Достапни линкови

Мирјана Лазарова Трајковска, претседател на ДИК. Ќе се залагам за фер и демократски избори


Вашето именување за прв човек на ДИК се толкува како избор на претседателот Трајковски на условно кажано свој човек. Што велите за ова?

Не се чувствувам блиска до ниту една политичка фигура на македонската политичка сцена, убедена сум дека и Претседателот тргнал пред се од мојот досегашен професионален ангажман, а не од било каква блискост со мене како експерт по дадена проблематика.

Категорачни сте кога најавувате работење исклуливо во рамки на законот на кое партиски притисоци нема да влијаат. Како ја доживувате задачата пред вас?

Пред се како голема одговорност и голема обврска која треба да се оствари и пред се како одговорност не само за претседателот на ДИК, туку и за целата ДИК и понатаму за другите органи кои ќе бидат одговорни за спроведување на изборите. Категорична сум дека ќе се залагам за фер и демократски избори и тоа ќе го очекувам и од другите членови на органите кои треба да ги спроведат изборите. Особено имајќи предвид дека тоа е и законска обрвска на органите кои ги спроведуваат изборите во член 30 од законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија. Независно што членовите на ДИК ќе бидат предложени од политички партии, сигурна сум дека политичките партии ќе водат сметка за стручноста, за одговорноста, за совесноста кај кандидатите коишто ќе ги предложат и од тие причини и истапувам со таква убеденост дека моето залагање ќе биде и поддржано од ДИК.

Резервираниот однос на партиите кон Вашата кандидатура се толкува и како навестување дека тие оставаат простор за маневар доколку вашето раководење со ДИК не им се допадне.

Па, јас навистина не сум позната за лидерите на политичките партии и сметам дека тоа е сосема во ред и нормално. Би било погрешно да бидам блиска до било кој лидер на политичка партија и во тој случај би била загрижувачка било каква изјава во таа конотација дадена и за мене самата и би размислила дали би ја прифатила функцијата. Тоа однапред ве детерминира дека сте близок или не сте близок со некој, а за некакви маневри партиите ќе имаат можност преку луѓето што ќе учествуваат во работењето на ДИК да учествуваат во креирањето на работата на ДИК, односно убедена сум дека сите чинители ќе се залагаат, сепак, за законито спроведени избори бидејќи е во заеднички интерес не само на политичките партии, туку во целост за што подобро претставување на изборите и надвор. Се очекува да се докаже и да се покаже дека сме кадарни да организираме избори што ќе бидат и фер и демократски.
XS
SM
MD
LG