Достапни линкови

Што беше, а во што се претвори Скопје, 59 години по земјотресот


Центaрот на Скопје
Центaрот на Скопје

Граѓаните велат дека Скопје е пренаселен град, со многу бетон и сообраќај. Архитектите пак забележуваат дека многу сме „застраниле“ од планот на Кензо Танге, а градот е одраз на еволутивната свест на граѓаните.

Град на гужви, пренаселеност, нечистотија, вака граѓаните го доживуваат Скопје 59 години по земјотресот кој целосно го промени неговиот лик. Обновен со меѓународна помош, градот на солидарноста беше замислен како модерна светска метропола, но луѓето кои живеат во него не го доживуваат како таков.

Ерол Омер себе си се нарекува „стар скопјанец“. Живеел неколку години и во Германија, но повторно се вратил назад. Сега вели дека му е жал за она во што се има претворено неговиот град.

„Јас сум многу разочаран затоа што порано беше подобро, имаше душа, имаше се. Сега се ова урбана мафија направи, го затвори Скопјево. Нема циркулација на воздух, сè е бетон. Жал ми е“, вели Омер.

И неговите сограѓани го делат сличното мислење. Велат дека има многу работи што пречат во градот.

„Далеку од модерен град. Пренаселеноста, нечистотијата, ова е центарот, ова порано редовно се чистеше“, вели скопјанка со која поразговараме во центарот на градот.

„Гужви. Паркинг нема. Не е за живеење, не е убав град. Се е диво градено, многу гужва“, додава Менсур Адили, кој исто така живее во Скопје.

Скопје - град во криза

Планот за обнова на центарот на Скопје по земјотресот беше доделен на конкурс, а го доби јапонска компанија предводена од архитектот Кензо Танге. Во него е илустрирана нова ера за Скопје, од изменет лик, се до беспрекорна функционалност за унапредување на патниот сообраќај, инфраструктурата и воопшто животот на луѓето. Но шеесетина години оттогаш, нештата не оделе по планираното.

„Скопје беше модерен град, современ со светски концепт, светски познат урбанизам и да останеше Скопје во спроведувањето на тој концепт, да го именуваме дури и дека е концепт на Кензо Танге и екипата што го правеше постземјотресно, ќе имавме современ град. Вака имаме некој сурогат, нешто што е далеку од тој проект, а без некоја нова стратегија во однос на урбаниот развој, затоа што секој ГУП(Генерален урбанистички план) што досега беше правен, по малку отстапуваше од тие премиси поставени уште по земјотресот. Така што многу е жално, но градот ги губеше полека тие атрибути“, вели архитектката и планер Даница Павловска- Циги.

Пред неколку години таа ја доби наградата „13 Ноември“ за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот. Беше една од иницијаторките на гушкањето на Градскиот трговски центар, во обид да се спаси препознатливиот објект од идеите да биде облечен во барок.

Голем критичар е на проектот „Скопје 2014“, инициран и спроведен од претходната власт, со кој центарот на градот беше изменет до непрепознатливост, а барокот стана негово ново обележје.

Почнати - недовршени, згради, фасади, запуштени објекти...
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00


Застранувањето од плановите вели дека дошло по 80-тите, кои ги смета за светли години за архитектурата во Скопје. Сега, забележува дека градот живее кризни години.

„Никако да се извлече од Скопје 2014 , никако да се извлече од еден полуреализиран сообраќаен концепт, никако да воведе една своја, и само своја, но пристојна естетика. Тоа депримира и навистина ми е жал што е така, а сепак длабоко верувам дека ќе се извлече“, додава таа.

Од Градот пак најавија дека со основање нова Јавна установа за урбанизам која ќе го носи името на јапонскиот архитект Кензо Танге, ќе работат на подигнување на стандардите и квалитетот на урбанистичкото планирање. Одлуката беше донесена вчера, на седница на Совет.

Какви граѓани - таков град

Архитектката од помладата генерација Сара Симоска исто така го споделува своето разочарување од она што се случува пред се во центарот на Скопје кое го „красат“ почнати, па оставени градби, нечистотија, полуразурнати фасади. Нејзиниот механизам за справување со оваа состојба е - да ги избегнува местата кои и пречат, како центарот на градот, за „да има мирен ум“.

Вели дека не може да коментира за тоа какво било Скопје во минатото бидејќи не го памети, ама затоа смета дека денешното Скопје е одраз на менталитетот на луѓето кои живеат во него.

„Сè (што) е поинаку од она што го гледаме сега, не би било во линија со тоа кои сме ние како луѓе и до каде е нашата еволуција како граѓани на овој град“, вели Симоска.

Притоа укажува дека многу работи зависат од побарувачката и понудата. Низ примери појаснува дека ако нема купци за пренатрупаните станови, тие нема интензивно да се градат. Дури и велосипедските патеки кои ги гледа како светла точка, смета дека се резултат на притисокот и побарувачката за нив од граѓаните.

„Секогаш кога има некаква побарувачка има и понуда за таа побарувачка, а другата страна треба да ја задоволи таа побарувачка“, вели Симоска.

Сепак останува оптимист. Исто како и нејзината колешка Павловска смета дека градот ќе опстане и ќе се менува на подобро, заедно со свеста на луѓето.

Дека не е се така лошо сведочат дел од туристите, како брачниот пар Петровиќ кои вчера допатувале од Љубљана. Со нив разговаравме во центарот на Скопје.

„Модерен град. Убав. Баш сме воодушевени и гледаме што се имате. Имате убаво уредени мостови, центар, плоштад, големи споменици“, задоволна е Илинка Петровиќ.

Три разорни земјотреси во Скопје

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, при што беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош, па така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Во својата долга историја, градот повеќе пати пропаѓал и одново се раѓал. На просторот меѓу селата Злокуќани и Бардовци постоел град Скупи, метропола на провинцијата Дарданија. Овој римски град во 518 година бил наполно разурнат од земјотрес. Тогаш во провинцијата Дарданија биле урнати 24 градски тврдини. Јачината на овој земјотрес изнесувала 10 до 11 степени и целосно го уништил Скупи, по што Скопје бил изграден на денешното место.

И новиот град не бил поштеден од сеизмички појави. Следниот катастрофален земјотрес се случил во 1555 година, со јачина од околу 10 степени, по што градот по вторпат бил разурнат.

Последното трето големо катастрофално разурнување на Скопје се случи пред 59 години кога Скопје беше погодено од земјотрес со јачина од девет степени по Меркалиевата, или шест според Рихтеровата со епицентар на плоштадот „Македонија“.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG