Достапни линкови

Капитални инвестиции - останува надеж дека ќе биде подобро


Автопатот Миладиновци - Штип
Автопатот Миладиновци - Штип

Капиталните инвестиции не се реализираат според планираното, па со ребалансот на буџетот се кратат за 50 милиони евра. Опозицијата обвинува за неспособност, новата министерка за финансии вели дека има план како да ја подобри состојбата, а експертите сметаат дека е потребен поголем надзор на тоа како се спроведуваат проектите.

За патишта, болници, училишта, гасификација, социјални станови, пруги и други големи проекти државата за годинава испланира да потроши нешто повеќе од 422 милиони евра. Но, од тие пари, за седум месеци од годинава се потрошени околу 100 милиони евра, што е помалку од една четвртина од планираните пари за капитални инвестиции за 2019.

Со ребалансот на буџетот, кој помина на владина седница, износот на капиталните инвестиции се намалува за 50 милиони евра и сега изнесува 370 милиони евра. Најмногу се крати од парите за железницата, од проекти за водоснабдување, рурален развој, од парите за градба на училишта, факултети и за болниците во Кичево и Штип.

Ова е еден од најслабите резултати во реализација на капитални инвестиции во првите седум месеци од година во изминатата деценија. Ситуацијата била полоша само лани, кога во првите седум месеци биле реализирани само 21 отсто од планираните инвестиции за целата година.

Професор Алаудин Зекири од Тетовскиот универзитет, вели дека секогаш има јаз меѓу планираното и оствареното, но кај капиталните инвестиции загрижува што разликата е толку голема.

„Во нашата економија тој јаз е подлабок, недостасува една сериозна активност во реализирањето. Тој јаз покажува сериозни загрижувачки показатели. Треба поголем надзор и во однос на габаритните владини проекти и во општините каде тие проекти се вршат, за да се подобри реализацијата на испланираното“, вели професор Зекири.

И додека од власта се фалат во кој сектор им оди добро со реализацијата на инвестициите, не кажуваат кои институции не си ја завршиле работата.

Премиерот Зоран Заев на крајот на август изјави дека капиталните инвестиции одат задоволително и се двојно поголеми од минатата година.

„Крајот на септември, пред да почнеме во четвртиот квартал, бројките ќе бидат јасно видливи, заради тоа што гасификацијата оди со одлично темпо, преку 70 отсто. Патиштата во државата се градат, како никогаш досега. За една година се започнати и ќе завршат повеќе од 500 километри патишта ширум државата. Железницата го зголеми својот интензитет на градба“, изјави Заев, додавајќи дека „Министерството за образование може да има подобра реализација“.

Во Министерството за финансии не ни одговори на прашањето кои институции најмногу затаиле во реализација на проектите.

„Податоците со пресек направен во тек на годината, поради различноста на ресорите, не се компарабилни“, велат во Министерството за финансии, но не даваат конкретен одговор зошто е ниска реализацијата на капиталните проекти.

Тие велат дека очекуваат забрзување на реализацијата на капиталните проекти во втората половина од годинава и нагласија дека во податокот за капитални инвестиции од буџетот не се вкалкулирани инвестициите од Јавното претпријатие за патишта, каде што, според нив, има одлична реализација на капитални инвестиции, која во моментот е за 41,7 отсто повисока од лани.

Опозицијата обвинува дека власта нема капацитет да го реализира ниту она што сама го испланирала. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека буџетот се троши, а парите не се инвестираат во проекти кои треба да го подобрат животот на граѓаните.

„Касата се полни, но парите не се трошат за развој и не се трошат за капитални инвестиции. Не дека не знаат, тоа е точно дека не знаат како се води проект менаџер, туку парите коишто вие граѓаните и компаниите ги плаќаат и го полнат буџетот се трошат за погрешните и популистички политики на оваа влада којашто го приватизираше вашиот државен буџет“, рече Мицкоски.

Новата министерка за финансии Нина Ангеловска во првото интервју по стапувањето на функцијата за Македонската информативна агенција (МИА), рече дека има идеја и може да помогне во подобра реализација на капиталните проекти.

„Бидејќи навистина претставува загуба ако се предвидени средства за капитални проекти и инвестиции, а не се потрошат“, рече министерката за финансии.

Професор Зекири вели дека не со остава добар впечаток кога едни исти проекти се појавуваат во буџетите неколку годни по ред.

„Тоа не е во полза ниту на фирмите кои ги изведуваат проектите, ниту пак е во полза на институциите и министерствата кои треба да дадат отчет пред граѓаните и да кажат овој проект е реализирани или не е реализиран“, вели професор Зекири.

Тој вели дека за да не се губи време треба да се поедностават планирањето и правните процедури за добивање дозволи за да може да се потрошат парите предвидени за крупни проекти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG