Достапни линкови

Грција нов претседавач на ЕУ


Грција го презема од Данска ротирачкото претседавање на Европската Унија за наредните шест месеци. Данското водство заврши со тримф откако успешно преговараше околу условите за влез на десет земји-кандидати во Унијата.

Грција, идниот претседавач на Европската Унија, соопшти дека нејзина цел ќе биде зацрврстување на Унијата во една на најслабите сфери – заедничката надворешна и безбедносна политика. Премиерот Костас Симитис го именува овој проблем како Вавилонска кула. Критичарите велат дека Унијата многу често говори со многу гласови со што се нарушува заедничката евро-дипломатија. Но, како што изјави премиерот Симитис, тоа ќе биде сменето. Според него, мора да се води јасна европска политика особено доколку дојде до евентуална војна против Ирак. Повеќето евро-членки, со исклучок на Британија, се претпазливи во врска со ирачкото прашање. Затоа Симитис најавува дека, за време на грчкото претседавање, ќе организира средби на европските лидери со претседателите на Соединетите Држави и Русија Џорџ Буш и Владимир Путин. Претставникот на грчката мисија во Брисел Николас Влахакис додава дека на приоритетната листа ќе бидат и други прашања:

„Најпрвин-реализирање на проширувањето. Второ, таканаречениот Лисабонски процес, односно добар однос на социјалната кохезија и развојот на европската економија. Трето – миграцијата и четврто – идниот уставен поредок на Европа.“

вели Влахакис. Грција исто така ќе претседава во периодот кога Унијата треба да ја преземе својата прва воена мисија во Македонија, но и кога треба да бидат донесени некакви насоки околу поделениот Кипарски остров пред неговото влегување во заедничкиот европски дом.

„Секако тие – грците, имаат проблем со Кипар, што пак значи дека ќе им биде многу потешко да бидат неутрални околу ова прашање.“

вели Стефан Маартел независен аналитичар од Брисел. Влахакис го демантира ваквото мислење додавајќи дека грчката заложба е двете заедници на Кипар да ги продолжат разговорите со спонзорство на Обединетите Нации. Грчкото претседавање доаѓа по она успешното на Данска која успеа на самитот во Копенхаген до крај да ги истера преговорите со земјите кандидати за влез во Европската Унија. Но, токму идното проширување ќе претставува проблем доколку не бидат усвоени некои измени во европските институции, како што е например претседавањето. Простата математика кажува дека со 25 земји членки и со шест месечно претседавaње
секоја земја ќе дојде на тоа место еднаш во 12 и пол години. Моќните членки Британија и Франција сакаат укинување на ротирачкото претседавање, а Европската комисија, поддржана од уште една моќна земја Германија, се за останување на овој модалитет но со проширен мандат од една година.
XS
SM
MD
LG