Достапни линкови

Шлаканица за рејтингот и недоверба кон системот за обезбедување на правото во Македонија


Во Министерството за правда го немаат официланото образложение на Хашкиот трибунал да не им биде дозволено на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски да се бранат од слобода. Министерката за правда Мери Младеновска, меѓу другото, пред малку во Охрид изјави:

,,Не се темели одлуката на судскиот совет на било кој случај исклучиво врз основа на гаранциите што ги даваат владите, туку врз основа на сите други факти и докази за секој поединечен предмет и тоа е право на судскиот совет кој одлучува по предметите."

Одбивањето на гаранцијата за да се бранат од слобода Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски од Хашкиот трибунал, говори за капацитетот на државава. Тоа е шлаканица за Македонија, коментираат правниците по вчерашната одлука на Хаг:

,,Првиот впечаток верувам дека е општ во јавноста, е чувство на разочарување заради рејтигнот што нашата држава, односно нејзините капацитети да пружи гаранција за ваков случај се оценети многу ниско во Хаг. Во ист момент, паѓа во очи споредбата со обвинението против Харадинеј и неговото експресно пуштање на слобода во еден протекторат. Без оглед дека таму има меѓународни органи, меѓутоа, ако тие органи минатата година не беа способни да гарантираат безбедност општа за граѓаните, зборувам за мартовските случувања на Косово, тогаш се поставува прашање како тие се кредибилни,"

изјави Билјана Ванковска, професор по меѓународно хуманитарно право која додава:

,,Ова е тешка шлаканица за Република Македонија. Ако не успеете да обезбедите гаранции само за двајца обвинети во случај, тогаш тоа зборува за проблемите што постојат во системот на обезбедуавње на правото во Република Македонија."

Ванковска додава дека отежнувачка околност за гаранциите за Бошковски бил и фактот што тој ја напушти Македонија на мистериозен начин за време на постапката во процесот Раштански Лозја. Според Јован Трпеновски, адвокат и поранешен јавен обвинител мора да се разграничи случајот на Тарчуловски од оној на Бошковски. Кон Тарчуловски, вели Трпеновски, дури и државата беше неправедна. Според него, гаранциите за Тарчуловски требаше да бидат прифатени.

,,Нему не му беше дадена можност сам да се пријави. Тоа значи, неговото приверување не е резултат на неговото бегање. Тој најнормално живееше. Мислам дека мора да се прави разлика меѓу гаранциите на Бошковски и Тарчуловски и сметам дека има повеќе услови да се прифати гаранцијата за Тарчуловски, отколку за Бошковски."
XS
SM
MD
LG