа дека се загрижени за нападот.
„Извештаите за овој напад сè уште повознемирувачки бидејќи клиниката Шеик Радван е еден од здравствените центри каде родителите можат да ги вакцинираат своите деца“, рече Росалија Болен, портпаролка на УНИЦЕФ.
Надав Шошани, портпарол на израелската армија, изјави дека „за разлика од палестинските тврдења, утврдено е дека израелската армија не е одговорна за нападот на областа“.
Кампањата за вакцинирање на децата против детска парализа започна во саботата во делови од северниот дел на Газа.
Требаше да започне на 23 октомври, но беше одложена поради израелските бомбардирања и наредбите за масовна евакуација, како и поради немањето гаранции за хуманитарни паузи во војната, соопштија ОН.
Најмалку 100.000 луѓе беа принудени да се евакуираат од северниот дел на Газа во последните неколку недели, според тврдењата на градот Газа.
Но, според ОН, околу 15.000 деца на возраст под десет години останаа во северните градови, вклучувајќи ги Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун.
Последната фаза од кампањата за вакцинација против детска парализа требаше да опфати 119.000 деца во северна Газа, но меѓународните агенции велат дека тоа сега е малку веројатно поради ограничениот пристап до областа.
Кампањата започна откако во Газа, по 25 години беше пријавен првиот случај на детска парализа.
Светската здравствена организација тврди дека овој случај е предупредување дека може да има стотици заразени луѓе, но да не покажуваат симптоми.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел и убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа уште 250 лица.
Потоа следеше израелска офанзива во која според властите во Газа загинале повеќе од 43.000 Палестинци.
Три дена пред изборите, патиштата на Харис и Трамп се вкрстија во Северна Каролина
Необична глетка ја пречека демократската кандидатка за претседател на САД, Камала Харис, при пристигнувањето во Северна Каролина на 2 ноември – авионот со црвена, бела и сина боја на Доналд Трамп, нејзиниот републикански ривал, беше таму.
Додека Харис излегуваше од потпретседателскиот авион „Ер форс“ на аеродромот во Шарлот, приватниот „боинг 757“ на Трамп беше паркиран во близина. Меѓутоа, нејасно е дали Трамп беше во неговиот авион во моментот на пристигнување на Харис.
Сепак, тоа што нивните авиони ја делеа пистата беше илустрација како двајцата кандидати во последните денови од кампањата се фокусираат на неколкуте клучни држави за кои се смета дека ќе бидат одлучувачки за исходот од претседателските избори на 5 ноември.
Веќе четири дена по ред тие водат кампања во иста сојузна држава.
Седум држави се сметаат за клучни, но, пишува Ројтерс, анкета објавена во саботата покажа изненадувачко водство на Харис и во Ајова, држава која Трамп лесно ја доби во последните два изборни циклуси.
За овие избори, како „одлучувачки“ се сметаат државите: Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Аризона, Невада, Џорџија и Северна Каролина.
Во своите настапи деновиве и Харис и Трамп се фокусираа на познати теми од нивната кампања.
Трамп најавува дека ќе депортира милиони имигранти доколку биде избран и предупреди дека ако Харис победи, „секој град во Америка ќе биде претворен во беден, опасен бегалски камп“.
Харис, пак, вели дека Трамп ќе ја злоупотреби својата моќ доколку се врати во Белата куќа.
„Ова е некој кој е сè понестабилен, опседнат со одмазда, обземен од поплаки. Овој човек бара неконтролирана моќ“, рече таа.
Повеќе од 75 милиони Американци веќе гласаа на изборите предвреме и по пошта. Изборниот ден е на 5 ноември. Идниот претседател на САД, Камала Харис или Доналд Трамп, ќе ја презеде функцијата во јануари 2025 година.
Дачиќ: Тројцата повредени во несреќа во Нови Сад се во тешка состојба
Трите лица, кои беа повредени при уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, сè уште се во тешка состојба, изјави на 3 ноември српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Во гостувањето на РТС, Дачиќ рече дека последиците од несреќата биле такви бидејќи бетонската настрешница била исклучително тешка.
Во несреќата што се случи на 1 ноември загинаа 14 лица, а причината за падот на настрешницата сè уште не е позната.
Министерот за внатрешни работи на Србија посочи дека во текот на денот ќе бидат сослушани уште пет лица, а на 2 ноември во просториите на полициската управа во Нови Сад биле сослушани 26 лица за да се утврдат причините и одговорноста за тоа што се случило.
Меѓу нив, рече, има и вработени во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура на чело со министерот Горан Весиќ.
Како што рече, сослушани се и директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата од Нови Сад, седум лица заедно со генералниот директор на српски Железници, Горан Аџиќ, како и седум лица од Инфраструктура на Србија, меѓу кои и генералната директорка Јелена Танасковиќ.
Според зборовите на Дачиќ, биле сослушани и лицата кои се директно одговорни за работите поврзани со реконструкцијата – директори, изведувачите, проектантот.
Тој рече и дека се чека на наодите на вештаците и оти зависно од тоа што ќе покажат вештачењата ќе се преземат сите понатамошни дејствија.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 2 ноември, еден ден по уривањето на настрешницата пред главната железничка станица во тој град, соопшти дека најмалку дваесет лица ќе бидат сослушани за да се утврдат „сите суштински елементи на кривичното дела и кривична одговорност“.
Коментирајќи ги наводите од Заводот за заштита на спомениците во Нови Сад дека не е точно дека не дале согласност за реконструкција на настрешницата, Дачиќ рече дека изведувачите кои ја вршат работат се обраќа до одредени институции, меѓу кои и до Заводот од каде, според Дачиќ, изјавиле дека треба да направат само две работи.
„Значи тие (Завод) не рекоа дека не треба да се врши реконструкција, но не го ни препорачаа тоа. Проектантите го направиле тоа што го напишале тие“, рече Дачиќ.
Заводот за заштита на спомениците на културата „Нови Сад“ претходно соопшти дека е „апсолутна невистина“ оти Заводот не издал одобрение и дозвола за поправка на настрешницата.
Во соопштението од 2 ноември нагласуваат дека не е нивна надлежност да даваат мислења и да ги кажуваат условите поврзани со обезбедување на безбедноста на објектот.
Зградата на главната железничка станица во Нови Сад беше отворена во јули 2024 година по тригодишна реконструкција.
Српската железница на денот на несреќата, 1 ноември, соопшти дека настрешницата што паднала „не била предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата“ што било во рамки на градежниот проект за брзата пруга Нови Сад – Суботица.
Како што наведоа во соопштението, во рамки на реконструкцијата се работело на внатрешноста на станицата, покривот и фасадата над и под настрешницата.
Сепак, експерти велат дека дел од реконструкцијата била и настрешницата.
Градоначалникот на Нови Сад на 2 ноември за медиумите посочи дека „ресорното министерство соопштило оти настрешницата не е реконструирана“, и дека тој верува во институциите.
На новинарско прашање дали ресорниот министер треба да поднесе оставка поради трагедијата што се случи, тој рече дека прво треба да се утврди што се случило, а потоа да се зборува за одговорност на луѓето.
Тој рече дека истрагата била спроведена во текот на денот на 2 ноември, а потоа е започнато вештачењето.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете