Достапни линкови

Две странски државјанки потешко повредени


Уште две странски државјанки минатата ноќ го платија данокот на проституцијата и трговијата со луѓе, која е во пораст во тетовскиот регион. Сабина Дуриу од Романија и молдавката Марија Кирињет утринава околу 2 часот беа пренесени во тетовскиот медицински центар со тепки повреди нанесени од огнено оружје. Двете се ранети во мотелот МК Петрол кој се наоѓа на влезот во Тетово од правец на Гостивар. На нив пукал Сабедин Исаку, жител на тетовското село Требош, кој според полицијата, претходно се обидел странските државјанки да ги изнесе од мотелот. Според првичните сознанија со кои располагаме, откако наишол на одбивање, Исаку се обидел насилно да ги одведе странкињите, за на крај да употреби огнено оружје. Веднаш потоа тој избегал од местото на настанот, а очевидците повикале брза помош по што повредените се пренесени во тетовската болница, каде што се уште се наоѓаат. Ова е втор вооружен напад врз странбски државјанки во полошкиот регион, по клрвавиот настан во Добридол каде што беа убиени три девојки. Инаку, Министерството за внатрешни работи во последно време презема акции за сузбивање на проституцијата и трговијата со луѓе, па така, во текот на вчерашниот ден три странски државјанки се пронајдени и приведени при контрола на угостителскиот објект „Кондор“. Станува збор за три девојки од Бигарија, Молдавија и Србија и Црна Гора. Молдавката е предадена на транзитниот центар во Скопје, додека другите две девојки се депортирани во државите од кои дошле, а воедно им е забранет влез во државата за период од две години. Полицијата работи на утврдување на фактите, односно дали станува збор за трговија со луѓе по што ќе се преземат соодветни мерки.
XS
SM
MD
LG