Достапни линкови

Македонија, според меѓународните организации, два чекори напред, два назад


Премиерот Зоран Заев заедно со министрите при доставувањето на предлог програмата за работа на втората Влада под негово раководство, август 2020 година

Репортери без граници, Транспаренси интернешнл, Фридом Хаус и Дуинг бизнис годишно излегуваат со извештаи за сите земји во светот за состојбите во клучни демократски и економски области. Компарацијата на извештаите за 2018 година и за 2020 година покажуваат и напредоци и назадувања.

На 31 мај 2017 година Зоран Заев го формираше првиот владин кабинет по 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. За месец и половина Заев ќе одбележи четири години откога СДСМ ја преземаа власта. Каде се наоѓала земјава во меѓународните рангирања во 2018 година, тогаш по полна година владеење и сега по речиси четири години на власт. Споредбата покажува напредок во области поврзани со човекови слободи и права, назадување во рангирањата на економијата и перцпецијата на корупцијата.

Се забележува напредок во извештаите на Репортери без граници или, пак, на Фридом Хаус, но тој напредок е се уште далеку од очекувањата на граѓаните и далеку од промената што ја најави СДСМ кога ја презема власта, коментира Сефер Селими, политички аналитичар од невладината организација Демокраси Лаб.

„Благиот напредок што Владата го има направено во овие четири години од промената на власта претежно се должи на политичката клима и на политичките случувања кои се долгогодишни и не може да се решат преку ноќ. Меѓутоа, тоа никогаш не треба да биде оправдување од страна на власта оти нивната работа е да ги решат овие проблеми“, вели Селими.

Репортери без граници: 2018-95 место, 2020- 90 место

Според последниот извештај на невладината организација Репортери без граници со седиште во Париз објавен месецов за слободата на медиумите лани Македонија е на 90 местото на табелата од 180 земји. Земјава е рангирана во портокаловата зона на списокот, односно во групата земји кои имаат проблематична средина за слободата на печатот.

„Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да им се закануваат и да навредуваат медиуми, а сајбер вознемирувањето и вербалните напади кон новинарите се зголемија на социјалните медиуми. Сето ова послужи да се засили добро вкоренетата култура на неказнивост“, пишува Репортери без граници за состојбата со слободата на медиумите во Северна Македонија во 2020.

Во извештајот објавен во 2019 година, а кој се однесува на претходната 2018 година, Македонија беше на 95-то место. Главна забелешка во извештајот на Репортери без граници тогаш беше состојбата во јавниот сервис, МРТВ, каде владата сѐ уште не спровела реформи. Претходната 2017 година Македонија беше на 109 место.

Фридом Хаус: напредок, но константно во делумно слободни земји

Во извештајот на Фридом хаус „Слободата во светот“ објавен минатиот месец Северна Македонија иако бележи пораст од три поени од претходниот извештај и натаму е во групата на земји со делумна слобода. Годинашната оценка за државата е 66 од можни сто поени Фридом хаус наведува дека „реформаторската влада на Северна Македонија беше реизбрана и нејзините институции во голема мера се опоравија од штетата нанесена од поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски“.

Во 2018 година, пак, Македонија се сметаше за светла точка во извештајот на американската организација. Тогаш беше нагласено дека смената на власта претходната година донела шанса да се смени долгогодишното запленување на државата и да се решат долготрајните спорови со соседите кои го попречуваат развојот на земјата. Но и во тој извешај Македонија се најде е во групата земји „преодна влада или хибриден режим“, исто како и годинава.

Транспаренси интернешнл: 2018-93 место, 2020-111 место

Во јануари годинава кога меѓународната организација Транспаренси интернешнл го објави извештајот за перцепција на корупцијата во кој Македонија има историски најлошото рангирање , тоа предизвика мал потрес на македонската политичка сцена.

ВМРО-ДПМНЕ излезе со жестоки критики кон власта, па поднесе и интерпелации за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремирот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Власта пак се бранеше истакнувајќи дека тоа не значи дека корупцијата пораснала, туку дека резултатите се перцепција на граѓаните која е таква затоа што сега повеќе и послободно се зборува за корупцијата.

Македонија годинава всушност падна за пет места на извештајот на Транспаренси интернешнл и се најде на 111 место во друштво на Босна и Херцеговина, Панама и Монголија. Во извештајот за 2018 година,пак, во кој беше отсликана состојбата по едно и пол годишното владеење на СДСМ Македонија и Косово го делеа 93 место во однос на корупцијата, а и тогаш земјава беше најслабо рангирана на Балканот.

Во секоја област може да се направи повеќе, вели Иван Стефановски од невладината организација Евротинк споредувајќи го напредокот во областа слобода со овој голем пад во делот со перцперцијата за борбата против корупција.

„Оваа влада не само што можеше туку и требаше да направи повеќе бидејќи еден од главните постулати со кои дојде на власт беше токму борбата против корупцијата или еден претекст дека сите ќе бидат еднакви, дека пристапот до работни места ќе биде еднаков за сите, дека во однос на јавните набавки Македонија нема да биде целосно заробена држава каде што петмина ќе ги добиваат сите тендери...така што три години, не е ниту предолг, ниту кус период имајќи предвид и дека еден мандат на влада трае четири години“, вели Стефановски.

Дуинг бизнис: 2017-11 место, 2020- 17 место

Во 2020 година во избештајот Дуинг бизнис на Светската банка Македонија беше рангирана на 17 место во светот, што беше пад за седум места во однос на претходната година. Меѓународната агенција Фич го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од ББ на ББ+ со стабилен изглед, а Стандард и Пур го потврдија истиот рејтинг од претходната година ББ-.

Во 2017 година на истиот извештај на Светска банка, Дуинг бизнис, Македонија беше шест места подобра во однос на климата за инвестиции и се наоѓаше на 11 место. Кредитниот рејтинг на земјава според Фич беше ББ, со позитивни перспективи, а Стадард и Пур на земјава и даде рејтинг ББ со стабилен изглед.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG