Достапни линкови

Стејт департмент: одложена правда и мало подобрување на медиумските слободи


Американскиот Стејт департмент со забелешки за човековите права во Македонија во 2020 година, но и со акцент на заложбите на властите во клучни области

Обвинителите често ги пробиваат законските рокови за истрагите, судска непримерност, прекумерен притисок врз судии и одложена правда, случаи на насилство и закани кон новинари, корупција на високо ниво, случаи на насилство и закани кон членови на ЛГБТИ заедницата, но и добар напредок на Владата во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво, заложба за заштита на човековите права, високо-конкурентни избори...

Ова се посочува во Годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за почитување на човековите права во 2020 година, во делот за Македонија. Во извештајот се опфатени повеќе области како судство, полиција, цивилни и затворски власти, медиумско работење, здравство, корупција на високо ниво...

Судство и полиција

„Обвинителите често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици“, се вели во Извештајот и се нотира дека „судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите, а тоа, пак, се смета дека влијае врз јавната доверба во правосудството“.

Стејт департментот укажува дека Владата демонстрира поголема почит за независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.

Во текстот натаму се посочува дека полицијата ја одржува внатрешната безбедност, вклучително и контролата на миграцијата и на границите и поднесува извештаи до Министерството за внатрешни работи.

„Цивилните власти одржуваа ефективна контрола врз безбедносните сили. Припадниците на безбедносните сили извршија некои злоупотреби, вклучително и прекумерна употреба на сила од страна на полицијата и затворските чувари“, се посочува во документот.

Избори

„Во изештајот за првичните наоди и заклучоците од 16 јули за парламентарните избори и Конечниот извештај на 2 октомври, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ/ОДИХР) наведува дека изборите биле „генерално спроведени ефикасно при прилагодувања како одговор на пандемијата КОВИД-19, но законската стабилност беше нарушена со значителни измени на Изборниот законик и ад хок регулативите донесени за време на вонредна состојба“, се наведува во Извештајот на Стејт департментот.

Понатаму во Извештајот на Стејст департментот се вели дека „Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР ги карактеризира изборите како „вистински конкурентни“ и покрај ограничената способност на политичарите да спроведуваат активности за време на пандемијата. Денот на изборите мина без проблеми“.

Слобода на медиумите и ЛГБТИ права

„Позначајни повреди на човековите права вклучуваа насилство и закани за насилство врз новинари, корупција на високо ниво и случаи на насилство и закани за насилство врз припадници на ЛГБТИ заедница. Владата презеде чекори за идентификување, истрага, гонење и казнување на службеници кои извршиле злоупотреби. Народниот правобранител смета дека полициската неказнивост и понатаму претставува проблем“, стои во извештајот.

Во делот за слободата на медиумите во извештајот се посочува дека според Репортери без граници „културата на неказнивост е добро вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите“, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.

„Извештајот на Фридом Хаус за слободата во светот во 2020, објавен на 4 март, забележа подобрување на оценката од два на три, од максималните четири поени, 'затоа што притисокот врз новинарите е намален во последните години', а Годишниот светски индекс на слобода на печатот на Репортери без граници на 21 април забележа 'мало подобрување' на слободата на медиумите во земјата“, се наведува во Извештајот.

Стејт департментот посочува дека иако медиумските известувања главно се поделени по политички линии, бројот на независни медиуми кои „активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува“.

Во извештајот се посочува дека се подобрени условите во сите затвори, вклучително и комплетната реконструкција на битолскиот затвор, како и изградба на Поправниот дом за малолетни лица Волковија во Тетово и судница во затворот Идризово.

Борба против корупцијата и криминалот на високо ниво

Стејте департментот во докуметот го цитира и извештајот на Европската комисија од 6 октомври во кој се посочува дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво.

„Судскиот совет, пак, доби 283 жалби за погрешно судско постапување, а одвоено Судскиот совет примил 60 формални барања за отстранување или дисциплинска постапка против судии“, се додава во Извештајот.

Во делот на борбата против корпуцијата се наведува дека законот предвидува казни за корупција од страна на службени лица и дека Владата генерално го спроведуваше законот, иако постојат извештаи за коруптивни активности на државни службеници.

„Невладините организации сметаат дека доминантната улога на државата во економијата создава можности за корупција. Државата е најголем работодавец во земјата. Според Министерството за информатичко општество и администрација, заклучно со 31 декември 2019 година, имало 132.900 лица вработени во јавниот сектор“, се додава во извештајот на Стејт департментот.

Работнички права

Во делот за работничките права се посочува дека Законот предвидува право на работниците да формираат и да се приклучуваат на независни синдикати, колективно да се договараат и да организираат штрајкови и се забранува дискриминација на синдикалните претставници и се предвидува враќање на работниците отпуштени заради синдикална активност.


Сепак, според Стејт департментот, претставниците на синдикати, со исклучок на неколку грански синдикати, тврделе дека „генерално не биле ослободени од влијанието на владините претставници, политичките партии и работодавачите“.

Во извештајот се посочува дека работодавачите не секогаш ја почитувале слободата на синдикално здружување, правото на штрајк и правото на колективно договарање, но дека во текот на годината, Министерството за труд не добило поплаки во врска со повреда на правото на синдикална организација и слобода на здружување.

Граѓани без државјанство

„Во Северна Македонија има граѓани кои немаат државјанство, иако исполнуваат еден или повеќе критериуми за тоа. Според владината статистика, УНХЦР и невладините организации, на крајот на август лани имало 563 лица без државјанство, а опозициските партии на Албанците тврдат дека на 7.000 Албанци во државата неоправдано им е ускратено македонското државјанство“, пишува во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права.

Во него се додава дека земјата нема механизам за откривање на оние без државјанство и за нивна заштита.

Премиерот Заев задоволен: Добивме позитивен извештај

Токму на Денот на македонското правосудство пристигна позитивен Извештај за состојбите со човековите права на американскиот Стејт департмент, во кој е констатирано дека Владата покажала сериозна почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години, изјави денеска премиерот Зоран Заев во пораката упатена до сите судии и обвинители, адвокати, и сите останати вработени во правосудниот сектор по повод Денот на правосудството.

„Ова е уште еден доказ дека тоа што го работиме дава и ќе дава резултати и дека реформите во правосудството остануваат наш врвен приоритет. Ја враќаме довербата на граѓаните во правосудниот систем. Систем кој ја испорачува правдата. Голем придонес за оваа придобивка даваат самите судии кои преку Судскиот совет започнаа динамична проверка на работата на судиите, и тој процес веќе ги дава првите резултати“, вели Заев.

XS
SM
MD
LG