Впрочем, почетната фаза на преговорите, со посредство на Обединетите Нации, е замислена како форум за србите и косовските албанци со цел директно да ги искажат своите ставови околу проблемот. Прашањето е од пресудно значење за етничкото албанско мнозинство и за српското малцинство на Косово. Технички провинцијата е во рамките на Србија и Црна Гора, но од НАТО операцијата во илјада деветстотини деведесет и деветата година Косово е под контрола на Обединетите Нации. Белград сака да задржи извесно политичко влијание врз Косово, а албанците сакаат целосна независност. Тоа го очекуваат и НАТО и Европската Унија кон кои пак се стреми Србија, се вели во анализата на Стратфор во која се оценува дека токму поради тоа преговорите не би требало да бидат проследени со насилство на теренот. Преговорите со внимание ќе бидат следени од Црна Гора, Македонија и Босна. Според Стратфор, во овие држави има значителни движења за независност. По се изгледа Црна Гора ќе биде првата што ќе го следи патот за независност со референдум најавен за мај годинава. Без оглед дали ќе биде постигнат потребниот консензус за тоа или не, многумина аналитичари сметаат дека тоа ќе биде причина за влошување на стабилноста во регионот. Во врска со Македонија, како што се наведува во анализата на Стратфор, мора да се има предвид дека во две илјади и првата година албанското малцинство покрена шестмесечна насилна кампања против македонците во западниот дел на земјата. Борбите ги натераа Соединетите Држави и Европската Унија да интервенираат. Иако албанците во Македонија се вклучени во политичкиот систем на земјата може да се очекува, доколку Косово добие независност, нивните емоции да се подигнат што според анализата, е извор за натамошни немири во Македонија. Ова ќе ги доведе во опасност деликатната стабилност во земјата и изборите кои би требало да се одржат во јуни годинава. Конечно тука е и Босна, каде што етничките срби со нетрпение очекуваат што ќе биде со иднината на Косово и на Црна Гора. Доколку добијат независност, Република Српска ќе сака да се присоедини со Србија, а сето тоа нема да помине без насилство, се наведува во анализата на Стратфор во која се заклучува: Регионот сега балансира на деликатен раб и прашањето за Косово, чиј статус би можежло да биде решен до крајот на годинава, таквата рамнотежа може да ја претвори во хаос.
Ако на Косово му успее да се одвои од Србија, тогаш делови од Македонија може да го сторат истото
Првата рунда од преговорите за можната независност на Косово пред неколку денови заврши како и што се очекуваше, без видлив напредок, се наведува во анализата на американски Стратфор во која се додава дека преговорите внимателно ќе бидат следени и од многу други страни во регионот. Имено, ако на косоворите им успее да се одвојат од Србија, тогаш делови од Црна Гора, Босна и Македонија би можело да го сторат истото.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете