Достапни линкови

Што се случува во телевизија Алфа?


Вестите на телевизија Алфа од 24.11.2021

МВР постапува по наредба на обвинителството во Алфа, медиум во кој вработените штрајкуваат поради неисплатени плати. Директорот ги обвинува државните институции и вработените за спрега за “уништување на телевизијата“. Од обвинителството велат дека водат предистражната постапка.

Предметот за телевизијата Алфа е во предистражна постапка, а согласно законот тоа е постапка за прибирање на докази, во фаза кога кривичното дело или неговиот сторител се уште не се откриени во целост. Ова е одговорот од Јавното обвинителство на прашањето на Радио Слободна Европа дали обвинителството води постапка за телевизијата Алфа, под какво сомнение и од кога е почната постапката.

„Во овој случај согласно своите надлежности предметниот обвинител до надлежните институции има издадено низа наредби за преземање мерки и активности по кои истите се уште постапуваат. Воедно, преку меѓународна правна помош побарани се податоци и информации од земји за кои јавниот обвинител смета дека можат да се обезбедат релевантни податоци што се од значење за понатамошниот тек на постапката и донесување на јавнообвинителска одлука. Напоменуваме дека меѓународната правна помош е постапка што не зависи директно од обвинителството и вообичаено истата бара време за соодветно постапување“, наведуваат од обвинителството.

Од таму нагласуваат дека во интерес на постапката и почитување на начелото на презумпција на невиност, сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни.

Ова следува откако неделава телевизијата објави дека Министерството за внатрешни работи односно Бирото за јавна безбедност направиле ненајавен упад во Алфа со барања за доставување на, како што наведува медиумот документација, договори за соработка од каков било облик, договори за емитување на рекламни спотови, web дизајн и припрема на web страна. Од МВР за РСЕ категорично и целосно го отфрлаат ова како неточно и велат дека постапувале по наредба на обвинителството.

Директорот на Алфа обвинува за притисок

Но, директорот на Алфа, Јани Бојаџи има поинакви тврдења. Тој за Радио Слободна Европа вели дека веќе една година во Алфа има Финансова полиција која, тврди, врши постојани истраги за нивното работење.

Бојаџи вели дека сега продолжува истрагата на финансовата полиција, но дека од пред неколку месеци дошле од Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност и вршеле усмен распит со него по налог, како што вели на обвинителката Вилма Русковска. Во вторникот, додава Бојаџи, истите инспектори дошле со писмен налог.

„Побарав да прецизираат што бараат. Бараат документи поврзани со правење на веб страница. Сме направиле веб страница, тоа се дробни пари. Потоа бараа документи во врска со позајмица која ние сме ја направиле од компанија која е поврзана со нашето друштво и тоа се пари кои ние пред два месеца сме ги добиле за исплата на плати. Притоа тоа се и пари од државата Словенија, членка на Европската унија, која инспекторите би требало да знаат дека има ускладено законодавство со ЕУ, нашиот пример и долг стремеж да бидеме дел од неа “, вели Бојаџи.

Штрајк на вработените

Во меѓувреме, вработените во Алфа штрајкуваат поради неисплатени плати па телевизијата не емитува авторски новинарски содржини. Директорот обвинува дека тоа што се случува е „политички инструирана ситуација од центри на моќ, а преку новинарскиот синдикат“ кој тврди дека немал право на штрајк бидејќи тој можел да се организира само ако им се должат три плати.

„Во Алфа платите доцнат само осум дена“, категоричен е Бојаџи.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници велат дека ова не е точно. Во моментот на преземањето на мерката им се должеле безмалку две и пол плати и третата од тековниот месец, тврдат од синдикатот. Во меѓувреме откако директорот бил известен со одлука дека вработените ќе го намалат обемот на работа и дека ако не ги исплати двете плати до први декември ќе почнат со целосен штрајк, исплатена е една плата, тврдат од синдикатот, по што вработените донеле одлука да продолжат со намален обем на работа додека не се исплати и втората плата.

Од синдикатот се повикуваат на член 263 од Законот за работни односи според кој имаат право на таканаречен солидарен штрајк без разлика на бројот на неисплатените плати.

Разговаравме и со вработени во Алфа. Нагласуваат дека доцнењето на платите е константа во телевизијата.

„Станува збор за едногодишна голгота која кулминацијата ја доживеа во текот на летото кога вработените беа доведени во идентична ситуација. За поупатените тоа беше оној момент кога на телевизија Алфа стоеше телоп со објава. Кризата од почетокот, на крајот на летото е решена со посредство на новинарскиот синдикат, но и тогаш тоа што беше ветено не беше исполнето и тој револт сега се пренесува“, велат вработените.

Неколку промени во сопствеништвото на Алфа

Телевизијата Алфа е основана во 2008 година. Мнозински сопственик во тоа време беше бизнисменот Штерјо Наков преку компанијата „Фершпед“. Во септември 2013 година српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ откупи 56 проценти од акциите на телевизијата.

Оттогаш се смени уредувачката политика на телевизијата која беше перцепирана дека е блиска до тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ. И сега кога таа партија е во опозиција, а на власт се СДСМ телевизијата важи за критичар на власта, а блиска до опозицијата. Во меѓувреме, се смени сопствеништвото уште еднаш. Во 2017 година уделот на Јевросимовиќ го презеде унгарскиот државјанин Петер Шац и српскиот Горан Балаќ и од тогаш телевизијата е во нивни раце.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG