Достапни линкови

Според предлагачите современ концепт, експертите загрижени


Со законите за заштита и спасување, како и за управување со кризи, Македонија добива поефикасни безбедносни структури, оценува Лазар Китаноски, советник за национална безбедност во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Според него овие промени придонесуваат и за приближување на земјава кон НАТО.

„Да направиме една ефикасна структура која ќе делува во состојба на кризи или итни случаи, меѓутоа којашто истовремено, големо внимание ќе посвети на превенција и заштита од кризи,“

изјави Китаноски.

За разлика од него, експертите имаат забелешки особено на законот за управување со кризи. Тие сметаат оти некои од решенијата не се корисни за демократијата во земјава

„Најпроблематичен е категоријата на криза, начинот на кој се дефинира. Мислам дека оди некаде на една тенка линија, помеѓу она што ние го имаме во Уставот дефинирано како воена или вонредна состојба. Сега добиваме некоја трета состојба, во која добивате можност да употребите сила од страна на безбедносните структури. Мислам дека во демократијата е многу важно овие параметри да се прецизно утврдени и другата работа што ме загрижува е дека воведуваме фактички мини влада. Ако сметаме дека владата доста концентрира моќ во себе, може да замислите што би значело мини влада, во која се собрани луѓето од главните ресори и коишто ќе одлучуваат по волку важни прашања,“

вели Билјана Ванковска, професор на Институтот за мировни и безбедносни студии. Китаноски пак посочува дека токму овие законски решенија одговараат на современиот концепт на безбедносните системи и оти за нив има политички консензус:

„Тоа се проблематични забелешки, затоа што, прво, денеска воените закани не се од тој тип како што беа во Европа. Повеќе не постојат класични закани по безбедноста на Република Македонија. А, второ, во многу држави постојат такви или слични структури коишто дејствуваат превентивно или ефикасно.“
XS
SM
MD
LG