Достапни линкови

За половина година само една петтина од капиталните инвестиции


Автопатот Миладиновци - Штип

Во првата половина од годинава се реализирани само 20 отсто од капиталните инвестиции предвидени за целата година, односно инвестирани се само 86 милиони евра од предвидените 422 милиони евра

Ниската реализација на капиталните инвестиции се должи на лошо планирање, но и поради тоа што при планирањето на буџетот, капиталните инвестиции, од пропагандни причини се планираат многу високо, па потоа со ребаланс се кратат, вели поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, кој посочува дека тоа се случува со години.

Во првата половина од годинава се реализирани само 20 отсто од капиталните инвестиции предвидени за целата година, односно инвестирани се само 86 милиони евра од предвидените 422 милиони евра, покажуваат најновите податоци што ги објави Министерството за финансии. Владата постојано најавува дека ова е економска година, но првото полугодие, по она од лани кога биле реализирани само 16,65 отсто од капиталните инвестиции, е најлошо според реализацијата во изминатата деценија.

Сепак, инвестициите во јуни бележат драстично подобрување во однос на претходните месеци. На пример, во јуни биле потрошени скоро 28 милиони евра, што е повеќе отколку во првите три месеци од годинава.

Поповски вели вината не може да се бара во Министерството за финансии, кое ги обезбедува парите, но институциите кои ги трошат не може да ги реализираат. Тој не верува дека тоа што премиерот Зоран Заев го презема Министерството не може драстично да влијае на забрзување на инвестициите.

„Министерот за финансии, во овој случај премиерот, треба да ги обезбеди средствата, а не да ги реализира. Ако требало да се реализираат и да има координативна улога, а тоа е всушност улогата на премиерот, тогаш е обратно, може да се сфати дека неговото влијание затаило, односно неговата координирачка улога во владата. Министерот за финансии не може да го натера министерот за транспорт, за здравство, за образование или за екологија да ги троши парите. Таа улога ја има интерресорската координација, потпретседателите на владата и премиерот, но не верувам дека тука е клучот. Клучот е во преголемите амбиции коишто ги имаат ресорните министерства на почетокот на годината и понатаму релативно пониската, поскромна способност да го изведат тоа што на почетокот изгледа лесно“, вели Поповски.

Тој вели дека неговото искуство покажува дека за да има целосна реализација на капиталните инвестиции, во првото полугодие треба да бидат реализирани најмалку 35 отсто од планираните инвестиции. Минатата година беа реализирани само 65,5 отсто од инвестициите. Во изминатата деценија стапките на реализација се движат меѓу 70 и 87 отсто.

Парите што нема да се потрошат веројатно ќе бидат прераспределени со ребалансот на буџетот, кој заменик министерката за финансии, Ширет Елези минатата недела го најави за наесен. На одредени места ќе има кратење на парите, но таму каде што инвестициите се реализираат добро, може да добијат повеќе пари за годинава.

„Сигурно ќе се направи анализа кои капитални проекти или кои проекти треба да се додадат или да се изземат во делот на постојниот планиран буџет“, изјави таа.

Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека ниската реализација на капиталните инвестиции покажува дека владата е без план.

„Со ребалансот и пренасочување на средствата за капитални инвестиции за други намени, за жал негативно ќе се одрази преку пониска стапка на економски раст вели таа“, вели таа.

Владата не кажува кои се институциите кои затајуваат со реализацијата на капиталните инвестиции, зашто тие се мерат на годишно ниво.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG