Достапни линкови

Ќе добие ли хемијата - „Стојчев модел“, наречен по еден млад Македонец?


Македонските учесници на Олимпијадата по хемија, заедно со професорот Буклески
Македонските учесници на Олимпијадата по хемија, заедно со професорот Буклески

Во натпревар ​меѓу 312 средношколци- љубители на хемија, од целиот свет, нашиот Дарко Стојчев доби бронзен медал и на Македонија ѝ го донесе најдобриот единечен пласман од сите натпреварувања на Олимпијадата по хемија досега.

Средношколецот Дарко Стојчев, кој е трета година во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ не знае што е тоа - помалку од петка по хемија. Бидејќи откако знае за за себе се интересира за природни науки, а посебно е фасциниран токму од хемијата. Оваа пасија му донесе бронза од Меѓународна олимпијада по хемија чиј домаќин беше Јапонија, а каде се натпреваруваа средношколци од целиот свет. Очекувано, бронзата не ја заслужи со пишување на некоја едноставна хемиска формула, туку со одговори на сложени прашања и задачи.

„Задачата беше тешка, затоа што сепак ова е меѓународен натпревар и треба да се натпреваруваат овде најдобрите претставници од секоја држава. За да доловам на лаик, на некој што не се занимава со хемија, би рекол дека ова е на ниво на можеби петти или шести семестар на факултет по Хемија кај нас. Поголем дел од материјалот е до тоа ниво, но има задачи или делови од задачи кои некогаш се наоѓаат на постдипломско ниво, на ниво на магистерски студии“, изјави Стојчев за РСЕ.

Дарко Стојчев, освојувач на бронзениот медал
Дарко Стојчев, освојувач на бронзениот медал

Македонија учествува на оваа Олимпијада од 2013. година и ова не е прв медал за младите хемичари од Македонија, но како што сподели менторот на Стојчев, проф. д-р Миха Буклески, овој медал има посебна вредност.

„Оваа година ние всушност го имаме најдобриот единечен пласман. Досега, споредено со изминатите години и изминатите натпреварувачи кои сме ги имале, овој ни претставува најдобар резултат“, изјави за РСЕ, професорот Буклески, од Природно-математичкиот Факултет во Скопје

Според него, интересот за хемијата меѓу младите во Македонија, во последните години забележително расте. Зедно со него, и бројот на талентите. А успехот од натпреварувања како ова, помагаат полесно да се отворат вратите на светските Универзитети. Буклески сподели дека голем дел од талентираните ученици се запишани на Универзитетот во Љубљана, но има и такви кои побарале и добиле место на МИТ и Харвард во САД.

„Нашиот проблем е тоа што ние не можеме, не успеваме на некаков начин да ги задржиме тие да бидат наши студенти, на Институтот за хемија на ПМФ. Но од друга страна, па не е добро ни да се обидеме да ги сопреме во однос на нивниот личен развој понатаму и достигнувања коишто би можеле да бидат многу позначајни. Единствено што можеме да се надеваме ние е нивниот успех на меѓународна сцена, за потоа тие да можат да се вратат во Македонија, или барем да дојдат тука и да пренесат дел од своето знаење и искуство, да го имплементираат и на таков начин да продолжи развојот и просперитетот на хемијата кај нас“, додаде професорот Буклески

Мало или големо достигнување за исполнување на големиот сон

Стојчев со младите хемичари од целиот свет можеше да се дружи само виртуелно. Жали што немал шанса за дружба во живо и што поради пандемиските услови од Олимпијадата бил исклучен делот со експериментите. Но, не жали за ниту една секунда помината во проучување на хемијата. Се надева дека еден ден, во некоја книга по хемија, некој ученик ќе го чита неговото име.

„Секогаш кога сум читал хемија, сум читал некои теореми или некои објаснувања, најчесто се нагласува кој е нивниот творец, на пример, Боров модел на атомот, Хедингерова равенка... Ова се делови од поп-наука за којашто сите слушнале и јас отсекогаш сум им се восхитувал на тие луѓе и на нивните достигнувања. Па, сон ми е со сопствена истражувачка работа некој ден и јас да придонесам нешто за развитокот на хемијата како наука, макар и да е нешто големо или мало“, истакна средношколецот Стојчев

Меѓународна олимпијада по хемија се одржа по 53. пат. На глобалното онлајн мерење на сили во хемија, оваа година учествуваа 312 ученици и 158 ментори од 79 земји во светот. Досега, нашите млади хемичари имаат освоено вкупно седум бронзени медали на ова натпреварување.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG