Достапни линкови

За институциите задолжително, за граѓаните и фирмите препораки за штедење струја


Влада на Република Северна Македонија
Влада на Република Северна Македонија

Државните институции ќе треба да штедат струја, а граѓаните и фирмите добија препораки. Се планира заштеда на струја до 15 отсто со мерките кои ќе стапат на сила од 1 септември, а ќе важат до 31 март следната година. Идната недела се најавува и прогласување на енергетска криза во државата.

“Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими на енергетски план, а со цел полесно да се справиме со периодот што не очекува и да имаме непречено струја и пониски сметки министерството за економија подготви план препораките за заштеда на струја за безбедна зима“, соопшти денес министерот за економија Крешник Бектеши.

Се предвидува ако овој план се спроведе тогаш дека не треба да се очекуваат рестрикции на струја во Северна Македонија.

Државните институции (министерства, Агенции, органи на државна управа) и државни претпријатија ќе имаат обврска да ја намалат потрошувачката на струја за 15 проценти. Доколку тоа не се постигне, според Бектеши, ќе следат согласно уредбите одредени санкции за сите раководители на институциите. Раководителите ќе имаат обврска секој месец да доставуваат извештај за потрошувачка на струја.

Владата задолжува да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици, потоа да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина. Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени. Мерките стапува на сила од 1 септември и ќе траат до 31 март 2023.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски изјави дека работат со максимален капацитет согласно можностите и своите ресурси.

„Потребите за електрична енегија на универзалниот снабдувач ЕВН хоум за граѓаните и за малите потрошувачи ги задоволуваме исклучиво од наше сопствено домашно производство, односно АД ЕСМ не набавува електрична енергија“ рече Ковачевски и додаде дека се увезува мазут и јаглен за производство на струја.

Тој додаде и дека од ноември се очекува да проработи и третиот блок на РЕК Битола. Водно АД ЕСМ отворило три нови трговски друштва кои ќе се пријават на повикот на Владата за обезбедување на топлинска енергија на Град Скопје.

Бектеши порача и дека се очекува Владата на следната седница да прогласи енергетска криза во државата. Според Бектеши, во тек се редовни разговори со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија, за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето.

На веб страната на министерството се објавени и препораките за тоа како граѓаните и фирмите може да штедат струја. Се препорачува меѓу другото да се користи бојлерот за подготовка на топла вода само кога таа е потребна, да се избегнува позиционирање (вклучување) на ладилникот на (нај)ниски ​температури, да се користат разумно грејните тела во домовите и да се користи повеќе сонцето за осветлување како и за загревање на просторот во грејната сезона. Потоа да се користи машината за миење садови секогаш полна на ниска тарифа на електрична енергија и да не се користат светилките во просториите во период кога подолго време ​не се престојува во нив и светликите да се заменат со енергетски ефикасни.

За фирмите дел од препораките се да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, да не се користи осветлување во внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога има доволно дневна светлина. Греење и ладење: во производните објекти, хали и канцеларии во сезона на ладење температурата на климатизерите да се подесува не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, како и да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата со него.

Притоа се препорачува на ЈП Патишта веднаш да отпочне со намалување на осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава која ги опфаќа државните патишта. Општините и градот Скопје пак се препорачува да направат распоред, така што на половина од улиците и булеварите го исклучуваат јавното осветлување, наизменично, преку еден ден.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG