Достапни линкови

Успешните избори покажаа дека работите конечно се движат во позитивна насока


Во услови на ,,дефиниција“ на македонската демократија, која сеуште е во процес на созревање, имајќи ги во предвид и очекувањата за евентуални поголеми инциденти, генерален е впечатокот дека вчерашните локални избори во Македонија, беа спроведени и изминаа успешно и покажаа дека во државава конечно работите се движат во позитивна насока, ова е оценката на политичките експерти во државава за текот на вчерашното гласање, за новите локални власти. Во оваа насока, професор Панде Лазаревски од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, забележува
дека некои од инцидентите кои беа регистрирани како „декор“ на изборите, нема битно да влијаат на генералниот впечаток:

„На општо задоволство, вчерашните избори изминаа на начин каков што содвествува на една зрела демократија иако не секој пат тој атрибут може да се препише на нашата средина. Некои работи евидентно се помрднуваат од мртвата точка. Ситните нерегуларности кои се појавија тука и таму, не го доведувуаат во прашање општиот позитивен впечаток од вчерашните избори.“

И професорот од факултетот на Југоисточна Европа, Назми Малиќи ја дели истата оценка, и додава, во овие услови и споредено со минатите локални, изборите изминаа успешно, но на патот на евроинтеграциите кон кој се стреми државава, недозволиво е во текот на гласањето да се случи и најситен инцидент, а Македонија конечно треба да се ослободи од критериумот за ,,ранлива демократија“ во која и малите нерегуларности се сметаат за успех.

„Генерално кажано, овие избори се можеби многу пофер и потранспарентни од сите други локални избори што ги имавме досега, посебно од локалните избори 2000-та година, и тоа е голем чекор напред, но секако треба овие пропусти да се надминат, и дури и во едно избирачко место да се наруши изборниот процес, тоа ќе значи дека имаме проблеми и тие проблеми треба да се надминат. Треба да се оди кон тоа да се почитува изборната регулатива, бидејќи се стремиме кон европската заедница.“

Во контекст на нерегуларностите кои се случија на вчерашното гласање, граѓанската асоцијација МОСТ која на овие избори учестуваше со најголем број набљудувачи, 3630, соопштуваат.

„Во текот на денот се случуваа изолирани нерегуларности. Овие нерегуларности беа најинтензивирани во следните региони или општини, општина Липково, Кичево, Студеничани и општина Шуто Оризари, но она што мора да го потенцираме дека ова не е слика за целата територија на Република Македонија.“

вели Дарко Алексов претседател на МОСТ.

Вчера заврши првиот круг од гласањето на локалните избори, вториот круг на кој посебно е фокусирано вниманието на јавноста, партиите и меѓународната заеница ќе биде одржан за две недели.
XS
SM
MD
LG