Достапни линкови

Калориметри-добри за граѓаните, а непосакувани за дистрибутерите на топлинска енергија


илустрација, парно греење
илустрација, парно греење

Поставување на калориметри на цевките за парно се најправилниот начин за наплата на потрошената енергија кај домаќинствата, уверува првиот човек на РКЕ Марко Бислимоски. Од НВО секторот посочуваат дека овие мерни уреди се непопуларно решение за операторите со топлинска енергија

Поставувањето на калориметри на парно греењето е нешто од кое бенефит можат да имаат и граѓаните и државата, согласни се енергетските експерти. Овие прецизни мерачи на топлинска енергија не се голем трошок, а можат да придонесат за намалување на сметките за парно и заштеда на енергијата.

Пред повеќе од две години Регулаторната комисија за енергетика му предложи на тогашниот оператор БЕГ да набави калориметри за корисниците на парно, со можност истите да ги плаќаат на рати.

Две години подоцна калориметри ретко каде има. Првиот човек на РКЕ Марко Бислимоски вели дека предлогот е се уште „во игра“ и е најправилен начин за наплата на потрошената топлинска енергија кај секое домаќинство.

„Уште стојам на мојот предлог во сите домови каде што има хоризонтални системи на поставеност на цевките да се постават калориметри. Со нив ќе се пресмета точно секој стан колку потрошил. Според моите информации проблемот е поради високата цена на калориметрите, бидејќи тие ќе паднат на товар на потрошувачите. Мојот предлог е операторот на дистрибутивниот центар кој треба да ги постави тие калориметри да набави калориметри таму каде што има интерес од потрошувачите, оти кога се прави голема набавка цените на калориметрите ќе се пониски и тој трошок подоцна да се подели на 36 или 48 рати со цел потрошувачите да не го почувствуваат трошокот како голем“, вели Бислимоски.

Тој нагласува дека поставувањето на калориметри би важело само за оние станови каде има хоризонтална поставеност на цевките за парно. Таму каде има вертикални системи процесот е неисплатлив бидејќи е потребен поголем број калориметри на секој радијатор, па тоа би било многу поскапа инвестиција.

Поставувањето калориметри е добар начин за заштеда и во домашниот буџет, се согласува и Марјан Ненов, менаџер за енергетика и претседател на невладината „Но пасаран“. Но според него калориметрите не им одговараат на компаниите кои се занимаваат со производство и снабдување на топлинска енергија.

„Поставувањето на калориметри не им одговара на компаниите за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија оти ќе имаат намалување на приходите. Зошто не ни дозволуваат да се исклучуваме од мрежата? Бидејќи им правиме намалување на приходот. Истото ќе се случи и со воведување. Дали ќе се исклучат тројца или дали 15 станари ќе го намалат парното, за компанијата е исто, тоа значи намален приход,“ вели Ненов.

Професорот Константин Димитров пак смета дека калориметрите нема да придонесат за значително намалување на сметките за парно, оти ,како што истакнува, цените на енергенсите постојано растат.

„Проблемот е во тоа што цената е висока, таа ќе биде двојно повисока со цените на денешните енергенси. Некој индивидуално може и ќе заштеди 5 или 10 проценти, ама ако цената на енергенсите е 100 проценти поголема,нема да има некој бенефит“, вели Димитров.

Искуствата од другите земји се позитивни. Во Чешка на пример корисниците на парно греење имаат калориметри. Секој корисник самиот ја управува својата потрошувачка, односно самиот го уклучува или исклучува греењето во зависност од тоа дали е дома или не. Бислимоски уверува дека тоа е најправилниот начин за мерење на топлинската енергија за секое домаќинство посебно.

Според новиот Закон за енергетика, инсталирањето калориметри е задолжително само за секој нов објект, но не и за старите згради. Таму ќе се постават само доколку сите станари се согласни.

„Мислам дека ќе нема станар кој тоа не би го прифатил тоа бидејќи и му се дава можност како што ја управува потрошувачката со електрична енергија, да си ја управува и со топлинска енергија“, вели Бислимоски.

Покрај низата поскапувања, сметките за парно станаа дополнително оптоварување за граѓаните. Од 1 август цената на парното греење е зголемена за 14,18 проценти. Кај просечна сметка за топлинска енергија од 1.800 денари, зголемувањето е околу 250 денари.

Од РКЕ вчера соопштија дека августовките сметки за парно за кои граѓаните реагираа дека се повисоки и за околу 40 проценти ќе бидат сторнирани и дека корисниците ќе добијат нови корегирани сметки.

БЕГ претходно реагираше дека сѐ уште не се исплатени субвенциите кои компанијата ги пресметуваше во фактурите за топлинска енергија во февруари, март и април годинава, во висина од 99,6 милиони денари, согласно владината одлука, односно дека субвенцијата на потрошувачите на топлинска енергија до овој момент е на товар на компанијата.

Инаку, од јануари годинава ЕСМ го презема работењето на БЕГ и Топлифкација Скопје Север, откако претходно Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје и „Снабдување со топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје останаа без лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција и снабдување на топлинска енергија од страна на регулиран производител.

До ова дојде откако БЕГ пријави сериозни трошоци за изминатата година. Како причина беше наведена високите цени на енергенсите, поради што компаниите не можеа да обезбедат финансирање на грејната сезона без државна помош.

Проблемите со снабдувањето со струја и парно кулминираа зимава, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG