Ослободителната Национална Армија или ОНА беше формирана во почетокот на две илјади и првата во Македонија и нејзините неколку стотици припадници седум месеци изведуваа герилски акции против македонските безбедносни сили во западниот дел на земјата, наведува Џејнс тероризам монитор, додавајќи дека многумина од членовите на ОНА се бореле и во редовите на УЧК на Косово. Меѓу нив и командантот Гзим Острени кој тогаш беше шеф на штабот на Косовскиот заштитен корпус. Охридскиот договор доведе до запирање на борбите и до поголема застапеност на албанците во јавниот сектор. И покрај тоа што овој политички процес не оди баш најмазно, јасно е дека поранешната ОНА, која сега како ДУИ коалицира во владата, е решена проблемите на албанците во Македонија да ги решава преку политички средства, се вели во анализата на Џејн тероризам монитор во која натаму се наведува: Како и да е, односите на ОНА со УЧК беа толку блиски што многу членови на УЧК останаа во Македонија главно за да ги чуваат доходовните гранични криумчарски патишта отворени. Двомесечната опсада на Кондово, село крај Скопје, кон крајот на минатата година заврши откако лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Владо Бучковски побараа од тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај да се погрижи, како што се цитира во текстот, косовските млади луѓе да не одат онаму каде што не треба. Постојат сомневања дека зад спорадичните бомбашки напади и престрелки на границата стојат припадници на Албанската национална армија. И покрај тоа што АНА е со паналбанска идеологија, сепак нејзините мотиви за дејствување, како што се наведува во анализата, се повеќе од криминална отколку од политичка природа. Од друга страна пак, има некои докази дека АНА била инволвирана во ланските насилства на Косово и оти се обидела да дојде до портабл ракета од типот земја воздух. Не е познат бројот на членовите на АНА, иако според некои проценки, тој не може да биде поголем од дваесетина, но оти би можело да биде зголемен со што би станала потенцијално моќна група. Иако се знае дека АНА има врски со Албанија, останува нејасно дали таа е главно македонски феномен или пак започнува да ги фокусира своите операции на Косово, се наведува во анализата во која се заклучува дека засега е поверојатно во регионот да продолжат спорадичните гранични напади, како заштита на криумчарските рути, односно дека нема да има поорганизирани насилства. Долгорочно пак, многу ќе зависи од активностите на Србија и на Македонија, како и на меѓународната заедница, да обезбедат да не дојде до поширок албански бунт.
Постои можност елементи од различни бунтовнички групи да се реформираат под чадорот на АНА
Американскиот Џејнс тероризам монитор деновиве објави анализа во врска со безбедносната ситуација во Македонија, на Косово и Србија. Во неа, меѓу другото, се наведува дека и покрај тоа што во регионот се одвиваат политички процеси со кои се намалува поддршката на албанскиот екстремизам, сепак постои шанса елементи од различни бунтовнички групи да се реформираат и да ги здружат силите под чадорот на АНА.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете