Достапни линкови

Потпишување на јадранско-американската Повелба меѓу САД, Хрватска, Албанија и Македонија


Македонија, Хрватска Албанија и Соединетите Држави ќе ја потпишат американско-јадранската повелба на втори мај во Вашингтон, најавуваат дипломатски извори. Свој потпис на документот ќе го стават министрите за надворешни работи на трите земји и американскиот државен секретар Колин Пауел. Токму поради обврските на Пауел околу војната во Ирак церемонијата на потпишувањето наместо во април како што првобитно беше замислено е поместена за почетокот на мај.

Оваа партнерска повелба која е дефинитвно усогласена на последната средба на мининистрите во Дубровник би требала да ја потикне соработката на Скопје, Тирана и Загреб за полноправно членство во НАТО. Од друга страна потпишувањето на документот испраќа силен политички сигнал за американската подршка на амбициите на трите земји за влез во Алијансата. Со слична иницијатива и менторство на Вашингтон покана за влез во НАТО претходно добија балтичките земји. Промотор на балтичката и сега на јадранската повелба за која иницијалната средба е одржана во Скопје е влијателниот лобист за проширувањето на НАТО со земјите во транзиција Брус Џексон.

„Јадранската повелба за која Македонија помогна да започне да се реализира е голем чекор напред. Сега имаме формална регионална соработка и демократски процес во основа сличен на балтичката спогодба постигната мегу Летонија, Литванија и Естонија Балтичката спогодба на пример беше потпишана во 1998 а во 2002 година трите балтички држави добија покана за членство во НАТО. Откако, повелбата меѓу Македонија, Албанија и Хрватска ќе биде потпишана се надевам дека за три до четири години и овие земји ќе успеат да се интегрираат,“

изјави Џексон.

Содржината на Повелбата што се потпишува во мај во Вашингтон ги повикува и обврзува трите земји меѓусебо да соработуваат во воспоставувањето на правната држава, принципите на демократијата, почитувањето на човековите права. Истовремено во повелбата уште еднаш се потврдува територијалниот интегритет и суверенитет на трите земји.
XS
SM
MD
LG