Достапни линкови

Ако каматите многу пораснат, граѓаните тешко ќе ги плаќаат кредитите


Илустрација: Изградба на станбена зграда
Илустрација: Изградба на станбена зграда

Народната банка од март ги зголеми основните каматни стапки од 1,25 на 3 отсто. За борба против инфлацијата, која достигна скоро 17 отсто, потребни се двоцифрени камати, вели професор Трајко Славески. Во Народната банка реагираат дека така граѓаните нема да може да ги плаќаат кредитите.

Најголем дел од постојните кредити се со променливи каматни стапки, па ако многу ја покачиме каматата, граѓаните нема да може да ги плаќаат, што ќе ги зголеми ризиците за финансиската стабилност, велат во Народната банка. Со двоцифрени камати исто така ќе се отежне кредитирањето на фирмите што ќе значи „задушување на домашната економија“.

Зголемување на трошоците за живот, односно инфлацијата, во август достигна 16,8 отсто. Граѓаните велат дека многу го чувствуваат зголемувањето на цените.

„Многу е скапо, пензиите не пораснаа воопшто, што ќе правиме не знам.“

„Ако сакаш да земеш три кила месо нема три, едно ќе земеш“.

„Се е скапо, млекото е ужасно скапо, болен човек едно млеко не може да си купи“, велат анкетираните граѓани.

Скокови на цените, граѓаните на диета или вегетаријанци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Како главна причина за поскапувањата на светско ниво се наведуваат поскапените струја, гас и други енегенси, како резултат на руската агресија врз Украина.

Зголемувањето на каматните стапки е една од главните алатки за борба против инфлацијата. Народната банка постепено ги зголемува основните каматни стапки од 1,25 проценти во март, на 3 проценти во септември годинава.

Основните каматни стапки се сигнал како ќе се движат каматите за граѓаните и фирмите и во комерцијалните банки.

Според податоците на Народната банка, граѓаните и фирмите во банките чуваат над 7,5 милијарди евра. Од друга страна, кредитите се во вредност од 6,6 милијарди евра. Само граѓаните должат скоро 1,2 милијарди евра за станбени кредити и скоро 1,8 милијарди евра за потрошувачки кредити.

Професор Трајко Славески, кој е и член на Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека основните каматни стапки треба да бидат двоцифрени за да се „скрши ‘рбетот на инфлацијата“. Тој аргументира дека со високите стапки на инфлација, а ниски камати, штедачите губат пари, затоа што нивната вредност се намалува за 17 отсто годишно, а добиваат камата пониска од 1 отсто годишно. Тој вели дека ударот врз економијата од високите камати врз економијата е цената што треба да се плати.

„Одржување на висока стапка на инфлација не му користи на бизнисот. Во услови на инфлација планирањето е речиси невозможно“, вели тој.

Славески - Барањето излез од кризата е како одење по жица
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:01 0:00

Основните каматни стапки во еврозоната се 1,25 проценти, во Албанија се 1,75 проценти, во Хрватска 2,5 проценти, во Србија 3,5 проценти, а во Босна и Херцеговина 3,63 проценти. Највисоки камати во Европа имаат Украина, каде што беснее војна, од 25 проценти и Молдавија од 21,5 отсто. Највисоки камати во Европската унија има во Унгарија – 13 отсто, а Чешка и Полска имаат 7, односно 6,75 проценти. Во Романија каматата е 5,5 отсто.

Во Народната банка велат дека и во светски рамки има различни гледишта на економистите за оптималната монетарна политика „со оглед на специфичноста на шоковите со кои речиси во континуитет се соочуваме во изминативе неколку години како никогаш досега“. Тие сметаат дека агресивното зголемување на каматите во Македонија нема да даде резултат, затоа што три четвртини од инфлацијата е предизвикана од надворешни фактори, односно се должи на увозните цени на храната и енергенсите, на кои земјава не може да влијае. Од друга страна, големо покачување на каматите може да предизвика рецесија. Тие посочуваат дека Македонија од мај ги покачи основните каматни стапки исто колку и Европската централна банка.

„Слично како и кај другите централни банки во услови кога инфлацијата доминантно ја движат фактори на страната на понудата, а геополитичките тензии создаваат голема неизвесност и сериозни ризици за економскиот раст (надолни ризици за побарувачката), промените во каматните стапки се постепени и одмерени“, велат во Народната банка.

Тие посочуваат дека, освен каматните стапки, користат и други инструменти за спроведување на монетарната политика и потсетуваат дека уште од крајот на минатата година повлекле денари од оптек, а има промени и во задолжителната резерва.

Народната банка очекува забавување на инфлацијата наредната година.

Светската банка во есенскиот извештај предупреди дека македонската економија може да влезе во стагфлација, односно да има забавен или низок економски раст, проследен со високи стапки на инфлација.

Во јануари 2002 година, основната каматна стапка во Македонија беше 15 проценти. Во 2008 година падна на под 5 проценти, па за време на светската финансиска криза во 2009 година порасна на 9 проценти. Од тогаш постојано паѓа и во 2021 година достигна рекордно ниско ниво од 1,25 отсто. Од март наваму расте и сега е 3 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG